Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Неконтролирани цени на енергијата

Европските носители на одлуки се колнеа: конкуренцијата ќе ги намали цените на бензинот и електричната енергија, во корист на домаќинствата и бизнисите. Спротивното се случува во последниве дваесет години. Ако хаотичното закрепнување на економијата шокирана од пандемијата го објаснува потеклото на сегашниот пораст, дерегулацијата, сепак, генерира уште позагрижувачко структурно зголемување на цените.

Од Орелијан Берние
Автор на книгата, Les voleurs d'énergie. Accaparement et privatisation de l’électricité, du gaz, du pétrole, Utopia editions, 2018 г., и на L'illusion localiste, Utopia editions, 2020 г.


Фото: Uva Rova/ Pexels

Од крајот на летото 2021 година, цените на енергијата се зголемуваат во сите региони во светот. Оттогаш, регулираната тарифа за гас во Франција се зголеми дури за 57% за домаќинствата од јануари о.г. Електричната енергија оди по истиот пат: за десет години, од 120 евра за мегават час до 190 евра, а сметката на физички лица ќе скокне до небото во 2022 година. Оваа криза ја доведе инфлацијата во еврозоната на највисоко ниво од 2008 година (3,4% на годишно ниво) и особено им се заканува на посиромашните слоеви и бизнисите. Иако многу економски коментатори гледаат само конјунктурни или актуелни пазарни причини, вистинските причини, сепак, треба да се бараат во самиот Брисел.

На 19 декември 1996 година, земјите од Европската унија усвоија Директива за „заеднички правила за внатрешниот пазар на електрична енергија“. За регулирање на овој природен монопол, многу земји-членки изградија интегрирана јавна услуга, која обезбедува производство, транспорт и дистрибуција. Но, Брисел сака да се воспостави „и конкурентен и компетитивен пазар на електрична енергија“. Помалку од две години покасно, со друга директива се започна приватизацијата на секторот на гас.

Методот беше развиван од економисти од т.н. Чикашка монетаристичка школа, а што било тестирано во Чиле, а потоа и во самата Велика Британија. Тука се имплементираат два принципа. Целта на “делбениот биланс” е да се изолираат активностите претходно интегрирани во истото јавно претпријатие, а со цел потоа да бидат независни една од друга. Во овој контекст, мора да се посвети посебно внимание на активностите за управување со мрежата, и сметководствено, а потоа и правно, за да се понуди „фер“ третман за сите производители и добавувачи кои ќе се натпреваруваат на дерегулираните пазари. Во текот на 2000-тите, француската компанија за пренос на струја (РТЕ) и француската компанија за дистрибуција на струја (ЕРДФ, сега Енедис) беа, преку делбен биланс, одвоени од Електростопанството на Франција (ЕДФ). Кај француската државна гасоводна компанија ГДФ (која стана ГДФ Суец по нејзината приватизација, а потоа Анжи), гасоводната мрежа под висок притисок и активностите за дистрибуција беа префрлени, одвоено, на компаниите ГРТГаз и на ГРДФ.

Така, создавањето берзи за гас и електрична енергија, на кои се формираат пазарните цени, одговара на вториот основен принцип на неолибералниот модел на спомнатата Чикашка школа од САД. Тие се замислени како замена на тарифите регулирани и контролирани од државните органи. Во Франција, берзанската компанија Пауернекст ја отвори својата берза на електрична енергија во 2001 година и својата берза на гас во 2008 година, пред националните пазари постепено да се интегрираат на европско ниво. Неколку видови договори се пуштаат во оптек за да ги покријат потребите на добавувачите. Терминските договори за идни испораки (т.н. futures contracts), склучени на берзите, овозможуваат одложена испорака до следната година, квартал, месец или недела – за однапред склучена цена и количина (т.е. плаќаш сега, добиваш подоцна). Другите, т.н. спот-договори или договори за лице место, се однесуваат на итни и моментални испораки, вообичаено за следниот ден или за следните неколку дена и набавки во реално време (по принципот: плаќаш веднаш, добиваш веднаш).

Либерализацијата на секторите на гас и електрична енергија не ги имаше истите политички влогови или истите тешкотии. Треба да се потенцира дека Франција практично не произведува гас и мора да го увезе. Француските главни добавувачи на гас во 2020 година беа: Норвешка со 36%, Русија 17%, Холандија и Алжир 8% и Нигерија со 7%.[1] Откако управувањето со мрежата ќе стане „независно“ од историскиот основач и државен монопол, неговите приватни конкуренти можат да купат гас од земјите-производители и да го продадат на потрошувачите со плаќање едноставна такса за користење на француската гасоводна инфраструктура. Најконкурентен снабдувач е оној кој купува по најдобра цена… или кој најдобро ги компресира своите оперативни трошоци.

Во минатото, ГДФ склучуваше долгорочни и сигурни договори за снабдување со гас, обично за период од 10 до 15 години. Покрај сигурноста во снабдувањето, времетраењето на договорите нудеше и предност за финансирање на инфраструктурата (гасоводи, транспортери на ТНГ, терминали, итн.), без преземање прекумерен ризик. Во првите денови на приватизацијата, повеќето нови добавувачи на гас, исто така, ги купуваа своите резерви преку долгорочни договори. Но, под влијание на засилување на конкуренцијата, спот-договорите стануваат се повеќе од суштинско значење.

Според Томас Реверди, социолог специјализиран за цените на енергијата, оваа тенденција се должи многу на опортунизмот на индустријалците. „Кога почнаа да паѓаат цените на спот-договорите, големите потрошувачи побараа од нивните добавувачи да им извлечат корист од овој пад. За да се исполни оваа побарувачка, добавувачите се откажаа од долгорочни договори и склучуваа договори за инстант испорака на самото место. Така, пазарот на овие спот-договори, сега, добива многу поголема важност во одредувањето на цените“.[2] Тренд нагласен со порастот на течниот гас, чиј транспорт со специјални бродови ја зајакнува ликвидноста на пазарот, но и неговата нестабилност. Веќе во 2015 година, долгорочните договори за испорака сочинуваат само една третина од трансакциите на европско ниво. Секогаш подложни на економската конјуктура (економски услови, надворешни температури, итн.), цените на гасот стануваат многу почувствителни на шпекулативната логика и промените на берзата сега имаат подиректно влијание врз крајните потрошувачи.

Воведувањето конкуренција во секторот на електричната енергија беше многу потешко отколку за гасот. Не само што Франција произведува многу повеќе струја отколку што реално троши, туку ЕДФ ги поседува повеќето средства за производство и, особено, нуклеарните централи, за кои не станува збор дека државата евентуално би ги приватизирала, дури и само делумно. Европската унија нема друг избор освен да ја прилагоди либералната економска теорија на оваа француска ситуација.

Со цел да се отвори дупка во квази-монополот на ЕДФ, Брисел започнува со поддршка на приватниот развој на обновливи електрични енергии. Охрабрува систем за субвенционирање од нов вид: тарифа за набавка по гарантирана цена, многу повисока од просечната цена на производството на електрична енергија. Законот од 10 февруари 2000 година „за модернизација и развој на јавниот сервис за електрична енергија“, го воспоставува овој принцип во Франција. Финансирано од сите потрошувачи преку данок на потрошувачка, оваа помош пропорционална со количината на произведена енергија „обезбедува“ приватни инвестиции. Со појавата на производствените сектори во Азија, цените на фотоволтаичните модули и генераторите на ветер почнаа бргу да паѓаат пред десетина години. Благодарение на тарифата за преференцијални цени, развојот на овие електрични проекти за обновливи извори станува многу профитабилен и генерира вистинско лудило, не без перверзни ефекти со стихијна реализација на инфраструктурите. За периодот 2002-2013 година, Регулаторната комисија за енергетика (ЦРЕ) ја проценува цената на субвенцијата на износ дури од 7,4 милијарди евра. Во 2020 година, инсталираниот капацитет претставуваше 28 гигавати фотоволтаична и ветерна енергија, главно од приватни извори, и 93 гигавати за групата електрани на државниот оператор. Овој пробив на обновливите извори на енергија во инсталиран капацитет, сепак, мора да се оквалификува земајќи го предвид „факторот на оптоварување“, односно годишната стапка на искористеност на средствата за производство како такви. Во 2020 година, ова било само 14,4% за фотоволтаици, 23% за термички извори, 26,5% за ветер, 29% за хидроцентрали и 61% за нуклеарни централи.

Знаејќи дека ЕДФ сепак ќе ја задржи решителната предност во однос на производството на струја, бидејќи ќе продолжи да располага со нуклеарни централи, Европската унија, всушност, сака да создаде конкуренција во однос на снабдувањето во овој сектор. Но, во овој случај, прашањето за цената е клучно, бидејќи за да се етаблираат, приватните добавувачи на електрична енергија мора да предлагаат конкурентни понуди.

Како и да е, Париз и Брисел направија компромис пред неколку години. Од една страна, ЕДФ ќе остави една четвртина од своето производство на струја од нуклеарните централи на располагање на своите конкуренти на францускиот пазар секоја година, што ќе им го продава по стапка ограничена од државните органи. Овој систем се нарекува Регулиран пристап до електрична енергија од државните нуклеарни централи (т.н. Аренх). Од друга страна, тарифите регулирани од државните органи кои ги одразуваат трошоците за производство на ЕДФ, мора да отстапат место пред пазарните цени. За потрошувачите кои не се жители (сите потрошувачи освен физички лица), прашањето е решено со целосно отстранување на регулираните „жолти“ и „зелени“ тарифи во 2016 година. За домаќинствата, пресметката на „сината“ тарифа на ЕДФ е изменета и вклучува компонента што ја отсликува цената на електричната енергија на европската берза; на овој начин, ако пазарните цени растат, се зголемува и регулираната тарифа[3], и без оправдување во трошоците за производство.

Во поново време, Брисел сакаше да поттикне и еден нов вид комерцијална понуда наречена „динамично формирање цени“. Во овој систем за наплата, берзанските цени се пренесуваат во реално време (час по час) на потрошувачот благодарение на технологијата на познатите бројачи за комуникација „Линки“. Европската директива од 5 јуни 2019 година не само што го одобрува ваквото динамично формирање цени, туку и го наметнува на „секој добавувач кој има повеќе од 200.000 крајни корисници“. Овој метод на пресметка го префрла ризикот од берзата кон домаќинствата, локалните власти и компаниите-потрошувачи.

Постепената замена на регулираните тарифи со пазарни цени не е банална промена. Во „стариот систем“ на електрична енергија, оној на францускиот јавен сервис, тарифите се дефинирани на таков начин што ќе им овозможат на потрошувачите снабдување по најдобра цена, а истовремено ќе му овозможат на ЕДФ да ги направи потребните инвестиции за правилно функционирање на мрежата. Државниот оператор ги користи своите средства за производство според „редоследот на заслуга“: најевтините за работење (ветер, соларна енергија, хидраулика на течението на реката и нуклеарна енергија) се повикуваат први, најскапите (термоцентрали) последни. Државата потоа применува тарифна регулатива која ги одредува цените платени од потрошувачите, што одразува „целосен трошок“ и оптимизиран енергетски микс.

Со берзата на електрична енергија, работите стојат сосема поинаку. Цената на мегават-часот постојано варира во текот на денот, сосема во зависност од понудата и побарувачката. Во периоди на максимална потрошувачка, пазарот може да им понуди лесен профит на операторите на термо или хидроцентрали кои обезбедуваат рамнотежа на европската мрежа. За профитерски настроен оператор, примамливо е да се резервира стартување на овие постројки во моменти кога цените се највисоки… и со тоа да ги зголеми цените уште повисоко.

Со оглед на тоа што електраните на гас учествуваат во просек со 20% од вкупното европско производство (во 2020 година) и особено во периоди на најголемото производство, зголемувањето на цената на ова гориво се рефлектира и во цените на електричната енергија како таква. На ова се додаваат зголемувањето на цената на јаглеродот и флуктуациите на другите пазари изградени по истата шема: сертификати за заштеда на енергија, сертификати за потекло за обновливи енергии, сертификати за капацитетот што ги користат добавувачите за резервирање на средства за производство… Цената на електричната енергија сега стана еден куп на берзански механизми.

Соочени со големиот тековен ценовен шок од есента 2021 година, владите сега се обидуваат да интервенираат, но се затрупани од овој неверојатно комплексен механизам, особено затоа што тие ги жртвуваа повеќето од своите средства за регулација на олтарот на европската конкуренција. Останува данокот на енергија, намален од Италија, Шпанија или Португалија, а со цел да се задржи зголемувањето на сметките. Во Франција, владата воведува „енергетски ваучер“ за речиси 6 милиони домаќинства со ниски примања и ги одложува планираните зголемувања на тарифите по октомври 2021 година за гас и февруари 2022 година за електрична енергија. Потрошувачите, сепак, ќе ја платат крајната цена, но подоцна, во период кога може да има и најави за пад на пазарните цени… или крај на националните избори.

Овие циклични реагирања не се илузија. Здруженијата на потрошувачи се поотворено го осудуваат овој систем и им се придружуваат големи индустриски потрошувачи кои се соочуваат со критична ситуација со зголемени трошоци за производство. Од своја страна, синдикатите ги зголемуваат иницијативите со кои се бара враќање на енергијата исклучиво под капата на државата. Во своето досие на анализа, Синдикатот за енергетика на Франција бара „електричната енергија да се тргне од пазарот и берзата“ и „да се врати на долгорочно, инвестициско планирање, со стабилни, лесно разбирливи и праведни тарифни стапки“.[4] Од своја страна, Синдикатот на работниците во рударството и енергетиката се залага за “Прогресивната програма за енергија”, а со цел да се изгради реновиран јавен сервис, вклучувајќи ефикасност и енергетски перформанси.[5]

Ако порастот на цените доведе до одложување на проектот „Херкулес“ за демонтирање на ЕДФ[6], сепак не се предвидува промена од страната на Брисел, кој упорно опстојува во својата логика за дерегулација и приватизација. Оттука, извлекувањето на енергијата од пазарната логика покренува едно друго прашање, со многу пошироки последици: како да се ослободите од овој ултралиберален европски закон што им се наметнува на државите?

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] « Chiffres clés de l’énergie. Édition 2021 », ministère de la transition écologique, септември 2021 година.

[2] Сп. Thomas Reverdy, La construction politique du prix de l’énergie, Presses de Sciences Po, Париз, 2014 година.

[3] Прочитајте: Aurélien Bernier, « Électricité, le prix de la concurrence », Le Monde diplomatique, мај 2019 година.

[4] « Augmentation des prix de l’électricité́ : dossier d’analyse », SUD-Énergie, 16 септември 2021 година, www.sudenergie.org

[5] « Programme progressiste de l’énergie de la FNME CGT » достапно на: www.energie-servicepublic.com

[6] Прочитајте: Anne Debrégeas et David Garcia, «Qui veut la mort d’EDF ? » Le Monde diplomatique, февруари 2021 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW