Привремена кавга или трајно влошување на дипломатските односи? На 2 октомври о.г., во веќе напнат билатерален контекст, Алжир го објави отповикувањето „за консултации“ на својот амбасадор во Париз и отфрлањето на „неодговорните забелешки“ на Емануел Макрон како што објави весникот Ле Монд.[1] На 30 септември, при приемот на осумнаесет млади луѓе во Елисејската палата кои потекнуваат од различни протагонисти на војната во Алжир (1954-1962), францускиот претседател навистина јавно изјави дека Алжир е изграден на едно „сеќавање како рента“ одржувано од „политичко-воен систем“ што ја преправал историјата и ширел „дискурс заснован на омраза кон Франција“. Макрон, исто така, го доведе во прашање дури и самото постоење на „алжирската нација пред француската колонизација“, а за кое треба да имаш таков талент да ги иритираш скоро сите Алжирци, вклучително и противниците на тамошната влада.[2] Покрај отповикувањето на својот амбасадор, Алжир нареди и затворање на својот воздушен простор за француските воени авиони кои оперираат во Мали како дел од воената операција Бархане.
Кризите во односите помеѓу овие две земји, не се ништо ново.[3] Една од нив, можеби најсериозната, беше испровоцирана, во февруари 1971 година, со национализацијата на секторот на нафта и гас во тогашен Алжир, што ја изврши претседателот Хуари Бумедиен. Ова беше проследено со дипломатска војна во продолженија од неколку години, одмазднички мерки донесени од Париз – вклучително и запирање на увозот на алжирско вино во Франција – и многу жестоки алжирски говори против поранешната колонијална сила обвинета, меѓу другото, за пасивност во контекст на бранот атентати и акти на расистичко насилство што го претрпеа имигрантите од Алжир во Франција.[4] Историското патување – како првото од ваков вид по независноста на земјата-домаќин – на тогашниот француски претседател Валери Жискар д’Естен во Алжир, во април 1975 година, не ја промени многу ситуацијата и дури со изборот на Франсоа Митеран за француски претседател, во мај 1981 година, односите меѓу двете земји се подобрија.
Но, тензиите продолжуваат повторно да се појавуваат во односите. Често мотивирани од домашни политички потреби, тензиите секогаш водат и до дипломатска криза. Најчесто искрата доаѓа од Франција. Ова може да се однесува на колонијалното минато како во февруари 2005 година, кога избраните француските функционери и десничарските министри презентираа предлог-закон за сеќавање и признавање на „позитивната улога на француското присуство во странство, особено во Северна Африка“.[5] Следеа повеќемесечни контроверзии, при што алжирските личности членови на „револуционерното семејство“ – вклучително и ветераните од војната за независност – побараа од Франција официјално извинување за 132-годишната колонизација на нивната земја. Десет години претходно, на 22 октомври 1995 година, претседателот на Алжир Лиамин Зеруал одлучи да го откаже долго планираниот состанок со Жак Ширак по повод церемониите за одбележување на педесетгодишнината на Обединетите нации, во Њујорк, цитирајќи француски „напад врз достоинството и суверенитетот на алжирскиот народ“. Причината за ова крвопролевање: францускиот претседател изјави дека сака да добие од неговиот алжирски колега гаранции за „брза организација на законодавни, слободни и демократски избори,“ за да се забрза враќањето на граѓанскиот мир во земја која е опфатена со излив на насилство што предизвика десетици илјади жртви по откажувањето на општите избори во декември 1991 година.
Понекогаш препукувањето може да се случи на сосема неочекуван начин. Во декември 2013 година, билатералните односи беа на добро ниво – единаесет месеци претходно, Алжир дури даде и согласност француското воздухопловство да го користи неговиот воздушен простор за да интервенира во Мали – прво од таков вид. Но, една шега на тогашниот претседател Франсоа Оланд доведува до напната атмосфера. Пред Претставничкиот совет на еврејските институции во Франција (КРИФ), претседателот изјавува дека неговиот министер за внатрешни работи Мануел Валс, сепак, се вратил „жив и здрав“ од службеното патување во Алжир, пред да додаде дека и тоа „веќе е многу“. За алжирската влада, оваа шега претставува преголема критика за безбедносната ситуација во нејзината земја. „Жалосен инцидент,“ изјавува алжирскиот министер за надворешни работи Рамтане Ламамра, додека алжирскиот печат и интернет корисниците се запалени од гнев. Оланд на крајот ќе се извини за да го изгасне дипломатскиот пожар.[6]
Се случува и овие кавги, да бидат дел од договорена игра. Како што ни кажува директен сведок на настанот, на почетокот на 2002 година, претседателот Жак Ширак го информирал својот алжирски колега Абделазиз Бутефлика дека говорите пофални за колонијалното минато веројатно ќе се одржат за време на кампањата за претседателските избори во април и дека Алжир не треба да го формализира ова. Бутефлика тогаш вети дека ќе има разбирање, но предупреди дека за возврат алжирските функционери сè уште ќе бидат принудени да ја оцрнуваат поранешната колонијална сила за да се задоволи едно постојано нервозно мислење за овие прашања во Алжир.
Денес, и надвор од контекстот на завршувањето на мандатот на Макрон, нема недостиг од реципрочни поплаки и веројатно во секое време ќе предизвикаат нов излив на тензична треска. Од алжирска страна, убедени се дека Париз сака да се бори на ниво на колонијалната историска меморија и да ги доведе во прашање одредени одредби од Евианскиот договор и преференцијалниот договор од 1968 година, кој нуди повеќе можности за населување во Франција на алжирските имигранти во споредба со другите националности. Алжир, исто така, жали поради недостатокот на дипломатска поддршка од Париз, а во време кога режимот се чувствува изолиран на меѓународната сцена. Конечно, алжирските властите залудно бараа од Франција екстрадиција на неколку политички противници, меѓу кои и Ферхат Мехени, претседател на Движењето за самоопределување на Кабилија (МАК), кое Алжир го смета за терористичко и сепаратистичко. Од француска страна, би сакале поголема соработка во борбата против илегалната имиграција и Алжир да ги прими некои од двојните државјани вклучени во случаите на тероризам, особено оние кои заминале да се борат во Сирија и Ирак.[7]
Без оглед на тежината на кризата – со исклучок на кризата од 1971 година – две главни области досега ретко биле погодени од билатералните недоразбирања и кавги. Тоа е случај, пред сè, со билатералната безбедносна и воена соработка. Врските меѓу одбранбените и разузнавачките тела отсекогаш постоеле и останале малку поимуни на непредвидливата еволуција на дипломатските односи. Како што потврдува поранешен офицер на алжирската армија, „Безбедносните служби и армиите никогаш не престануваат да имаат меѓусебни контакти, дури и кога секој главен град го храни другиот со прекор.“ Потоа, тука се и билатералните економски односи. Без разлика дали била добра година, лоша година, па дури и ако била заменета од Кина на нејзината позиција како прв економски партнер на Алжир, Франција, сепак, останува вториот најголем снабдувач со 10,6% од пазарниот удел во 2020 година зад Кина (16,8%) и пред Италија (7,1 %) и Германија (6,5%).[8] Франција е исто така втор најголем купувач во Алжир со 13,3% од алжирскиот извоз зад Италија (14,7%) и пред Шпанија (10%) и Кина (5%).
Така произлегува постоењето на еден театар, но со две сцени. Едната сцена каде гневот и привремените помирувања се видливи за сите и ја потхрануваат хрониката. Другата сцена, многу подискретна, каде војската, разузнавачките служби и високите економски кругови продолжуваат тивко да се занимаваат со својата работа. Но, сето ова се чини дека се менува и фрла уште една светлина врз фрустрацијата на Макрон од режимот што тој никогаш не престана да го штеди иако беше оспоруван и од локалното алжирско движење Хирак. Алжирската влада, отсекогаш составена од кланови, повеќе или помалку ривали, но секогаш обединети за да го одржуваат системот на својата вечна власт, е во целосна рекомпонираност со својот дел од срамот, бруталното застранување и затворањето на луѓето. Во овој неизвесен контекст каде сè уште се нејасни контурите на круговите на одлучување, Париз има потешкотии да ги идентификува вистинските соговорници и никогаш не е сигурен дека ветувањата што му биле дадени, ќе се одржат. Во изминатите две години, роднините на покојниот алжирски претседател Абделазиз Бутефлика, без разлика дали се работи за неговиот брат Саид кој му бил најблизок советник, неговите поранешни шефови на влади, неговите влијателни министри, но и водечките бизнисмени меѓу кои и поранешниот шеф на асоцијацијата на работодавците Али Хадад, во најголем дел се во затвор или тргнати настрана. Со нив, Франција изгуби вистински локални соговорници или дури и сојузници.[9] И личностите кои постепено се појавуваат на алжирската сцена, не покажуваат интерес да се грижат за француските интереси. Па, како последица, две француски компании, РАТП и Суез, штотуку ги загубија своите договори за управување со метрото во Алжир и дистрибуција на вода во главниот град. Слично на тоа, доминантната позиција на француските производители на житарки, кои обезбедуваат дури 56% од увозот на пченица на Алжир, сега е ослабена од желбата на Алжир да ги диверзифицира своите добавувачи.[10]
Преиспитувањето на француското влијание се однесува и на администрацијата и дипломатската служба со дефинитивната појава на локални елити кои зборуваат првенствено арапски, обучени во земјата и немаат франкофонска, да не речеме франкофилска култура на нивните постари колеги. Слично и на другата страна, се случува француските дипломати или советниците на претседателот Макрон, повеќе проевропски и прозападни настроени од нивните постари колеги, да бидат помалку чувствителни на одредената историја на француско-алжирските односи. Националната народна армија на Алжир (АНП), главниот столб на моќта, и самата не е имуна на оваа промена во перцепцијата на актуелните односи. Речиси сите високи офицери, кои некогаш поминале обука во француската армија, веќе ги нема. Париз повеќе не може да смета на своите сојузници или на своите природни соговорници од минатото, како што се генералите Ларби Белкхеир или Калед Незар. Дури и генералите Мохамед Ламин Медиен познат како Туфик, поранешен шеф на безбедносните служби, и Васини Буаза, поранешен генерален директор за внатрешна безбедност, сега затворен и деградиран со чин на обичен војник, повеќе не се во армијата. Нивните наследници, иако понекогаш обучени во Франција како сегашниот началник на Генералштабот Саид Ченгриха, вистински моќник на земјата, не ја кријат својата резервираност кон поранешната колонијална сила.
Затоа што алжирската војска не му простува на Париз за директната поддршка што му ја дава на Мароко за прашањето на Западна Сахара. На 24 август о.г., Алжир ги прекинува дипломатските односи со соседот Мароко, говорејќи за „непријателските и повторени активности“ на Мароко со поддршка на Израел, земја со која Рабат ги нормализираше односите во декември 2020 година, а по иницијатива на САД. До 2019 година, тогашниот алжирски претседател Бутефлика и неговите советници можеа да наметнат попустлив став во врска со француската пристрасност во корист на Мароко. Денес, никој од политичкиот и воениот врв не се залага за вакво нешто. Актуелниот претседателот Тебун, дури се чини дека е на страната на јастребите, за ескалација со мароканскиот сосед.
Алжирската армија исто така не сака да интервенира во Мали за да го компензира таму најавеното повлекување на француските воени сили. Мора да се признае, уставот на Алжир, со промените од јануари о.г., сега и дозволува на армијата да интервенира надвор од државните граници, но и понатаму постои значителна неподготвеност за ова, па оттука и иритираноста на францускиот претседател. Во Алжир, има наратив и за враќањето кон една „поофанзивна автономна дипломатија“, како што објаснува еден дипломат. Во однос на Мали, не станува збор за усогласување со француската критика на воената хунта на власт. Истото и за Тунис на кој Алжир му ветува „поддршка и немешање“ во неговите внатрешни работи, во период кога многу западни земји, со Франција на чело, не сакаат да го поддржат државниот удар на претседателот Каис Саид, кој ги суспендираше овластувањата на Парламентот и назначи нова влада.
Откако претседателот Макрон ја најави својата желба да ја смири топката во врска со прашањето на различното толкување на заедничките историски сеќавања – дури и ако Алжир не беше целосно задоволен од неговата почит кон жртвите од 17 октомври 1961 година – можно е тензијата да се намали и Мохамед-Антар Дауд да продолжи со својата функција како амбасадор на Алжир во Париз. Но, на неколку месеци пред прославата на шеесетгодишнината од независноста на Алжир, оваа тема останува проблематична. Францускиот претседател му објаснува на секој што сака да го слушне дека работи на „помирување на сеќавањата“. Но, многу Алжирци се сомневаат во еден ваков пристап, а претседателот Тебун верува дека „не е можно да се стават на еднакви рамништа џелатот и неговата жртва“. Неколку функционери се убедени дека единствената цел на Макрон е да го заведе десниот електорат неколку месеци пред претседателските избори и жалат што предлогот за договор за пријателство со Алжир, кој би овозможил да се надминат различните толкувања на заедничката историска меморија, е напуштен уште од далечната 2005 година. Злонамерен, алжирскиот печат се прашува кој говор на претседателот Макрон треба да се задржи. Оној од февруари 2017 година кога како кандидат на претседателските избори изјави дека колонизацијата претставувала „злосторство против човештвото“, или пак оној каде се сомнева во постоењето на алжирска нација пред 1830 година?
Познатото „во исто време“ толку мило на Макрон, ги збунува Алжирците убедени дека сè што доаѓа од Франција, без разлика дали е официјално или не, содржи добро дефинирана порака. Самиот факт дека Мустафа Кесус, новинар во списанието Ле Монд, бил избран од кабинетот на Макрон да известува за неговата средбата со младите луѓе, уште повеќе ги подгрева ваквите претпоставки во Алжир. Емитувањето, на 26 мај 2020 година, од францускиот канал Франс 5 на документарен филм, од Кесус за алжирската младина, предизвика жестоки критики[11] како и прво отповикување на амбасадорот Дауд. Идејата за едноставна случајност, сепак не убедува многу луѓе во Алжир, каде што се смета дека Франција не занемарува ниту еден детаљ кога се во прашање односите со нејзината поранешна колонија.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Mustapha Kessous, « Le dialogue inédit entre Emmanuel Macron et les ‘‘petits-enfants’’ de la guerre d’Algérie », Le Monde, 2 октомври 2021 година.
[2] « Emmanuel Macron et l’Algérie : révisionnisme néocolonial et ingérence », Algeria-Watch, 11 октомври 2021 година.
[3] Сп. France-Algérie : 50 ans d’histoires secrètes, volumes 1 (2017) et 2 (2019), Fayard, Париз.
[4] Прочитајте: Pierre Judet, « La détérioration des relations entre la France et l’Algérie », Le Monde diplomatique, февруари 1976 година.
[5] Прочитајте: « Une loi contre l’histoire », Le Monde diplomatique, април 2005 година; и: Sandrine Lemaire, « Une loi qui vient de loin », Le Monde diplomatique, јануари 2006 година.
[6] « Hollande exprime ses “regrets pour l’interprétation de ses propos” sur l’Algérie », France 24, 22 декември 2013 година.
[7] Сп. « Accusé d’un « gros mensonge » par le président Tebboune, Gérald Darmanin maintient ses chiffres sur les clandestins algériens », Le Monde, 11 октомври 2021 година.
[8] « Algérie : relations économiques bilatérales », Ministère de l’économie, des finances et de la relance. Direction générale du Trésor, Париз, 10 октомври 2021 година.
[9] Adlène Meddi, « Enquête. Contrats bloqués, “French bashing”, visas… Au-delà des enjeux mémoriels, les vraies raisons de la brouille », Le Point, 10 октомври 2021 година.
[10] « L’Algérie restera-t-elle encore longtemps le premier client du blé français ? », Terre-net, Beauvais, 19 февруари 2020 година.
[11] За контроверзноста околу овој документарец, прочитајте: Tewfik Hakem, « Algérie mon amour, le documentaire qui déchaîne les passions », Franceculture.fr, 29 мај 2020 година.