Le Monde Diplomatique – Македонско издание

„Не е никакво чудо што сите овие области паднаа толку брзо!“

Како можела политичката елита на Авганистан да заглави во оваа однапред загубена борба? Многумина покажуваат со прст кон поранешниот претседател Гани, корумпиран претседател кој се борел напорно и покрај многуте гласови кои повикувале за негово заминување од функцијата. Парламентот остана апсолутно слаб: „Секој интервенира само за себе,“ сведочеше извесна Шинкаи Карохаил, избрана од Кабул како независен кандидат. „Нема политички блокови. Затоа е тешко да се спроведе каква било контрола врз владата во парламентот“.

Од специјалниот дописник од Кабул и Кандахар, Ромен Милкарек
Новинар, автор на Marchands d'armes. Enquête sur un business français, Éditions Tallandier, Париз, 2017 година.


Фото: Andre Klimke / Unsplash

Во овие први денови од август, Кабул веќе доживува хаос што тешко може да се опише. Во Шахр-е-Нау, еден од парковите во градот, се сместуваат збиено раселените луѓе од северните провинции, прогонети од напредувањето на Талибанците. „Ако не можете да помогнете, тогаш што барате овде?“ извикува една млада жена, чии очи сјаат од гнев зад чистата бурка што ја носи, како и сите други жени. Визуелен шок во главниот град. До доаѓањето на бегалците, малкумина од неговите жителки носеа нешто повеќе од лесни шалови и шамии.

Мажи, жени, стари луѓе, деца: секој се бори во стампедо надвор од контрола за да извлече леб, тепих или церада за да го засолни семејството во зелените површини на оваа кадифена населба.

Двајца мажи се држат настрана од стампедото, гледајќи во далечниот празен хоризонт. Бахадур1 дошол од Кундуз, кој падна во рацете на Талибанците на 11 август. „Ситуацијата не престанува да биде сè полоша“, сведочи тој. „Нема кој да дисциплинира, никаква организација.“ Со солзи во очите, неговиот сосед додава: „Талибанците запалија сè. Буквално сè. Пазарите, продавниците, куќите. Мојот син го убија. А тој имаше само 10 години“.

Петстотини километри подалеку, се наоѓа Кандахар, стратешки град на југот на земјата. Во локалниот центар што го води Хендикеп Интернационал (ХИ), ни се јадосува еден по име Рахматулах. Две недели порано, погоден од ракета, ги загубил двете нозе: „Бегавме од нашата куќа за да избегаме од борбите“. Овој млад човек на возраст од 25 години се нашол во престрелка меѓу Талибанците и авганистанската армија. „Благодарен сум што имам малку образование. Ќе можам да работам нешто. Со протези, сепак ќе можам да се движам. А, другите ги загубија животите“.

Цивилите се засолнуваат каде што можат и каде што ќе стигнат. Среде урнатините, луѓето што обично живееле од ситни ангажмани за кои се плаќала дневница, сега чекаат помош, потопени во тежок мирис на измет, урина и неизбањатост. Едукатор од ХИ им покажува на децата илустрација каде две деца се обидуваат да најдат нешто во рушевините: „Допирање непознати работи е правилно или погрешно?“ „Погрешно е!“ – извикуваат тие, веќе свесни дека се може да ги чини живот – или екстремитет. Како ова 13-годишно момче кое се обидува да се движи на својата нова пластична нога. Неговиот брат, сепак, се чини дека не им замерува на Талибанците: „Тие беа насочени кон некој друг, еден локален воен племенски командант, кој, за жал, загуби само неколку прсти“. Размислување што ја отсликува душевната состојба на некои Авганистанци.

Востаниците се „добри терористи, но лоши војници. Овие војници на мопеди (…), па, тоа не е застрашувачка војска“, потврдува, одлучно, на емисија на ТВ БФМ, „филозофот и писателот“ Бернар-Анри Леви, на 16 август – ден по падот на Кабул. „Јас  бев на теренот пред некое време, ги видов авганистанските градови“, продолжува тој. „Жените не носеа бурки, новинарите даваа слободни и често точни информации, во атмосферата имаше мирис на слобода што почна пред дваесет години. Талибанците не се стремеа за власт. Тие се криеја“. Како е можно, по толку години, да се биде толку погрешен за стратешката компетентност на ова востание? Се верува дека движењето има до 100.000 борци. Далеку од тоа дека е банална, употребата на мопеди им овозможи да оперираат без да заглават во сообраќајот, што доведе до забрана на овие средства за движење во повеќето градови. Само една недела пред заземањето на Кандахар, градот го покажа спротивното од она што го кажува овој Бернар-Анри Леви. Ако многу луѓе искочија на улиците и покрај доаѓањето на бунтовниците, жените беа тотално невидливи, освен неколку скриени бурки овде-онде2.

И покрај нивната вистинска слобода на дејствување, главните авганистански медиуми беа измамени од погрешните бројки лиферувани од владата, кои зборуваа за „стотици  мртви“ во редовите на востаниците, додека тие беспрекорно напредуваа. Лаги што медиумите ги пренесоа без навистина да ги проверуваат.

Своите мртви и ранети, авганистанските власти систематски ги криеја. Една ноќ, додека новинарите чекаа на аеродромот во Кабул да снимаат авиони на воздухопловните сили, беа поканети да влезат во еден хангар во близина. Надвор, западен советник за безбедност гледа што сакаат да сокријат авганистанските офицери: авиони што носат војници ранети или убиени со стотици. Не беа дадени бројки, но извор близок до режимот откри за американското списание Форин полиси дека имало околу 5.000 загуби месечно. Спротивно на она што го повторија телевизиските експерти, не само што некои од авганистанските војници се бореа, туку и беа тешко погодени3.

Мохамед, од друга страна, не е филозоф. Работел во неколку национални и меѓународни институции. Во Кандахар, тој ја опишува општата состојба на духот: „Не беше никакво чудо што сите овие области паднаа толку брзо! Луѓето се исцрпени од страдањата направени од локалните племенски воени команданти кои се на страната на владата. Дури и ако никој не знае што навистина ќе направат Талибанците.“ Дури и пред почетокот на оваа офанзива, Талибанците контролираа 75 области, главно рурални, и беа присутни во поголемиот дел од другите. Не само што немаа намера да запрат, туку Талибанците понудија услуги кои се пристојни, а понекогаш и подобри, од оние на владата погодена од корупција, со свои правила и практики што ги исполнија очекувањата на голем дел од населението, за кое правата на жените се далеку од тоа да се приоритет.

Кога бунтовниците напредувале кон нив, на војниците, малкумина по број, и често изолирани, брзо им снемало муниција и храна. Ретко стигнувале засилувања, бидејќи владата во Кабул се фокусирала повеќе на големите градови. Талибанците потоа испратиле старешини од околните села, т.н. „бели бради“, кои преговарале за предавање на војската – предавање кое било многу полесно прифатено бидејќи моралот бил на најниското можно ниво. Од 180.000 војници и 100.000 паравојници кои ги сочинувале авганистанските вооружени сили4, огромното мнозинство го положило оружјето. Од своја страна, авганистанското Министерство за одбрана и неговите портпароли секојдневно објавуваат масакр на стотици Талибанци. Тотално надувани бројки.

Пред да ги нападнат градовите, бунтовниците започнале со постепена и сигурна изолација на земјата. Тие ги прекинале патиштата за комуникација помеѓу градовите, а потоа ги заземале повеќето од триесетте гранични пунктови, лишувајќи ја владата од извор на приход и контрола, истовремено обезбедувајќи за себе контрола на артикли, особено продукти на храна.

Конечно, тие ја изненадуваат авганистанската армија со отворање на втор фронт, сега на север на земјата. Додека интензивните борби ги мобилизираат владините силите на југ, околу Кандахар и Хелманд, талибанските борци отидоа да го освојат горниот дел на државата. Предвидувајќи можна обнова на Северната алијанса – собир на племенски воени команданти кои се бореле против нив во 1990-тите, Талибанците убиваат какви било навестувања за контраофанзиви што би дошле од историски неповолни провинции.

Кога Талибанците се приближуваат кон Кабул, војската и полицијата, иако се многубројни, повеќе не знаат што да прават. Нивните команданти и офицери не им кажуваат ништо. „Што  се случува во Доха?“, прашува воен офицер ден пред капитулацијата, преку апликацијата УотсАп, од неговата удобна канцеларија во Министерството за одбрана. На периферијата на Кабул на 15 август, Талибанците првично изјавуваат дека нема да влезат во градот. Потоа, сфаќајќи дека нема апсолутно никој останат да се соочи со нив и дека претседателот Ашраф Гани веќе избегал, тие решаваат да ја преземаат контролата врз градот.

Како можела политичката елита на Авганистан да заглави во оваа однапред загубена борба? Многумина покажуваат со прст кон поранешниот претседател Гани, корумпиран претседател кој се борел напорно и покрај многуте гласови кои повикувале за негово заминување од функцијата. Парламентот5 остана апсолутно слаб: „Секој интервенира само за себе,“ сведочеше извесна Шинкаи Карохаил, избрана од Кабул како независен кандидат. „Нема политички блокови. Затоа е тешко да се спроведе каква било контрола врз владата во парламентот“.

Што се однесува до историските племенски воени команданти, повеќето продолжија да ги бранат своите интереси и интересите на нивните локални племенски заедници. За толку познатите муџахедини во борбата против Советите, во 1980-тите, сега борбата е завршена. Во Херат, стариот Исмаил Кан (75 г.) на крајот се предаде. Од своја страна, поранешниот потпретседател на државата (2014-2020), Абдул Рашид Достом (67 г.), кој ги претставуваше Узбеците, започна со ветување смрт на Талибанците заедно со неговиот син на социјалните мрежи, за потоа да избега директно во Узбекистан.

Синот на славниот племенски воен командант Ахмад Чах Масуд кој своевремено беше икона во Франција, Ахмад Масуд, се чини дека ја презеде функцијата во париските кругови, но не ја избегна катастрофата во Авганистан. Се врати во својата долина за да се закотви таму. „Се вратив пред неколку години“, ни објаснува тој, „да ги вратам дома вредностите што ги научив на Запад: човекови права и демократија“. Наследникот на „лавот од Паншир“ го доби најдоброто можно образование дури во Лондон. Но, малкумина Авганистанци му даваат доверба надвор од неговата родна провинција, која има само 150.000 жители. Во неговата лична придружба, има луѓе кои се фалат дека располагаат дури со 20.000 луѓе веднаш подготвени да се борат. Тоа се теоретски волонтери, со празни раце и никој повеќе не смета на нив.

Други политичари се уште се обидуваат да се позиционираат за да не го пропуштат бродот. Три личности од минатото на Авганистан побрзаа да ја искористат можноста: па нели победниците дадоа ветување за „инклузивна влада“? Тројцата мажи веруваат дека можат да дадат некои гаранции за отвореност, за да ја уверат „меѓународната заедница“, која повикува на влада на национално единство. Поранешниот претседател Хамид Карзаи (2001-2014) брзо понуди да се сретне со новите господари на земјата. Присутен е и Абдула, кој тврди дека победил на претседателските избори во 2014 и 2019 година, истовремено кандидат со Гани. Сега како шеф на Високиот совет за национално помирување во Авганистан, тој веќе се обидувал да учествува во разговорите во Катар кога делегацијата испратена од Доналд Трамп преговарала со Талибанците – но без никаков успех. Конечно, и Гулбудин Хекматијар, водачот на Хезб-е-Ислами Авганистан, исто така, го направи првиот обид. Неговата партија, оквалификувана како терористичка од западњаците, но историски популарна во земјата, избра да земе оружје против странскиот освојувач, пред да склучи мир со владата во Кабул во 2016 година. Одговорен за фаталната заседа во Узбин против Французите во 2008 година, тој сега се обидува да се постави некаде…

Додека големите продолжуваат да се натпреваруваат за трошките од власта, еден голем дел од населението очајно бара излез од оваа вонредна ситуација. Бегајте, без оглед на цената, од очекуваниот терор на новото талибанско владеење. Овој офицер на специјалните сили на владата – што го сретнав пред падот на Кабул, на пример – дојде со неговиот 12 -годишен син, со надеж дека ќе има начин да го спаси. „Ве молам, господине“, детето ни кажа на правилен англиски јазик. „Сакам да одам во Франција, да се школувам таму. Тука нема никаква безбедност, повеќе не можам да одам на училиште“.

За многу Авганистанци, егзилот е единственото решение. Оние кои работеле за владата или за странски армии или организации, се убедени дека нивниот живот е загрозен и дека ветената амнестија не е ништо повеќе од една обична измама од Талибанците. САД ја забрзуваат евакуацијата на повеќе од четири илјади локални преведувачи, на кои им се доделуваат специјални визи. Помалку дарежливи во овој поглед, повеќето европски земји, вклучително Франција, Германија и Холандија, сепак ги суспендираа протерувањата на авганистанските бегалци од нивната територија.

Оние што можеа да си го дозволат, веќе си заминаа. Сите, или скоро сите, политичари и шефови на милицијата веќе ги имаат испратено своите семејства во странство, на сигурно. За другите, тоа е стампедо. Редицата на оние што се надеваат на виза за бегање во Иран или Турција, се зголемува со недели. Предоцна.

Талибанците веќе победија. Лоши вести за Авганистанците? Еден жител на Кандахар го опишува олеснувањето во неговиот град по предавањето на владините сили: „Гувернерот на Талибанците побара од службениците да се вратат на работа. Нивното големо знаме се вее на неговата резиденција. Нивните борци не му пречат на народот, кој изгледа дека, генерално, е среќен. Има дури и такви кои ги поздравија со солзи во очите. Сите почнуваат да си одат дома. Нормален живот, без проблеми“. И во 1995 година, имаше сцени на масовна прослава на улиците во Кабул откако Талибанците ги соборија од власт муџахедините од Северната алијанса. Потоа, населението сфати дека ова не значи крај на војната, туку само почеток на еден друг, нов пекол.

Преведено од: Дарко Путилов

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW