Одрекувањето на претседателот Емануел Макрон е застрашувачко. Изјавувајќи набргу по неговиот повторен избор во Елисејската палата, тој потврди дека неговата победа минатиот април беше стекната по еден автоматизам. На парламентарните избори што следеа, Макрон го загуби своето парламентарно мнозинство и покрај системот на гласање кој претерано ги претставуваше кандидатите на власт и покрај особено слабиот одѕив (47%), што ја зголеми релативната тежина на неговиот богат и постар електорат. Разочаран, изненаден, Макрон не знае што да прави, ниту со кого. Неговата стратегија беше да го анестезира електоратот не обврзувајќи се на ништо конкретно. Тоа не успеа и реалноста на неговата непопуларност го стигна.
Фактот што составот на Народното собрание стана порепрезентативен за волјата на електоратот, не може да се опише како „криза“. Во 2017 година, имаше само седумнаесет пратеници на партијата Непокорна Франција (ЛФИ), осум екстремно десничарски избрани пратеници, еден пратеник од еколошка партија, или 4,5% од местата за три партии кои претставуваат повеќе од 40% од електоратот. Но, тогаш се беше во ред, се чини, бидејќи Макрон можеше да владее како што сака… Претседателот на Републиката сега е принуден да се справува со други луѓе освен со неговиот шеф на кабинет. Ова треба да им пречи само на оние кои се надеваа дека ќе ги реформира пензиите бидејќи го урна статусот на железничарите, го „олабави“ работниот законик и ги заостри условите за доделување бенефиции за невработени.
Благодарение на левичарскиот сојуз што го замисли Жан-Лук Меланшон, силите што го сочинуваат сега се подобро претставени во Собранието (ЛФИ четирикратно го зголеми својот број на пратеници). Но, пробивот на партијата Националниот собир (РН) е уште поспектакуларен. Формацијата на Марин Ле Пен, десеткратно го зголемува бројот на нејзините избрани претставници, резултат што не наградува никаква инвентивна стратегија, но го одразува континуираното зголемување на бројот на нејзините гласачи. По гласањето, РН го прошири своето ниво и стана банализирана партија. Општите избори досега не ја фаворизираа оваа партија; овој пат таа ги удвои своите гласови, скокајќи за пет години од 8,75% на 17,3%. Веќе во вториот круг од претседателските избори, нејзиниот кандидат освои 2,5 милиони гласови.
РН, како партија, нема потреба да свикува стручни комисии, да има програма, да истакнува личности кои ќе ги потврдат нејзините вештини. Доволно е таа да го собере незадоволството на гласачите. Од падот на куповната моќ до нередите на Стад де Франс, не нуди ништо, но сè оди во нејзина полза. Досега, бидејќи нејзините шанси да дојде на власт или дури и да има збор во институциите на Републиката беа нула, гласањето за неа како да немаше никаква последица.[i] И самото имање на оваа партија за противник вредеше да осигура победа благодарение на „баражот за гласање“ кој ќе биде поставен против истата. Со својот вообичаен цинизам, Макрон најпрво ја искористи можноста да биде избран и реизбран со поддршка на левицата. Потоа им возврати на „екстремистите“, со цел да ја спречи победата на левиот сојуз на парламентарните избори.
Човекот кој во 2016 година прогласи: „Ако не се собереме повторно за пет години, или за десет години, Националниот фронт ќе биде на власт“, веќе некое време престојува во Елисејската палата. Каде ли ќе биде Марин Ле Пен за 10 години?
Преведено од: Дарко Путилов
[i]Прочитајте: « Le Front national verrouille l’ordre social », Le Monde diplomatique, I/2016.