Од неговото враќање на власт во 2010 година, Виктор Орбан патуваше низ периферијата на Европската унија за да го одржи фронтот против Брисел. Често изговарајќи „Ние, централноевропејците“, тој ги повикува жителите на поранешните „народни демократии“ да бидат различни и да не дозволат некој да им диктира како да се однесуваат. Повеќе од една деценија, унгарскиот премиер, исто така, се залагаше за дипломатија на „отворање кон исток“ чија цел е да се намали силната економска зависност од Запад, но исто толку да се „ослободи од догмите и идеологиите што преовладуваат во Западна Европа“,[1] со други зборови, од либералната демократија.
Долго време, незаинтересираноста на САД за Централна Европа беше благодат за Орбан, кој ги гледа американските „ривали“ – Кина и Русија – како државни модели кои треба да се следат за да се направи Унгарија поконкурентна нација во глобализацијата. Влезот на руските војници во Украина на 24 февруари ги промени картите. Европската унија ги затвора редовите, под покровителство на Вашингтон, и во име на одбрана на либералната демократија. Сè од кое сакаше да се ослободи унгарскиот суверенистички лидер.
„По навика знаеме дека кој и да победи, ние ја плаќаме цената“, предупреди Орбан на 15 март за време на прославата на војната за независност против Хабсбурзите (која беше задушена од руските трупи, како и востанието во Будимпешта во 1956 година). „Централна Европа е само шаховска табла на која играат големите сили, за кои Унгарија е само пион (…) Ако нивните цели го бараат тоа, и ако не сме доволно силни, тие дури се способни и да нè жртвуваат“, продолжи тој.[2] Истиот ден, лидерите на Полска, Чешка и Словенија отпатуваа за Киев за да го уверат претседателот Володимир Зеленски за „недвосмислената поддршка“ на Европската унија за Украина. Орбан, кој се навикна да зборува во име на Централна Европа од револтот во 2015 година против квотите на ЕУ за барателите на азил, се најде изолиран, критикуван дури и од неговите полски сојузници во ултраконзервативната партија Право и правда (ПиС).
Унгарија официјално се приклучи на западниот блок: гласаше во Европскиот совет за последователни санкции против Русија, ја осуди руската агресија, особено за време на гласањето на Генералното собрание на Обединетите нации на 2 март 2022 година, и гласаше за зачувување на територијалниот интегритет на Украина; ги прими украинските бегалци кои транзитираа низ нејзината територија во стотици илјади; испорача храна и гориво за украинскиот регион Транскарпатија во износ од 50 милиони евра; конечно, Унгарија немаше потешкотии со распоредувањето, напролет, на „мултинационална борбена група“ на НАТО по својата 137-километарска граница со Украина.
Но, во исто време, Орбан одби да испорача оружје на Украина, па дури и официјално се спротивстави на транзитот на оружје. Уште во април тој повика на итен прекин на огнот и мировни преговори, за разлика од другите членки на Европската унија, кои сметаат на воена победа за Украина. Сценарио кое Орбан категорично го исклучи зад затворени врати пред својата партија на 10 септември во Коче.
Војната ги поткопува сите негови напори за обнова на економијата по кризата во 2008-2009 година, која ја остави Унгарија финансиски уништена. Во април, премиерот лесно ги доби четвртите последователни општи избори (со 54 отсто од гласовите), со ветување дека ќе ја задржи политиката за субвенционирање на енергијата, која започна во 2013 година. Но, шест месеци подоцна, Унгарците се соочуваат со инфлација од 18,6 отсто на годишно ниво, па дури и 33 отсто само за храна. Форинтата изгуби речиси една третина од својата вредност во последните пет години и 15% во текот на една година во однос на еврото. Привршува декадата на економска експанзија од која корист имаа големи сегменти од општеството.
За време на состанокот со канцеларот Олаф Шолц на 10 октомври во Берлин, унгарскиот премиер ја обвини за кризата европската политика на санкции, која се сметаше за „примитивна во нејзината концепција и катастрофална по нејзините ефекти“. На 14 октомври, тој започна „национална консултација“ на оваа тема со испраќање формулар до сите домаќинства во Унгарија. Граѓаните имаат рок до 9 декември да одговорат на прашања како ова: „Дали ги одобрувате санкциите што ги зголемуваат цените на храната, со што се зголемува ризикот од глад во земјите во развој и миграцискиот притисок на границите на Европа?“ Овој тип на наведувани консултации веќе се организирани за прашања кои се опсесивни за Орбан, како што се квотите за барателите на азил воспоставени од Европската комисија, кои тој ги нарекува „Планот на Сорос“, или за управување со здравствената криза.
Заедно со Словачка, Унгарија е најзависната земја на Европската унија од руските фосилни горива, со целиот гас што го увезува и 59 отсто од нејзината нафта во 2020 година.[3] За унгарскиот суверенистички лидер, изборот брзо се прави меѓу „евтин руски гас и скап американски гас за кој не сме ни сигурни дека може да дојде до нас“. Будимпешта на тој начин лесно го исполни барањето на Кремљ за плаќање нафта и гас во рубли. На почетокот на летото, по неколкунеделни преговори и блокирање во рамките на Европската унија, тој доби ослободување од забраната за увоз на нафта од Русија – за Унгарија, Словачка и Чешка. Овие три земји без пристап до морето се снабдуваат од гасоводот Дружба („Пријателство“), кој ја снабдува Централна Европа со нафта уште од почетокот на 1960-тите. Секоја замена би била многу скапа на краток рок.
Поврзувањето на Унгарија во есента 2021 година со гасоводот Туркстрим, кој носи руски гас заобиколувајќи ја Украина преку Црното Море, предизвика гнев кај украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Овие лоши унгарско-украински односи не се новина. Будимпешта го користи своето право на вето уште од 2017 година за да го блокира секое зближување на Киев со НАТО, како одмазда за украинизаторската политика за која Будимпешта тврди дека ги малтретира околу 100.000 Унгарци во Транскарпатија, во западна Украина – рутенискиот регион кој долго време припаѓаше на унгарското кралство, а потоа и на австроунгарската империја.
Додека тензиите меѓу Будимпешта и Киев остануваат високи, Орбан и Путин се зближија во изминатата деценија. Дури и по анексијата на Крим. Откако ја изгради својата репутација врз својот извик „Рускик Хаза!“ (“Русите надвор!”) направен на Плоштадот на хероите во Будимпешта во 1989 година, и идентификувајќи се како „борец за слобода“, како наследник на патриотите кои се соочија со советските тенкови во 1956 година, унгарскиот премиер, од своја страна, се фати неподготвен. Во 2014 година, тој го понуди на Росатом најголемиот јавен договор на сите времиња во Унгарија, без повик за тендер. Руската компанија во блиска иднина треба да започне со изградба на два нови големи нуклеарни реактори во нуклеарната централа Пакс во Унгарија, за сума од 12,5 милијарди евра, од кои дури 80% директно се финансираат со заем од руската држава.
Според мислењето на лидерите на унгарската опозиција, Орбан би станал вазал ако не и агент на Путин, а неговиот нов руски тропизам би се објаснил со корупција. Петер Марки-Зај, поразениот кандидат на опозицискиот блок на парламентарните избори во април, ни изјави за време на неговата изборна кампања пред една година: „Орбан беше интуитивно анти-Путин и за Европската унија, пред да направи пресврт за 180 степени. Ова се случи на 25 ноември 2009 година, за време на состанокот во Санкт Петербург. Не знам што можел Путин да му каже или да му покаже, за да го уценува, можам само да замислам“.
Зближувањето меѓу авторитарните лидери на Русија и Унгарија може да се објасни и со нивната идеолошка блискост. Од нивните говори произлегува истата популистичка визија: онаа на колонијалниот, империјалистички и морализаторски Запад, но сега слаб, декадентен и нихилистички. Имиграцијата, мултикултурализмот, расното мешање и родовите студии кои Западот би сакал да ги наметне на Централна Европа – би биле смртоносни опасности за нивната европска цивилизација. Унгарските националистички конзервативци ги репродуцираат речиси идентично руските закони кои ги стигматизираат невладините организации како „странски агенти“ и се против „хомосексуалната пропаганда“. Инспириран од теоријата за „Големата замена“ чиј главен промотор е сега тој, Орбан смета дека земјите од Западна Европа „повеќе не се нации, туку ништо повеќе од некакви конгломерати на народи“.
Горди на своето потекло од азискиот народот Угри, унгарските националисти се убедени дека иднината е на исток и би сакале да се видат себеси во центарот на, сега веќе, новиот евроазиски геополитички поредок. Како калвинист на чело на една претежно католичка земја, Виктор Орбан, сега се залага за геостратешки сојуз со православниот свет. Унгарија ги блокираше европските санкции против рускиот патријарх Кирил, кој, пак, го одликуваше унгарскиот вицепремиер Золт Шемјен. Орбан, од своја страна, беше одликуван со орден „Свети Сава“, највисока почест на српската црква, од страна на српскиот патријарх Порфирије, по што следуваше и Орден за заслуги од рацете на српскиот претседател Александар Вучиќ, неговиот најблизок нов сојузник. Тие заеднички го објавија на 10 октомври продолжувањето на нафтоводот „Пријателство“ за испорака на руска нафта, преку Унгарија, директно во Србија – еден ефикасен начин да се заобиколат европските санкции.
„Русија не е наш непријател со децении. Таа е поискрен партнер од некои наши таканаречени „сојузници“, гласи еден од многуте вирулентни уводници во крајно десничарскиот референтен весник „Маѓар Немзет“.[4] Авторот смета дека Русија во 1991 година била „осакатена“ како што била Унгарија во 1920 година со Договорот од Трианон и дека САД го планирале руско-украинскиот конфликт за да ја ограбат Русија, исто како Централна Европа по 1990 година. Зад фасадата на пацифизмот, владините медиуми, хегемонични како никаде на друго место во ЕУ, ја презедоа каузата на Русија и само ги пренесуваат ставовите на медиумите на Кремљ. Со видливи ефекти: за многу гласачи во местото Фидеш, особено за пензионерите, виновни за војната би биле Украинците. Па, така, вечерта на својот триумфален реизбор на 3 април, Орбан го стави украинскиот претседател Володимир Зеленски, на шега, меѓу неговите традиционални непријатели, со Брисел и Џорџ Сорос, предизвикувајќи бурна смеа кај унгарската публика.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] « La Hongrie sur la voie d’une démocratie despotique », Le Courrier d’Europe centrale, Budapest, 02.08.2014, https://courrierdeuropecentrale.fr
[2] Говор на Виктор Орбан по повод 174-годишнината од Револуцијата и војната за независност од 1848-1849 г., 15.03.2022.
[3] « Which countries are most reliant on Russian energy », сајт на Меѓународната агенција за енергија, www.iea.org
[4] Pilhal Tamas, « A háború most kezdődik », Magyar Nemzet, 22.09.2022.