„Само што не ја уништивте статуата на Милтон Фридман!“ Г. Емануел Фабер е многу горд на оваа изјава од 26 јуни 2020 година. На генералното собрание на Данон, над 99% од акционерите гласаа за усвојување на статусот на „компанија со мисија“, статут создаден со законот Пакт – за „акционен план за раст и деловна трансформација“ – од 2019 година. Прво за француска компанија што се наоѓа во листата на фирми, и препукување на омилениот американски економист на либерални работодавци. Отсега па натаму, „цел на живеење“ на прехранбениот гигант повеќе нема да биде само за да оствари профит, туку и, поблагородно, да го „подобри здравјето“, како и „да ја зачува планетата и да ги обнови своите ресурси“. „Хуманист и нетипичен шеф“, како што сака да го опишува деловниот печат, г. Фабер не е задоволен секој ден да размислува во својата канцеларија за фотографија на бездомник направена од Ли Џефрис: тој исто така се откажува од пензија која е проценета на 1,2 милиони евра годишно.
Според г. Фабер, Данон се подготвувал да „измисли повторно жив деловен модел, односно економија што им служи на луѓето“1, кога одеднаш, во ноември истата година, групата објави елиминација на 2 000 работни места, од кои 400 до 500 во Франција, како најголемиот социјален план во нејзината историја. Сепак, во голема мера е профитабилна, а пандемијата има мало влијание врз нејзиниот обрт. Но, курсот на берзата се одврти. И Данон е помалку профитабилен од неговите конкуренти „Nestlé“ и „Unilever“. „Болно е“, но „заштитата на профитабилноста и профитот е од фундаментално значење за компанијата“, се пожали г. Фабер за „France Inter“, на 24 ноември 2020 година. Четири месеци подоцна, тој беше отпуштен.
Да се има „цел на живеење“ и, пошироко, „да се работи за општо добро“, ова го поставува како прашање и г. Лери Финк, шефот на „BlackRock“2, од 2018 година во своите годишни писма до сите компании во коишто е акционер. Директорот на најголемиот управител на средства во светот особено инсистира оваа година на итноста од изготвувањето планови за движење кон неутралност на јаглерод. Ова не го спречи да ги задржи инвестициите на јаглен, вредни 85 милијарди долари. Малку важно е што помеѓу август 2019 и август 2020 година „BlackRock“ гласаше против 90% од резолуциите на генералното собрание со кои се бара од компаниите да постапуваат според ситуацијата : „New York Times“ верува во набудувањата на г. Финк кој гледа „одреден момент за Wall Street, на оние кои покренуваат прашања поврзани со внатрешната природа на капитализмот“3.
Што се однесува до многу коментираните „принципи на управување“ на моќната бизнис тркалезна маса во 2019 година, тие не беа проследени со многу поголем ефект. Ова лоби на големи американски газди, кои ги претставуваа особено „Apple“, „Boeing“, „JP Morgan Chase“ или „Amazon“,за прв пат остави впечаток со изјавата дека повеќе не треба да им служат на нивните единствени акционери, туку на „сите засегнати страни“. Се случи промена на ситуацијата што не ги спречи потписниците да објавуваат повисоки стапки на кршење на социјалните и еколошките закони отколку нивните врсници кои не се потписнички4. Бидејќи, спротивно на она што официјалната европска доктрина ја тврди за „конкурентската предност“ што би ја обезбедил добрата „социјална изведба“, етиката и профитабилноста честопати се антагонистички. Студија на „HEC“5 покажува дека хеџ фондовите „имаат двојно поголема веројатност да бидат насочени кон општествено одговорни компании“, за кои се сомнева дека не ги максимизираат профитите на акционерите колку што би можеле.
„Општествената одговорност на компанијата [RSE] е професионализирана и инструментализирана од неолиберализмот“, објаснува економистот Томас Ламарш. Целта: да се направи прифатлив капиталистички поредок секој ден пооспорен со преправање дека ги осудува вишоците на финансирање и краткорочност, без да попушти пред конкретни барања за регулација, контрола на капиталот или оданочување. Г. Жан-Доминик Сенард, ко-автор на извештајот што го инспирираше законот Пакт, експлицитно во весникот „Échos“ во 2018 година изјави6: „Славните триесетти“ имаа свое доба и социјалната држава исчезнува. Денес постои реална потреба да се создаде либерализам прифатлив за сите. (…) Затоа ако не тргнеме по патот на мирен и обединет либерализам, ние сме насочени кон многу големи проблеми“, објасни човекот кој тогаш беше на чело на „Michelin“, неколку месеци пред да избувне движењето „жолти елеци“. Две години и една пандемија подоцна, г. Сенард, сега шеф на „Renault“, најавува елиминација на 4 600 работни места во Франција и над 10 000 во странство, и покрај 5 милијарди евра заеми загарантирани од државата што ги ужива производителот на автомобили.
Новите одредби за одговорност на претпријатијата произлегуваат од истиот закон кој предвидува приватизација на неколку јавни претпријатија. Дали аеродромите во Париз се осудени да преминат во приватни раце? Дали е толку проблематично, кога групата усвои нова „цел на живеење“ – „да ги пречекува патниците, да работи и да ги замислува аеродромите, на одговорен начин и низ целиот свет“? Сметката е стара. Во 2006 година, тогашниот британскиот премиер Дејвид Камерон ја продаде играта пред газдите. Оставете ги оние што „сепак сметаат дека корпоративната одговорност е социјализам со украдени средства“: „Колку повеќе компании доброволно прифаќаат одговорни практики, (…) толку поверодостоен станува повикот за помалку контрола и регулирање.7“ Исто така, движењето за дерегулација промовирано од Европската унија е придружено со повици од Брисел „да ги надминат законските обврски“ на компаниите со „доброволни чекори“ на „општествена одговорност“8. Малку како „La Poste“, кој го отвори својот капитал, во согласност со европските препораки. Компанијата доби награда од 75 од 100 во 2020 година (највисока досега доделена од агенцијата за екстра-финансиски рејтинг Vigeo Eiris), која меѓу другото ја награди големината на возниот парк и стапката на вработеност од 7% за лица со попреченост. Педесет и повеќе самоубиства на вработените забележани за две години, поради присилната реорганизација на работата, изгледа дека не тежеле …
Колку и да изгледаат безопасни овие хуманистички изјави за улогата на бизнисот во градот, тие сепак не можат да се сведат на маркетинг операции. Историјата покажува дека тие никогаш не биле консензуални, ниту помеѓу капиталистите ниту помеѓу антилибералните активисти. Теоретски и стратешки дебати околу целта на претпријатието се појавија во Соединетите Држави во педесеттите години на минатиот век, во време кога цветаа современи акционерски друштва, со посебност што повеќе не ги водат газдите-сопственици9. Без патримонистички мотивации, во име на она што менаџерите со плата ја користат својата моќ? Економистот Хауард Боуен го дава одговорот10, воведувајќи ја идејата за „општествена одговорност“ на деловните лидери, кои би го извеле својот легитимитет од фактот дека, не се сопственици, па така тие можат да ги земат предвид „сите засегнати интереси“, што мора да вклучува и дела на филантропија.
Бидејќи зголемувањето на протестните движења во шеесеттите години од минатиот век ги принудуваше компаниите да преземат уште поголема одговорност, неолибералните мислители се грижат: зарем не е опасно имплицитно да се признае дека како места на моќ треба да бидат легитимирани со доделување на нивна мисија освен профитабилноста? За Фридман, „доктрината за „општествена одговорност“ подразбира прифаќање на социјалистичкиот став дека тоа се политички механизми, а не пазарни механизми, соодветни при одредувањето на распределбата на ресурсите11“. Ако признаеме дека имаме право „да им поставуваме ист вид на прашања на овие приватни влади исто како и на оние други видови влади“, предупредува во извештајот на Фондацијата „Rockefeller“ од 1960 година, сигурно постои противречност помеѓу „демократската традиција“ на владата заснована врз согласност и неизбежно хиерархиски и авторитарни процедури на деловниот свет12“. И Питер Дракер, „папата на управувањето“, потсети на постојаната историја : „Сите просветлени деспотизми завршија со доведување до револуција.13“
За да ги спречат овие очекувања, либералните економисти во седумдесеттите години на минатиот век спроведоа „нови теории на бизнисот“, преку кои промовираат мирна визија. Заборавени, хиерархиите и одговорностите што би следувале: постои само збир на договорни односи помеѓу слободни и еднакви агенти. Оваа офанзива овозможи одржливо деполитизирање на теориите кон RSE, кои продолжија да се развиваат во осумдесеттите години на минатиот век, како што се оние што го мобилизираа поимот „засегнати страни“(stakeholders)14, да бидат земени предвид на ист начин како и акционерите (shareholders).
Најнова епизода во историјата на RSE во Франција: законот „Пакт“ за прв пат ја ревидира граѓанската шифра, дефиницијата за корпоративната намена на компанијата. Отсега натаму се бара да ги земе предвид „социјалните и еколошките прашања на нејзината активност“. Скромен напредок : „Владата особено се погрижи да не го допира кривичниот законик за лидерите да бидат кривично одговорни“, посочува истражувачот во науките за управување, Жан-Филип Денис. Всушност, по некои протести, француските работодавци брзо се помирија со законот. Движењето на претпријатијана на Франција (Medef) дури усвои во јануари 2019 година „цел на живеење“ : „Дејствуваме заедно за одговорен раст.“
Во согласност со традицијата на Фридман, дел од францускиот капитал сепак останува непријателски настроен кон реториката на RSE. Либерален претприемач и неуспешен кандидат за шеф на Medef во 2018 година, г. Жан-Шарл Симон објаснува дека во неговите очи ризикот е помалку легален отколку културен : „Да се каже дека капитализмот мора да се зајакне е опасна игра, бидејќи тоа е признание за неуспех. Кој се извини, се обвинува, на некој начин. Бизнисите заглавуваат во бесконечен циклус бидејќи никогаш не можат да попуштат доволно.“ И, навистина, тешко дека г. Фабер го објави намалувањето на неговите надоместоци во „Danone“, што „Oxfam“ го повика да направи уште еден чекор и „да се заложи за структурирање да ги вклучи во [неговите] цели ограничувањето на профитот исплатен на акционерите за распределување на суми за кои станува збор во фонд посветен на социјалната и еколошката транзиција на [неговата] компанија15“. Ако г. Симон сочувствува со желбата на приврзаниците на RSE „да ја избегнат револуцијата“, тој верува дека „подобро е да се признае дека капитализмот може да биде брутален систем и да се прави педагогија за да се објасни зошто е и покрај сè единствениот можен“.
Повеќе неочекувано е неговото осудување за недемократската природа на RSE : „Не е улогата на генералното собрание на компанијата да одлучува како да се спаси планетата. RSE е приватизација од јавен интерес. И, ако се верува дека компаниите постапуваат легално, но неодговорно, останува на државата да донесе закон за оданочување или забрана за активност што се смета за опасна или загадувачка.“ Парадоксално, неговата позиција е делумно во согласност со позицијата на Роберт Рајх, американски економист кој го поддржува сенаторот и поранешен кандидат за примарни демократи Берни Сандерс, кој RSE го нарекува „измама“16: „Единствениот начин да се направат компаниите општествено одговорни е преку закони што, на пример, бараат од нив да им дадат на вработените повеќе глас во групните одлуки или да плаќаат надоместок на заедниците што ги напуштаат преку зголемување на данокот на добивка.“
Преведено од: Павлина Димовска
Фусноти:
- Говор на Г. Фабер пред акционерите, 26 јуни 2020 година.
- Прочитајте Sylvain Leder, « BlackRock, la finance au chevet des retraités français », Le Monde diplomatique, јануари 2020 година.
- Andrew Ross Sorkin, « BlackRock’s message : Contribute to society, or risk losing our support », The New York Times, 15 јануари 2018 година.
- Aneesh Raghunandan et Shivaram Rajgopal, « Do socially responsible firms walk the talk ? », Social Science Research Network (SSRN), април 2021 година, https://papers.ssrn.com
- Mark R. DesJardine, Emilio Marti et Rodolphe Durand, « Why activist hedge funds target socially responsible firms : The reaction costs of signaling corporate social responsibility », Academy of Management Journal, Њујорк, 22 април 2020 година.
- Muriel Jasor, « Jean-Dominique Senard : “Le sens et le pourquoi nourrissent la motivation” », Les Échos, Париз, 8 јуни 2018 година.
- Говорот на г.Камерун пред организацијата Business in the Community, 6 мај 2006 година.
- « Livre vert. Promouvoir un cadre européen pour la responsabilité sociale des entreprises », европска комисија, Брисел, 2001 година, https://eur-lex.europa.eu
- Pour une histoire des débats autour du « managérialisme éthique », cf. Grégoire Chamayou, La Société ingouvernable. Une généalogie du libéralisme autoritaire, La Fabrique, Париз, 2018 година.
- Howard Bowen, Social Responsibilities of the Businessman, Harper, Њујорк, 1953 година.
- Milton Friedman « A Friedman doctrine – The social responsibility of business is to increase its profits », The New York Times, 13 септември 1970 година.
- « The power of the democratic idea », sixième rapport du Rockefeller Brothers Fund Special Studies Project, Doubleday, Garden City (Њујорк), 1960 година.
- Peter F. Drucker, The New Society : The Anatomy of the Industrial Order, Harper, Њујорк, 1950 година.
- Edward Freeman, Strategic Management : A Stakeholder Approach,Pitman, Бостон, 1984 година
- « Lettre ouverte du Mouves et Oxfam à Emmanuel Faber, PDG de Danone », 25 јуни 2020 година, https://impactfrance.eco
- « The sham of corporate social responsibility », Robert Reich, 31 декември 2019 година, https://robertreich.org