Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Западниот извоз кој ги уништува напорите на локалните екологисти

Наплив на ѓубре во југоисточна Азија

Во Индонезија, но исто така и во Малезија, Тајланд, Филипини и Виетнам, се повторува истата приказна: онаа на бескрупулозните претприемачи кои тврдат дека рециклираат пластичен отпад. Во многу случаи, пластичниот отпад е само подреден, изгорен на отворено или расфрлан во дивината

Од Видал
Антрополог, авторка на есејот „Égologie.Écologie, individualisme et course au bonheur“, Le Monde à l’envers, Гренобл, 2017 година


Фото: Claudio Schwarz / Unsplash

Во раните часови од денот, купишта мртви лисја и пластични обвивки се горат пред домовите во Kalianyar, село во источна Јава, во кое живее г. Сламет Ријади. Тој работи во туризам откако сам научил англиски. Тој знае дека горењето не прави сè да исчезне. „Бидејќи веќе не можат да видат ништо, селаните веруваат дека не останува ништо. Но, пластиката останува!“ Тој би сакал да основа здружение за сортирање на отпад, да го продава тоа што може да се рециклира, да компостира органска материја и за останатото … ќе размисли.

Тој е единствениот кој се грижи за испарувањата полни со диоксин. Пластика не се собира во индонезиското село. Сепак, во секојдневниот живот пластиката ја има во изобилство. На пазарот во соседниот град Таманан, две тезги продаваат пакувања за еднократна употреба, вреќи од полистирен и кутии, што другите трговци одлично ги користат. Индивидуалните дози се многубројни : не само што се практични, туку пред сè, им овозможуваат на сиромашните домаќинства да ги покриваат своите дневни трошоци. Кога овој отпад не се согорува, тој се акумулира покрај патиштата и водните површини.

Најдолгата река во источна Јава, реката Брантас носи секаков вид отпад. „Ecoton“, локално здружение предводено од група биолози, го направи своето поле за истрага и борба. Ние сме во префектурата Грешик, недалеку од Сурабаја, главниот град на островот и втор по големина град во земјата. Предводен од г. Приги Арисанди, добитник на награда „Goldman“ во 2011 година за животна средина1, тимот на биолози на „Ecoton“ го следи квалитетот на водата и здравјето на рибите, кои претрпуваат загрижувачки генетски мутации што влијаат на нивната репродукција. Здружението ја предупредува јавноста за разни видови на загадување и бара решенија со јавните власти и претприемачите во овој рурален, но индустриски развиен регион.

Во 2016 година, тој го мобилизираше населението за проблемите предизвикани од дефекацијата во реката и ги повика локалните компании што испуштаат загадувачки отпадни води да ги изменат своите производни процеси. Фабрика која рециклира хартија увезена од целиот свет, на пример, ги подобри своите методи, како што забележаа претставниците на US Aid, американската организација која го поддржува „Ecoton“. Но, две години подоцна, овие напори беа уништени од наплив на пластичен отпад низ целиот регион, поради нарушување на глобалниот сообраќај.

На некој кабел (морепловна единица еднаква на 100 фата) од просториите на здружението, во селото Суменгко, отворената депонија стана место на повеќе или помалку скапоцени наоди за десетина арамии кои го разбрануваат ѓубрето. Тие се надеваат дека таму ќе најдат банкноти, мали куптури од богати земји, кои на крајот претставуваат поголеми износи од скромните локални надоместоци. По завршувањето на конечното сортирање, сè што не може да се продава, завршува како гориво во блиската фабрика за тофу.

Во источна Јава како и на други места во Индонезија, но исто така и во Малезија, Тајланд, Филипини и Виетнам, се повторува истата приказна : онаа на бескрупулозните претприемачи кои тврдат дека рециклираат пластичен отпад. Во многу случаи, пластичниот отпад е само подреден, изгорен на отворено или расфрлан во дивината. Сè додека не се наполни локацијата кога тој не е складиран, овие лажни газди наоѓаат начин да се извлечат. Нивното согорување без посебни мерки на претпазливост или нивната деградација во околината ослободува диоксин, фуран, жива или полихлорирани бифенили (PCB). Овие токсични производи, во најголем дел се многу испарливи или растворливи во маснотии, па можат да ја контаминираат околината и да се акумулираат во човековото тело, што доведува до рак и нарушувања на хормоналниот или нервниот систем. Во Малезија, селаните на западниот брег, предупредувани од лош мирис и проблеми со кожата и дишењето, откриле постоење на работилници за третман на отпад.

Здружението „Kuala Langat Environmental Protection Action Group“, ко-основано од г. Тан Чинг Хин, поранешниот шеф на едно село на неколку километри од Кланг, најголемото пристаниште во земјата, на протокот Малака, идентификуваше триесет и осум во 2018 година. Само еден оперираше легално! Според извештајот на Глобалната алијанса за алтернативи на согорување, невладина организација позната по англиската кратенка „GAIA“, која работи со локални здруженија, откри повеќе од 900 000 тони пластичен отпад кои беа увезени во Малезија во 2018 година, а повеќе од 400 000 во Тајланд и Виетнам2. По оваа публикација, европските и американските медиуми побрзаа да ги видат корпите за ѓубре во југоисточна Азија : „Странските новинари се многу возбудени кога ќе најдат ѓубре што доаѓа од нивните домови на депонија“, ни раскажа г-ѓа Магесвари Сангаралингам, малезиски ко-уредник на публикацијата, малку шокирана од избраниот агол. Теглите со канадски јогурт од боровинки, пакувањата од француско сирење оставени среде дланки од кокос се прикажани во информативните списанија, наместо извештаи за непријатностите што им ги наметнуваат на населението.

Всушност, југоисточна Азија е преплавена со отпад откако Кина престана да рециклира во 2018 година. Дотогаш, западот го испраќаше својот отпад, искористувајќи ги празните контејнери што одеа  за овој голем извозник на произведена стока. На светски пазар од околу 10 милијарди долари, Кина на почетокот на 2010 година акумулираше повеќе од три четвртини од овој увоз. Во 2016 година, документарниот филм „Plastic China“ во режија на Ван Ју Лианг го шокираше кинеското и меѓународно мислење преку прикажувањето на мизеријата околу занаетчиските активности за рециклирање и согорување3. Зголемените побарувања од страна на кинеското население во поглед на здравјето во животната средина, како и на наглото зголемување на сопственото производство на отпад ги натера властите да дејствуваат. Во јули 2017 година, тие ја предупредија Светската трговска организација (СТО) дека ќе ги затворат вратите на следниот 1 јануари. Оваа операција, наречена „Национален меч“, имаше за цел „да ја заштити Кина, нејзината животна средина и здравјето на нејзините граѓани4. Производителите за рециклирање тогаш префрлија дел од својата активност во земјите од југоисточна Азија, помеѓу кои пред сè беше Малезија.

Малезија нема никакво техничко решение за задоволително справување со целиот овој отпад – ниту Индонезија или Тајланд, и покрај нивната голема употреба на пластично пакување. Од друга страна, нејзиното законодавство за животната средина останува малку ограничувачко. Но,  и покрај тоа, најсиромашното население не може да одбие да работи на депониите што се појавија од 2018 година. Водени од растечкиот индустриски сектор во десеттите години од 21 век, овие активности веќе постоеја, но тие добија сосема нова димензија. „Ние ја предупредивме владата во средината на 2017 година, кога дознавме дека Кина ќе го запре увозот. Предвидовме дека отпадот ќе биде пренасочен кон југоисточна Азија“, вели г-ѓа Сангаралингам, која работи за невладината организација „Sahabat Alam Malaysia“ (SAM).

Властите одолговлекуваа. Па така, Тајланд воведе мораториум за увоз на пластичен отпад во април 2018 година, но го укина следниот месец. Малезија ги одби дозволите за увоз во мај 2018 година, а потоа повторно ги отвори во јуни, пред да објави тримесечен, а потоа тригодишен мораториум во август. Во Индонезија, во ноември 2018 година, г. Арланга Хартарто, тогашен министер за индустрија, побара од својот колега за животната средина да ја укине забраната, во име на 40 милиони долари донесени од индустријата за рециклирање кои придонесоа за трговскиот баланс на земјата5, но без резултат.

Конечно пролетта 2019 година, одговорите на владата станаа појасни, потврдувајќи еден вид еколошки патриотизам. Малезиската министерка за животна средина г-ѓа Јео Би Јин изјави дека затворила повеќе од 148 фабрики или работилници за обработка или складирање на пластичен отпад. Откритијата на непријавени или слабо декларирани товари се зголемија. За време на посетата до пристаништето Кланг на 23 април 2019 година, министерката ја забележала измамената декларација за шпанска пратка : отпад обележан како рециклирачки, што не бил. На 28 мај, таа вети враќање на 3 000 тони ѓубре во нивните земји на потекло: САД, Јапонија, Франција, Канада, Австралија, Велика Британија, па дури и Бангладеш. Откако ги нарече малезиските посредници „предавници“, таа им се обрати на земјите кои извезуваат : „Ние бараме развиените земји да го прегледаат управувањето со пластичниот отпад и да престанат да го испраќаат во земјите во развој. Ако ги испратите во Малезија, ние ќе ви го вратиме назад без грижа на совест6.“ Три дена подоцна, во Батерворт, второто најголемо пристаниште во земјата на северо-исток, вниманието на царинските службеници го привлекоа 265 контејнери што мешаа распаѓачки органски материјал и пластичен отпад. На 15 јуни истата година, властите избројаа 126 контејнери со непријавен отпад и 155 кои чекаа преглед. И се чини дека оттогаш не престанаа.

Од своја страна на 17 јуни 2019 година, индонезиската Република презеде мерки за враќање на пет контејнери со отпад во САД, кои го напуштија Сиетл и се декларираа како „хартија за рециклирање“, во чијшто отпад беа измешани пластика и користени пелени за бебиња. Конечно, филипинскиот претседател пресече : по ултиматумот повикувајќи ја Канада да си го земе отпадот пред 15 мај 2019 година, тој ги отповика своите дипломати, испрати шеесет и девет контејнери до пристаништето во Ванкувер и се закани, во случај на одбивање на канадските власти, да ги потопат во водите на нивната територија7. Конечно, товарот беше истоварен без проблем.

Овие тензии избувнаа на состанокот на Базелската конвенција за контрола на прекуграничните движења на опасни отпадоци и нивно отстранување8, што се одржа во април-мај 2019 година во Женева. Невладините организации од југоисточна Азија, чиј предлог беше поддржан од страна на Норвешка, сакаа да го забранат овој сообраќај со вклучување на пластичен отпад во текстот. Нивната петиција „Stop dumping plastic in paradise!“ („Престанете да фрлате пластика во рајот!“) собра речиси еден милион потписи. Помеѓу присутните активисти за одбрана на истата, беа г. Приги Арисанди, од „Ecoton“ и г-ѓа Сангаралингам. И покрај жестокото противење на САД, кои сè уште не го ратификуваа договорот, предлогот беше усвоен: анексот на конвенцијата вклучи пластика што не може да се рециклира9 (трговија со оние што сè уште се дозволени). Нивниот извоз сега е забранет без претходна согласност од земјите домаќини и оваа одредба се однесува на сите, вклучително и на САД. Г. Фон Хернандез, од невладината коалиција „Break Free from Plastic“ („Ослободете се од пластика“), ја сумира победата: „Земјите кои добиваат мешан и несортиран пластичен отпад од странски извори, сега имаат право да го одбијат, принудувајќи ги изворните земји да гарантираат извоз на само чиста и пластика што може да се рециклира.10 Теоретски, оние што не се во можност да го третираат овој отпад ќе можат да го одбијат.

Прерано е да се суди за ефектите од овој текст, кој стапи на сила на 1 јануари 2021 година. Но, на 29 јануари, во извештајот објавен со „Zero Waste Europe“ и „GAIA“, организацијата SAM веќе предупреди : „Европската трговија со отпад ја спречува Малезија да ја постигне својата цел „нула отпад“.“ Увозот таму е секако забранет од октомври 2018 година, во смисла многу блиску до оние од Базелската конвенција, но властите не успеаја да го запрат сообраќајот. SAM забележува дека овој шверц вклучува повеќе чинители, од кои некои припаѓаат на организиран криминал и кои специјализираат лажни декларации за транспортираните материјали или на нивната дестинација. Според здружението, постојат „сериозни неуспеси во сите фази на трката.11

На почетокот на 2020 година, Малезија врати најмалку 4 000 тони нелегален пластичен отпад во дваесетте земји каде што бил испорачан, вклучувајќи 43 контејнери во Франција. Но, во првите седум месеци од 2020 година, земјата прими повеќе од 33 000 тони отпад само од Велика Британија, што е пораст за повеќе од 81% од претходната година12.

Пандемијата Ковид-19 доведе до зголемување на употребата на пластика за една употреба, што значи дека кризата со отпад може дополнително да ескалира, и покрај меѓународното законодавство. „Не знаеме дали овој несортиран и извалкан пластичен отпад сè уште пристигнува во Малезија од Европа“, ни рече г-ѓа Сангаралингам во февруари. Немаме пристап до податоците од царинските органи. Но, без ефективна контрола врз земјите извознички и увознички, ризикуваме да ги видиме како сè уште влегуваат во нашите земји.“ Прво барање на малезиската невладина организација : зголемена транспарентност. „Comtrade“, базата на податоци на Обединетите нации, го документира протокот на пластичен отпад по вид, земја на потекло и земја на дестинација. Но, тоа би било корисно ако вклучува податоци за нивните карактеристики (специфични или не) и за планираниот третман (или не) во приемните простории. Оваа транспарентност ќе им овозможи на локалните власти, како и на меѓународните тела поефикасно да ја следат нелегалната трговија.

Се разбира, трговијата со отпад што може да се рециклира останува овластена, но и Базелската конвенција како и рамковната директива на Европската унија за отпад предвидуваат тие да се рециклираат во земјата каде што се произведени, „освен ако нема подобра животната средина и здравје“. Тоа не е случај во југоисточна Азија, каде што инфраструктурата е генерално помалку ефикасна од онаа на земјите на Организацијата за економска соработка и развој (OCDE). Затоа, ова е втора препорака од извештајот : да се забрани секаков извоз на пластичен отпад, дури и рециклирачки, од овие земји.

SAM и неговите европски партнери повикуваат исто така на подобрување на еко-дизајнот на пакувањето од страна на индустриите во западните земји, со материјали што можат полесно да се рециклираат. Конечно, тие предлагаат да се намали изворниот отпад и да се изостави амбалажата за една употреба.

Ако пред оваа криза, југоисточна Азија не се одликуваше со добро еколошко управување на сопственото ѓубре, постојат примери на иницијативи спроведени во неколку земји, од Бандунг (Индонезија) до Сан Фернандо (Филипини), со цел цел „нула отпад“. SAM со седиште во Пенанг, високо урбанизиран остров во северозападна Малезија, потсетува дека тамошната локална власт, во 2014 година, забрани употреба на полистирени за пакување храна (која е сè уште овластена во Европа во 2021 година). Во 2015 година, островот веќе забележа стапка на рециклирање блиску до 40% и, во 2018 година, спроведе план за собирање на преостаната храна во местата за колективно угостителство. Овие ветувачки напори се разбрани во негативен контекст кога побогатите земји ефтино го фрлаат својот отпад.

Согледувано како поеколошко решение отколку депонија или согорување, до тој степен што практиката на сортирање може да послужи како критериум на социјална разлика, за рециклирање се гледа дека неговата аура е нарушена по откривањето на штетата предизвикана во југоисточна Азија. Далеку од тоа дека е решение, тоа е навистина ограничено, сложено и скапо.

Ограничено, бидејќи под општото име на пластика, има различни материјали, идентификувани од 1 до 7 на пакувањето: 1 за полиетиленски терефталат (PET), онаа пластика на шишиња со вода или сода; 2 за полиетилен со висока густина (PE-HD), онаа на шишиња млеко, масло или детергент; 5 за полипропилен (PP), кој се користи на различни начини, како што се кутии во угостителството за достава. Тие можат да се рециклираат само еднаш. Останатите пластики (3, 4, 6 и 7) воопшто не се рециклираат.

Комплексно, бидејќи мора грижливо да се сортира, што е тешко да се замолат корисниците, домаќинствата и бизнисите. Занемарувањето колку и лошо информираната волја да се стори добро (со ставање на оние што можат да се рециклираат со оние за кои би сакале да бидат рециклирани) значи дека отпадот е малку или лошо подреден. Заедниците исто така се залагаат за помалку селективно собирање (прочитајте го текстот подолу).

Скапо, затоа што пред-сортирање бара висока технологија, или поедноставно голема работна сила. Неговата профитабилност исто така може да биде предизвикана од ниската цена на маслото, што овозможува производство на пластика по пониска цена. Во овој случај, законодавецот мора да наметне или финансиски да ја поддржи интеграцијата на материјалите што ги рециклираат производителите. Во Франција, Агенцијата за управување со животната средина и енергијата (Ademe) признава дека преработката на пластиката „се соочува и со технолошки и со економски сопирања13. Истражувањата напредуваат, но понекогаш се побавни од пристигнувањето на пазарот на нови материјали. Г-ѓа Флор Берлинген, поранешен директор на „Zero Waste France“ (поранешен национален центар за независни информации за отпад) и автор на „Recyclage. Le Grand Enfumage14, дава пример за ново бело сјајно пластично шише за млеко. Ставено во функција за погодност или поради попривлечен изглед за потрошувачите, таа го поттикнува техничкиот напредок што овозможи подобро подредување на конвенционалните, потапи шишиња : типот на пластика не е ист, но машините се борат да направат разлика.

Теоретски, принципот на „проширена одговорност“ на производителот „ги обврзува продавачите на пакувани производи и графички документи да финансираат или организираат управување со крајот на животот на пакувањето и хартијата“, според компанијата за рециклирање „Citeo“. Но, приказната за сјајното шише за млеко покажува дека овој принцип е од мала корист.

Порано, пакувањето за повеќекратна употреба останува одговорност на производителите, кои мораа да го организираат депозитот; „изгубеното пакување“ што го замени, а потоа стана „еднократна употреба“, ефикасно ги ослободува производителите од нивните обврски. Тие дури и го напуштија со цел подобра грижа за заедниците. Се чини тешко да се направат повторно одговорни, дури и ако законодавната и регулаторната рамка брзо се менуваат15.

Во крајна линија едно е јасно : од 1950 година, од 6,3 милијарди тони пластичен отпад произведен ширум светот, само 9% се рециклирани и 12% согорени. Остатокот се акумулира во депонии или во животната средина и често завршува, во повеќе или помалку деградирана форма, во океаните16. Кризата во југоисточна Азија насилно ја разоткри еколошката неправда и започна да го разбранува јавното мислење во земјите кои примаат, како и во земјите што испраќаат отпад. Можеби конечно ќе можеме да се справиме со овој друг глобален проблем на загадувањето со пластика.

 

Преведено од: Павлина Димовска


Фусноти:

  1.  Именуван по фондацијата создадена од Ричард Голдман, шеф на американска осигурителна компанија и неговата сопруга Рода. Тоа е најпрестижната награда за еколошка акција.
  2.  « Discarded. Communities on the frontlines of the global plastic crisis », GAIA, Berkeley (Californie), април 2019 година.
  3.  Wang Jiu-Liang, Plastic China, CNEX Inc., 2016 година.
  4.  « Notification  G/TBT/N/CHN/1211 », Organisation mondiale du commerce, Женева, јули 2017 година.
  5.  Gayatri Suroyo et Cindy Silviana, « In Indonesia, splits emerge over efforts to stem plastic tide », Reuters, 21 декември 2018 година.
  6.  « Plastic waste to be sent back », The Edge Financial Daily, Petaling Jaya (Малезија), 29 мај 2019 година.
  7.  « Philippines ships 69 containers of dumped rubbish back to Canada », Al-Jazeera, 31 мај 2019 година, www.aljazeera.com 
  8.  Меѓународниот договор под покровителство на Обединетите нации потпишан во 1989 година кој стапи на сила во мај 1992 година. Од 166 членки на држави, само САД и Хаити не го ратификувале.
  9.  Се работи за полиетилен терефталат (PET), полиетилен (PE) и полипропилен (PP).
  10.  Rob Picheta et Sarah Dean, « Over 180 countries – not including the US – agree to restrict global plastic waste trade », CNN, 11 мај 2019 година, https://edition.cnn.com 
  11.  « European waste trade impacts on Malaysia’s zero waste future », Zero Waste Europe, Брисел, јануари 2021 година.
  12.  Nicola Smith, « Britain sends more plastic waste to Southeast Asia despite clashes with local government », The Telegraph, Лондон, 9 октомври 2020 година.
  13.  « Déchets. Chiffres-clés », Ademe, Анже, 2020 година.
  14.  Flore Berlingen, Recyclage. Le Grand Enfumage, Rue de l’Échiquier, Париз, 2020 година.
  15.  L’Ademe наведува не помалку од осумнаесет француски или европски закони, декрети и акциони планови по 2010 година.
  16.  Laura Parker, « A whopping 91% of plastic isn’t recycled », National Geographic, Вашингтон, 20 декември 2018 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW