Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Неутралност – оружје за мир

Разбирајќи дека Западот нема да интервенира директно на нивно тло, украинските водачи би можеле да се откажат од пристапувањето во НАТО, со цел да се запрат борбите и за повлекувањето на руските војници. Сега во срцето на преговорите, статусот на неутрална земја може да изгледа несигурен, но овозможува и поголема автономија на одлучување додека учествува во мирен соживот.

 


Од Филип Декамп


Фото: Ron Lach/Pexels

„Доколку светот не оди кон катастрофа, само политичко решение може да го врати мирот. (…) Целта на договорот би била да се воспостави и гарантира неутралност на народите на Индокина и нивното право на самоопределување какви што се, и секој да биде целосно одговорен за своите работи.“ Во својот говор во Пном Пен против американската интервенција во Виетнам (1 септември 1966 година), генералот Де Гол скицирал решение, со што веројатно би се избегнале уште девет години борби во регионот на Индокина.

По Днестерската војна, покренувајќи ја централната држава против сепаратистичките приднестровски сили поддржани од руската армија во пролетта 1992 година, Молдавија, сепак, се одлучи за едно вакво решение. Поранешната советска република одлучи да воведе „трајна неутралност“ во својот устав, усвоен во јули 1994 година. Се држи до него и покрај политичките алтернации, додека промените во владејачкото мнозинство ја наведоа соседна Украина да го одолговлекува прашањето за нејзините сојузи по распадот на СССР.

На 5 мај 1992 година, соочен со првата декларација за независност на Крим – која потоа заврши со институционален компромис – Киев одби да пристапи кон договорот за колективна безбедност потпишан десет дена подоцна во Ташкент помеѓу Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија, Таџикистан, Киргистан и Узбекистан. Во 1996 година, Грузија, Украина, Азербејџан, а потоа и Молдавија, ја формираа Организацијата за демократија и развој (или ГУАМ, земајќи ја првата буква од името на секоја земја), а со амбиција да се приближат до Европската унија. По „Розовата револуција“ од ноември 2003 година во Грузија и „Портокаловата револуција“ од ноември 2004 година против изборот на Виктор Јанукович во Украина, овие две земји бараат нивно пристапување во Северноатлантската договорна организација (НАТО). Но, во април 2008 година, сепак и Франција и Германија ставија вето за одредување датум за овој пристап. Враќајќи се на власт во февруари 2010 година, Јанукович усвои закон за неутралност на Украина, со кој се забранува секакво учество на неговата земја во воен сојуз.

По неговото соборување од власт во 2014 година, „соработката се интензивираше во неколку области од критична важност“, сега признава НАТО.[i] Парламентот избран во октомври 2014 година го поништи законот за неутралност, а потоа во јуни 2017 година усвои уште еден документ со кој, напротив, пристапот во Европската унија и НАТО стана „стратешки курс“ на надворешната и безбедносната политика на самата Украина. Оваа цел е вклучена и во уставот изменет во 2019 година.[ii] Враќањето на неутралноста ќе бара изнаоѓање квалификувано мнозинство во Парламентот за измена на овој документ, што ќе биде нешто полесно од изборот на силна децентрализација, вклучувајќи и специјален статус за републиките на Донбас.

Низ историјата, неутралноста често се поврзувала со ситуацијата на „тампон“ државите, кои претставувале толку многу „бојни полиња“ помеѓу европски сили. Со пристапувањето кон независност, на Белгија и беше наметнато со Договорот од Лондон од 15 ноември 1831 година, да стане „независна и постојано неутрална држава“. Со воведувањето на оваа клаузула, дворовите на Австрија, Франција, Велика Британија, Прусија и Русија, му дозволија на кралството да доживее осум децении мир, поштедувајќи го особено од тоа да стане дел од бруталната Француско-германска војна од 1870 година. По Наполеонските војни, Парискиот договор од 20 ноември 1815 година, исто така, донесе „формално и автентично признавање на вечната неутралност на Швајцарија“, отворајќи два века на невојување и мир за оваа земја.

Сè до XX век, принципот за неутралност беше дел од меѓународното обичајно право. Истиот понуди заштитна правна рамка за малите земји во Хашките конвенции од 18 октомври 1907 година. Неутралната држава се обврзува да не учествува воено во конфликт со други држави, за возврат на почитувањето на нејзиниот територијален интегритет. Таа се обврзува да не ги поддржува завојуваните страни со човечки или материјални средства или со тоа што ќе ја стави на располагање нејзината територија – вклучувајќи го и нејзиниот воздушен простор. Ова, од друга страна, ја обврзува да се здобие со способност за воена одбрана од секаков напад. Овој инструмент на надворешната политика може да биде привремен – во случај на одреден конфликт или постојан.

Неутралноста се разликува од неврзаноста, што првично произлезе од желбата на многу држави лоцирани на Југот на планетата, да избегаат од логиката и влијанието на двата блока за време на некогашната блоковска Студена војна. Поаѓајќи од заедничката декларација на Насер, Тито, Сукарно и Нехру во 1956 година, Движењето на неврзаните (ДН) сè уште постои, но речиси не ги ангажира своите членови и има многу малку неутрални земји во своите редови. Единствената европска земја во моментов членка, Белорусија, е исто така, парадоксално, дел од проруската Организација на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ). Оваа заедничка одбранбена структура останува под силна контрола на Русија, чии војници, неслучајно, користеа белоруска почва за да јуришаат кон Киев… Малта и Кипар го напуштија ДН со влезот во Европската унија. Украина, Босна и Херцеговина и Србија остануваат со статус на набљудувачи таму. Последнава земја се одлучи и за неутралност, форма наследена уште од Југославија.

Главниот предизвик за неутралните земји е да добијат гаранции за почитување на нивниот статус, кој често се побива. Во 1798 година, француските трупи на Директориумот ја нападнале Швајцарија без да ја земат предвид нејзината веќе вековна традиција. На 2 август 1914 година, Германија и поставила ултиматум на Белгија барајќи право на минување низ Белгија. Два дена подоцна, војниците на кајзерот Вилхелм II минале низ рамната земја, исто така повредувајќи ја и неутралноста на Луксембург. Како гарант на договорот од 1831 година, Велика Британија започнала војна, за да го поддржи Брисел. За време на Втората светска војна, нацистичка Германија воопшто не се двоумела да нападне голем број формално неутрални земји: Норвешка, Холандија, Белгија, Данска, како и Југославија и Грција – со својот италијански фашистички сојузник. Треба да се потсети, дека и Советскиот Сојуз го стори истото во балтичките земји (Естонија, Латвија и Литванија), во романска Бесарабија, а се обиде да ја окупира и една Финска. Велика Британија го нападна Исланд, неутрален како и неговата тогашна данска централа. Бугарија и Турција сами се откажаа од својата привремена неутралност. Со оглед на територијата изгубена со Берлинскиот конгрес во 1878 година, Софија се приклучи на Оската во 1941 година. Анкара се одлучи, во очајни околности, за сојузниците, но дури во февруари 1945 година. Во 1969 година, САД ги бомбардираат Лаос и Камбоџа, вовлекувајќи ги овие две соседни неутрални земји во конфликтот во Виетнам со штетата што сега ја знаеме.

Сепак, неколку земји успеале да ја зачуваат својата неутралност во исклучително тешки времиња – не без одредена акомодација на нивните демократски принципи. Ова беше особено случај за Шведска и Швајцарија за време на двете светски војни. Покрај помалку стратешки интерес – како во Ирска, која излезе сета разурната од нејзината граѓанска војна – овие две земји можеа да си дозволат воени средства за одбрана на својата територија. Војската на Швајцарската конфедерација, организирана главно како милиција според принципот на територијалната одбрана, претставува значајна сила на одвраќање. Имајќи го ова на ум, Шведска го врати воениот рок во 2017 година, откако го укина во 2010 година, и го задржа производството на оружје со големи трошоци. Како „тампон-држави“ за време на Студената војна, Финска и Австрија добија гаранции од двата блока на почетокот од 50-тите години на минатиот век за почитување на нивната неутралност, која исто така беше заштитена и со оружје.

Како реалистичен пристап на една мала земја кон надворешната политика, неутралноста им дава на некои од овие држави дипломатска улога која е надвор од сите пропорции на нивната тежина во демографијата или глобалната економија. Суштински за односот на силите и мирниот соживот со отстранување на заканите, тие во многу наврати донесоа можност за дијалог, и тоа не само меѓу „големите“. Ова беше особено случај со Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС), која се одржа од јули 1973 до август 1975 година, токму во Хелсинки. Како кулминацијата на детантот, Завршниот акт ги постави темелите за траен мир во Европа со почитување на суверенитетот и правата на народите, територијалниот интегритет на државите, но и човековите права и основните слободи.

По распадот на Советскиот Сојуз во декември 1991 година, КЕБС овозможи да се добие од Белорусија, Казахстан и Украина предавање на нуклеарното оружје стационирано на нивно тло и негово пренесување во Русија. Во замена за пристапувањето на овие три земји кон Договорот за неширење на нуклеарното оружје, Меморандумот потпишан во Будимпешта на 5 декември 1994 година ги обврза Русија, Велика Британија и САД да ја почитуваат независноста, суверенитетот и границите на Украина. Сосема е разбирливо, зошто токму сега, Киев  бара многу поцврсти безбедносни гаранции… Трајната неутралност тешко дека е компатибилна со тоталната демилитаризација на Украина, а која сега ја наметнува Русија.

Избран по завршувањето на Студената војна од држави како Туркменистан, Монголија, Молдавија или Србија, статусот на неутрална земја останува непризнаен, дури и презрен. Иако строго воена работа, таа сепак е придружена со голема ширина во политичките прашања. Ова, на пример, не ги спречи Шведска, Австрија и Финска да станат членки на Европската унија, уште  во 1995 година. Истава работа не забранува партнерства за заеднички воени вежби, со НАТО за Шведска и Финска, и со НАТО и ОДКБ за Србија. Ниту, пак, се забранува поврзување со присилни мерки, вклучително и вооружени мерки, но под услов тие да потекнуваат од единственото легитимно тело во меѓународното право: Советот за безбедност на Обединетите нации.

Уште од разбивањето на Прашката пролет во 1968 година, стравот од рускиот експанзионизам никогаш не оставил таков белег врз Европејците, како сега. Инвазијата на Украина предизвика предвидлива реакција во корист на НАТО. Анкетите забележаа трескавичен наплив кај Швеѓаните и Финците, кои традиционално се противат на приклучувањето кон НАТО, а сега наеднаш се залагаат за тоа. Конзервативниот претседател на Финска, Саули Нинисто, сепак, ги повика своите сограѓани да задржат „ладна глава“. Шведската премиерка, социјалдемократката Магдалена Андерсон, исто така, го ублажи жарот на опозиционерите: „Ако Шведска поднесе барање за членство во НАТО во сегашната ситуација, тоа дополнително ќе го дестабилизира овој регион на Европа и ќе ги зголеми тензиите“.[iii] Сепак, и двете земји, неслучајно, воено соработуваат сè поблиску со САД. Не може да се исклучи дека оваа соработка вклучува и тајна компонента на помош слична на онаа што ги поврзува Франција и Швајцарија во 1940 година, а која случајно им беше откриена на Германците.

Непосредно пред инвазијата на Украина, поранешната претседателка на Швајцарската конфедерација и на Советот на Европа, Мишелин Калми-Реј, даде храбар предлог во овие немирни времиња: за да живее според вредностите што ги прокламира и да добие стратешка автономија, Европската унија треба да стане „неутрална и неврзана“ сила, „независна и неагресивна меѓу блоковите“.[iv] Истражувањето од 2019 година на 60.000 луѓе во 14 земји, покажа дека во случај на конфликт меѓу САД и Русија или Кина, огромно мнозинство Европејци не сакаат нивната земја да избира страни.[v] Активната неутралност би била, според Калми-Реј, идеален инструмент за тешкото приближување на интересите на сите земји-членки, како што беше случајот со швајцарските кантони: „Станувањето политичка и воена сила ќе и овозможи на ЕУ да не се потчинува на еден или на друг блок“, објаснува таа, „подобро да се спротивстави на притисокот, да не страда, да не потоне во смирувачки изјави само со ефектите на зборовите, да не се ограничи на однесување на пасивност и неподвижност“. Така полесно би се задоволило барањето на Украина за влез во ЕУ, па дури и кандидатурата на една Швајцарија…

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] « Relations avec l’Ukraine », веб-страница на НАТО, 25.02.2022.

[ii] Уставен амандман од 07.02.2019.

[iii] Ројтерс, 09.03.2022.

[iv] Micheline Calmy-Rey, Pour une neutralité active. De la Suisse à l ‘Europe, Savoir Suisse, 2021.

[v] Европски совет за надворешни односи, IX-2019.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW