Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Кога Виена беше црвена

Во Грац, вториот по големина град во Австрија, на општинските избори во септември 2021 година, победи Австриската комунистичка партија (АКП), која претставува многу мала политичка сила на национално ниво. Нејзината кампања се фокусираше на прашањето за домување. Идеалите родени во Црвена Виена не се заборавени во некои делови од општеството.


Од Жан-Нума Дуканж
Професор по современа историја на Универзитетот на Руан и на Универзитетскиот институт на Франција. Ја координирал, со Елен Леклерк, книгата L'Autriche 1918-1938 (Atlande, Neuilly-sur-Seine, 2022).


Фото: alessio medini/pexels

Политика во Австрија? Силата на конзервативната струја, тежината на Католичката црква и несоодветноста на денацификацијата, спонтано доаѓаат на ум. Сепак, беше развиена во оваа земја, помеѓу 1890-тите и доаѓањето на власт на австро-фашистите во 1934 година,[1] една од најоригиналните марксистички струи во своето време, поставувајќи го прашањето за национализмот и „националниот идентитет“. Нејзиниот главен град, Виена, не е ограничен само на Хабсбуршката династија: градот бил и долгогодишен дом и бастион на една од најмоќните работнички партии тогаш во светот.

Во 1907 година, таму се појавило ново теоретско списание, на иницијатива на Австриската социјалдемократска партија (СДАП),[2] Дер Кампф (Борбата). Оваа „социјалдемократија“ нема многу врска со она што сега се подразбира под овој термин: произлегувајќи од идеалите на револуциите од 1848 година, таа е силно етаблирана во работничката класа и сака да стави крај на капитализмот. Ото Бауер, еден млад активист од австриско-чешко и еврејско потекло, ќе игра клучна улога во овој контекст. Огромното Австроунгарско Царство на почетокот од дваесеттиот век било составено од повеќе националности, вклучувајќи го и големото чешко малцинство. Следејќи ги стапките на друг социјалдемократ, Карл Ренер (иден канцелар на Австрија, во 1918 и 1945 година), Бауер смета дека прашањето за нацијата мора да се преиспита, но од една марксистичка гледна точка. Истата 1907 година го објавил трудот под наслов Прашањето за националностите.[3] Истакнувајќи ја заплетканоста на повеќе националности на истото место, тој предлага еден модел на т.н. „лична автономија“ што овозможува на сите да им бидат признаени нивните културни права на четирите страни на Царството: секој поединец, каде и да е, треба да може да има корист од културните права признати преку една наднационална структура. Оваа смела теорија поттикнува дебата за тоа што може да се смета за „нација“ – но од социјалистичка перспектива. Можеме ли, навистина, секогаш да го почитуваме „правото на народите на самоопределување“? Многу интернационалисти, тогаш, сметаат дека ова право ризикува да ги мултиплицира малите држави и микро-национализмите; па, затоа тие го бранат развојот на големите територијални ентитети. Покрај тоа, не успевајќи прецизно да ги дефинираат контурите на една нација, Австријците привлекле критики од руските социјалдемократи, особено од перото на извесен Сталин (тогаш многу малку познат).[4]

Надвор од националното прашање, неколку теоретичари прават големи придонеси преку своите публикувани трудови, а појавата на неологизмот „австромарксизам“ го одразува фактот дека Австријците, сепак, претставуваат вистинска школа на мислата. Во 1910 година, Рудолф Хилфердинг го објавил делото Финансискиот капитал, огромна анализа која за првпат се занимавала со прашањето за финансирање на капитализмот и неговите последици.[5] Ленин своето размислување за империјализмот го заснова осврнувајќи се токму на ова дело. Што се однесува до Жан Жорес, тој внимателно го анотирал со оглед на огромниот извештај за империјализмот, кој требало да го претстави во Виена во август 1914 година – за време на Конгресот на Социјалистичката интернационала.

Но, Жорес бил убиен на 31 јули истата година и Виенскиот конгрес никогаш не можел да се одржи. Војната ги уништува големите надежи на движењето на меѓународниот социјализам. Четири години подоцна, старите империи биле збришани од картата на Европа. Австрија е сведена на големина на француски регион. На 12 ноември 1918 година во Виена е прогласена републиката. Пред војната, австромарксистите се надеваат дека ќе ја демократизираат Хабсбуршката империја, ќе ја трансформираат во една огромна Централноевропска република; можеше да се роди еден вид социјалистичка „Централна Европа“. Тоа сега веќе е невозможно. Социјалдемократите се надеваат дека ќе се приклучат на Берлин за некое време; тие сонуваат за голема демократска германска република, преземајќи го револуционерниот проект од 1848 година. Но сојузниците, особено Франција, наметнуваат тесни територијални граници за Австрија.

Прашањето за националностите веќе го нема истото значење. Чесите и Полјаците, меѓу другите, сега имаат и своја држава. Но, на „австромарксизмот“ му претстои уште долг пат. На прво место, Австријците се обидуваат да основаат нова Социјалистичка интернационала, а која сега веќе не е усогласена ниту со Москва ниту со линијата на берлинската СПД. Нивниот обид не успеа, но тие продолжија да ја бранат во 1920-тите, под перото на Ото Бауер, идејата за „интегрален социјализам“, желни да го обединат, долгорочно, најдоброто од социјалдемократијата и комунизмот. Тие одбиваат да го осудат советскиот експеримент, како и да се усогласат со германската социјалдемократија на власт, која крваво ги потисна спартаковците (првите германски комунисти) во јануари 1919 година. Најлевичарските австромарксисти, собрани околу Макс Адлер, ставаат сè на картата на работничките совети кои се формираат во 1918-1919 година низ цела Централна Европа, особено во Виена;[6] тие го сметаат ова како извор на нова непосредна, работничка демократија. Оваа политичко-теоретска динамика околу социјалдемократијата спречува појава на моќна комунистичка партија во Австрија, за разлика од Германија или Франција. Таа ќе остане само една мала локална, милитантна група.

Овие идеолошки специфичности одат рака под рака со неспоредливото присуство на партијата во Европа во тоа време. Во 1920-тите, речиси секој шести Австриец бил надгледуван од здружение поврзано со СДАП. Во 1929 година имало скоро 720.000 членови. Иако партијата е силно воспоставена во големите индустриски градови, сепак не е многу присутна во остатокот од земјата. Економската и политичката криза имаше тенденција да предизвика пад на членството, но сè уште имаше скоро 650.000 членови во 1932 година, повеќето работници. Борбениот дух на последниве се појави во 1927 година (и доведе до крвави репресии) по ослободувањето на убијците на работничките активисти во малиот град Шатендорф. Потоа Австрија влегува во период на квази граѓанска војна. Овие настани ќе се најдат во неколку големи книжевни дела, како што се  Демоните на Хајмито фон Дјодерер и Масите и моќта, од Елиас Канети.

Силата на движењето е неразделна од неговата улога во главниот град на Австрија. Од 1919 до февруари 1934 година, социјалдемократите управувале со градот без прекин. „Црвената Виена“ тогаш станува вистински приказ на нивните достигнувања на меѓународно ниво. Се воведуваат даноци за „луксуз“, што овозможи да се финансира огромен проект за изградба на социјални станови, чиј дизајн на архитектот Адолф Лос требаше да има големо влијание врз Ле Корбизје. Надвор од Советскиот Сојуз, Австрија тогаш беше единствената земја каде крупниот капитал развива амбициозна социјалистичка политика. Партијата ја поддржува културата во невидени размери (кина, театри), како и спортските активности на самите работници. Виена, исто така, е голем уметнички и интелектуален центар, каде што се развиваат многу трендови, вклучувајќи го и познатиот „Виенски круг“ – еден од неговите основачи, Ото Нојрат, одржува блиски врски со австромарксизмот. И многу несоцијалистички интелектуалци, како што е Зигмунд Фројд, ја поддржуваат политиката на градската администрација на Виена.

Сепак, оваа структура се срушила во 1934 година. Виена била црвена, но остатокот од земјата останал во голема мера доминиран од социјал-христијаните (денешната владејачка конзервативна партија е нивен наследник), додека нацистичките пангерманисти чекале во заседа. Во февруари 1934 година, социјал-христијаните целосно ја отфрлаат социјалдемократијата и градат еден нов корпоратистички режим сличен на оној на фашистичка Италија. Многу работнички активисти со оружје се борат по улиците на големите градови, за да се спротивстават. Но, австриските фашисти се подобри од нив. Силата на социјалдемократскиот естаблишмент во главниот град криеше други реалности. Голем дел од земјата го мразеше фактот дека нивниот главен град беше во рацете на „црвените“. Вродениот антисемитизам и примарниот антимарксизам одеа рака под рака: Виена беше ненадејно нарекувана „еврејска креација“ во рацете на „австрискиот болшевизам“. Што се однесува до раководството на СДАП, истото предолго се двоумеше да одговори на овие напади од екстремната десница, која поттикнуваше клима на граѓанска војна уште од доцните 1920-ти.

Работничкото движење било разбиено во 1934 година и завршило со нацистичкиот Аншлус на Австрија во 1938 година. Некои од нив се вклучени во отпорот. Во 1945 година, социјалдемократите се враќаат на власт во градот и водат политика која, барем во областа на домувањето, е инспирирана од нивните претходници. Потоа, од 1970 до 1983 година, тие управуваат со Австрија, преку својот канцелар Бруно Крајски. Неговата политика останува умерена на социјално ниво, но во контекст кога радикалната левица доживува одредено ехо, тој повторно ги активира референците за австромарксизмот.

Во Франција, во новата Социјалистичка партија, повторно основана во 1971 година, левичарската струја, ЦЕРЕС,[7] покажува силен интерес за Ото Бауер и неговиот „интегрален социјализам“, кој го сметаат како претходник на алтернатива. Дидие Мочан и Жан-Пјер Шевенман, нејзините водачи, сонуваат за трет пат – во време кога советскиот модел се чини дека е исцрпен и многу социјалдемократи се првенствено антикомунистички настроени. Во Италија, Италијанската комунистичка партија објавува неколку австромарксистички есеи. Откако станува министер кај Франсоа Митеран, Шевенман отвора една конференција во февруари 1982 година посветена на австромарксизмот.[8] Овој интерес целосно исчезнува од радарот, со мерките за штедење од 1983 година.

Оттогаш, Виена – сè уште социјалдемократски град – често се опишува како „најпријатниот град во светот“.[9] Некои показатели, особено оние за домувањето, ѝ пркосат на сета конкуренција. Актуелната градоначалничка на Париз, Ана Идалго, редовно, но нејасно, се осврнува на виенскиот пример на управување со главен град. Амбициите на политичкото реформирање од 1970-тите, сега изгледаат доста далеку.

Во Грац, вториот по големина град во Австрија, на општинските избори во септември 2021 година, победи Австриската комунистичка партија (АКП), која претставува многу мала политичка сила на национално ниво. Нејзината кампања се фокусираше на прашањето за домување. Идеалите родени во Црвена Виена не се заборавени во некои делови од општеството.

 


Фусноти:

[1] Терминот „австро-фашизам“ се однесува на доктрината и режимот кои ќе го отелотворат: анти-марксистички и анти-нацистички, инспириран од фашизмот на Мусолини, врз основа на еднопартиски систем.

[2] СДАП е акроним на партијата: Sozialdemokratische Arbeiter Partei (Социјалдемократска работничка партија). По 1945 година е преименувана во СПА.

[3] Otto Bauer, La question des nationalités, Syllepse, Paris, 2017.

[4] Jean-Numa Ducange, Quand la gauche pensait la nation. Nationalités et socialismes à la Belle époque,  Fayard, Paris, 2021.

[5] Rudolf Hilferding, Le capital financier : étude sur le développement récent du capitalisme, Éditions de Minuit, Paris, 1970.

[6] Hans Hautmann, Die österreichische Revolution. Schriften zur Arbeiterbewegung 1917 bis 1920, Promedia Verlag, Vienne, 2018.

[7] Центарот за социјалистички студии, истражувања и образование (ЦЕРЕС), основан во 1966 година, се интегрира во Социјалистичката партија во 1971 година.

[8] « L’austro-marxisme : nostalgie et/ou renaissance ? », Austriaca, n°15, 1982.

[9] https://www.eiu.com/n/campaigns/global-liveability-index-2021/

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW