Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Уметности

Нелегална трговија со уметнички дела од страна на експерти

…Во Париз, во јуни 2020 година, беа уапсени еден експерт за уметнички дела, една жена поранешен кустос во Лувр, како и претседателот на Управниот одбор на куќата Пјер Берже и соработници, осомничени дека ја прикриле историјата на уметничките дела украдени во 2010 година од Египет, Јемен, Сирија и Либија, за истите потоа да ги препродадат сосема легално, особено на Лувр, Абу Даби и на музејот Метрополитен во Њујорк…

Од Паскал Кораца
Новинар. Автор на неколку дела, особено на Voyage en italique, Transboréal, Париз, 2012.


Фото: Andrew Neel / Pexels

Прашањето за враќање на украдените дела од поранешните колонизирани земји, како и неодамнешните грабежи во регионите погодени од нестабилност, ги истакнаа влоговите, особено политичките и симболичните, во нелегалната трговија со уметнички дела. Но, оваа тајна трговија знаеше и како да оперира со векови без никакво крвопролевање, благодарение на дупките во законите, со воведување на понудата и побарувачката, за значителни суми: „Нелегалната трговија со културни вредности е на трето место меѓу меѓународните криминални активности, веднаш по трговијата со дрога и оружје“, прецизира списанието Гласникот на УНЕСКО од 9 октомври 2020 година. Случајот со грабежот на културното наследство на Италија, богата со етрурски, грчки и римски уметнички дела, наменето главно за САД и нејзините пет илјади музеи, во текот на шеесет години, ја подвлекува финансиската важност на оваа „трговија“, нејзината улога во потрага по престиж и тешкотиите со кои се соочуваат службените лица на органите за прогон.

„Кај нас е подобро да се украде уметничко дело отколку пар фармерки“, ни рече италијанскиот обвинител Паоло Џорџо Фери непосредно пред неговата смрт, што се случи во јуни 2020 година. Иако единица на карабинерите специјализирана за оваа трговија беше создадена уште во 1969 година, дури во 1995 година се формираше посебна група на судии и јавни обвинители за вакви случаи. Фери беше вклучен уште од самиот почеток. Во автомобилот на капетанот на Финансиската гарда (царинска и финансиска полиција во Италија) кој загина во несреќа на автопат во 1994 година, карабинерите откриле фотографии од уметнички дела, и, во неговиот стан, документ напишан со негова рака: организациски план и шема на меѓународната мрежа на нелегалната трговија со уметнички дела.

Предводена лично од – Американецот Роберт „Боб“ Хехт. Име веќе познато на карабинерите. Во 1972 година, тој ја продаде вазната во форма на кратер на античкиот сликар Ефрониј на музејот Метрополитен во Њујорк за еден милион долари. Откако дознале за износот на трансакцијата,  томбаролите – „разбојниците на гробовите“, малите раце на нелегалната трговија со археолошки предмети, на копно или на море – оценуваат дека биле измамени. Хехт тврди дека ја купил вазната од ерменски колекционер, кој истата ја чувал во Швајцарија. Во 1973 година, еден од шесте мажи што ја откопале вазната, тогаш го откриваат на Њујорк Тајмс датумот (1971) и местото на ископувањето: етрурските некрополи на Черветери, северно од Рим1.

Шемата го покажува Џакомо Медичи како помошник на Хехт. Тој живее многу близу до Черветери. Истиот се смета за осомничен за кражба на дваесет илјади монети. „Кога групата за кривичен прогон беше формирана во 1995 година, јас веќе водев истрага за Медичи и неговите односи со аукциската куќа Сотби“, прецизираше Фери, кој го најде британскиот новинар, Питер Вотсон, како сојузник во дадените околности. Истражувањето на Вотсон за Сотби2 предизвика внатрешна ревизија во познатата аукциска куќа, а чии адвокати потоа дојдоа во Рим за да ги достават своите каталози до Фери. Трговците кои работеле за Медичи биле претставени на видно место: „Аукциите им даваат едно педигре на уметничките дела што инаку го немаат,“ објасни Фери. „Тие исто така овозможуваат надувување на цените благодарение на кандидатите-купувачи. Овие ги зголемуваат понудите во име на истиот шеф, кој на крајот одлучува за вредноста на предметот. Медичи продаваше на музеи велејќи: „Го купив за толку многу во Сотби, дај ми уште малку“…

Информациите  дадени од Сотби се засноваат на откритијата направени во 1995 година на слободното пристаниште во Женева, место за складирање во слободна царинска зона кое не подлежи на царинска контрола. Во магацинот на Медичи, карабинерите заплениле шест илјади предмети ископани или украдени, особено грчки и етрурски вазни – кои најлесно може да се продадат, фрагменти од ѕидовите на Помпеја, и пет илјади полароидни фотографии направени од томбаролите кои овозможуваат да се споредат делата со каталозите на Сотби или на музеите. Некои предмети се расцепкани на фрагменти или парчиња. „Продажбата на фрагменти или на парче, овозможува да се избегне кривично дело поврзано со царина,“ прецизира Маурицио Фиорили, застапник на државата во судењето на Медичи. „Трговците го користат ова, пред сè, за да заработат повеќе од купувачите. Тие продаваат еден фрагмент, а потоа друг, сè додека музејот не биде подготвен да потроши цело богатство за да го реконструира делото, парче по парче, кое потоа ќе биде изложено со целиот заслужен публицитет.“

На крајот од овие вкрстени проверки, Фери го обвини Хехт, но и извесна Марион Тру, кустос во музејот Гети, најголемиот приватен музеј на уметност во светот. Иако други установи се поврзани со оваа трговија, како што се оние во Њујорк, Принстон, Бостон, Кливленд, Толедо…, никој немаше средства како тие на калифорнискиот музеј: 250 милиони долари годишно. Милијардерот Пол Гети „имаше и свој остров близу Неапол“, се сеќава Фиорили. „Тој имал и свој брод за океанска пловидба. Кога купил стари монети од илегалците на Черветери, ги донел на островот и, оттаму, директно ги однел во САД.“

Помеѓу 400 и 550 етрурски гробници, според Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), биле ограбени во Черветери, по 1945 година. „Лесе-фер“ („Оставете секој да прави што сака“) беше правилото. Томбаролите ги донесоа своите чинии да јадат напладне“, се сеќава еден локален жител. Сепак, италијанскиот закон од 1939 година предвидува дека предметите можат да се најдат само „случајно“ и дека тие мора да бидат пријавени како такви. Но… „Имам клиент кој секое лето оди да вади амфори од потонат брод“, вели адвокат од Калабрија. „Го советував да оди во префектурата, но државната награда е толку смешна што тој продолжува да тера по свое.“

Во 1970 година, УНЕСКО усвои конвенција насочена кон „Забрана и спречување на недозволен увоз, извоз и трансфер на сопственост на културни добра3“. „Но, по продажбата на вазната на Ефрониј, дејноста, од едно занаетчиство, станува веќе сега индустриска“, објаснува Фабио Исман, новинар во Ил Месаџеро4. Затоа, УНЕСКО во 1995 година формира уште една институција: УНИДРОА (UNIDROIT – Меѓувладина организација на ООН за хармонизација на меѓународното приватно право). Ниту Франција, ниту САД не се членки на оваа институција…

Десет години подоцна, во 2005 година, извесната Тру, обвинета за олеснување на сомнителните аквизиции на музејот Гети, се појави пред римскиот кривичен суд. Тука Фиорили се јавува како застапник на италијанската држава; додека Фери е обвинител. Како на некоја светска премиера. Судијата има добри карти во рака: споредувајќи ги полароидните фотографии пронајдени кај Медичи со каталозите на одредени музеи, ги натера адвокатите на музејот Гети да спроведат внатрешна истрага. Ревизијата, која предлага да се сокријат одредени документи од италијанските власти, стигна и до двајца новинари од Лос Анџелес Тајмс, Џејсон Фелч и Ралф Фрамолино – кандидати за американската новинарска награда Пулицер за 2006 година за ова новинарско истражување, што открива дека половина од најдобрите антички дела во музејот Гети потекнуваат од меѓународна нелегална трговија5.

Во самоодбрана, извесната Тру тврди дека институцијата била „валкана од соработниците“. Таа алудира на Јиржи Фрел, кој во 1974 година преминува од музејот Метрополитен од Њујорк во музејот Гети. Во 1977 година, тој прави аквизиција со 3,8 милиони УСД на античкото ремек-дело Млад победник, што му се припишува на Лисип, портретистот на Александар Велики. Извлечена од море во 1964 година од рибарски брод покрај брегот на Фано, крајбрежен град на Јадранот, статуата станала атракција на музејот, до тој степен што го добила прекарот „Гетиевата бронза“. Исфрлен од САД во 1986 година од фискални причини, Фрел му се придружи на Џанфранко Бекина, другиот помошник на „Боб“ Хехт, според шемата, кој живее на Сицилија, во Кастелветрано, лулка на семејството на наводниот шеф на Коза Ностра – Матео Месина Денаро.

Може да се запрашаме: како организациите од типот на ‘Ндрангета, Коза Ностра или Камора можат да ја игнорираат трговијата вредна од 6 до 15 милијарди евра годишно, според проценката на Едуард Планш, одговорен од 2007 година за програмата за борба против недозволена трговија со културни добра и во корист на нивно враќање во УНЕСКО? „Оваа работа е доста лукративна,“ признава Фери. „Како и да е, секторот е премногу специфичен: на меѓународен трговец со уметнички дела му треба експертиза што ја нема организираниот криминал.“ Пред темпирањето: Но, териториите се под контрола…“ Кога карабинерите извршија рација во просториите на Бекина во 2002 година, во слободната царинска зона на Базел, запленија дури 6.315 уметнички дела, 8.000 фотографии, 13.000 документи. Имаат сознание дека тој си купил палата во Кастелветрано. Сепак, „италијанските тајни служби не можеа да докажат дека имал врски со мафијата“, објаснува Исман.

Во 2011 година, Бекина беше прогласен за виновен за нелегална трговија со антиквитети, а потоа беше ослободен по жалба, поради застареност на случајот. Како и една година порано, за извесната Тру. Како и за оној Хехт, шефот на мрежата. Сите пуштени, освен Медичи. Суден во 2004 година, тој немаше корист од т.н. закон Чириели, кој е донесен следната година, и ги преполовува роковите за застареност на судските предмети. Медичи беше осуден на осум години затворска казна, но дома, како и секој обвинет над 70 години старост – со други зборови, куќен притвор во неговата луксузна вила. Што се однесува до илегалната трговија, таа си опстојува. Во 2016 година, карабинерите извршија рација во швајцарските магацини на извесен Робин Сајмс, Британец, кој заедно со спомнатиот Хехт, го продаваше на поголемите западни музеи – во САД, Јапонија, Франција, Велика Британија, Израел итн. – тоа што ќе го обезбеди Медичи. Оваа полициска заплена вклучува дури 17.000 уметнички дела, две етрурски саркофази, фрагменти од фреска од Помпеја и мермерна глава на Аполон, кои датираат од I век п.н.е…

Фери испитал 2.500 луѓе; остануваат уште илјадници. Од 1969 година, карабинерите успеале да вратат 800.000 дела, но, според Фиорили, „80% од етрурските или римските предмети на пазарот, се од тајно потекло”. „Музејот Гети се согласи да ни врати голем број дела“, истакнува Франческо Рутели, министер за култура помеѓу 2006 и 2008 година, во владата на тогашниот италијански премиер Романо Проди. Меѓу нив, Афродита од Моргантина, купена за 18 милиони долари – највисоката цена платена за некое античко дело. Вазната на Астеас, продадена од Бекина на музејот Гети, беше вратена во Италија во 2005 година, три години пред вазната на Ефрониј.

Останува веќе спомнатата „Гетиева бронза“. Уставниот суд на Италија се произнесе дека, иако уметничкиот предмет бил пронајден во меѓународни води и донесен на копно од страна на италијански брод, сепак бил италијански. „Со нетрпение очекуваме да поднесеме жалба до Европскиот суд за човекови права“, ни вели Џули Џаскол, претставничка на Фондацијата Гети. Бидејќи, во 1968 година, касациониот суд пресуди дека нема доказ дека статуата е сопственост на Италија. Продолжување на правната борба: оружјето на Американците. Оружјето на Италијанците: забрана на позајмување на уметнички предмети за музеите преку Атлантикот.

Како и да е, и на други места, бизнисот си продолжува. Во Париз, во јуни 2020 година, беа уапсени еден експерт за уметнички дела, една жена поранешен кустос во Лувр, како и претседателот на Управниот одбор на куќата Пјер Берже и соработници, осомничени дека ја прикриле историјата на уметничките дела украдени во 2010 година од Египет, Јемен, Сирија и Либија, за истите потоа да ги препродадат сосема легално, особено на Лувр, Абу Даби и на музејот Метрополитен во Њујорк.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти: 

  1.  Nicholas Gage, « Farmhand tells of finding MET’s vase in Italian tomb », The New York Times, 25.02.1973.
  2.  Peter Watson, Sotheby’s : The Inside Story, Random House, New York, 1997.
  3.  Види: Philippe Baqué, « Enquête sur le pillage des objets d’art », Le Monde diplomatique, јануари 2005.
  4.  Види: Fabio Isman, I predatori dell’arte perduta. Il saccheggio dell’archeologia in Italia, Skira, Milan, 2009.
  5.  Ralph Frammolino et Jason Felch, « The Getty’s troubled goddess », Los Angeles Times, 03 .01.2007.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW