Речиси две години по почетокот на пандемијата „Ковид-19“, тешко е да се направи здравствена проценка на политиките што ги спроведуваат владите на различните земји. На социјален план, од друга страна, нивните резултати се вознемирувачки јасни: вратени се старатели, негуватели, болничари, касиерки, шалтерски работници, чистачи и сл., хероите од вирусните времиња прославени со моќ и аплаудирани од прозорците во пролетта 2020 година – назад во темнината каде што обично ги држи економскиот поредок. И покрај ветувањата за „свет после“ што ги подредува општествените разлики на општото добро, ниту работните услови ниту статусот на овие основни услуги не се подобрија.
За дигиталната индустрија, од друга страна, „Ковид-19“ го отвори патот за градина со рози: „Првите пет технолошки компании – Епл, Амазон, Алфабет (Гугл), Мајкрософт и Фејсбук – остварија кумулативна добивка по оданочување од 75 милијарди долари во вториот квартал, речиси 90 проценти повеќе од претходната година“, воодушевен е едиторијалот на „Фајненшел тајмс“ (31 јули 2021 година). Овие резултати го преведуваат во сметководствени услови огромниот простор освоен од платформите во нашиот секојдневен живот. И со добра причина: политиките за борба против пандемијата се базираат на нив.
Од локдаун до работење на далечина, учење на далечина и „здравствениот пасош“, одлуките на јавните власти се базираат на две претпоставки за кои никогаш не се и разговарало. Прво, обичните човечки интеракции забранети со здравствената вонредна состојба може да мигрираат и да процветаат преку интернет: дигитализацијата на општествените односи би била неопходна бидејќи тоа е технички изводливо.
Второ, приватните дигитални платформи кои сега организираат дел од заедничкиот живот можат да ги почитуваат само законите на пазарот и условите за користење утврдени од нивниот менаџмент. Не им се наметнува казна или обврска, ниту една од овие спецификации кои обично го придружуваат делегирањето на јавни услуги. Но, многу директори од Силиконската долина се чувствуваат овластени да го продадат она што државата престана да го нуди. Во 2017 година, основачот на Фејсбук го претстави својот грандиозен план: да „изгради долгорочна социјална инфраструктура што повторно ќе го обедини човештвото“ со ткаење на излитеното „социјално ткиво“ со знакот „ми се допаѓа“ (“like”). „Заедницата на Фејсбук е уникатно позиционирана за да спречи зла, да помогне во криза или да ги собере луѓето да се обноват“, рече неговиот основач, Марк Закерберг, со 2,8 милијарди активни корисници на неговата социјална мрежа1.
Владините избори што произлегуваат од овие два постулати наидоа на мало противење од партиите и синдикатите посветени на општествениот напредок. Кога самиот претседател на Републиката признава дека: „Нашата земја, денес, целосно се држи на жените и мажите што нашите економии ги признаваат и плаќаат толку лошо“,2 сепак, дојде време да се побара итно прегрупирање на активностите од суштинско значење за колективниот живот под заштитениот статус на поголема јавна услуга. Можноста не беше искористена. Една година подоцна, претенциозното умилкување на владата во однос на грижата, домаќинството и наставниот кадар ќе послужи само за зајакнување на контролата на дигиталната индустрија чија основна дејност е да продаде негација на овие човечки односи: интеракции регулирани со алгоритми и евалуирани со шифрирани бројачи.
Подизведувањето на социјална инфраструктура преку компаниите од Силиконската долина изгледа сè повеќе неусогласено затоа што нивните основачи – скоро сите осамени и молчеливи млади мажи од привилегираните социјални средини – ретко покажуваат предиспозиција за внимание кон другите, исполнување на социјални односи, топли пријателства, колективен ентузијазам. Сосема спротивно: т.н. гиковата субкултура (“geek subculture”), измешана со интровертност и фрустрирана мажественост, ендемична на форумите за видео игри, го цени отсуството на емпатија. Почитува пантеон населен со богови со блага форма на аутизам, како што се либертијанците-милијардери Илон Маск, шефот на Тесла; Питер Тил, ко-основач на ПејПал; и многу други кои не се официјално дијагностицирани. Толку многу што новинар од списанието Вајрд, тогаш месечната библија на Силиконската долина, го преименува во 2001 година Аспергеровиот синдром во „синдром на гик“: „Во индустријата честопати се шегува дека многу тврдокорни програмери вработени во компјутерски бастиони како Интел, Адоуб и Силикон графикс, кои започнуваат со работа во утринските часови и си одат дома доцна навечер, кои кодираат со часови, додека голтаат многу литри на газирани пијалаци, живеат некаде во доменот на Аспергер“3. Поединците со ова нарушување доживуваат длабоки социјални тешкотии поврзани со нивната неспособност да го сфатат невербалниот јазик што ја формира позадината на меѓучовечките односи, но тие покажуваат понекогаш исклучителни способности во областите што се меѓу нивните ретки интереси.
Замислено од мнозинството луѓе како форма на осакатување, „социјалното дистанцирање“ наметнато од владите во име на здравјето е веќе секојдневниот живот на многу компјутерски програмери и девелопери, кои своеволно ќе ја поминат својата вечер, ако треба и во дебели чорапи, само за да програмираат апликација со која ќе може да го забележите убавиот физички изглед на студентките од Харвард отколку, да речеме, да поразговарате со нив. Наспроти двосмисленоста на имплицитното и конотациите што ткаат разговори лице в лице, дигиталниот живот му го нуди на гикот, што го програмирал, бруталното, како и смирувачката рационалност на нумеричките показатели каде емоциите го заземаат конгруентниот дел4.
Самиот факт – што социјалните мрежи замислени од асоцијалните се појавија да ги структурираат односите преку интернет на половина од жителите на планетата – се одразува на радикалната промена на односите меѓу луѓето, како еден извор на несфатлива фрустрација во нашите фрагментирани, притиснати и ужасни општества. „Само-сегрегацијата на модерните западни општества значи дека многу луѓе сметаат дека е бескорисно, непожелно или бизарно да разговараат со своите сограѓани“, забележува британскиот неделник Икономист (10 јули 2021 година) за серија истражувања за важноста на праксата од предците, но во опаѓање: разговор со странци. Трансферот на цели делови од секојдневниот живот сега на интернет, а во име на борбата против епидемијата, брутално го забрзува трендот.
Овој последен бран дигитализација е неподнослив за луѓето кои се подложени на него, особено во образовниот сектор, и не изненадува, бидејќи ја продолжува и засилува долгогодишната тенденција: владеење со населението преку цифрите. До средината на 2000-тите, врските на пријателство, наклонетост, заведување, взаемно внимание, чувство на љубопитност, радост, гнев и тага сè уште можеа да избегаат од силната машина на квантитативната евалуација што владее со економскиот и воениот свет уште од средината на XX век. За да ги претворат влијанијата и расположенијата во дигитална стока, генијалците од Силиконската долина најпрво требаше да ги направат мерливи со цел да дадат приоритет на вредноста, да ги стимулираат соработниците и да произведат лични податоци. Според нивниот дизајн, повеќето апликации што им овозможуваат на луѓето да комуницираат преку интернет ставаат цифри во центарот на нивниот систем на вредности, без разлика дали се работи за ѕвезди, сини палци, претплатници или мали срца.
Можеме да ја измериме, така да се каже, глупоста да ги ставиме највиталните атрибути на цивилизираните општества под режим на квантификација преку набљудување на штетата предизвикана во националното образование, во болниците или во големите компании од тиранијата на цифрените индикатори за перформансите и целта5. „Проблемот,“ се сеќава историчарот Џери З. Мулер во својата книга посветена на оваа модерна гангрена, „не е мерката, туку вишокот на мерка; не индикаторите, туку опсесијата со индикаторите“6. И оттука и нивниот пропишувачки карактер, кој се наметнува на сметка на искуството, личното расудување и историската ретроспекција.
Ниту една граматика освен онаа на цифрите, сега не ја поседува на Земјата оваа универзална сила на евокација и убедување. Без никој да одлучи, наративот за пандемијата „ковид-19“ се изведува на јазик со цифри и графиконски криви линии пренесени набрзина од медицинскиот свет до оној на пошироката јавност преку медиумите и политичкиот свет. Скoпичниот импулс, оваа незадржлива желба што го турка гледачот да ја погледне следната слика на екранот, го наоѓа својот дигитален пандан во анксиозното чекање за бројките на денот. Случаи, тестови, смртни случаи, хоспитализации, зафатеноста на одделите за интензивна нега, стапки на вакцинација, список на милиони смртни случаи: секоја вечер, првосвештеник за здравствена заштита ја интонира литанијата на индикатори, за чија конструкција и релевантност се дискутира само кога тие се спротивно на плановите на властите. Владеењето преку цифрите ја заснова легитимноста на своите избори врз овие ритуали што се рефлектираат на првата страница на интернет пребарувачите и на насловните страници на весниците. „Израмнување на кривата“, „постигнување под прагот“, „постигнување на целта“: резултати, параметри и контролни табли нечувствително внесуваат живот во регистарот на играта на бројки, класичен поттик за дисциплинирање на однесувањето на лица со ограничен личен суверенитет, како во градинка7.
Хипнотизирано од статистичкиот огномет, човечкото суштество одеднаш е запрепастено од идејата дека оваа навидум неоспорна презентација го пропушта – и маскира – суштинското: виталната итност за трансформирање на болното општество, чија здравствена криза е само симптом.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Mark Zuckerberg, « Building Global Community », Facebook, 16 февруари 2017 година. Прочитајте: Eric Klinenberg, « Facebook contre les lieux publics », Le Monde diplomatique, април 2019 година.
- Емануел Макрон, обраќање до Французите, 13 април 2020 година.
- Steve Silberman, « The geek syndrome », Wired, San Francisco, 1 декември 2001 година.
- Penny Benford and Penelope Standen, « The Internet : a comfortable communication medium for people with Asperger syndrome (AS) and high functioning autism (HFA) ? », Journal of Assistive Technologies, vol. 3, n° 2, Bingley (Обединетото Кралство), јули 2009 година.
- Прочитајте: Isabelle Bruno et Emmanuel Didier, « L’évaluation, arme de destruction »; и: Alain Supiot, « Le rêve de l’harmonie par le calcul », Le Monde diplomatique, мај 2013 и февруари 2015 поединечно.
- Jerry Z. Muller, The Tyranny of Metrics, Princeton University Press, 2018.
- Прочитајте: Serge Halimi, « Tous des enfants », Le Monde diplomatique, мај 2020 година.