четврток, 13 Фев 2025 / 2:42:58
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Невработеноста и убиствената реформа на социјалата

Влегувајќи во сила на 1 октомври минатата година, реформата на осигурувањето за невработеност доведе до значително намалување на бенефициите за многу повремено вработени кои не работеле со полно работно време во текот на изминатите две години. Претставени како средство за борба против кратките работни договори на одредено време, новите правила всушност ги казнуваат оние кои се предмет на нив, особено во контекст на здравствената криза наметната со ковид пандемијата.


Од Дамијан Лефоконие*
*Новинар


Фото: Sinitta Leunen/Pexels

Едно утро во јануари о.г., 35-годишната Натиса Хебир, самохрана мајка на две деца која живее во близина на Кан, седна со шолја кафе за да ги направи своите пресметки: „Забележав дека ми требаат 700 евра за да го поминам следниот месец“, објаснува таа. „Никогаш немав проблем со парите или со работата и сега не можев да поверувам“. За само неколку недели, младата жена премина од удобен живот во приходи под границата на сиромаштијата. Стана невозможно да ги плати сите нејзини сметки, со кирија од 800 евра месечно и кредит за купување на нејзиниот автомобил со месечна рата од 200 евра.

Спомнатата Хебир работи како дополнителна работна сила во индустријата за организирање настани, обично доаѓа како засилување, но кризата со пандемијата ја лиши од работни задачи за подолги периоди. Нејзиниот секојдневен живот се промени на 15 октомври мината година со пресметката на нејзиното право на осигурување во случај на невработеност: „Ми рекоа 26 евра на ден. Тоа е отприлика 750 евра месечно. Претходно, кога немав работа, можев да добијам дури и 2.400 евра месечно. Знаев дека веќе една година се спроведува реформа, но не го очекував тоа на ваков драстичен начин.“

„Денес, мислам дека сум необезбедена, се срамам да го кажам тоа“, воздивнува таа. „Позајмувам пари и знам дека тоа не е исправно. Татко ми ми носи торби полни со ручек. Размислувам да го продадам мојот компјутер, мојот телефон и некои од играчките на моите деца. Кога ќе ја видам ќерка ми како расте како зелено растение: наместо да се радувам, речиси сум во паника. Да ми каже дека ќе морам да и купам нова облека, но немам средства.“  Младата жена вели дека се обидува да се преквалификува за кариера во канцелариската автоматика и дека ги разгледува огласите на националната агенцијата за вработување. “Но, тука се нудат само куси работни договори на определено време!”, извикува таа. Нејзиниот надомест за невработеност беше намален со новиот систем на компензација кој стапи на сила на 1 октомври минатата година. Новиот метод на пресметување на дневната референтна исплата ги казнува оние кои наизменично работат и имаат периоди на невработеност земајќи ги предвид просечните плати добиени во текот на последните 24 месеци во текот на интерстицијалните периоди кои не работеле.

„Јас поднесов ново барање за правата при невработеност минатиот октомври“, објаснува Анаис П., независна новинарка на телевизија и печатените медиуми, која сака да остане анонимна. „Паднав од 65 евра на ден, со околу2.000 евра месечно, на 14 евра на ден, што е помалку од Активниот солидарен приход при невработеност (ПЦА): 565,34 евра месечно.“ Таа има 33 години и живее во регионот Ил-де-Франс. Таа е и една од првите од категоријата на повремено и привремено вработени погодени од промените во пресметката на референтната плата.

Во агенцијата за вработување, алгоритмот го замени дигитронот на референтите задолжени за пресметка на надоместот при невработеност. Ова овозможува да се намалат надоместоците на вработените кои имаат периоди на формална неактивност. Според УНЕДИК, заедничкото тело кое управува со системот на надомест за барателите на работа, падот на надоместот сега може да изнесува дури и 43 отсто.[1] Овој дел од реформата ја исполнува својата цел за значителна заштеда (2,3 милијарди евра годишно), но на сметка на најранливите вработени, „сезонците“ кои имаат кратки работни договори на определено време и периоди на невработеност.

„Имам красноречив пример“, објаснува извесна Валери Колин, референт за надомест при невработеност во агенцијата за вработување во регионот Ил-де-Франс, членка на синдикатот Суд, со која се сретнавме во Париз: „…на жена адвокат која имала износ од 56 евра на ден (1.736 евра во текот на 31 ден месечно). Кога ќе се земе предвид при пресметката и периодот на неактивност од неколку месеци, дневниот износ падна на 29 евра (1 073 евра месечно)”. „Ме заболи срцето“, ми се пожали таа, „секој ден луѓето ме прашуваат на телефон: како ќе живеам, како ќе ги хранам моите деца?“

Новиот систем на пресметка, исто така, ги казнува оние кои штотуку започнуваат со својот работен живот: „На крајот од јануари о.г., една колешка беше запрепастена кога се соочи со млада жена на возраст од 19 години која плачеше“, вели Даниел Мемен, референт за вработување во Окситани. „Таа штотуку дозна дека ќе добива само 600 евра месечно како невработена, откако работела повеќе од една година континуирано. Новиот систем за пресметка ја зема предвид дури и еднонеделната летна сезонска работа што ја работела две години претходно. Според стариот метод на пресметка, таа би добила двојно поголем износ за невработеност, околу 1.200 евра. Оваа реформа ги погодува главно младите луѓе, сите оние кои работат сезонски во секторот за брза храна да платат за своите студии, сите оние кои работат мали работи“, вели овој синдикалист.

1 февруари 2022 година, во 20-от арондисман на Париз, пред влезот на дирекцијата на агенцијата за вработување. За прв пат од почетокот на здравствената криза, еден синдикат на вработени протестира, за подобрување на нивните услови за работа. Мегафони, обоени знамиња, читање текстови. „Вработените во агенцијата за вработување ќе ги сносат последиците од реформата во однос на невработените. Стравуваме од големи тензии во агенцијата“, објаснува Пјер Гарнодие, како претставник на синдикатот ЦГТ, овде за повремено и привремено вработените. „Покрај тоа, дирекцијата на агенцијата е во процес на создавање т.н. ‚советници за компензација‘, кои ќе мора да управуваат со до 800 баратели на работа, за сите прашања: кратење на правата поврзани со реформата, прекумерни плаќања итн.“, осудува тој. „Бидејќи ќе биде невозможно веднаш да им се дадат информации, странките во агенцијата ќе бидат во ситуација на немир и голема тензија.“

Малку позади, на тротоарот спроти, десетина поединци држат пароли на кои пишува: „Посредници за вработување: веднаш повлекување на реформата“. Тоа не се вработени во агенцијата за вработување, туку сезонските и повремените работници предводени од Гијом Ренор, 43 години, повремен работник во секторот на хотелите и рестораните, кој се најде без никакви ресурси за време на големата криза на пандемијата. Тој објаснува како цикличниот ритам на неговата професија доведува до намалување на работната активност, а со тоа и до намалување на неговите права: „Реформата е обврска да се работи пет работни дена во неделата. Малку е комплицирано за нас: во мојот сектор, наизменично имаме интензивни периоди на работа и паузи. На настан како Неделата на модата, Деновите на музеите, Турнеја на замоците, ќе работиме и повеќе од 20 часа преку викенд, и повеќе од 70 часа во 10 последователни дена. Бидејќи настанот е тука. Но, нема да имаме работа следната недела“.

Овој Ренор смета дека владата се преправа дека не го гледа секојдневието на трите милиони Французи кои живеат од кратки работни сезонски договори:[2]Ние сме во процес на формирање синдикална унија на лица со повремено, привремено или сезонско вработување, за да ги браниме нашите права, откако забележавме дека тоа се однесува на сите сектори: чистење, лични услуги, култура, туризам, новинарство, безбедност итн. Секогаш откриваме дека сме повеќе“. Извесната Изабела Мелито, 57-годишен туристички водич, протестира заедно со него и е многу вознемирена поради сметководствената бирократска логика на француската влада: „Дали некогаш сте слушнале за туристички водич кој оди во странство и успева да помине само 7,5 часа како водич таму? Ова не е можно. Јас работам во туристички ангажмани, работам и по 16 часа со денови, но само 8 до 10 часа по ден се земени предвид од страна на државата“, се жали таа.

Тоа утро, една Радегонд Гибер (58), повремен сезонски работник во секторот на угостителството, чекаше во редицата која се формираше пред вратата на центарот за вработување во Сен Дени. Оваа баба признава дека „не разбрала ептен ништо за реформата“, освен дека таа ги охрабрува невработените да го бараат невозможното: „Да се најде работа со полно работно време во моментов во угостителството е комплицирано; готвачите се тие кои не сакаат да бидат ангажирани на договор на неодредено време (ЦДИ)“, вели таа. „Работам во ангажман, како привремен работник“, објаснува таа. “Кога нема ангажман, останувам дома. Денес, на пример, не можев да најдам работа, па дојдов да барам информации. Финансиски, загрижена сум многу: имам кирија од 500 евра месечно, работам помеѓу десет и петнаесет дена во месецот и во просек добивам само 900 евра“.

Оваа последна реформа е придружена со финансиски санкции против компаниите кои, според владата, имаат „прекумерна употреба на кратки работни договори“. Принципот на „награда-пенали“ треба да ја модулира стапката на придонес на работодавачот според бројот на прекини на договори за вработување или привремени задачи во однос на работната сила на компанијата во прашање.[3] Овој систем ќе се применува дури од 1 септември 2022 година. Работодавците се загрижени поради последиците и казните за компаниите и привремените работници: „Ако веќе не можеме да користиме дополнителна работна сила, нашиот бизнис исчезнува. Ова ќе доведе до такви дополнителни трошоци што ќе бидеме принудени да ги продаваме нашите услуги по претерани цени“, проценува Ерик Луис, угостител во Авињон, специјализиран за организација на приеми и кетеринг услуги и со обрт од 11,2 милиони евра во 2019 година. „Нашиот бизнис оди нагоре и надолу: на пример, во февруари, ние ќе го направиме нашиот промет само за една недела, поради празниците. Активноста може да се концентрира и во текот на два дена: Во првиот викенд од јули, ми требаат дури 350 луѓе! Имам 57 постојано вработени, но кога имам конференција и неколку приеми во исто време, како да го реализирам сето тоа? Ние не сме ресторан или хотел, или компании кои се во можност да работат според годишниот распоред на работното време“, уверува тој.

Во март 2020 година беше создадена унијата на работодавачи „Организатори на настани и активности“, каде денеска членуваат четиристотини компании од овој сектор. „Има помалку свадби во јануари отколку во јуни, ова не е игнорирано од никого, така што мора да прифатите флексибилно работење“, истакнува, не без иронија,  Седрик Анжелон, нејзиниот претседател. „Казните за кратки работни договори само ќе го поскапат вработувањето на таквата работна сила, тоа не е доблесно. Економијата треба да биде ориентирана кон трудот. И вработениот не треба да плаќа за потребите на компанијата“, пледира тој.

Ерик Шеве, заменик-претседател на Конфедерацијата на мали и средни претпријатија на Франција (ЦПМЕ) го објаснува, „не гледајќи во позитивно светло“, воведувањето на казната: „Засегнатите професионални федерации беа подготвени да работат на овие теми. Но, тие беа ставени во тесно, исто како и барателите на работа во новите пресметки. Тоа е типично француски, оданочување, казна, тоа го знаеме само ние“, се жали јавно тој.

Првите видливи последици од реформите не треба да бидат изненадување. Ова веќе беше очигледно во студијата за влијанието направена од УНЕДИК минатата пролет. Се предвидува дека на повеќе од 1,1 милиони невработени, кои претставуваат повеќе од 40 отсто од засегнатите, ќе им бидат намалени правата до есента 2022 година, со просечно намалување од 17 отсто. Сепак, времетраењето на нивното право ќе се зголеми од 11 на 14 месеци. Зголемувањето на минималниот услов за формален работен ангажман од 4 на 6 месеци – треба да доведе до одложување од една година или повеќе на правото за надомест на невработен за 190.000 лица, и помалку од една година за 285.000 други.

Кога беше контактиран минатиот март, УНЕДИК процени дека е „премногу рано“ да се добијат податоци за да се потврдат или негираат овие неповолни предвидувања. Од гледна точка на агенцијата за вработување, генералниот директор Жан Басерес на прес-конференција на 25 јануари, има изјавено за оваа реформа: „Нашата одговорност не е да ја процениме нејзината имплементација, туку да обучиме советници, да ги информираме барателите на работа и да ги пресметаме финансиските права на корисниците“. Владата на крајот од декември мината година, најави создавање на комисија за надзор.

Сајтот на агенцијата за вработување, сепак, презентира индикативна информација: на пример, се дознава дека во третиот квартал од2021 година, „3.048.200 баратели на работа биле компензирани“, број „намален за 9,6% во текот на еден квартал и за 5,8% во текот на една година“. Овие статистички податоци би можеле да ја поддржат идејата за значителен пад на невработеноста во 2021 година, аргумент што го предложи владата за спроведување на реформата. Но, прво, треба да се погледне што се случува со барателите на работа кои го напуштаат системот на надомест за невработеност. Дали повторно најдоа работа? Дали паднаа во амбисот на социјалните минимуми?

Кристоф Вание (47), жител на Бретања, е без работа од почетокот на пандемиската криза и е еден од оние кои не добиле никаква компензација како невработен од минатата година. Тој бил обучен набрзина: „Пред тоа, бев главен келнер и шеф на смена“, се доверува. “Заработував околу 2.500 евра нето месечно. Мојата кариера е прекината: од минатото лето, јас сум задолжен за противпожарна безбедност во болница, на постојан работен договор, но со минимална плата. Го достигнав самото дно. Дури и кога почнав да работам, не бев на таа плата. Несреќен сум од тоа што го работам.“

Пред ковид пандемијата, Мари-Ноел Т., 59 години, била самовработена како туристички водич и наплаќала за своите услуги преку авторска агенција. За разлика од оној Кристоф, таа не најде постојана работа. Самохрана мајка со дете за издржување, таа стана чувар на јавна градина во Париз со работен договор на дневна основа. Сега таа успева некако да заработи едвај 900 евра месечно: „Претходно, можев да добијам дури 1.500 евра по основ на невработеност. Денес тоа се мизерни 750 евра“, се доверува таа. „Ако мојата сегашна работа заврши, можеби ќе имам право само на 400 евра врз основа на она што го заработувам. Најсуровата работа е тоа што ние веќе сме паднати на едно колено поради ковид пандемијата, а реформата нè тера да паднеме и на второто колено, со нашите глави под вода.”

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] « Réforme de l’assurance chômage », étude de l’Unédic, 04/2021.

[2] « France, portrait social, Édition 2020 », www.insee.fr

[3] « Questions réponse, Bonus-malus assurance chômage », ministère du travail et de l’emploi,  01.07.2021.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW