Во 2017 година, Гугл внесе скоро 20 милијарди евра само на своите сметки на Бермудите, откако претходно ги помина низ разни даночни раеви. Таа година, во Франција, мултинационалната компанија платила само 14,1 милиони данок на доход – џепарлак за нејзе. Официјално, нејзините седумстотини директори вработени во Франција не и продадоа ништо на Франција; тие едноставно ја помагале ирската подружница на групацијата: токму таа ги држела сметките, под беневолентното покровителство на овој европски даночен рај1. Што се однесува до Амазон, гигантот за онлајн продажба на мало, тој избегнува, од година во година, да плаќа федерален данок на доход во САД и успева, во Европа, дури и да прогласи загуби, во моментот кога здравствената криза прави неговите профити да експлодираат2. Оваа пролет, независната организација ПроПублика потврди дека, како поединци, познатите милијардери – Џеф Безос, Мајкл Блумберг, Ворен Бафет, Карл Икан, Илон Маск и Џорџ Сорос – не платиле (или скоро и да немаат за плаќање) данок во САД, искористувајќи ги сите дупки што законот им ги става на располагање3.
Парадоксално, само САД, нивниот најдобар сојузник, денес се чини дека е способен да застане и се соочи со овие мултинационални компании за прашањата за оданочување и странски инвестиции. Затоа беше неопходно американскиот претседател Џозеф Бајден да апелира до своите партнери од Г7 во корист на универзален данок од 15%, применет на нивниот консолидиран приход (т.е. кумулативен приход на сите нивни подружници), така што другите земји, вообичаено не толку активни во оваа област, треба да го следат примерот. Овде не е ништо смешно и неефикасно: „Ставаме крај на даночните раеви и банкарската тајна“, парола лансирана од францускиот претседател Никола Саркози на самитот на Г20 во 2009 година.
Дополнително, стапката што се користи за овој универзален данок, 15%, е минимална, ако не и за потсмев. Ова одговара на типичниот бакшиш оставен од клиентите на рестораните во Северна Америка. Сепак, ова сведочи за еден жилав парадокс: американскиот претседател честопати открива дека е помоќен на светската дипломатска сцена отколку во својата земја. Иако американскиот претседател Бајден беше во можност да побара усвојување на неговиот предлог од неговите меѓународни колеги, без да наиде на отпор, сепак, не беше во можност да ги убеди и републиканците во американскиот Конгрес да ја зголемат таа даночна стапка на 21% во САД. Неговата првична цел беше таа да биде дури 28%. Сепак, скромна амбиција: стапката изнесуваше дури 35% кога Доналд Трамп се всели во Белата куќа во јануари 2017 година…
Во последниве години, сите поголеми земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) го намалија нивото на оданочување, обидувајќи се да имитираат даночни раеви, наместо да се борат против нив. Во Германија, Канада, Франција и скандинавските земји, официјалната стапка беше намалена на далеку под 30% во текот на последните десет години. И, всушност, мултинационалните компании ги множат своите стратегии за да ги намалат даноците и понатаму.
Економистот Томас Пикети има право кога тврди дека, со толку ниска даночна стапка, одобрена од самите држави, се чини дека мерката го етаблира привилегираниот даночен режим за мултинационалните компании. „Со официјализирање на фактот дека мултинационалните компании ќе можат да продолжат да ги лоцираат своите профити во даночните раеви по своја слободна волја, со единствена даночна стапка од 15%, Г7 го формализира влезот во свет каде што олигарсите плаќаат структурно помалку данок од остатокот од населението“, напиша овој економист во Ле Монд на 12 јуни о.г. Дури и земјите од Југот нема да имаат никаква корист од овој нов даночен контекст. Овие земји ќе продолжат да извлекуваат ниски приходи од меѓународниот даночен систем, поради фактот што нивниот пазар сè уште се сведува на трговија со суровини, официјално непрофитабилни и затоа малку оданочени.
Како и да е, ако ја разгледаме од правна гледна точка, отколку само од гледна точка на приходи од данок, мерката предложена од Бајден претставува сепак еден чекор напред. Таа дава на мултинационалните компании статуси на правни субјекти, додека, претходно, само нивните подружници се сметаа, една по една, и независно на една од друга, како правни лица од страна на државите. Од нивното постепено појавување пред еден век, ваквите мултинационални компании ја злоупотребуваат оваа законска фрагментација. Тие добро ги играа игрите, профитирајќи од процесите на цената на трансферирање и на авторските надоместоци за правата на интелектуална сопственост на брендовите, со зголемување на сметководствените акробации меѓу правните субјекти активни во земјите со одредена даночна стапка и фасадните структури во даночните раеви каде непријавените приходи од други земји вештачки се акумулираа. Помниме како претставниците на Старбакс објаснуваат во 2012 година на членовите на Парламентот на Велика Британија дека не создавале никаков приход во нивната земја, поради авторските надоместоци што требало да ги плаќаат на други структури од истата групација, сопственици во даночните раеви на многу патенти и права на употреба. Овие износи одземени од приходот му овозможија на субјектот дури и да достави негативна даночна пријава до даночните институции.
Технички гледано, одлуката на Г7 делумно ја заобиколува улогата на даночните раеви, бидејќи сега ќе стане збор за оданочување на мултинационалните компании за сите нивни профити: без разлика на тоа која подружница ја има која сметка и каде е нејзиното пријавено службено седиште. Некоја голема компанија во земјоделско-прехранбениот, ИТ или енергетскиот сектор може да им ги довери своите права на интелектуална сопственост или одредени средства на бермудски, ирски или луксембуршки правни субјекти, сепак и тие ќе подлежат на овој данок. Со вакви темели воспоставени, сега е огромен предизвик да се покачи оваа стапка.
Пристапот на претседателот Бајден ја потврдува високо-политичката и дипломатската природа на меѓународното даночно досие, наспроти обидите истово да се сведе само на неговата сметководствена димензија како таква. Одговорниот службеник за ова прашање во ОЕЦД, Паскал Сен Аманс, сега може да се потруди да се презентира себеси како архитект на овие договори, но тие дијаметрално противречат на реториката што ја користел со години: тој долго време тврдел дека досието во суштина бара техничко и математичко знаење и вклучува огромен напор за усогласување на даночните системи на околу двесте земји. Тоа беше времето кога тој тврдел во сите медиуми дека: „Усогласувањето на корпоративниот данокот на добивка на глобално ниво (…) би било спротивно на принципот на државниот суверенитет“4. Во една изјава, САД го открија недостатокот на конзистентност на овој говор. Бидејќи не се техничките достигнувања во областа на меѓународното сметководство што ги водат политиките напред, туку политиките што ги налагаат сметководствените промени.
Така, даночните раеви стануваат политички и дипломатски прашања. Станува збор за закони донесени од држави за да го неутрализираат законот што е на сила на друго место, каде што големите корпорации и богатите поединци се вистински активни. Владите се мешаат во работите на другите држави. На пример, Парламентот на Бахамите создаде т.н. изземени компании, кои не мораат да плаќаат данок на доход или да го откриваат идентитетот на своите директори, под услов да не вршат никаква активност на архипелагот. Со други зборови, дозволено им а само да регистрираат капитал генериран во странство. Така, Бахамите носат закон за тоа како ќе се администрира и оданочува капиталот генериран насекаде во светот… освен во таа држава.
Кога комесарот за конкуренција и пазар на Европската унија, Маргарет Вестагер, се обиде – спротивно на принципите на сопствената институција – да ги откаже даночните предности што Ирска ги обезбеди во 2016 година, во корист на компјутерската компанија „Епл“, таа ја фалсификуваше дефиниција за улогата на овој даночен рај, што сега може да се примени и на сите други. Ирска, тврди таа, одлучувајќи корпоративен данок од европски размери, а не само за нејзината земја, ја злоупотребувала својата законодавна моќ и се мешала во работите на другите држави. Нејзината одлука конечно беше поништена во 2020 година од судот на Европската унија. Како и да е, ова сепак помогна да се дефинира законодавството во врска со офшор јурисдикциите и ги отвори вратите за мерките што Бајден сега ги промовира.
Наместо да води дипломатска реплика против сите земји кои, како Ирска, ја злоупотребуваат својата законодавна моќ, САД ја убедија Г7 да усвои принцип што ги прави нивните мерки неефикасни: признавање на мултинационалните компании како самостојни субјекти на правото. Во моментов е многу тешко да се предвиди ефикасноста на овие најави. Два критериума може да се користат да се измери делокругот на овој проект. Прво, индикаторот за странски директни инвестиции (СДИ). Ако интрагрупните псевдо-трансакции, кои вештачки ги прават Кајманските Острови, Луксембург или Делавер големи меѓународни финансиски центри, не се намалат, ова ќе значи дека сè уште има начини да се сокријат средства во даночните раеви. Втор критериум: компаниите треба логично да придонесат повеќе за јавната каса на државите каде што работат. Во моментов, корпоративниот данок претставува само околу 5% од даночната основа во Франција или Германија. И овие податоци го вклучуваат уделот на даноците платени од малите и средни претпријатија, кои се многу повеќе зависни. За споредба, даноците на потрошувачка и личниот доход варираат помеѓу 60% и 65%.
Покрај тоа, треба да се има предвид дека даночното прашање е само еден од многуте аспекти на целокупниот проблем на законодавството во контекст на неговата целисходност. Истиве не само што овозможуваат заобиколување на даночниот закон на државите каде што работат компаниите, туку и самиот закон. Слободните зони и слободните пристаништа спречуваат користење на какви било работнички права, додека другите регулаторни раеви, како Кајманските Острови за шпекулации со акциите, Маршалските Острови за експлоатацијата на нафта или Канада за рударската индустрија, опфаќаат групации што регистрираат компании во контекст на законот за животна средина или човековите права. Што се однесува до човековите права, знаеме дека мултинационалните компании се вешти да се извлечат пред судовите кога некоја од нивните подружници е инволвирана во скандал тука или таму во светот. Премногу често, судијата не сака да ја осуди матичната компанија, за она што една од нејзините подружници, независна според законот, го сторила во странство. За тоа сведочи и одлуката на судот во Хаг, кој, во 2013 година, одби да ја осуди матичната компанија на претпријатието Шел, лоцирана во Холандија, за исклучително сериозна штета врз животната средина сторена во Нигерија, за што одговорноста и ја припишуваше исклучиво на нејзината подружница.
Останува оваа вознемирувачка констатација: само САД изгледаат во позиција да дозволат, или еден ден повторно да го спречат, овој вид на шеми, додека Европа сепак не е во можност да го запре офшор феноменот во своите рамки. Траба сепак да се забележи дека Европската унија го обликуваше континентот според самата логика на глобализацијата, оставајќи ја Романија, на пример, да се развива како слободна зона, Малта како слободно пристаниште, Ирска и Холандија како регулаторни раеви, а Луксембург дури и како еден супермаркет на пермисивна законска регулатива.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Boris Cassel et Matthieu Pelloli, « En 2018, Google n’a payé en France que 17 millions d’euros d’impôt », Le Parisien, 01.08.2019, et Maxime Vaudano, « Optimisation fiscale : Google évite des milliards d’impôts en déplaçant toujours plus de profits aux Bermudes », Le Monde, 04.01.2019.
- Rupert Neate, « Amazon had sales income of €44bn in Europe in 2020 but paid no corporation tax », The Guardian, Лондон, 04.05.2021.
- Jesse Eisinger, Jeff Ernsthausen et Paul Kiel, « The secret IRS files : Trove of never-before-seen records reveal how the wealthiest avoid income tax », ProPublica, 08.06.2021, www.propublica.org
- Sarah Belhadi, « Pascal Saint-Amans (OCDE) : “Sur l’optimisation fiscale, il fallait changer de paradigme” », La Tribune, 27.11.2015.