Ова е историјата на големо недоразбирање. На 30 март, шефовите на бразилските воздушни и копнени сили, како и бразилската морнарица објавија заедничка оставка. Печатот слави: за него, претседателот Жаир Болсонаро – кого го презира – штотуку беше оставен од војската. “Мисијата е завршена”, типичен наслов во таков стил на дневниот весник Фола де Сао Паоло на 31 март, кога неговиот главен конкурент, „Естадо де Сао Паоло, го подвлекува „Отпорот на членовите на генералштабот на тврдењата на Жаир Болсонаро да ги вклучи во авторитарна авантура“1. Една недела порано, претседателот на Бразил им потврди на своите приврзаници: „Народот може да смета на вооружените сили за одбрана на демократијата и слободата“ – т.е. треба да се разбере вака: да го брани правото да се спротивстави на ограничувањата воведени од страна на одредени гувернери на бразилските федерални држави во контекст на пандемијата Ковид-19. Но, овој пат, чашата навистина се преполни, уверуваат бразилските медиуми, честопати пренесувани од меѓународниот печат: оставката на тројцата високи офицери покажува дека војската повеќе нема да дозволи извршната власт да го диктира нивното однесување. И дневниот економски весник Валор заклучува дека во моментов нема „никаков ризик од политизација на воените сили“2.
Бразилската реалност е сосема поинаква. „Сигурно е дека војниците ги активирале своите контакти во печатот за да го пренесат овој говор, но тој не е многу веродостоен со оглед на фактите“, проценува Кристоф Хариг, научен соработник на универзитетот Хелмут Шмит во Хамбург. Комуникациската операција всушност има за цел да ја претстави армијата таква, каква што таа има намера да изгледа: како гарант на демократијата, единствениот способен да стави кочница на она што политичката и медиумската елита го осудува како „лудилото на Болсонаро“. Француската историчарка Мод Кирио, специјалист за бразилската војска, се согласува со тоа: „ Навистина, има несогласувања меѓу претседателот и војската. Но, војската е веќе на власт. Тие се исполитизирани како никогаш порано и немаат намера да ги напуштаат своите работни места.“ Еве зошто „разделбата“ објавена од печатот изгледа повеќе како обична расправија. Тоа не го спречи претседателот Болсонаро да заспие: три недели по оставката што требаше да промени сè, тој повторно се закани дека ќе интервенира со „својата армија“ против гувернерите, за кои се проценува дека не сакаат да соработуваат3.
Дискусијата за вооружените сили како заштитник на демократијата е веќе познат рефрен во самиот Бразил. Истиот овој 31 март, годишнината од воениот удар од 1964 година и воспоставувањето на воена диктатура која траеше цели дваесет години, традиционално нуди можност ова да се обзнани, преку традиционалното соопштение за печатот од Министерството за одбрана прочитано во сите касарни во земјата. Оваа година, штотуку именуваниот министер – неговиот претходник беше сменет два дена претходно од претседателот за време на реконструкцијата на владата во Бразил – изјави: „Пред педесет и седум години, вооружените сили ја презедоа одговорноста за воспоставување мир во земјата за да ги осигурат демократските слободи што ги уживаме ние сите, овде и денес.“ Во тоа време, заканата беше комунистичка. Денес армијата застана на страна на претседателот Болсонаро, во името на „борба против корупцијата“ и против „распаѓање на традиционалните вредности“, смета резервниот генерал Пауло Чагас, поддржувач на претседателот.
Иако вооружените сили не се единствени одговорни за доаѓањето на Болсонаро на власт4, тие сепак имаа клучна улога. Нивната најзначајна (и најефективна) позиција помогна да се исфрли Луиз Инасио Лула да Силва од претседателската кампања во 2018 година, бидејќи анкетите го претставија како огромен фаворит. На Твитер, на 4 април 2018 година, во пресрет на одлучувачката пресуда на Врховниот суд во врска со жалбата на поранешниот шеф на државата за да се избегне неговото затворање, тогашниот шеф на армијата, генерал Едуардо Вилас Боас и се закануваше на земјата со воена интервенција во случај на одлука поволна за „Лула“. Сега се знае дека овој твит е изработен во согласност на целиот генералштаб: затоа не го одразува единствено мислењето на офицерот на кого претседателот Болсонаро ќе му оддаде почит во 2019 година, како на „еден од главните лица за [неговиот] избор“5. Според една студија6 што се однесува до офицери претплатени на Твитер на профилот на генералот Вилас Боас, најмалку 115 активни офицери, проследени како целина од скоро 670.000 луѓе, објавија 3427 политички твитови помеѓу април 2018 и април 2020 година. Нормално забрането со воената дисциплина, овој активизам, како и кампањата за избор на Болсонаро во касарните, воопшто не доведоа до санкции.
Откако беше избран нивниот фаворит, офицерите го зголемија своето присуство во администрацијата на ниво што не е видено порано, дури и во деновите на диктатурата. Според извештајот на бразилскиот федерален Ревизорски суд на унијата (ТЦУ), во јули 2020 година, дури 6.157 војници, од кои повеќе од половина се активни, заземале функции вообичаено наменети за цивили. Во 2016 година, кога Дилма Русеф беше претседателка на Бразил, имаше 2.957 (без во меѓувреме да има некоја посебна инфлација на бројот на функционери). Треба да се напомене дека подемот на војската е постојан за време на мандатите на Работничката партија (ПТ). Поранешниот претседател „Лула“ (2003-2010) одлучи да се раздели од својот прв министер за одбрана наместо да се спротивстави на вооружените сили, и ниту еден генерал не беше казнет за критиките – колку и да биле основани – за неговата политика, особено во врска со демаркацијата на земјите на домородците во Бразил. Претседателката Русеф, на власт од 2011 до 2016 година, го одобри нивното учество во мисии за „пацифирање“ на фавелите во Рио де Жанеиро, особено за време на „безбедносните“ операции поврзани со Светскиот куп на ФИФА во 2014 и Олимписките игри во 2016 година7.
Континуитет, сходно на тоа, освен што одговорностите кои им се доверени сега добиваат друго значење: 7 од 23 министри се офицери, кои раководат со 16 од 46 компании контролирани од државата, почнувајќи од главната, нафтената компанија „Петробрас“. „Во администрацијата на Бразил има повеќе војници отколку во таа на Венецуела, која Бразил ја опиша како „воен режим“, забележува Марсиал Суарез, професор по меѓународни односи на Федералниот универзитет Флуминенсе (УФФ) во Рио де Жанеиро. „Всушност, јас во моментов не гледам никаква демократија што има толку многу офицери на толку високи позиции.“
За Адријана Апаресида Маркес, научен соработник за одбранбени прашања на Федералниот универзитет во Рио де Жанеиро, не случајно што „класата на Хаити“, како што се нарекува, е во контрола на земјата. Девет високи резервни офицери, кои сега заземаат високи функции во Бразил, беа дел од мисијата за стабилизација на Обединетите нации во Хаити (МИНУСТАХ), со која командуваше Бразил од 2004 до 2017 година. „Една од целите на оваа мисија таму беше токму избегнување на политизацијата на вооружените сили со нивно отстранување од локалната политичка сцена. Но, произведе сосема спротивен резултат, бидејќи задачите што ОН им ги доверија не беа само воени, туку и политички“, објаснува научната соработничка.
После оваа мисија, која бразилската војска ја смета за успешна8 додека предизвикува поплава од критики, почнувајќи од оние на хаитските локални невладини организации, тука, во Бразил, офицерите се достапни сега да и служат и на својата земја9. Треба да се рече дека ова беше божји дар за претседателот Болсонаро, кој немаше политичка партија достојна за тоа име, и му недостасуваа раководни кадри со кои требаше да ја пополни својата влада. И како што потсетува Жоао Роберто Мартинс Фило, професор по општествени науки на Федералниот универзитет во Сао Карлос, кој штотуку координираше есеј за армијата и кризата со која се соочува земјата, „војската спроведува стратегија за свои кадри да станат професионални цивилни функционери најмалку една деценија. Високите офицери ја завршуваат својата обука со цивилни дипломи за администрација, комуникација и менаџмент, особено во двете главни високи школи за либерална економија, на Фондацијата Гетулио Варгас и на Фондацијата Дом Кабрал“.
Така што, не е случајно, во Бразил, од 2014 година, да има зголемување на бројот на воени кандидати на локалните и федералните избори. „Повикувањето на офицерите на армијата е добра работа за Бразил, бидејќи тие се компетентни и некорумпирани“, тврди пред нас, без око да му трепне, резервниот генерал Алесио Рибеиро Суто. Тој се труди да заборави дека незаконските врски меѓу политичарите и градежните компании и компаниите за изведување на јавни работи, кои се во основата на корупциските скандали, започнале токму за време на воената диктатура. „Тие не сакаат само да ја преземат власта,“ коментира Кирио. „Тие, исто така, сакаат да ги унапредат своите кариери. Новата генерација офицери се сметаат себеси за лошо третирани, слабо платени, а во исто време се гледаат себеси и како елита на нацијата. Всушност, таа генерација на офицери го сака својот дел од колачот.“ Оттука, можеби, и нејзината многу полиберална визија за економските прашања отколку таа на нејзините претходници10: во рамките на владата на Болсонаро, односот на офицерите со ултралибералниот министер за економија Пауло Гуедеш е одличен. „Овие офицери подготвија големи приватизации, како што се тие на енергетската компанија Електробрас и целата транспортна инфраструктура. Дополнително, тие многу ја поддржуваат продажбата на рафинериите на Петробрас и бразилските нафтени извори“, се присетува на Едуардо Коста Пинто, професор по економија на Федералниот универзитет во Рио де Жанеиро.
Но, како и да е, по две и пол години присуство на вооружените сили на врвот на власта, компетентноста на нивните припадници не се очигледни. Борбата против уништувањето на шумите во Амазон, предводена од потпретседателот на државата и резервен генерал Хамилтон Мурао, не дава никакви резултати и ја загрижува меѓународната заедница. Уште повеќе, справување со пандемијата спроведена скоро десет месеци од активниот генерал Едуардо Пазуело, е национална катастрофа која однесе животи на стотици илјади Бразилци. Во 2021 година, довербата на луѓето во униформата падна за цели осумнаесет поени11, иако институцијата дотогаш беше една од ретките, заедно со бразилската црква, која уживаше скоро беспрекорна доверба.
„Оставката на тројцата началници на армијата нема да го промени нивниот ангажман во оваа влада“, резимира Мартинс Фило. „Но, ова им дава можност да излезат од ситуацијата, ако таа се влоши.“ По враќањето на преден план на политичката сцена на поранешниот претседател Лула, исчистен од обвинувањата за корупција што го оптоваруваа и во услови на пад на популарноста на сегашниот претседател, вооружените сили се одлучија за „трет пат“: кандидатура на десниот центар што одговара на нивната идеологија, со што ќе се избегне враќање на власта на омразената левица и ќе им дозволи пред сè да ги задржат своите нови привилегии. „Ќе биде многу тешко да се демилитаризира бразилската држава, бидејќи тоа би имплицирало дека илјадници офицери се согласуваат да ги поделат своите плати со десет,“ заклучува Кирио. Некои, како што е потпретседателот на Бразил Мурао, веќе си бараат свое место во Сенатот.
Се разбира, дитирамбите на сегашниот претседател Болсонаро, кои се закануваат на една земја што сè уште е премногу подложна на воена интервенција, се дуплираа, по настаните на Капитол Хил во Вашингтон во јануари о.г. Сепак, останува малку веројатно дека вооружените сили ќе го следат претседателот во една неуставна авантура, дури и ако бразилската демократија се покаже дека е покревка од онаа на САД, па дури и ако Болсонаро направи Доналд Трамп да изгледа како еден извор на мудрост.
Надвор од самите касарни, зголемената политизација на полицијата – која брои повеќе од 700000 припадници (и има повеќе од 250000 резервисти) и е многу вклучена во движењето на поддршка на Болсонаро – повеќе треба да загрижува. Според една неодамнешна студија12 заснована на нивното однесување на социјалните мрежи, 35% од воените полицајци и 41% од подофицерите комуницирале со профилите на јавните поддржувачи на Болсонаро, вклучувајќи ги и оние на радикалното движење. Од друга страна, оваа стапка паѓа дури на 12% кај инспекторите и 13% кај сојузните полициски службеници. Насилството на коментарите, особено против другите институции на државата (Врховниот суд и Конгресот на Бразил) кои се редовна мета на напад од претседателот Болсонаро, сепак сугерира една радикализација. „Сметам дека има големи шанси овие трупи да го следат Болсонаро во нелегитимна акција, како во февруари 2020 година во Државата Сеара, каде што видовме бунт на полицијата со цел да се дестабилизира гувернер кој се спротивставува на претседателот“, изјавува Адилсон Паес де Соуза, резервен полковник на воената полиција на Сао Паоло и експерт по ова прашање. После тринаесет дена и повеќе од 240 мртви во главниот град на таа бразилска држава Форталеза, претседателот Болсонаро пресуди дека станува збор само за штрајк и го ограничи испраќањето војници за воспоставување ред. Оваа невидена поддршка за нелегален и насилен бунт денес се смета за сериозен преседан.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- « Entre golpistas e velhacos », Estado de São Paulo, 31.03.2021.
- Andrea Jubé, Fabio Murakawa и Matheus Schuch, « Cresce temor de politização das Forças Armadas », Valor Economico, São Paulo, 31.03.2021.
- Интервју за каналот A Critica, Manaus, 23.04.2021.
- Види: Renaud Lambert, « Le Brésil est-il fasciste ? », Le Monde diplomatique, ноември 2018.
- Изјава на претседателот Болсонаро кога новиот министер за одбрана, генералот Фернандо Азеведо е Силва, стапува на функција, 02.01.2019.
- Marcelo Godoy, « Soldados influenciadores: os guerreiros digitais do bolsonarismo e os tuítes de Villas Bôas », во: João Roberto Martins Filho (sous la dir. de), Os militares e a crise brasileira, Alameda, São Paulo, 2021.
- Види: « Pacification musclée », Le Monde diplomatique, јануари 2013.
- Види: Celso Castro et Adriana Marques, Missão Haiti : a visão dos force commanders, FGV, Rio de Janeiro, 2019.
- João Roberto Martins Filho (sous la dir. de), Os militares e a crise brasileira, op. cit.
- Види: Raúl Zibechi, « Que veulent les militaires brésiliens ? », Le Monde diplomatique, февруари 2019.
- Анкета Exame/IDEA, 10.04.2021.
- Política e fé entre os policiais militares, civis e federais do Brasil, Forum da Segurança Publica, São Paulo, 2020.