Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Оркестарот на хаосот на СТО

Од 2020 година, разните рестрикции и забрани, наметнати од тековната здравствена и пандемиска состојба, ја нарушија и така деликатната инфраструктура на глобалната трговија. Конципирани од 1990-тите за да промовираат максимално офшорирање на производството во земјите со ниска цена на трудот, глобалните синџири на снабдување сега се распаѓаат.

Пјер Рембер


Фото: Pexels/Pixabay

Како што сè забораваме, така и почнуваме одново.

Во последниот квартал од 2021 година, дури 111 контејнерски бродови беа закотвени пред пренатрупаните пристаништа во Калифорнија до тој степен, што американската влада дури и размислуваше да ја мобилизира Националната гарда за да го забрза истоварот на стоката; стотици илјади празни контејнери се натрупуваат на Запад и недостасуваат во Азија; носењето новогодишна украсна топка направена во Кина под холандска новогодишна елка, чинеше и десет пати повеќе од пред две години; индексот на воздушното карго рипна до бесвест; доцнењата на испораката – вчера измерени во денови, сега се бројат во недели или месеци; добавувачите најавија недостиг на дрво, хартија, електронски компоненти, лекови, па дури и корнфлекс; цените се зголемуваат; повеќе од 55% од француските индустриски групи и три четвртини од германските компании пријавиле проблеми со снабдувањето: светската слободна трговија е исфрлена од колосекот.

Од 2020 година, разните рестрикции и забрани, наметнати од тековната здравствена и пандемиска состојба, ја нарушија и така деликатната инфраструктура на глобалната трговија. Конципирани од 1990-тите за да промовираат максимално офшорирање на производството во земјите со ниска цена на трудот, глобалните синџири на снабдување сега се распаѓаат. Епидемијата ја открива и другата вистина на системот: во случај на криза, секој е оставен на себе да се снајде како знае и умее. Нема тестови без реагенси, нема реагенси без хемиска индустрија итн. И нема ниту вакцина за Африка. Сепак, треба да се забележи дека од 2008 година, последователните економски, климатски, здравствени и социјални шокови станаа една нова рутина. Одеднаш, државите размислуваат за релокација.

Самото размислување за ова е веќе премногу за Светската трговска организација (СТО) која го предводи овој оркестар на хаос. Нејзината најнова проценка на состојбата на светската трговија, звучи како повик за будење. „Извештајот пренесува три главни пораки: прво, сегашната хиперконектирана глобална економија, која се карактеризира со блиски трговски врски, го направи светот поранлив на шокови, но исто така и поотпорен на нив кога ќе се случат; второ, политиките кои се обидуваат да ја зајакнат економската резилиентност со превртување на трговската интеграција – на пример со релокација на производството и залагање за самодоволност – често може да имаат спротивен ефект, и всушност да ја намалат економската резилиентност; и трето, градењето на оваа резилиентност бара поголема меѓународна соработка“.[i]

Ова станува веќе загрижувачко: зборот „резилиентност“[ii] се појавува само 738 пати на 212 страници. Дали е ова доволно за да нè убедат дека системот – еднаш претставен како решение за недостигот на артиклите за широка потрошувачка во еден Советски Сојуз и на крајот неспособен да испорача ниту тостери – ќе го има единствениот легитимитет да се преправа дека се опоравува од своите повторени падови? Доаѓајќи од најпрестижните универзитети во светот, економистите за патенти на СТО дури и нѝ откриваат една незапирлива логика: во случај на шок, слободната трговија оди во пад, но нејзината релокација би била полоша бидејќи уште повеќе незауздана трговија преку поголема меѓународна соработка ќе нè води до среќа поради нејзината поголема „резилиентност“. Накратко, како што објасни некогашниот претседател на КП на Кина Мао Це Тунг: „Се е хаос под небото, ситуацијата е одлична“.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] „World Trade Report 2021. Economic resilience and trade“, World Trade Organization, Женева, 2021 година.

[ii] Прочитајте: Evelyne Pieiller, „Résilience partout, résistance nulle part“, Le Monde diplomatique, мај 2021 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW