Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Нов почеток за Чиле

Со речиси 56 отсто од гласовите, левичарскиот кандидат Габриел Бориќ штотуку победи на претседателските избори против Хозе Антонио Каст, кандидат носталгичен за хунтата на Аугусто Пиноче. Сега на триесет и пет години, Бориќ ќе стане најмладиот претседател во историјата на Латинска Америка кога ќе ја преземе функцијата на 11 март 2022 година. Потоа, ќе остане сè да се направи…

 


од Франк Годишо*
*Универзитетски професор и коавтор (со Томас Посадо) на книгата: Gouvernements progressistes en Amérique latine (1998-2018), издадена од Presses universitaires de Rennes (2021 г.).


Фото: Osvaldo Castillo/Pexels

Треперење на олеснување поминува низ поголемиот дел од Чиле вечерта на 19 декември. Се разбира, одекнува кај лидерите на чилеанската левица, но кружи и од куќа до куќа, на социјалните мрежи, поврзувајќи стотици илјади граѓани. Предводена од кандидатот Хозе Антонио Каст, реакционерната и неолиберална екстремна десница, носталгична за диктатурата (1973-1989 г.), се закани дека ќе победи во вториот круг од претседателските избори. Но, таа што туку беше поразена од левичарската коалиција Апруебо Дигнидад („Јас го поддржувам достоинството“), сојуз меѓу Комунистичката партија (КП), Широкиот фронт (ФА, според шпанскиот акроним) и регионалистичките екологисти предводени од спомнатиот Габриел Бориќ. Компактна толпа се радува на улиците на Сантијаго и во многу градови во земјата. Народната веселба, песните на борбата, лицата на ангелите, концертите на труби, траат до доцна во ноќта.

Битката како да не беше однапред добиена и имаше многу неопределени гласачи. Во првиот круг, дури 53% од гласачите не излегоа, потврдувајќи го основниот тренд забележан од демократската транзиција во 1990 година, а особено по завршувањето на задолжителното гласање во 2012 година: онаа на масовно воздржување и растечкото разочарување од процесот на демократизација означен со десничарски неолиберален континуитет и бројни авторитарни наследства[1]. Помеѓу двата круга, изборниот штаб на Бориќ се обиде да оди и надвор од населбите од средната класа во главниот град, кои ја карактеризираат неговата социјална база, и да патува на далечни територии, од север кон југ, како и во руралните области и сиромашните населби. Целта беше да се мобилизираат воздржаните и да се поврати теренот каде што противкандидатот Каст забележа одлични резултати. Успешен потез: излезноста скокна на речиси 56% во вториот круг, бидејќи Чиле за прв пат ја мина границата од 8 милиони гласачи. Бориќ победи со повеќе од десет проценти разлика над својот десничарски ривал.

Во шемата што го донесе на власт, извесна Изкиа Сичес, исто така триесет и петгодишна, одигра клучна улога: претседателка на Лекарскиот колегиум на Чиле за време на пандемијата, по потекло од северот на земјата (Арика) и позната по својата голема опозиција на актуелниот претседател Себастијан Пињера за здравствените прашања, таа успеа да ја ревитализира кампањата, но во корист на Бориќ. Првите податоци од изборите покажуваат дека жените и младите во Чиле беа движечката сила на победата, што придонесе значително за речиси еден милион гласови разлика меѓу двајцата лути кандидати. Проценките покажуваат дека 68 отсто од жените помлади од 30 години би гласале за младиот левичар Бориќ, додека постариот десничар Каст стана популарен кај постарите од 70  години.[2]

Во првиот круг, педесет и петгодишниот ултраконзервативен католички адвокат и татко на дури девет деца направи изненадување, со тоа што беше прв со 28% од гласовите, пред помладиот Бориќ (23%). Претходно, некои луѓе сонуваа дека вториот лесно ќе победи. Зашто, за десет години, новиот иден претседател имаше исклучителна траекторија: од  истакнат член на „автономната левица“ од 2000-тите, потоа лидер на Федерацијата на студенти на Универзитетот во Чиле (ФЕХ) во 2011 година (за време на главните студентски мобилизации за „бесплатно, јавно и квалитетно образование“[3]), а за пратеник е избран во 2013 година како независен кандидат и без никаква партиска поддршка. Голем подвиг во чилеанскиот изборен систем што фаворизира големи коалиции на центристички партии на штета на помалите и независните. Тој потоа ќе биде реизбран заедно со личности од студентските борби како една Камила Ваљехо[4] (член на Комунистичката партија на Чиле) или Џорџо Џексон, неговата десна рака оттогаш. Заедно со Бориќ, го основале Широкиот фронт (ФА) во 2016 година, критички позиционирана формација помеѓу историската комунистичка левица (и нејзините референци за Кастро или Боливар) и традиционалните партии на поранешната т.н. Концертација (коалиција меѓу Социјалистичката партија и Христијанската демократија на власт помеѓу 1990 и 2010 година), владејачки блок дотогаш омразен поради тврдокорното управување на Чиле преку принципите на неолиберализмот.

Оваа институционална „нова левица“ позната и како „широкофронтовска”, има амбиција да биде реформистичка и постнеолиберална, далеку од етикетата на „радикална левица“ која лесно ѝ се припишува од меѓународниот печат или од обвинувањата за комунизам од чилеанските доминантни медиуми. Со победата на прелиминарните кандидатски избори внатре во ФА против многу популарниот (и поевидентно лево) комунистички градоначалник Даниел Жаду, тактиката на Бориќ и ФА вроди со плод. Во содржината на неговата претседателска програма, може да се најде една особено нова фискална политика чија цел е, меѓу другото, да ги оданочува богатите и големите корпорации за да ги поттикне неговите социјални реформи како иден претседател на Чиле. Тие се однесуваат на јавното здравје, финансирањето на образованието, обновувањето на пензискиот систем (приватизиран од генералот Аугусто Пиноче) преку јавен правен субјект, легализацијата на абортусот и политиката во корист на правата на жените и сексуалните малцинства. Покрај тоа, постои идејата за „позелен“ економски модел и за преговарање за нови основни права за заедниците на домородците Мапуче врз основа на нивните историски барања, особено правото на самоопределување, враќање на земјиштето на предците на заедниците и изградбата на една вистинска мултинационална држава.

Платформата успеа да ги обедини луѓето многу повеќе од Апруебо Дигнидад. Како и да е, сепак, спектакуларното зголемување на учеството на гласачите во вториот круг – особено во урбаните центри, како и во регионите прилично непријателски настроени кон левата страна во првиот изборен круг (како што е Антофагаста) – е пред сè резултат на народната реакција на појавата на екстремен десничарски кандидат чии предизборни собири многу често беа придружени со скандирања и слики во слава на генералот Пиноче. Значи, треба да се нотира дека луѓето гласаа и против Каст, не само за Бориќ. За тоа сведочат многуте декларации на општествените и феминистичките колективи и организации, како што е Народното собрание на Ла Грања, во Сантијаго, кое по кусо размислување одлучи да се „крене против фашизмот“, без да му даде бланко чек на кандидатот Бориќ.[5]

Во својот прв говор како иден претседател, Бориќ внимаваше да нагласи дека тој ќе биде претседател на „сите Чилеанци“, додека ги разубавуваше своите забелешки со некои референци за Салвадор Аљенде, социјалистичкиот претседател кој загина во пучот во 1973 година предводен од генералот Пиноче.[6] Бориќ тука истакна дека ќе го брани тековниот конститутивен процес, кој е „извор на глобална гордост“: „Ова е првпат да пишуваме Устав на демократски начин. Да го одбраниме овој процес за оваа наша Карта Магна да биде резултат на договор, а не на наметнување“. Навистина, по референдумот од октомври 2020 година и изборот за Уставотворна конвенција со универзално право на глас минатиот мај, Чиле, конечно, е на пат дефинитивно да стави крај на Уставот од 1980 година, наследен од генералот Пиноче.[7] Ова уставотворна конвенција ги направи традиционалните централно-левичарски и централно-десничарски партии да бидат дефинитивно во малцинство, а во корист на независните кандидати (делумно од социјалните движења, особено феминистичките и организациите на домородните народи) и левицата (собрани околу КП и ФА). Од своја страна, Каст отсекогаш ја покажувал својата желба да го исфрли проектот од колосек.

Иако Бориќ првично најави „структурни промени, без да оставиме никого зад себе; мораме да растеме економски, да го претвориме она што е за многу луѓе стоки за широка потрошувачка во социјални права, без оглед на големината на портфолиото“, тој се обиде да им даде заложби и на своите противници, ветувајќи дека ќе биде „сериозен“. Периодот помеѓу изборните кругови беше обележан со програмска преориентација кон центарот, на голема жалост на КП на Чиле. Кандидатот Бориќ на тој начин се приближи до партиите од поранешната Концертација, до степен да ги интегрира во својот изборен штаб и некои од нивните најистакнати економисти – како што се поранешниот шеф на централната банка на Чиле Роберто Залер или многу пазарно либералниот Рикардо Френч-Дејвис – со цел да ги „убеди пазарите и берзите“. Покрај неговите напори да ја добие поддршката од поранешните социјал-либерални претседатели Рикардо Лагос и Мишел Башеле, Бориќ се сретна и со големите бизниси (организирани во рамките на бизнис асоцијацијата на претприемачи на Чиле – ЕНАДЕ). Откако вети дека ќе го почитува буџетот за штедење што Конгресот го изгласа за 2022 година, тој штотуку ги намали своите фискални амбиции: неговиот проект за нови даноци постепено премина од еквивалент на 8 поени од национално богатство (БДП) во два мандата кон многу поскромна цел: од 5 поени за четири или пет години, а тоа според темпото на раст… Ревизија претставена како демонстрација на неговата фискална “одговорност” и неговата решеност да ја контролира инфлацијата. Меѓутоа, прашањето за нееднаквоста (1% од најбогатите концентрираат околу една третина од приходот на земјата), несигурноста на животот и задолженоста, се во срцето на кризата што се провлекува низ овој „неолиберален рај“ на Латинска Америка.[8] Во говорот на кандидатот на левицата се појавија и темите за деликвенција и трговија со дрога, како одговор на безбедносниот дискурс кој успешно го разви десничарскиот противкандидат Каст.

Според колумнистот на Њујорк тајмс, Бињамин Апелбаум,  „она што го брани Габриел Бориќ се нарекува социјалдемократија“. Во никој случај не може да се нарече неговиот проект „комунистички“, објаснува новинарот.[9] И покрај – често театралните – стравови на симпатизерите на Каст, Бориќ никогаш не ја спомна можноста за враќање на дури делумна јавна контрола врз огромните природни ресурси на земјата, кои се во рацете на мултинационалните компании и локалната буржоазија како нивен голем извозник. Посебно се мисли на огромните наоѓалишта на многу бараните метали како литиум и бакар, за кои Бориќ предвидува зголемување на износите на концесиите што ги плаќаат приватните оператори на рудниците. Она што го нарече Аљенде како „платата на Чиле“, сепак останува отсутно од програмата на оваа „нова левица“, додека неговиот комунистички изборен сојузник смета дека не е дојдено време повторно да се зборува за национализација.

И покрај претпазливоста, победничката коалиција останува сомнителна во очите на дел од елитата. Ден по изборите, извесен Игнасио Вокер, поранешен демохристијански министер и парагон на неолиберализмот во „чилеански стил“, беше загрижен за тоа дали „социјалдемократската“ и „реформистичка“ ориентација на новиот избран претставник – кој се смета за добредојден – само би претставувала фасада за подобро враќање „кон основната стратегија што ја карактеризираше Комунистичката партија и партиите на Широкиот фронт“.[10] Учеството на комунистите во владата предизвикува голема загриженост, што го враќа сеништето на „чилеанскиот пат кон социјализмот“ и Народното единство (1970-1973). Сепак, КП инсистираше на тоа дека ќе ги почитува заложбите на левичарскиот кандидат, исто како што покажа свој капацитет за умереност за време на учеството во „Новото мнозинство“, инаугурирано за вториот мандат на Мишел Башеле (2014-2018).

Бориќ беше критикуван од левицата, и тоа од некои социјални движења, кои се помалку загрижени отколку тој за потрагата по консензус. Така, етикетата на “амарило” („жолт“), понекогаш му се залепува на личноста. Кандидатот навистина ја задржа недореченоста за прашањето на домородскиот народ Мапуче или за проблемот со трудовото право во земјата. Тој не сакаше да ја брани идејата за општа амнестија за оние кои социјалното движење ги нарече „политички затвореници на бунтот“, понекогаш во затвор, или во домашен притвор, две години, без судење. Младиот избран иден претседател, како таков, честопати се споменува во контекст на неговата контроверзна улога за време на големиот бунт од октомври 2019 година, експлозија на гнев против „чилеанскиот неолиберален модел“, што речиси ја собори владата на Пињера и кога народот се соочи со државна репресија без преседан од 1990 година. Исто така, Бориќ е еден од пратениците кои на 15 ноември 2019 година го иницираа договорот за „социјалниот мир и новиот Устав“,  потпишан од десницата и центарот, но без КП и дел од ФА, кој ја осуди “кујната” меѓу четири ѕида, свртувајќи им го грбот на демонстрантите. Овој договор, кој овозможи воспоставување на Уставотворната конвенција, некои активисти го сметаат и за појас за спасување фрлен на досегашниот претседател Пињера и обид за институционално канализирање на борбите, додека земјата беше во вонредна состојба. Еден месец подоцна, Бориќ гласаше и за уште поконтроверзниот „закон против барикади и против саботажа“, кој понуди правна рамка за институционалната репресија, во време кога кршењето на човековите права од страна на полициските сили беше силно критикувано (вклучително и на меѓународно ниво). Пратеникот Бориќ и неговите колеги од Широкиот фронт, потоа се извинија за ова гласање во Парламентот заедно со десницата… Конечно, во регионот каде што левицата со задоволство ја покажува својата јавна и безусловна поддршка за кубанската револуција, изборот на Бориќ да ги поддржи манифестациите во јули 2021 година на големиот карипски остров некои го доживеаја и како предавство.

Затоа што „бунтовничкиот дух на октомври“ сè уште е многу присутен во чилеанското општество. Ова повторно можеше да се слушне во паролите и извиците што се протегаа низ толпата која дојде да ја прослави победата на левицата на улиците на земјата и на „Плоштадот на достоинството“ во Сантијаго, во недела, на 19 декември. Иако регионалните собранија ја изгубија својата виталност по неколкумесечна пандемија и економска криза, многукратните барања за социјална правда сè уште се таму, додека жестината на револтот продолжува да врие.

Како поранешен активист и извонреден организатор, идниот претседател добро е свесен за ова. Тој ветува едно „поправедно Чиле“ и „да се прошират социјалните права“, притоа јавно признавајќи дека „следните периоди нема да бидат воопшто лесни“… Чиле веќе почна да трпи значителен одлив на капитал, што ќе го намали просторот за маневрирање на идниот претседател. Бориќ ќе мора да се соочи со една законодавна власт која во голема мера ќе биде жестоко непријателски расположена кон него, бидејќи ако традиционалните партии беа исфрлени од вториот круг на претседателските избори и вратени на третата и четвртата позиција, тие сепак остануваат силно присутни во градските и регионалните собранија, и особено во националниот конгрес. По парламентарните избори во ноември, десницата го освои мнозинството во Сенатот, горниот дом на Конгресот во Чиле. Долниот дом е поделен на два блока, помеѓу левицата и централно-левите формации од една страна, и десницата заедно со екстремните десничарски формации од друга страна. Треба да се спомне фактот дека парламентарната левица се зајакнува, особено комунистите (со дванаесет пратеници) и вкупно триесет и седум места за алијансата Апруебо Дигнидад (во институција која има 155 места), во исто време кога ја консолидира својата општинска база во клучните општини како што се центарот на Сантијаго, Валпараисо, Виња дел Мар или Валдивија (на југот на Чиле). Но, прогресивниот иден претседател ќе мора огорчено да преговара за секоја планирана голема реформа со етаблираниот центар и партиите од поранешната т.н. Концертација, чиј критичар беше и самиот Бориќ, и кои долго време го покажуваа својот голем отпор кон секоја последователна промена воопшто.

И конечно, ако спомнатиот десничарски кандидат Каст штотуку изгубил битка, тој е многу далеку од дефинитивен политички пораз. Веројатно само што го започнал својот подем. Во секој случај, ваквата идеја ја бранеше пред своите симпатизери ноќта по поразот. Овој „чилеански Болсонаро“ има дефинитивна намера да продолжи да добива на терен: како брат на поранешен министер за економија од диктатурата на генералот Пиноче и син на Германец нацист, тој може да изгледа како да го отелотворува стариот авторитарен свет од 1980-тите во Чиле. Да се формулира една таква анализа, сепак, би значело да се потцени големиот актуелен феномен во Латинска Америка: појавата на радикални бели десничари, кои се базираат на морален дискурс и морално проповедање, на локалните евангелистички цркви и ригорозните католички струи, на ксенофобична агитација непријателски настроена против сите мигранти и големиот страв од феминистичкиот прогрес и ЛГБТ-движењето. Па, така, и Каст си го честиташе влегувањето во сегашниот парламент со петнаесет пратеници и еден сенатор, додека традиционалната десница ја одржува хегемонијата на конзервативното поле, иако падна од седумдесет и два на педесет и три пратеници.

Се разбира, чилеанскиот народ штотуку извојува важна победа што го објаснува и регионалното и глобалното влијание на овие избори. Сега таму сè почнува.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Прочитајте: Franck Gaudichaud, « Au Chili, les vieilles lunes de la nouvelle droite », Le Monde diplomatique, мај 2011 година.

[2] La Tercera, Santiago du Chili, 20 декември 2021 година.

[3] Прочитајте: Victor de la Fuente, « En finir (vraiment) avec l’ère Pinochet », La valise diplomatique, 24 август 2011 година.

[4] Прочитајте: Camilla Vallejo, « Quand le mythe néolibéral chilien vacille », La valise diplomatique, 2 ноември 2011 година.

[5] Marco Teruggi, « De la abstención al voto anti-Kast: las razones de protagonistas del estallido », Sputnik Mundo, 17 декември 2021 година.

[6] Прочитајте: Renaud Lambert, « Quand les militaires fauchent l’espoir d’une nouvelle voie vers le socialisme », La valise diplomatique, 11 септември 2013 година.

[7] Прочитајте: Franck Gaudichaud, « Au Chili, le pari de la Constitution », Le Monde diplomatique, април 2021 година.

[8] Прочитајте: Luis Sepúlveda, « Au Chili, l’oasis asséchée », Le Monde diplomatique, декември 2019 година.

[9] Diario Financiero, Santiago du Chili, 8 декември 2021 година.

[10] El Mostrador, Santiago du Chili, 20 декември 2021 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW