понеделник, 14 Окт 2024 / 1:09:52
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Нема демократија без вистина, нема вистина без дискусија

Кога ќе исчезне просторот за дебата

Овластувањето за назначување не е едностран монархиски атрибут што му дава на јавниот орган моќ на произволно признавање. Во името на заедницата и под нејзина контрола, ги назначуваме работите и фактите. Сепак, заедницата не може да ја изрази вистината без да ги признае дебатата и противречностите на гледиштата. Во спротивно, социјалната вистина не ќе може да се појави

Од Ан-Сесил Робер
Автор на штотуку објавената публикација Најнови лажни вести (Лукс, 2021), од која е преземен овој текст.


Фото: Joakim Honkasalo / Unsplash

Еволуцијата на менталитетот и напредокот на идеите повторно ги дизајнираат контурите на она што општеството го избира за себе како добро. Затоа постои еден неопходен дел од неодреденост во општ интерес. Бавното освојување на социјалните права, на пример, од XVIII  век, а особено од XIX  век, го илустрира карактерот во исто време и како контингентен и како развоен на општиот интерес како таков. Со демократизацијата, мора да се приближи до желбите на народот и, за таа цел, да биде предмет на јавна расправа санкционирана со универзално право на глас. Живата демократија на активни граѓани, внимателни кон јавните работи, се чини, во принцип, дека е опсегот на можностите, ги открива присутните опции и дава поширока и затоа поправедна, повистинита визија за самата реалност. Вистината овде исполнува централна функција затоа што, без неа, утврдувањето на општиот интерес претставува само еден параван на посебни интереси. Ова е, на некој начин, погрешно.

Вистината е поврзана со обврската за „транспарентност“ на јавните органи, но не се работи само за ова. Како и да е, од 1990-тите, границата меѓу двете работи станува сè понејасна. Авторитарната моќ може да ги брани интересите на кастата со најголема транспарентност. Цинизмот кој прекинува со формалниот симпатичен јазик, каков што беше покажан од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, може да биде и прашање на вешто управувана транспарентност. Овде не се работи за вистината, бидејќи овој став е темелно едностран и исклучува какво било реално споделување на социјалниот и интелектуалниот простор. Затоа една транспарентна влада може да биде и лажна влада. Програмите за структурно прилагодување, наметнати на земјите од Југот од страна на меѓународните финансиски институции, препорачуваат и економски мерки и правила за „добро управување“, од кои пред сè и најважно е транспарентното управување со јавните органи (ригорозно одржување на јавни сметки под надзор на контролните тела). Кај земјите кои буквално ги применуваа овие рецепти, се забележува зголемен јаз меѓу институциите и населението и големи последици од државни удари и постизборно насилство (Брегот на Слоновата Коска, Кенија, Мали, да спомнеме само африкански земји). Општествениот поредок, многу нееднаков, можеби се засноваше на транспарентно управување, но не беше во согласност со реалностите од секојдневниот живот на жителите. Па, затоа, потребно е да се обезбеди слобода на изразување и јавно разгледување со цел да се создаде простор за утврдување на вистината од страна на просветлените граѓани.

Меѓу функциите на политиката, онаа на именување на нештата е една од најделикатните и најсуштинските, бидејќи овозможува да се одредат референтни точки, да се разликуваат нештата што се априорно збунувачки, со нивно оквалификување. Во функција на вештина на зборот и подредување на реалното, може да се рече дека политиката означува предмети, функции, ситуации; правејќи го тоа, таа доделува места, воспоставува хиерархии и припишува значење на самата реалност. Оквалификувањето, на пример, како „големо оптоварување“ на самите „социјални придонеси“ е показател за избор на социјален поредок. Во зависност од убедувањето, политичарите користат еден или друг израз. Да се потсетува, како што направи новинарката Беатрис Шенберг, за “атентатот врз Луј XVI“, а не за неговото „погубување“, значи дека собранието што му судело на сменетиот монарх било нелегитимно и всушност сторило кривично дело1. Постојат многу примери.

Бидејќи извршуваат репрезентативна јавна функција, лидерите им даваат на своите зборови невиден авторитет. Ако владетелите не ја задржат својата моќ да именуваат, тогаш тие заземаат суштинско место кое се состои во запечатување на консензусот утврден во општеството. Барањата на граѓаните, здруженијата и партиите исто така се претвораат и во терминолошки избори што ја изразуваат нивната анализа на светот или на одредена реалност. Целта е тогаш да се направат познати овие избори и да се наметнат како еден симбол на премолчената согласност на општеството. Феминистичките движења, на пример, се борат да го вклучат терминот „фемицид“ во кривичниот законик, така што насилството врз жените е препознаено по својата специфичност. Сепак, јавните органи не сакаат да ја направат оваа разлика и сметаат дека терминот „убиство“ се однесува на сите, без оглед на полот2.

Одбивањето да се именува, со отфрлање на збор или со молчење, очигледно има тенденција да пренесе еден засрамен феномен во тишина, да минимизира или да оправда политика или отсуство на политичко дејствување. Францускиот претседател Емануел Макрон понуди зачудувачки пример за ова кога тој одби да ги спомене „тешкотиите“ на работното место, а под изговор дека тоа би го дало „чувството“ дека работното место е… тешко. Сепак, извештаите од специјалистичката медицина и социолошките истражувања изобилно покажуваат несреќи на работното место, без разлика дали тие се физички или психички3. Шефот на државата зборуваше на јавна дебата на 4 октомври 2019 г. во Родес, додека движењето „жолти елеци“ ги истакна социјалните неправди и оние во секторот на вработувањето. Став сличен на оној на францускиот претседател, се гледа и во одбивањето на неговиот министер за внатрешни работи да го употреби изразот „полициско насилство“, потврдувајќи „се задуши“ кога ќе го чуе тоа4. Таков феномен не би постоел, според Жерал Дарманин, кога недоличното однесување би било чисто индивидуално и одвоено од организацијата за одржување на редот. Во овие одбивања, може разумно да се види нова илустрација на „идеолошкото незнаење на идеологијата“ толку добро анализирано од Клод Лефор, на самите владејачки класи, заглавени во своите филозофски избори, обидувајќи се да ги избришат конкретните последици со отфрлање на зборовите што ги назначуваат.

За да постои „поствистина“, мора да постои и „вистина“, т.е. јавен простор за дискусија „слободен и аргументиран“ во смисла во која го кажа Кондорсет – овозможувајќи не само да се опише реалното, туку и да се стави под дискусија. Но, како и да е, таква ситуација повеќе не постои. Со други зборови, дека просторите за дискусија исчезнуваат во корист на непрекинато дрдорење што останува на површината на нештата. Некои ја одбиваат дебатата. Други тврдат дека ја прифаќаат, но заменуваат форма на дијалог поблиску до навреда. Современите општества страдаат од суров недостаток на политика, исполнето со секојдневно управување со специфични побарувања, полициска контрола на јавни простори и штелувањето на сметководствените барања во служба на често импровизирани или слабо осмислени проекти. Од друга страна, ова претставува, исто така, и една од причините за широко распространетата констатација дека „зборовите“ веќе немаат никаква смисла; прибегнувањето кон елементите на јазикот претставува завршен облик на целосен презир кон вистината и изразување на цинична институционализација на лагата. Овој развој се граничи со вистинско политичко самоубиство, кое се одвива во лоши временски услови.

Овластувањето за назначување не е едностран монархиски атрибут што му дава на јавниот орган моќ на произволно признавање. Во името на заедницата и под нејзина контрола, ги назначуваме работите и фактите. Сепак, заедницата не може да ја изрази вистината без да ги признае дебатата и противречностите на гледиштата. Во спротивно, социјалната вистина не ќе може да се појави.

 

Преведено од:  Дарко Путилов


Фусноти:

  1.  « Prise directe », France 2, 25.01.2011.
  2.  Тие, исто така, се повикуваат и на попрактични аргументи, како што е дополнителната тешкотија предизвикана од потребата да се потенцира навистина анти-женскиот карактер на убиството.
  3.  Christophe Dejours, Souffrance en France. La banalisation de l’injustice sociale, Points, coll. « Essais », Париз, 2014.
  4.  Законодавна комисија на Националното собрание, Париз, 28.07.2020.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW