Тој е син на лекари, учел во католичко училиште во Амиен, дипломирал на Парискиот институт за политички студии, ја посетувал Националната школа за администрација на Франција, инспектор за финансии, инвестициски банкар. Таа е ќерка на директор на компанија, поранешен ученик во католичко средно училиште во Версај, дипломирала на Високата школа за менаџмент и деловни студии, ја посетувала Националната школа за администрација на Франција, државен советник. Тој им се додворува на гласачите кои се универзитетски дипломци и се проевропски настроени; таа ги заведува јавните личности во корист на својата кампања. Нивната венчавка ќе го обединеше буржоаскиот блок.[1] Но, еве, сега Емануел Макрон и Валери Пекрес се натпреваруваат за гласовите на францускиот електорат. Импресија на веќе видена работа: двете главни француски политички формации, во суштина, се натпреваруваат да ги задоволат аспирациите на моќниот, влијателен, но малцински општествен слој. Слојот на раководители и на високите интелектуални професии, како и менаџери на компании, кои заедно сочинуваат едвај околу 20% од работоспособното население. Тежина слична на онаа на работниците, кои не ја будат страста на избраните народни претставници.
Соочена со коалицијата на богатите која спонтано ќе ги собере десницата и центарот во вториот круг од француските претседателски избори доколку нејзините двајца кандидати не се соочат во овој круг, на работничката класа[2] и останува да биде бројчано во мнозинство, но политички фрагментирана и комплетно дотолчена. Во Франција, речиси секој втор работник е мануелен работник (осум од десет се мажи) или службеник (три од четири се жени), со некакви квалификации и ниски плати. А социјалната дистанца се намалува помеѓу овој пролетаријат и малите средни класи од приватниот сектор (техничари, продавачи) или од јавниот (јавни чиновници од категорија Б, медицински сестри, наставници), уништени со владините мерки на штедење и деградација на нивните работни услови.
Во склад со главните медиуми и експертите, партиите ги засноваат своите изборни стратегии на имиџот на поделено општество по линии кои се секогаш идентични. Од една страна е работничкиот свет во опаѓање, машки, од тешка градска периферија, „архипелагичен“, фрагментиран и отпорен на општествените и еколошките вредности што ги носи – од своја страна, образованото урбано население од центарот. Минато наспроти иднина, периферија наспроти центар, повлекување наспроти отвореност, игноранција наспроти знаење, вкоренетост наспроти номадизам, идентитет наспроти различност, плебс наспроти елити, популисти наспроти либерали: фактот што овие генерички расцепи и линии на поделеност во општеството, толку лесно го наметнаа своето очигледно самодокажување во последните петнаесет години,[3] не е само поради тоа што тие даваат една навистина попрецизна слика за земјата отколку сервираната голема басна за „пресметување на просекот“ што е во мода уште од 1970-тите. Ова е и поради тоа што имплицираат прераспределба на изборната игра, ама така добро направена, за сè да се движи, без ништо да се менува. На предизборната аукција или поточно, берзата за гласови, екстремната десница ја освојува констелацијата на разочараните и негаторите: губитниците поради глобализацијата од работничката класа, занаетчиите и ситните трговци, малите семејни работодавци и традиционалната десница полна со „тестостерон“, а кои Националното собирање и Ерик Земур се обидуваат да ги организираат во некаков си националистички картел. Ова е добра работа, но Макрон и онаа Пекрес не го сакаат тоа. За да дојдат на власт без поддршка од мнозинска коалиција, ќе им биде доволно да ја користат „фашистичката закана“ или „популистичката опасност“ како средство за одвраќање – а цело време наголемо прават расистички намигнувања и задаваат безбедносни удари, за да ги направат да изгледаат лошо.
Останува само левицата да ги собере трошките, надевајќи се дека ќе го оживее сеништето на новиот народен фронт што ќе ги обедини мануелните работници, чиновниците и интелектуалната средна класа. Но, оваа стратегија се сведува на лепење два магнети за ист пол. Со крајот на меритократските илузии меѓу најмалку образованите и културната самосегрегација на најобразованите, изгледите да се соберат сите на истата страна од барикадата изгледа далечна, дури и ризична.[4] „Односот кон движењето на „Жолтите елеци“ беше многу јасно структуриран според степенот на дипломата на поединците“, потенцира анкетарот Жером Фурке, во 2019 година. „Најобразованите беа особено отпорни, дури и непријателски настроени, додека најмалку образованите беа многу повеќе во склад со ова движење“.[5] Така, речиси една третина од полуквалификуваните или квалификуваните работници „се чувствуваат како член на движењето Жолт елек“, во споредба со само 9% од универзитетските дипломци. Тим на социолози, кој ги истражува вкусовите и моралните склоности на општествените класи, исто така го констатира „одбивниот ефект што го создава ликот на наставникот кога се испрашуваат најмалку образованите жени – со тоа што им се презентираат фотографии – за поединците чиј начин на живот им се чини дека е најоддалечен од нивниот“.[6] Можеби ќе биде потребно извесно време за двајцата да размислат за заедничката иднина.
Изборниот успех на „буржоаскиот блок“ на Макрон во 2017 година и одржувањето на крајната десница на исклучително високи нивоа, се чинеше дека ја зајакнаа застапеноста, доминантна на политичкото поле и во медиумите, на делови од работничката класа опседнати со имиграција и непријателски настроени кон напредокот. Два големи шокови од петгодишниот период што завршува брутално го негираа ова: движењето Жолти елеци, главно фокусирано на социо-економската несигурност и големите пандемски рестрикции во пролетта 2020 година. Општеството на ниска точка откриено од вонредната здравствена состојба, всушност, го проектира во позитивно светло сето она што буржоаскиот блок обично го игнорира или презира. Одеднаш, во очите на лидерите, земјата повеќе не зависеше од младиот претприемач, ревизорот, менаџерот, инженерот специјализиран за вештачка интелигенција, туку од касиерот во супермаркетот, болничарот, возачот на камионот за дотур, службата на итна медицинска помош и на домашната посета, хигиеничарката.[7] Овој шок го откри тектонското поместување што тивко се случува во работничката класа и долните слоеви на општеството, веќе неколку децении.
Ако замената на класичните индустриски работници со еден вид на работници-робови на логистичките платформи може да се види во превирањата на пејзажот, каде што се градат сега магацини таму каде што порано чаделе фабриките, една од најстрашните трансформации на француското општество останува главно игнорирана: веќе четвртина век, работничката класа во Франција претежно се состои од жени.
Во 1970 година, жените сочинувале само 38% од активното работно население и 38% од мануелните работници и чиновниците. Педесет години подоцна, тие претставуваат 48,5% од активното работно население, но повеќе од 52% од работничката класа. Во меѓувреме, во 1995 г. тие веќе се мнозинство кај сите вработени, додека остануваат малцинство (46%) во активното работно население. Ако големите штрајкови таа година против реформите на системот за социјално осигурување планирани од Ален Жипе, останат поврзани во колективната меморија со поворките на железничките работници, опишани од медиумите како „последната работничка стража“, оваа еволуција го означува обновувањето на работничката класа, овој пат врз основа на услугите суштински за заедничкиот живот на сите.
Ова го отсликува огромното социјално движење за пристап на жените до работното место: во 1970 година, само половина од жените на возраст од 25-59 години биле работно активни (во споредба со 95% од мажите). Сега, тие се 82,5% (во споредба со 91,9% од мажите). Овој подем, кој може да се забележи без оглед на нивото на образование, е придружен со многу повисоко ниво на неизвесност на работното место кај вработените жени отколку кај мажите, во форма на невработеност, работа со принудно скратено работно време, хонорарна работа, ниски плати итн. Во овој период се промени и изгледот на самата женска работна сила од работничката класа. Административните работни места во компаниите (дактилографи, телефонисти, сметководители итн.), кои сами сочинуваа дури 36% од вработените во 1982 година, се стопија како резултат на дигитализацијата на новата ера. Во исто време, стареењето на населението и трансформацијата на домашните активности во домашни работни места, го зголемија бројот на бебиситерките, дадилките, куќните помошнички и персоналните асистентки за стари лица и инвалиди, но и персоналот од „левата рака на државата“, кој вклучува болничарки, негувателки на деца, помошен персонал во болниците и разновидни медицинско-психолошки асистентки. Накратко, подемот на женскиот пролетаријат „беше направен од персоналот на службите за обезбедување директни услуги на поединци и од вработените во јавната и државната служба“,[8] две групи кои самите сочинуваат речиси 60% од сите вработени.
Сега има повеќе работнички отколку машки работници. Но, што да се прави со еден ваков заклучок? Пред сè, мора да се признае дека, спротивно на сликата што ја пренесува ситната буржоазија на масовните медиуми и културата, жените го претставуваат актуелното и напредното крило на работничката класа и трудбеничките слоеви. Во нивниот секојдневен или професионален живот, тие се блиску до друга група на професии кои се претежно женски, но се поквалификувани и подобро платени, а чиј дигитален бум исто така го промени ликот на земјата: онаа на интермедијарните професии во здравствената и социјалната струка (медицински сестри, социјални работници итн.) кои, заедно со наставниците, сочинуваат речиси 10% од вкупниот број на вработените во денешна Франција.
Се разбира, постои разлика во приходите, статусот и начинот на живот помеѓу бебиситерката и дипломираната медицинска сестра. Но и двете се под притисок на раководството кое ги спречува „добро да си ја завршат работата“, додека слабеењето на средната класа ги зближува. На крајот на 2018 година, и двете го облекоа истиот жолт елек. „Во однос на жените на кружните текови, треба да се забележи дека има преголема застапеност на „персоналот на службите за обезбедување директни услуги на поединци“, нотира преподобниот магазин Реви франсез де сианс политик, како и „силно присуство на медицински сестри“ како ехо на „актуелните секторски мобилизации и покрај деградираните услови за работа“.[9]
Кога левичарските партии тргнаа да ја „вратат“ работничката класа, тие не се обраќаат главно на отпуштените работници, во искушение да се повлечат во сопствениот идентитет, туку на женските работници во основните служби, кои го сочинуваат столбот на општеството.[10] Далеку од олицетворение на некое застарено минато, овој сектор на социјалната репродукција во текот на големите рестрикции наметнати од пандемијата, ја покажа својата неопходност и „модерност“. Додека никој никогаш не брзал до својот прозорец за да им аплаудира на учените мајмуни од Силиконската долина и нивните пријателства со кликање, оние – кои ја создаваат заедничката инфраструктура во училиштата, болниците, домовите за стари лица или дома, во форма на уникатни, човечки, локални, неавтоматизирани интеракции лице в лице – уживаат значителна популарност.
Од крајот на Студената војна, големите француски левичарски партии повеќе не замислуваат социјален фронт кој не би ги вклучувал високите интелектуални професии – и со добра причина, нивните стратези потекнуваат од нив. Сепак, коалицијата на бебиситерот, медицинската сестра и нивните сопружници, логистичките работници или техничари, изгледа социолошки поиздржлива од сојузот на новинарот и казанџијата. И политички повеќе ветува: виталните услуги во кои доминираат жени, потенцирани преку здравствената криза, делумно ги избегнуваат поделбите засновани на идентитет, бидејќи луѓето од имигрантско потекло масовно придонесуваат за нив. Тие навестуваат модел на општество каде развојот на поединецот како целина зависи од колективното обезбедување на основните потреби. И тоа преку една голема јавна служба што ги групира основните професии под заштита на единствен статус. Точка на поддршка за освојувањата што допрва доаѓаат.
Преведено од: Павлина Димовска
Фусноти:
[1] Прочитајте: Bruno Amable, « Majorité sociale, minorité politique », Le Monde diplomatique, март 2017 г.
[2] Дефинирани како сите службеници и работници според социо-професионалните категории на Националниот институт за статистика и економски студии (INSEE). Освен ако не е поинаку наведено, бројките дадени подолу се земени од анкетите за „вработување“ од 1970, 1995 и 2019 г., а спроведени со Франсоа Денор и Силвен Тин.
[3] Сп., на пример: Christophe Guilluy, La France périphérique, Flammarion, Париз, 2014 г.; David Goodhart, The Road to somewhere, Penguin Books, Лондон, 2017 г., Jérôme Fourquet, L’archipel Français, Seuil, Париз, 2019 г.; Jérôme Sainte-Marie, Bloc populaire, Édition du Cerf, Париз, 2021 г.
[4] Прочитајте: Benoît Bréville et Serge Halimi, « On aimerait bien, mais on ne peut plus… », Le Monde diplomatique, јануари 2022 г.
[5] « “Gilets jaunes” – Note n°2 : Les “gilets jaunes” : Sociologie d’un mouvement hors norme », Ifop focus Париз, n°191, февруари 2019 г.
[6] Rémy Caveng, Fanny Darbus, François Denord, Delphine Serre, Sylvain Thine, « Croiser les sources pour étudier les morales », во: Emmanuelle Duwez et Pierre Mercklé (sous la dir.), Un panel français. L’Étude longitudinale par Internet pour les Sciences sociales (Elipss), Ined Editions, Париз, 2021 г.
[7] Сп. le film de Gilles Perret et François Ruffin « Debout les femmes !», Jour2fête et Fakir, 2020 г.
[8] Virginie Forment et Joëlle Vidalenc, « Les employés : des professions largement féminisées », Insee Focus, Paris, n° 190, 5 мај 2020 г.
[9] Collectif d’enquête sur les Gilets jaunes, « Enquêter in situ par questionnaire sur une mobilisation en cours : une étude sur les Gilets jaunes », Revue française de science politique, Париз, Vol. 69, n°5-6, октомври-декември 2019 г.
[10] Прочитајте: « La puissance insoupçonnée des travailleuses », Le Monde diplomatique, јануари 2019 г.