За време на кампањата за германските парламентарни избори на 26 септември, прашањата за надворешната политика и безбедноста во голема мера беа отсутни, вклучително и во Триел, телевизиските дебати меѓу кандидатите. Единствен исклучок е хаотичното повлекување на војниците од Авганистан. На парламентарната седница на 25 август, членот на германските Зелени Аналена Баербок, кандидат за германски премиер, остро ја осуди оваа „морална рана“ што владата можеше да ја избегне, според неа, доколку претходно ги евакуираше своите државјани и нивните авганистански партнери, како што беше побарано од алијансата Сојуз 90/Зелени, Либерално-демократската партија (ФДП) и Левата партија.
По студиите на меѓународното право, Баербок може да се очекува да биде на чело на германското Министерство за надворешни работи. Оваа функција традиционално ја има вицеканцеларот, титула што може да ја бара лидерот на втората по големина партија во владината коалиција (14,8 отсто од гласовите во овој случај). Но, доделувањето на оваа функција тешко ја поттикнува политичката и медиумската дебата и покрај доста набиен контекст: климатска вонредна состојба, зголемените цени на енергијата, дипломатскиот конфликт меѓу Европската унија и Белорусија околу мигрантите, „нелибералната“ политика на Полска или Унгарија, тензиите меѓу Кина и САД или меѓу Русија и Украина.
Геополитичките предизвици се многубројни, особено откако столбовите на кои е изградена надворешната и безбедносната политика од германското обединување, се нишаат: „Брегзит“ дефинитивно го урна сонот за Европската унија која се развива кон уште поголемо единство и интеграција, додека релативното повлекување на САД принудно ги поставува прашањата за суверенитетот и стратешката автономија. По шеснаесет години стабилност на „ерата на Меркел“, соседите и партнерите, пред се Франција, ја доведуваат во прашање способноста на новата коалиција да ја редефинира улогата на Германија на меѓународно ниво.
Определувањето и спроведувањето на надворешната и безбедносната политика е особено важно во време на криза. Германските Зелени го доживеаја тоа болно кога првпат учествуваа во сојузната влада, од 1998 до 2005 година, како партнер на социјалдемократите. Инаугурацијата на новиот германски канцелар Герхард Шредер на 27 октомври 1998 година, се случи неколку дена по првиот ултиматум на НАТО, кој повика на повлекување на српските сили од Косово. Подготвеноста на „црвено-зелената“ влада да учествува во западната воена интервенција означи нагла промена за земјата. На 24 март 1999 година, за прв пат од 1945 година, авионите на Бундесверот бомбардираа странска земја, иако таа ниту ги нападна, ниту наштети на германските интереси или на земја-членка на НАТО.
Аферата, исто така, силно ги потресе германските Зелени, партија формирана од пацифистичките и еколошките движења кои се противат на цивилната и воената нуклеарна енергија и родена во јануари 1980 година, среде кризата со евроракетите. „Двојната одлука“ на НАТО од декември 1979 година, имаше за цел распоредување на ново нуклеарно оружје во пет европски земји, вклучително и тогашната Сојузна Република Германија (ракетите Першинг II), додека на Советите им предложи преговори за заемно повлекување. Ова потоа предизвика демонстрации без преседан по нивните размери и придонесе за појавување на зелената партија во Бундестагот за време на општите избори во 1983 година.
Во текот на 1980-тите, „антипартиската партија“ влезе во регионалните парламенти. За разлика од француските Зелени, институционалната интеграција на германските Зелени беше фаворизирана од федерален изборен систем со пропорционална застапеност, кој бара формирање коалиции за владеење. Професионализацијата на хаотичната бунтовничка партија беше придружена со конфронтација меѓу попрагматичните „реалисти“ (Реалос) и „фундаменталистите“ (Фундис), поддржувачи на радикална трансформација. Внатрешните поделби беа засилени во контекст на падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година. На изборите од 2 декември 1990 година, Зелените од западниот дел остана пред вратите на првиот Бундестаг на сега обединета Германија, додека осум пратеници од листата Сојуз 90/Зелено граѓанско движење, кои го претставуваа источногерманскиот дел, влегоа во Бундестагот. Преструктуирањето што следеше по овој изборен дебакл, резултираше со заминување на клучните фигури од радикалното лево крило на партијата. По спојувањето на Зелените од западниот дел со партијата Сојуз 90 од источниот дел во мај 1993 година, барањето за зазеленување на германскиот економски и социјален систем доби предност пред безбедносните и одбранбените прашања на сега веќе обединетата германска држава.
За Зелените и нивните четири основни вредности – екологијата, социјалното прашање, демократијата од базата и ненасилството – практикувањето на власта често имало горчлив вкус. Оправдувајќи ја воената интервенција на Косово на вонредниот конгрес на Зелените во Билефелд во мај 1999 година, еден од нивните водачи, тогашен министер за надворешни работи и заменик-канцелар на Сојузна Република Германија, Јошка Фишер, беше испрскан со спреј со крваво-црвена боја во лицето. За неговите критичари, поранешниот спонтан активист стана олицетворение на политичка елита која го жртвува моралот за германската реалполитика. Многу приврзаници потоа и го свртеа грбот на партијата, обвинувајќи ја дека ги напуштила своите прокламирани антимилитаристички и пацифистички вредности. И во Франција, Зелените учествуваа во владата во тој период. Во април 1999 година, Националниот меѓурегионален совет на француските Зелени го одобри, со 75% од присутните, продолжување на воената интервенција на НАТО, започната неколку недели порано. Министерот за просторно планирање и животна средина во владата на францускиот премиер Лионел Жоспен, извесна Доминик Војнет потоа повикува на интервенција која е „неизбежна и легитимна“, додека портпаролот на партијата Денис Баупен дури и повикува на формирање на „меѓународни полициски сили одговорни за интервенирање на теренот“[i].
Две години подоцна, распоредувањето на војници во Авганистан, по нападите од 11 септември 2001 година, уште повеќе го прошири овој јаз. Собрани на вонреден партиски конгрес во Гетинген во 2007 година, делегатите со големо мнозинство гласаа за брзо повлекување на германските трупи, но партискиот Сојузен одбор гласаше за продолжување на учеството на земјата во Меѓународните сили за безбедносна помош во Авганистан (ИСАФ), активни до минатото лето. Програмата од 2002 година ги прифаќа воените интервенции како крајна мерка, под услов тие да бидат дел од „колективна безбедност“ и да се врамени со мандат на Советот за безбедност на ОН – што воопшто не беше случај со Косово. Преокупирани да ги „неутрализираат тековните внатрепартиски поделби и радикалните ставови“[ii], германските Зелени го напуштаат пацифизмот и непријателството кон НАТО, во корист на активна надворешна политика. Баербок го наследува Фишер, кој дојде да ја поддржи за време на кампањата. Симболично, средбата се одржа во Франкфурт-на-Одер, каде што поранешниот германски министер за надворешни работи го пречека својот полски колега во 2004 година, за време на тогашното проширувањето на Европската унија.
Со изборот на европратеникот Јаник Жадо и неговата „екологија на власта“ на крајот на партиските прелиминарни избори за француските Зелени во септември минатата година, Европска Екологија – Француски Зелени веројатно го избраа кандидатот кој е најкомпатибилен со оваа линија на „сестринската партија“. Баербок и Роберт Хабек, кој заеднички раководат со германските Зелени од 2018 година, претставуваат реформското мнозинство на партијата и сакаат да отелотворат „реален радикализам“. По шеснаесет години поминати во опозиција, геополитичките прашања се на втор план во програмата на партијата, која направи стратешко рефокусирање кон социјалната правда како последица на дефинитивното откажување од нуклеарната енергија, прашање запечатено од Ангела Меркел уште во 2011 година. Прашањето за климата, исто така, доби на важност, особено во пресрет на „штрајковите за глобалната клима“. Во Германија, Зелените денес учествуваат во регионални владини коалиции во десет од шеснаесет германски покраини и многу градови. Премиерот на Баден-Виртемберг Винфрид Кречман управува со покраината во коалиција со конзервативците од 2016 година, откако прво беше партнер со Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Иако гласачите ги препознаваат германските Зелени како експерти за еколошки и климатски прашања, тие сепак не им веруваат особено во контекст на меѓународните односи. На прашањето „Колку би рекле дека кандидатот е компетентен во областа на надворешната политика?“, 39 отсто од анкетираните во август 2021 година го оценија социјалдемократот Олаф Шолц како „многу компетентен“ или „донекаде компетентен“, додека Армин Лашет, конзервативниот кандидат, и Аналена Баербок беа перципирани како „помалку компетентен“ или „воопшто не е компетентен“[iii].
Програмата на германските Зелени за 2020 година се залага за превентивна дипломатија заснована на безбедност, достоинство на личноста и слобода како универзални вредности, преку националните граници[iv]. Во име на одбрана на „отворено, праведно и солидарно“ општество, германските Зелени имаат намера да работат, на пример, за целите на „феминистичка“ безбедносна политика; т.е. таква која посветува посебно внимание на групите високо изложени на сиромаштија и насилство (жени, девојки, ЛГБТ итн.).
Моќта на влијанието на Европската унија за спречување кризи, дигитална или енергетска солидарност, мора да претставува, според нивната програма, „сидро“ на меѓународната соработка. И ова бара обновување и зајакнување на трансатлантското партнерство, како столб на германската политика во европски рамки. За Баербок, која е многу поблиску кон САД отколку Меркел, надворешната политика се смета за лост за еколошка трансформација: враќањето на САД во Парискиот климатски договор би овозможило да се предвиди трансатлантска климатска алијанса за јаглеродна неутралност, која би вклучила усвојување на заедничка цена на јаглеродот. Германските Зелени го претставуваат европскиот суверенитет, пред сè, како одбрана на „вредности“ на Европа и демократијата против нејзините „системски ривали“. Во нивното предупредување за ризиците од голема зависност од Кина, која ги замени САД како најголем трговски партнер на Германија од 2016 година, германските Зелени може да сметаат на поддршката на ФДП и на дел од СПД.
Во однос на енергијата, исклучувањето на последните три германски нуклеарни централи е планирано за 2022 година и исклучувањето на термоцентралите на јаглен дури за 2038 година (еколозите сакаат ова да се направи во 2030 година), додека Германија мора да го преиспита својот модел со развој на „стратегија на поврзување“, како одговор на кинескиот проект за новите патишта на свилата меѓу Азија, Африка и Европа. За време на кампањата, Баербок повика на комбинација на „дијалог“ и “цврстина” кон Кина и Русија.[v] Според неа, германската надворешна политика треба да направи економско прилагодување со дефинитивно напуштање на „илузијата“ на „промена преку трговија“; односно самата илузија за трансформација на кинескиот политички систем преку зајакнување на трговските односи со Кина.
Конкретно, ова би вклучило забрана за пристап до европскиот внатрешен пазар за стоки произведени со принудна работа на Ујгурите кои живеат во Кина. Наместо да се случи очекуваната либерализација, самата глобализација на кинескиот пазар, според лидерот на Зелените, би била придружена со авторитарен пресврт на претседателот на Народна Република Кина Кси Џинпинг, чија репресивна политика во провинцијата Ксинџијанг и Хонгконг би претставувало кршење на неговите уставни и меѓународни обврски. Заземањето потврд став во односите со „авторитарните“ држави, би означило пресврт на германската надворешна политика во последниве години, која се карактеризира со приоритет даден на комерцијалните и индустриските интереси на Германија пред геополитичките и стратешките прашања. Слично, локацијата за гасоводот Северен тек 2 ги спојува енергетските и гео-економските прашања. Германските Зелени се против неговото ставање во функција, и за да се ограничи глобалното затоплување и да се избегне зголемување на енергетската зависност на нивната земја од Русија. Оваа точка на разидување останува една од најтешките во преговорите за формирање владина коалиција во Германија.
Германските Зелени можат да најдат поддршка во Франција кај Жадо, кој би сакал да направи од „растечката агресивност“ на Кина, Русија и Турција, една „главна тема“ на претстојните претседателски избори во Франција.[vi] Тој, исто така, повика на итно затворање на Северен тек 2 и заострување на европските санкции против Русија, а по апсењето на поддржувачите на Алексеј Навални во Москва минатиот јануари. На маргините на Безбедносната конференција во Минхен во февруари 2020 година, Баербок инсистираше на потребата Европа да „развива своја соодветна безбедносна стратегија“.[vii] Слично на тоа, на форум со неоконзервативен призвук, Жадо ја пофали соработката на „зелените“ сили во служба на „вистинска заедничка европска надворешна и одбранбена политика“.[viii] Сепак, останува нејасно каква форма би имала таквата надворешна политика, доколку францускиот кандидат на Зелените победи на претседателските избори во 2022 година. Во долгото интервју дадено за списанието Журнал ду диманш на 3 октомври 2021 година, со наслов „Што би направил зелен претседател“, кандидатот ниту еднаш не се осврнува на геополитичките прашања кои го сочинуваат „резервираниот домен“ на претседателот на 5-та Француска Република и суштината на неговата работа.
Во односот со НАТО, двете политички партии заземаат различни позиции. Програмата на германските Зелени забележува дека НАТО „останува незаменлив актер кој може да ја гарантира заедничката безбедност на Европа и кој, како сојуз на држави, се противи на ренационализацијата на безбедносната политика“. Во Франција, точка 6 од Програмата Да се живее добро на француските Зелени, предлага, напротив, „преориентација на одбранбената политика кон заедничка европска одбрана, независна од САД и излез од НАТО“[ix]; ова тогаш би заштедило цели 10% од буџетот за одбрана. Долгогодишниот анти-НАТО став на француските Зелени, сепак, се чини дека е доведен во прашање во Проектот за зелена република, кој треба да послужи како рамка за изборите во 2022 година. Овој документ се повикува на пристап кој дозволува „Европејците да прават притисок во рамките на НАТО и да го реформираат за да го направат повеќе во согласност со европските интереси“. И тука се додава: „Франција и Европа ќе го задржат своето партнерство во НАТО без да се потчинат на авторитетот на САД“.[x] Од една страна, тематска комисија на Зелените размислува за „воено и нуклеарно разоружување“; од друга страна, Жадо брани интервенционистичка политика кога бара Франција да стане „сила која се наметнува со свои предлози“ на геополитичкиот терен и да ја преземе својата „посебна одговорност“ поради „својата ударна сила“. Сепак, француските Зелени продолжуваат да бараат надворешните воени операции да се спроведуваат само „под меѓународен мандат и под демократска контрола на националниот и Европскиот парламент, со консултации отворени за специјализирани невладини организации“.
Геополитичката визија на германските Зелени сè уште е во согласност со целта за свет без нуклеарно оружје, што се преточува во неколку барања: пристапување на Германија кон Договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружје, кој стапи на сила на 22 јануари 2021 година, повлекување на американското нуклеарно оружје од Германија или забрана за вооружени дронови користени од Бундесверот. Германските Зелени, исто така, ја отфрлаат директивата на НАТО и минималната цел на националната одбрана од 2% од бруто домашниот производ (БДП). Иако германскиот воен буџет се зголеми од 34 милијарди евра во 2013 година дури на 51 милијарда евра во 2020 година – и го надмина францускиот по вредност уште од 2018 година – тој претставува само 1,57% од БДП, во споредба со 2,11% во Франција.[xi]
Ова прашање е на преговарачка маса со потенцијалните коалициски партнери. Истото може да предизвика несогласување со Франција, веќе загрижена дека учеството на германските Зелени во германската влада, ќе го загрози германскиот ангажман во француската воена операција во Сахел. На 29 мај 2020 година, германските Зелени беа воздржани во Бундестагот при гласањето за зајакнување на германското присуство во рамките на Мисијата за обука на Европската унија во Мали, а притоа одобрувајќи учество во мисијата на Обединетите нации во истата земја. Тие посебно го одбија вклучувањето на Германија во европската програма за помош на автократскиот режим во Чад. Баербок изјави дека има намера да разговара со Макрон за европските воени интервенции во Африка.
Ако дојдат на власт, германските Зелени конечно ќе мора да се справат со загриженоста на нивната база. Многу симпатизери не ги одобруваат ниту воените експедиции, ниту пак извозот на оружје. Тие често споделуваат анти-НАТО или антимилитаристички ставови на германската Лева партија, верувајќи дека парите наменети за модернизација на Бундесверот ќе бидат покорисни во борбата против глобалното затоплување. Дури иако поранешните екстремно левичарски активисти како Јирген Тритин, поранешен министер за животна средина на Германија, ја признаваат потребата од функционална и добро опремена армија, сепак прашањето за воена интервенција веројатно ќе ги оживее внатрешните конфликти, особено по дебаклот на Западот во Авганистан. Истото важи и за извоз на оружје во диктаторски земји и региони во војна: додека партијата официјално ги осудува, Хабек се изјасни во нивна корист, во пролетта 2021 година, да се даде “помош” на Украина „за да си помогне, самата да се брани“ против Русија.[xii] На конгресот од 2014 година, Џем Оздемир, нивниот тогашен лидер, ја бранеше испораката на оружје на ирачките Курди за да можат да се одбранат од ИСИС, со што се спротивстави на мнозинскиот став на парламентарната група, Сојузниот одбор на партијата и делегатите на Зелените. Ако сакаат да ја добијат поддршката од својата база, германските Зелени ќе мора да успеат да ги интегрираат одбранбените и безбедносните прашања во нивното барање за зајакнување на европскиот суверенитет и одбрана на правата и слободите.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] « Les Verts revêtent le treillis au nom du pacifisme », Libération, Париз, 19 април 1999 година.
[ii] Gaëlle Winter, « Le parti écologiste allemand Bündnis90/Die Grünen et la politique de sécurité et de défense : la pondération en ligne de mire », Recherches & Documents n°6, Fondation pour la recherche stratégique, Париз, јули 2020 година.
[iii] Sondage Civey, Spiegel online, Хамбург, 18 август 2021 година.
[iv] « Bundestagswahlprogramm 2021 », Bündnis 90 / Die Grünen, Берлин, јуни 2021 година.
[v] Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung (FAZ), Francfort, 25 април 2021 година.
[vi] Прочитајте: Serge Halimi, « Vous avez dit unité ? », Le Monde diplomatique, мај 2021 година.
[vii] « Europa darf nicht blauäugig sein », n-tv.de, Келн, 14 февруари 2020 година.
[viii] Yannick Jadot : « Faire reculer l’influence des régimes autoritaires ne doit pas signifier s’engager dans une nouvelle guerre froide », Le Monde, 13 април 2021 година.
[ix] « Le projet Bien Vivre », Europe écologie – les Verts, Монтреј, www.eelv.fr
[x] « Vivant, projet pour une République écologique », 11 јули 2021 година.
[xi] « Les dépenses de défense des pays de l’OTAN (2013-2015) », OTAN (division diplomatie publique), Брисел, 21 октомври 2020 година.
[xii] Süddeutsche Zeitung, Минхен, 26 мај 2021 година.