Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Шеги кои го навредуваат машкото его

Одење по јаже на кинеската комичарка

Доаѓајќи од селско семејство во Хебеи, област која се граничи со Пекинг, Јанг Ли се стекна со диплома за дизајн и имаше две кратки претходни професионални искуства, кои биле „досадни“, и според однапред наметнати нивни услови. Од овие причини, во октомври 2018 година, таа ја започнува својата кариера како комичар, што е главно машка професија во Кина.

Од Жанг Жулин
Новинар


Фото: 丁亦然 / Unsplash

„Жена која игра мајтап со мажите и заработува од нив“. Огорчени од оваа идеја, ордите корисници на интернет ја напаѓаат сметката на производителот на лаптопи „Интел“ на кинеската социјална мрежа „Веибо“, барајќи бојкот на неговите производи. Вина на брендот: неговата нова промоторка, Јанг Ли. Станува збор за една 29-годишна комичарка, ѕвезда-пионер на стенд-ап комедијата во Кина, обвинета дека „длабоко ги повредила и понижила“ нејзините машки сонародници и дека дури „поттикнувала на конфронтација меѓу мажите и жените“ во Кина, преку нејзините настапи.

Сепак, ништо не навредува, па дури ниту се потсмева на мажите во овој кус оглас емитуван на 18 март 2021 година. Насмеана, Јанг Ли едноставно изјавува: „Интел е толку прецизен што е поприемчив од мене кога станува збор за избор на момче.“ Но, под притисок на јавноста, американскиот бренд ја повлече оваа реклама во текот на денот, како и сите свои промотивни постери на кои се појавува комичарката.

По оваа колективна акција со спектакуларни резултати, започна лов на вештерки. Дознавајќи за учеството на Јанг Ли, шест дена подоцна, во емисија во живо на интернет телешопинг за бренд тампони, голем број машки корисници на интернет побрзаа на страницата заканувајќи се дека „ќе ја бојкотираат“ вечерта. Сите тие мажи побараа познатиот компјутерски бренд веднаш да ја исфрли оваа „екстремистичка феминистка“. Од своја страна, жените потоа го организираат одговорот, тврдејќи дека даваат силна поддршка за комичарката Јанг Ли. Иако двата табора се во расправија, комичарката конечно се појави како што беше планирано во емисијата. Како и да е, благодарение на бучавата предизвикана од навредените машки корисници на интернет, дури 1,6 милиони луѓе го следат овој пренос, кој обично привлекува само неколку илјади гледачи како таков…

Како успеа комичарката да предизвика такви реакции? Доаѓајќи од селско семејство во Хебеи, област која се граничи со Пекинг, Јанг Ли се стекна со диплома за дизајн и имаше две кратки претходни професионални искуства, кои биле „досадни“, и според однапред наметнати нивни услови. Од овие причини, во октомври 2018 година, таа ја започнува својата кариера како комичар, што е главно машка професија во Кина. Во исклучително неконформистички дух, нејзините скечеви ја исмеваат вознемиреноста на жените за својот изглед, но, исто така, тие се занимаваат и со теми кои се сметаат за табу во Кина, како што се традиционалните правила, предрасудите и сексизмот со кои се соочуваат кинеските жени. Набргу, нејзината ноторност експлодираше и беше јавно обвинета за „дискриминација на мажите“

Што е во прашање? Скечеви како овој, за време на еден од нејзините настапи, во август 2020 година, каде што изјавува: „Ми се допаѓаат мажите. Мажите не се само прекрасни, туку и особено мистериозни како такви. Никогаш не знам што тие точно мислат.“ Потоа, таа додава со малку енигматична насмевка, пред публика која пука од смеење: „Како момчето, кое изгледа толку обично, може да биде толку сигурно во себе?“ Оваа куса реченица – „Пу кве ксин“ („Обичен, но сигурен во себе“) – стана новата помодарска крилатица на интернет.

Ако, од една страна, многу жени во Кина сметаат дека артистката е генијална, изјавувајќи дека нејзините скечеви им зборуваат на нивните срца и го рефлектираат нивниот сентиментален живот, нивните машки сонародници, од друга страна, јавно ја линчуваат и ја обвинуваат за „намерно омаловажување на мажите“. Во декември 2020 година, Јанг Ли се забавува во една ТВ-емисија за овие Кинези кои се чувствуваат навредени. На еден комичар кого го обвинува за тестирање на „границите на мажите“, таа одговара, иронично: „Ох, тогаш, навистина, мажите имаат морални граници што не треба да се преминуваат?“ Следеше ново цунами во јавното  мислење. Дури, оваа фраза го зазеде првото место во пребарувањата на кинеската социјална мрежа Веибо, со наплив на лични напади и навреди. Некои ја пријавија артистката до Државната управа за радио, кино и телевизија на Кина; ги обвинуваат нејзините скечеви “дека биле полни со отворена сексуална дискриминација, постојано навредување на сите мажи, промовирање омраза, поттикнување конфликти во населението, создавање родов антагонизам“ и дури дека „не биле погодни за хармоничен развој на социјалистичкото општество со кинески карактеристики1.

Јанг Ли сепак постојано ја потврдува својата одлучност да не биде дефинирана како феминистка. Мора да се забележи дека етикетата не е лесна за носење. Кога младата жена ја започна својата кариера, движењето #MeToo ја достигна својата кулминација на Запад, но не беше прифатено како такво во Кина. На светското рангирање за родова еднаквост, земјата тогаш беше рангирана на 103-то место од 149. Три години подоцна, во 2021 година, Кина е на 107-мо место од 1562. Пад што воопшто не ги погодува повеќето Кинези. Тие ги критикуваат „неправедните западни критериуми“, како што пишува еден корисник на интернет кој добива широко одобрување за своите патриотски ставови. Овие Кинези дури и не обрнуваат внимание на новата генерација жени кои ги отфрлаат овие наметнати машки стандарди. Беиџинг њуз, весникот во Пекинг насочен кон една покултурна и полиберална локална публика, го објаснува сексизмот на компанијата со „традицијата“ што постојано го девалвира „женскиот глас на јавниот простор“. За секојдневниот живот, оваа традиција „длабоко е вкоренета во социо-културната почва“ на ова „патријархално општество кое ги замолчува жените за одредени теми“3.

Па, така, Лу Пин, една од фигурите на кинескиот феминизам, дури и мораше да остане во САД по учеството во 2015 година на годишниот состанок на Обединетите нации за статусот на жените во светот. Таа ја критикуваше својата земја за водење на „патријархална политика“, со која „тие кои го бранат декларативно феминизмот секогаш добиваат многу повеќе јавна и институционална поддршка од самите феминистки на терен4. По овие изјави, петмина активисти беа уапсени во Кина, а самата Лу Пин се сметаше од полицијата како нивна „сива еминенција“. Во земја каде стабилноста го зазема местото на религијата и каде феминизмот е обвинет за „правење штета на општеството“, „антифеминистичките активисти имаат природни „предности“, ја набљудува ситуацијата Би-Би-Си5.

Јанг Ли сепак потсетува дека нејзините скечеви се безопасни: „Јас не се занимавам со теми каде што мажите и жените имаат вистински судир на интереси.“ Таа само јавно ја забележува неизбалансираната врска меѓу половите во Кина. На пример, кога таа ја раскажува оваа сцена, која наиде на ехо кај многу кинески жени: „Вие присуствувате на работна вечера. Седите таму нормално, како и секој друг, но, за некои мажи, вие сте само придружничка и ништо повеќе.“ И покрај нејзината претпазливост, ова сепак не поминува кај поголемиот дел од мажите во Кина. „Како  артистка, морам постојано да го мерам тоа што го зборувам за да не бидам навредлива.“ Некои од нејзините колеги комичари, навикнати да изведуваат сексистички скечеви за да ја насмеат својата публика, го истакнаа ова. „Хуморот“ е само еден начин…

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти: 

  1.  « Yang Li a été dénoncée. Les internautes masculins ont-ils le sens de l’humour ? », The Paper, Шангај, 29.12.2020 г. (на кинески).
  2.  Рангирање направено во 2006 г. од страна на Светскиот економски форум.
  3.  « Parlons de l’“encerclement” de Yang Li », Beijing News, Пекинг, 29.12.2020 г. (на кинески).
  4.  « Le féminisme en Chine », The New York Times (кинеско издание), 02.02.2017 г. (на кинески).
  5.  « Pourquoi les féministes chinoises sont “combattues” sur Internet », Би-Би-Си, програма на кинески, 11.01.2021 г.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW