понеделник, 14 Окт 2024 / 0:46:04
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Македонскиот дел од Алтермунди – Бирократија и Глобализација

Последните години на здравствена, економска и геополитичка криза зборовите бирократија и глобализација ги поставија на врвот на нивното негативно, пежоративно значење. Граѓаните ги посочуват како виновни,  чувствуват одбивност кон овие општествени феномени слични на митолошките суштества Сцила и Харибда. Се бара нивен модел кој може да биде прифатлив, кој може да значи еднакво услужна бирократија и модел на доволно инклузивна глобализација. Конечно каков е нашиот македонски удел?

Од Петар Трајков


Фото: Aleksandar Kyng / Unsplash

Современиот тек на  глобализација  како  светски процес и бирократизацијата во јавноста остава можност за дуално позиционирање на нивната општествена улога. Постојат извори кои на бирократијата и даваат позитивно значење и такви кои имаат критички пристап. Слична е  поставеноста и во перцепцијата кон глобализацијата. Сепак, идеалниот модел на бирократија создаден од Макс Вебер во рамките на неговата  ,,Социологија на разбирање,,  ни овозможува  да го препознаеме и разрешиме дуализмот на овие социјални феномени и да го определиме вистинскиот курс на општествената акција. Конечно соодветен механизам за да го видиме нашиот национален придонес  кон текот на овие  светски феномени.

Се чини дека треба да се тргне од негативното оценување на бирократијата  како дел од административен апарат етаблиран помеѓу граѓаните и носителите на политички функции. Противречна општествено економска и политичка група која ниту ги има средствата за производство ниту учествува во производството, туку се наметнува како дел од одредена хиерархија. Во крајната негативна инстанца овој термин се користи за да се означи масивната администрација  да се потенцира превработеност во државна управа, па се зборува  дури и за културна, спортска па и црковна бирократија. Се среќава во делата на Русо, Хегел, Де Балзак, Маркс,  Леон Троцки, и додека критика се очекуваше од левичарите таа дојде и од Новата десница и конзервативците. Согласно прозаични описи  корумпираните собирачи на данокот користеле ткаенина врз која поданиците ги оставале своите долгови кон суверенот. Ткаенината со која се  покрива  трупец поставен на средина од селото имала темно црвена боја.

Глобализацијата исто како и бирократијата создава  двојна социјална перцепција, истовремено  постојат нејзини подржувачи  и критичари. Идеално земено, глобализацијата за проглобалистите односно  алтерглобализацијата е природен феномен на интегрирање на планетата на политички и економски план со цел на воспоставување универзални вредности, односно универзална правда. Тоа е прогресот на единството посакуван од целиот современ свет.

Затоа, се поставува прашањето  за видот  на глобализација што  денес  доминира скалирана  со пежоративни и афирмативни квалификативи.

Во оној момент кога по сила на економско-политичкото влијание на корпоративниот дух, бирократијата ќе биде ставена во служба на профитот, тогаш престанува нејзината позитивна улога и таа се претвора во угнетувач. Всушност, ако сакаме да одиме понатаму, можеме да кажеме дека за корпоративната глобализација бирократијата како строго контролиран чувар на системот  може да биде поважна дури и од самата извршна и законодавна власт, тоест од политичарите.

Имено, политичарите  се менуваат, но чиновниците – бирократијата има релативно по долг  траен рок.

Светот е сведок  на ,,Корпоративна глобализација,, која се наметнува со големи конфликти, вклучително и воени. Според Алтерглобалистите чие име потекнува од логото  ,,Подобар свет е можен” или Altermundi, на светот  му се заканува корпоративната глобализација како резултат на таканаречената неолиберална идеја. Екстремен израз на капитализамот, дури поригиден и од империјализмот каков што го познававме. Алтерглобалистите ја определуват  корпоративната глобализација како еден обид за владеење со светот од страна на моќните глобални корпорации односно компании со огромна финансиска моќ да влијаат и  ја контролираат политиката, земат учество во менување на влади,  со крајна цел претворање на планетата во една профитабилна, експлоатирана средина во која профитот, кој е врвната вредност на корпоративната глобализација, ќе се пренасочи во ограничен број на луѓе. Истовремено најголемиот дел од популацијата преживува тешко и пред актуелната здравствена и економска криза. Алтерглобалистите, да забележиме,се разликуват од интернационалното пролетерско движење бидејќи не се противат на капитализмот и на слободниот пазар.

Моделот на  идеална бирократија на Вебер како прифатлив сепак дава можност за полесен пристап кон разгледувањето  на феноменот на глобализацијата. Моделот на  идеална бирократија  на Вебер не е изграден  само во контекст на партикуларната држава-нација, туку во контекст на целото западно општество. Тоа е веќе еден значаен сегмент на неговиот генерален,односно глобален пристап, па затоа од неговото дело може да се генерираат паралели за денешнината, меѓу другото и затоа што главен промотор на глобализацијата, каква што денес се посакува, е западната цивилизација.

Периодот кога Вебер ја дефинирал бирократијата  е времето на златниот стандард  и либерализацијата во деветнаесетиот век, првите чекори на глобализмот и како што растела првата индустријализација  на Европа, така се повеќе се развивала „Првата ера на глобализацијата”. Времето во кое живеел Вебер, е време на развивање на Златниот стандард кој бил прифатен од неколку позначајни држави.

„Првата ера на глобализацијата” се смета дека се дезинтегрира во неколку стадиуми започнувајќи со Првата светска војна, а целосно колабирала со кризата на златниот стандард и во време на Светската криза од триесетите години на минатиот век.

Глобализацијата во ерата по Втората светска војна е управувана од многу рунди на преговори за светската трговија, примарно под правилата на Општиот договор за тарифи, што доведе до серија на договори за отстранување на рестрикциите на „слободната трговија”. Најзначаен пример е Уругвајската рунда, која доведе до формирањето на Светската Трговска Организација  (СТО) со цел да посредува при евентуални меѓународни спорови. Во овој контекст се  Договорот од Мастрихт  и Северно Американската спогодба за слободна трговија кои се потпишани со цел да се намалат  царините и бариерите во трговијата.

Поддржувачите на глобализацијата  сметаат дека првата фаза која беше пазарно ориентирана, треба да биде завршена со  градење на глобални политички институции кои ја претставуваат волјата на „светскиот граѓанин“. Тие не дефинираат однапред една идеологија  која ќе ја ориентира оваа волја, туку според нив глобализацискиот процес треба да биде оставен на слободниот избор на граѓаните преку демократски  процес.

„Бирократската администрација означува фундаментална доминација преку знаењето“. Идеалниот модел на бирократијата според Макс Вебер е постоењето на структурална подреденост во кој надлежностите се цврсто утврдени со акти кои меѓусебно се контролират. Лицата кои работат се професионалци кои за определена плата практикуват професионална деловна тајна, работните места не ги наследуват, определено е  времето за работа, начинот на нивното унапредување или уназадување во кариерата, сето она што е сработено грижливо се запишува и чува.  Оттука, бирократијата  е најреволуционерниот пронајдок на западната модерна цивилизација.

Поддржувачите на слободната трговија посочуваат дека слободната трговија води до поефикасно распределување на ресурсите со вклучување на сите земји во трговските бенефициии. Воглавно ова доведува до пониски цени, повеќе вработувања и поголемо производство односно стандарди, што реално и се остварува преку обединување на брендовите, на пазарите, валутата, продолжување на векот на светскиот граѓанин, преку големата улога на подобрувањето на стандардите за здравствена заштита на светско ниво и стандардите на економското живеење, преку изедначување во правата и демократските слободи.

Логично, глобализацијата има потреба од соодветна бирократија, тоест јавна администрација. Но, корпоративизмот создава структура која малку е насочена кон општествените и егзистенцијални потреби на граѓаните, вклучувајќи ги тука и националните интереси, а се повеќе кон еден вид на деперсонализирано менаџирање на власта од отуѓен центар од  хиерархијата и општеството во полза на економските интереси на, да ја наречеме така, Глобалната корпорација. Тоа веќе не е автентична администрација  во служба на граѓаните, за која сонува Вебер, туку таа прави се  граѓаните да бидат во нејзина служба. Предприемачка,  трговски ориентирана  бирокраратија.  Се чини тука Вебер го дефинира  негативниот однос  кон бирократијата како феномен.  Тој навреме предупреди!

Излезот од ,,Белата долина  на црвената буржоазија и патот кон меѓународни интеграции.  

Македонското современо општество во рамките на концептот за независна  република на Балканот се соочува со сите проблеми кои се наметнуват од подалечната и поблиска современа историја, преживува континуирана транзиција со забрзано темпо на политички и стопански план која може да се обидеме да ја објасниме со предложениов комплекс на терминологија и пристап. Односно поблиско определување на причините за негативната конотација на доживувањето на бирократијата, но истовремено да ги потенцира нејзините афирмативни вредности.

Генезата на бирократијата историски се следи од геронтократијата и првобитен патријахализам карактеристичен за добата на експанзивните македонски антички семејства. Патримонијалната бирократија историски се лоцира  до времето на падот на македонската династија и владеењето на Рим,  преминот кон византиските теми и нешто подоцна османлиските спахии.

Недоволно развиен системот на феудални односи од страна на Византија и средновековните царства на Србија и Бугарија кои владеат изменично придонесува за одржување на патримонијалните односи и родовото уредување, за што сведочи и касното појавување на племиња како Мијаците. Развојот на патримонијалната бирократија можел да се одвива како во случајот на западноевропскиот витешки систем кој таму завршил со конституирање на уставни монархии. Тоа е едната форма  на патримонијална бирократија за која пишуваме каде моќта е надвор од централната фигура на владетелот. Но, таа била заменета со Султанат за кој се карактеристични  авторитарните односи и кој од овде ги регрутирал јаничарските полкови за кои пишува Вебер. Поврзано со тоа, населението најмногу се концентрира околу патријархалната црковна организација како резултат на што се појавува  другиот модел на патримонијална бирократија за кој пишува Вебер сличен на системот на римското папство (наречен Ром милиет). Тоа го поставува населението во незавидна состојба во однос на бирократијата имено, од една страна да биде државата и на другата страна да останува верската хиерархија. Тоа создава  негативна конотација и слабо препознавање на бенигните афинитети на администрација. Веројатно, афирмативната придобивка од ваквиот развој ќе биде зачувувањето на етничките идентитети.

Понатаму слабиот развој на капитал односот како предуслов за моќна бирократизација, задржување на занаетчиството и мануфактурниот систем дури и по првата Светска војна независно дали во рамките на Србија, Бугарија  оневозможуват развој на администрација. Станува збор за транскрипција на административни модели од централна и западна европа односно таканаречена баварократија наметната преку речиси граѓански монархии кои на територијата на Македонија дејствуват анемично.

Идеалниот бирократски модел, односно моделот на легалната бирократија  започнува да се гради по современ терк дури во времето на индустријализацијата и електрификацијата и нејзино фундирање во системот на Социјализмот.

Ако ја проследиме оваа македонска бирократија низ трите периоди на економскиот развој на СФРЈ кој е карактеристичен и за овие простори и нејзиниот развој во транзицијата и приватизацијата, можеби ќе можеме подблиску да ја идентифицираме создадената популарно наречена ,,црвена буржоазија,, како отуѓена структура од оние во чија полза требаше да работи. Отуѓена администрација  која ја следеше општата тенденција да зачне нов државен капитализам и самата да се претвори во нова класа како што истакнуваше Ѓилас Милован (1911-1995).

Во рамките на сложената администрација која не ги управуваше само јавните работи туку и производството и услугите кои во другите системи се алоцира  во приватниот сектор се создадоа основите за бирократизација и технократијата на македонското општество. За да се открие генезата на домашната бирократија која ја создаде привилегираната интересна група треба да се разгледат трите периоди на стопанисување: планирана – централна економија, самоуправен социјализам со договорна економија и периодот на приватизацијата. Улогата што одредени технократски групи ја имаат во процесот на производство им овозможи да бидат отуѓени во текот на планската економија, за подоцна да се промовира и да се наметне делумно пазарната економија самоуправен систем и на крајот да се изведе приватизацијата на општествената и државна сопственост.

Првите клетки на ,,техно – групите,, се појавуват во централно планското производство на ортодоксниот комунизам, кога професионалниот апарат какошто забележува Зоран Видаковиќ останува врзан за производниот процес, но покажува извесна самостојност во однос бирократијата на централизмот која се состои во вештината и техничките знаења. Таквата состојба најде место и во некои македонски романи – Белата Долина С. Дракул. Овде се исполнува основниот веберовски предуслов за појава на бирократија имено забрзаната индустријализација предизвикува растење на капацитетите и потребата од рационално администрирање.

Вториот период е период на воведување на самоуправен социјализам. Тоа е прокламирано ,,чисто работничко управување,,. Во овој период децентрализираните групи доспеват до политичката моќ. Покасно овие интересни групи на технократи и бирократи ќе се потпрат на проширена репродукција, дел од средствата влегуват во купопродажен систем,  институтот на цените, даноците и доходот ќе им овозможат да станат доминантни во целокупниот општествен живот. Ги акумулират средствата на општествениот фонд за развој, се појавуват како мецена на образованието, на уметноста и спортот.

Покасно беше воведена и пазарна економија во прегратките на државата или т.н. договорна економија што претставува уште едно ликвидирање на самостојното  одлучување на работникот и граѓанинот и негово подредување на бирократијата. Во договорната економија директорите на фирмите ја обезвреднуват наемнината за да добијат кредити. Кредитите се најчесто неконверзивни, но не ја исполнуват целта, крајниот ефект е сиромашење на работникот, на државата и богатење на поединци.

Следното трансформирање беше она во кое државната сопственост беше превземена од страна на фирмите во име на работникот. Внатре настануваше отуѓување како релативен вишок, а со самото тоа што работникот најде егзистенцијален спас во пазарниот дел на стопанството – апсолутниот вишок се појави веднаш. Тоа беше показател дека во државата постои нов сталеж кој  ги експлоатира  работниците. Затоа судирот на работникот со директорот е постојан. Директорите ги користат сите средства за да се справат со синдикатот. Работникот кој  пред целиот свет се перцепираше како ,,диктатор,,– беше во незавидна положба во сопствената ,,диктатура,,.

Овде треба да се потенцира за сталежите дека доколку класите се дефинират во однос на средствата за производство, сталежите истовремено се дефинират во однос на потрошувачката и угледот. Угледот,  пак, е врзан со физичкото неработење и некреативност. Вебер пишува како џентлмените кои се појавуват во западна европа немат намера да бидат претприемчиви, а социјализмот токму такви односи подржуваше. Таквото однесување на дел од населението ја предизвика работничката класа да се идентификува со сонот за припадност кон новиот сталеж и во негово име да ја негира граѓанската класа за што сведочи и слабиот интерес за градската архитектура како модел на идентификација. Но, кога оштеството се оптерети со неподвижност и затвореност системот на бирократијата налагаше промена.

Следува периодот на напуштање на социјалистичкото уредување однадвор и промените на системот на администрацијата од внатре. Демократијата и приватизацијата во еден сооднос на нереални односи на базата и надградбата во транзицијата  создадоа структури со претензија да го контролират целокупниот економски и политички живот и општествената надградба.

Наследената бирократија од претходниот систем, нејзините навики  и силата во општеството поради потребата од својата транзиција произведе општа состојба на транзиција и го закочи економскиот и политичкиот развој на земјата. Имено оној што во такви услови се опредметувал не може да биде носител на иницијативноста на едно општество ниту во производноста ниту во надградбата, било политичка или културна.  Се случи пад на индустриското производство, осиромашување на граѓаните, намалување на демографските параметри посите основи и миграции, губење на редица домашни фирми пред налетот на глобалната корпоративна глобализација, губење на редица домашни брендови, пропаст на туристичките локалитети, запустеност на културниот процес. Страв од инвестиции и од конкуренција. Поради нагласениот судир со партократијата од минатиот систем предизвикано е назадување во политичката култура и непознавањето на основните правила на политичката социологија и, покрај тоа што беше избегнат поширок судир сепак конфликтите беа присутни.

Логички заклучок е дека овој општествен концепт на бирократска организација е комплементарен само со корпоративниот неолиберален систем. И, како што може да се види тој лесно ja ,,интернационализира” својата улога преку одредени политики кои за пошироката македонска јавност се тешко прифатливи и, потребно е многу време и напор за реална имплементација, но пред се кредибилитет.

Кога Султан Мурат Втори влегол во Константинопол и ги нашол собрани дворските олигарси поврзани со странците кои придонеле за падот на Византија, ги запрашал заради што не собрале пари за одбраната на градот. Тие му одговориле дека парите ги чувале за обезбедување на неговатанова управа. Тој наредил веднаш да ги погубат, а златото да им го одземат.

Но, бидејќи султановата методологија нам не ни е прифатлива мора да предложиме реален пристап. Потребно е поголемо учество во државничките работи  на оние што дозволуват да ги контролира народот, да се постават традиции на политички вредности на владеењето, се повеќе иноватори, претприемачи  во производството, снаодливи и проникливи групи кои ќе го претстават реално граѓанскиот интерес, поголема можност човекот да дојде до израз во институциите без да биде условуван и прекинуван од бирократизираната администрација односно до поголемо значење на развојот на политичката култура.

Мотив на глобалистичките тенденции треба да биде подржувањето на идеален модел на деперсонализирана бирократија,  во која се ангажират професионалци  со морален и хуман интегритет на личноста. Алтернативата на корпоративизмот е длабоко хуманистичка и прогресивна, наместо профитот на прво место е човекот, граѓанинот и неговите потреби како индивидуа и како колектив. Во глобален контекст, единствената функција на бирократијата е таа да биде исклучиво во служба на граѓаните според универзалните принципи на човековите права и вредности. Алтер-глобализацијата нужно не претендира кон еден планетарен центар на моќ, туку кон обединување на „човековиот род“  врз основа на позитивното наследство на историјата. Оттука, таа не нуди исклучиво само еден тип на униформирана бирократија за цела планета, туку остава можност општествата да ја структурираат јавната администрација според своите потреби, традиции и стремежи, се додека не ги засегнат универзалните вредности на човештвото.

Ерата на глобализација, чија иднина се уште не е конечно одредена за алтермунди значи дека бирократијата на иднината ќе ги антиципира токму нејзините  позитивни идеали за овој животно важен феномен и, нашиот придонес треба да биде навремен и суштински.


Користена литература:

  • Beбер, Maкc. (1976). Привреда и Друштво. Београд : Просврета.
  • Гризо Наум Давитковски Борче, 1994, Наука за управата, Просвета, Куманово.
  • Видаковиќ Зоран,1971, Еден чекор напред-два назад, Загреб.
  • Gerath, H.H. and C. Wright Mills (ed). (1958). From Max Weber, Essays in Sociology. New-YorkOxford University Press: A Galaxy Book.
  • Хејвуд Ендрју,2009,Политика.Скопје, Академски печат.
  • Hinkelammert, Franz Jozef and Ulrich Durchov. (2004). Property of people, Not for profit: Alternatives to the global tyranny of the Capital. Progresiio.
  • Kallinikos, Jannis. (2006). The institution of bureaucracy: administration, pluralism, democracy. In Economy and Society Volume 35 Number 4 November 2006: Taylor & Francis.
  • Lane, Jan-Erik. (2014). Globalisation, Civilisations and Capitalism. In International Journal of Humanities Social Sciences and Education (IJHSSE) Volume l, Issue 1, January 2014, PP 1-11 www.arcjournals.org
  • Olsen, Johan P. (2005). Maybe It Is Time to Rediscover Bureaucracy. In, Journal of Public Administration Research and Theory, Vol. 16., doi: 10.1093/jopart/mui027.
  • Pleyers, G. (2010) Alter-globalization: Becoming Actors in the Global Age, Cambridge: Polity Press.
  • Cтојановски,C. (2014).Веберовата теорија за власта:Типовите на легитимна власт.Во Годишен зборник на Правен факултет.Штип:Универзитет,,Гоце Делчев”.
  • Ташева,М.(1999) Социолошки теории.Скопје:Филозофски Факултет.
  • Strashko Stojanovski, Jadranka Denkova,Trajkov Petar, Weber’s models of bureaucracy in the age of globalization
  • Visitchaichan, S. (2003). Revisiting Weber’s Theory of Bureaucracy and its Usefuln
  • Зошто идеологија е важна, Центар за правно политички истражувања Штип 2016

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW