Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Конференцијата за иднината на Европа и Северна Македонија

Конференцијата во центарот на својата работа ги става граѓаните, на кои им дава можност да учествуваат во дијалози за иднината на континентот. Се очекува нивен придонес во неколку клучни области како борба против климатските промени и еколошките предизвици, економија за луѓето, социјална правичност, еднаквост и меѓугенерациска солидарност, европски права и вредности, вклучувајќи владеење на правото безбедноста улогата на ЕУ во светот, демократските основи на Унијата и како да се зајакнат демократски процеси со кои се регулира Европската Унија.

Од Др. Симонида Кацарска
Директор на Институт за европска политика, Скопје


Фото: Juliane Liebermann / Unsplash

На 9 мај 2021 година по неколку одлагања започна Конференцијата за иднината на Европа, во Европскиот парламент во Стразбур под покровителство на францускиот претседател Макрон, кој во 2019 година најави нова визија за Европа водена од мислењата на граѓаните. На отворањето присуствуваа претседателите на Европскиот парламент, претседателката на Европската Комисија, како и претставници на португалското претседателство со Советот на ЕУ. Формално, согласно заедничката декларација, потписниците се договорија да креираат простор за дебата со граѓаните за справување со предизвиците на Европа за да можат граѓаните од различни позадини од Унијата, особено младите да дадат свој придонес во дискусиите за индината на Европа. Опсегот на конференцијата треба да ги рефлектира областите каде што Европската унија има овластувања или онаму каде што активност на ЕУ би била од корист на граѓаните на Европа, со фокус на теми кои навистина значат на граѓаните, со долгорочно влијание1. Потписниците, исто така се обврзуваат дека ќе постапат согласно прилозите прибрани од настаните со граѓаните до пролетта 2022 година, кога конференцијата ќе ги донесе своите заклучоци, во пресрет на Француското претседателство со ЕУ.

Зошто е потребна Конференцијата?

Кога во ноември 2019 година во заеднички нон-пејпер на Германија и Франција беше најавена оваа конференција, очекувањата беа дека таа ќе ги земе предвид сите теми во однос на иднината на Европа за зајакнување на нејзината интеграција, како што се улогата на Европа во светото и безбедност, дејствување во нејзиното соседство, дигитализација, климатските промеки, миграциии, борба против нееднаквоста, моделот на пазарна екомонија, владеењето на правото и Европските вредности. Конференцијата треба да се насочи кон идентификување на потребните реформи на јавните политики, преку упатување на промените кои треба да се направат (вклучително промена на договорите, финансиите, организација итн). Предмет на дискусија се и институционалните прашања кои пак треба да обезбедат поефикасно функционирање на Унијата и нејзините институции2.

Сите овие теми, всушност поттекнуваат од бројните предизвици со кои Унијата се соочуваше во изминатата декада кои иако не се наведени директно во заедничката декларација, всушност ќе бидат во сржта на дискусиите. Тука предничи економската криза која претстои како последица од КОВИД 19 пандемијата, структурните прашања како резултат на излезот на Обединетото кралство од ЕУ, идеолошките предизвици од популистичките и авторитарните движења, како и променетата динамика во Европскиот парламент. Јасното, иако постепено движење на Европа кон зголемена улога на државите членки, всушност го намалува значењето на супранационалната димензија и се рефлектира во зголемена улога на Советот, наспроти Комисијата и Европскиот парламент.

Како одговор на овие клучни прашања од Франција и Германија, претседателката на европската Комисија во својата политичка мисија, Урсула вон дер Лејен најави дека очекува граѓаните да го кажат своето мислење на Конференцијата за иднината на европа, која ќе започне во 2020 и ќе трае две години. Конференцијата треба да креира простор за интеракција помеѓу граѓаните, вклучително преку значителна улога за младите луѓе, граѓанското општество и Европските институции како еднакви партнери.  Конференцијата треба да биде добро подготвена и со јасни цели договорени помеѓу Парламентот, Советот и Комисијата. Притоа фон дер Лејен се обврзува дека Комисијата ќе постапи согласно договореното, вклучително и преку законски измени на европско ниво. Значајно е и дека Комисијата останува отворена и за промена на Договорите за ЕУ, ако тоа е потребно.

Структура и формат на конференцијата

Конференцијата ја претседаваат трите клучни инстититуции на ЕУ: Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија кои имаат улога на заедничко претседателство. Работата на ова претседателство е поддржана од извршен одбор, кој се состои од претставници и набљудувачи од овие институции. Во работата на конференцијата се олекува дека ќе бидат директно вклучени парламентите на државите членки, како и други тела и груп, како на пример Комитетот на Регионите, како и Европскиот Економски и социјален комитет. Советот во извршниот одбор го претставува претседателството – кое пак има функција на ко-претседавач. Структурите на конференцијата посветуваат особено внимание на принципот на еднаква застапеност на трите институции и одлукуте се носат со консензус. На секои шест месеци се предвидени состаноци на Пленарниот форум на конференцијата, кој се состои од претставници од трите институции, како и претставници на националните парламенти, граѓаните и други чинители.

Конференцијата во центарот на својата работа ги става граѓаните, на кои им дава можност да учествуваат во дијалози за иднината на континентот. Се очекува нивен придонес во неколку клучни области: градење здрав континент, борба против климатските промени и еколошките предизвици, економија за луѓето, социјална правичност, еднаквост и меѓугенерациска солидарност, европска дигитална трансформација, европски права и вредности, вклучувајќи владеење на правото, миграциски предизвици, безбедноста улогата на ЕУ во светот, демократските основи на Унијата и како да се зајакнат демократски процеси со кои се регулира Европската Унија.

Иако, иницијалната идеја, поддржана во голема мера од претседателот Макрон предвидуваше директни активности на терен како примарна алатка, по нејзиното започнување, фокусот е на дигиталните алатки. Креирана е  повеќејазична дигитална платформа на која ќе можат да се вклучат сите европски граѓани (граѓани на ЕУ), но и тематски граѓански панели, кои би требало соодветно да го претставуваат граѓанството (на ЕУ). Како што е напоменато погоре, потоа расправата ќе преминува на пленарни конференции (секои шест месеци) сочинети од претставници на Парламентот, Советот и Комисијата, но и на сите национални парламенти. Неизвесноста до последниот момент пред почетокот на Конференцијата се водеше околу формулирањето на заклучоците, кои според постигнатиот компромис ќе ги формулира извршниот одбор на Конференцијата. Тие пак треба да се засноваат на предлозите ќе ги усвои Пленарната конференција. И, на крајот, сето тоа треба да го одобрат ко-претседавачите, како и претставниците на сите национални парламенти.

Како и што е вообичаено во европскиот контекст реакциите на финалниот формат на конференцијата се разликуваат при што зависно од позицијата дел од познавачите ценат дека не се оди доволно храбро, додека пак од друга страна се очекуваат институционални реформи. Сепак, во големата слика, најголемиот исчекор ќе биде доколку успешно се справи токму со демократските новини како што се граѓанските консултации, вклучително и нивната транснационална димензија, особено после неуспехот со транснационалните листи за Европскиот парламент.

Замки или што недостасува

Како што е вообичаено во ЕУ, ѓаволот се крие во деталите. Уште пред да започне, неколку аспекти беа евидентни кои загрижуваа во однос на потенцијалот на оваа значајна вежба на демократијата во Европа. Прво, структурата за носење одлуки, односно повторно инсистирањето на консензус има потенцијал да ја закочи работата на Конференцијата, или пак нејзините одлуки да се сведат на најмалиот заеднички именител, што е далеку од посакуваното сценарио. Второ, листата на теми и јавни политики кои се наведени во Конференцијата е исклучително долга. Заедничката декларација споменува многу теми, а наведено е дека граѓаните може да ставаат на агендата прашања кои им се нитни. Но, искуството од вклучување на граѓаните и јавноста укажува дека вклученоста е најцелисходна кога се работи со јасни теми и тесно дефинирани јавни политики. Центарот за европски политики од Брисел, кој пак е директно вклучен во овие процеси даде предлог за креирање на пет кластери или теми: Зелена Европа, дигитална Европа, глобална Европа, Европски здравствен сојуз и иднината на европската демократија. Трето, недостасува унифицираност на пристапите во однос на граѓанските консултации во 26 земји членки. Во овој момент, декларацијата за Конвенцијата остава на добрата волја на различните актери на национално ниво да одржуваат консултации имајќи ги предвид националните специфики. Но, ваков значаен процес невозможно е да биде целисходно спроведен доколку не се утврдат барем минимум правила на игра со цел да се обезбеди и споредливост и предвидливост во процесот. Ова е особено значајно, бидејќи врската со граѓаните на ЕУ е една од најслабите карики во функционирањето на Унијата. Последно, Конвенцијата во оваа фаза не дефинира јасно на кој начин прилозите од граѓанските консултации ќе бидат рефлектирани во одлуките кои ќе се носат. Во оваа фаза, Конференцијата предвидува извештај од консултациите кој ќе биде презентиран до пролетта 2022 година, без насоки за тоа на кој начин ќе бидат рефлектирани препораките од него понатаму.

Претходни искуства – Конвенцијата за иднината на Европа од 2001 година

Европската унија има веќе експериментирано со слични процеси, налик на Конвенцијата за иднината на Европа од почетокот на 2000те години. Конвенцијата за европската Унија беше тело основано 2001 година со декларацијата од Лакен во пресрет на големото проширување и ги рефлектираше дилемите со кои Унијата се соочуваше во период кога беше веројатно во зенитот на своето постоење. Енергијата и целите на оваа Конвенција беа далеку поинакви и таа ја имаше за цел амбициозната, можеби и целосно нереална идеја за подготовка на нацрт Устав на Европската Унија. Од нашата перспектива, значајно е да се спомене дека Конвенцијата од 2001 година ги вклучи и мислењата на земјите кои преговараа за членство, со аргументот дека иднината на Унијата е и нивен заеднички влог.

Конвенцијата во 2003 година подготви предлог договор за Устав на Европа, кој беше отфрлен од страна на дел од државите членки на национални референдуми. Наместо тоа, се донесе Лисабонскиот договор преку измена на основачките договори. Лекциите кои вообичаено се поврзуваат со овој неуспех на Конвенцијата се однесуваат на неприлагоденоста на јазикот на Конвенцијата и нејзиниот премногу елитистички пристап. Честопати, истата се претставува како пропуштена можност за вистински реформи. Имајќи го на ум ова искуство од почетокот на векот, тековната Конференција наместо на елитите, се фокусира на гледиштана на граѓаните, иако нивната поврзаност со Европскиот проект воопшто е една од послабите карики во функционирањето на Унијата.

Конференцијата и западниот Балкан:што понатаму

За разлика од Конвенцијата од 2001 година, која ги вклучуваше земјите кандидати кои пристапија на Унијата 2004, односно 2007 година, заедничката декларација со која се основа Конвенцијата не ги зема предвид земјите кои пристапуваат во ЕУ во овој период. Со оваа одлука дефинитивно не се праќа добар сигнал за Европската перспектива на Западниот балкан во целост. Со ваквиот пристап, ЕУ всушност ги зајакна гласовите кои велат дека Европската перспектива на регионот веројатно и не постои. Иако познавачите на овие прашања подолг период укажуваа на потребата да се вклучи регионот барем како набљудувач во процесите поврзани со конференцијата, носителите на одлуки на ниво на ЕУ не направија исчекор во оваа насока. Аргументите за вклучување на регионот чија иднина несомнено е барем географски во Европа се многу. Од една страна, учеството на западниот Балкан во контекстот на Конференцијата би било поттик за регионот, а релативно мал залак за унијата. Од друга страна, делиберација околу заедничките предизвици може да им помогнат на земјите од Балканот да го градат својот капацитет за превземање на обврските од членството во ЕУ. Во тој контекст сите процеси на социјализација на чинителите од регионот и ЕУ се значајни за креирање директни врски со Унијата и намалување на меѓусебната недоверба.

Во оваа ситуација, сепак, земјите од западниот Балкан, како единствениот регион со перспектива за членство мораат да ја следат работата на конференцијата и да се ‘само организираат’. Чинителите од Западниот Балкан би требало да работат со благонаклонетиот дел од носители на одлуки во Европа, вклучително Европскиот парламент и новите земји членки и да се обидат да се наметнат како учесници во дискусиите за иднината на Европа. Ваква поддршка за вклучување на регионот дојде особено од претставниците на новите држави членки, како на пример Словачка и истата треба да биде искористена. Впрочем, токму овие држави имаат доволно свежа меморија да се потсетат како изгледа да се гледа однадвор во Унијата, па оттаму и нивното разбирање и очекување дека западниот Балкан треба да биде во некоја форма вклучен во овие дискусии.

Секако, ова не е едноставен потфат, особено ако се чувствувате како непоканетиот гостин. Но, во големата слика, Конвенцијата ќе продолжи и без нас и ќе донесе одредени заклучоци и реформи кои несомено ќе влијаат на регионот и неговата иднина во ЕУ. Изборот за нас е дали да седиме како набљудувачи и предмет со кој се бави Европската политика или да се наметнеме во дадената далеку од идеална ситуација како субјекти или актери кои ги креираат политиките.

Во идеален случај регионот би требал координирано да дејствува преку различни начини. Еден од нив, кој беше препорачан од експертски анализи беше да се искористи улогата на Регионалниот совет за соработка како инструмент преку кој заеднички би можеле државите од западниот Балкан да дејствуваат и на политичко и општествено ниво. Ваков пример би бил добар и за унапредување на регионалната соработка, но и ќе покаже ниво на зрелост и свесност од страна на овие држави за значењето на процесите на европско ниво. Воедно, настапувањето во име на регион само по себе носи поголема тежина, имајќи го предвид предизвикот на улогата на малите држави во меѓународните односи.

Од друга страна, постои и можност да се стимулираат чинителите кои носат помало политичко бреме за да се поттикнат кон активно учество во процесите кои им се достапни, како на пример консултациите кои ги води граѓанското општество на ниво на Европската унија. Нашите граѓански организации кои се релативно добро вмрежени во европскиот простор може да дејствуваат како исклучително значајна карика во претставување на мислењата на граѓаните од овој регион.

Во овој контекст потребно е и македонското Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања да се обидат доколку е возможно и сами да организираат форми на консултации со граѓаните на темите поврзани со иднината на Европа. Со ваков проактивен пристап, ќе покажеме поголема политичка зрелост и ќе ја зајакнеме јавната свест за заедничките предизвици. Причините кои укажуваат на оваа потреба се многубројни. Меѓусебната поврзаност на ЕУ и Балканот е очигледна во економска, географска и политичка смисла. Секоја криза во Унијата, па дури и само дел од нејзините држави членки има свои последици во регионо. Дополнително, сите предизвици со кои се бави Конвенцијата како што се глобализацијата, миграциите, или КОВИД 19 кризата се споделени помеѓу регионот и Европа.


Фусноти:

  1. https://www.consilium.europa.eu/en/press/press-releases/2021/03/05/the-conference-on-the-future-of-europe-gets-green-light-from-the-council/
  2. https://www.politico.eu/wp-content/uploads/2019/11/Conference-on-the-Future-of-Europe.pdf

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW