По кинескиот пораз во првата опиумска војна, договорот од Нанкинг во 1842 година го отстапил островот Хонг Конг на Обединетото Кралство. За време на конвенцијата во Пекинг во 1860 година, по втората опиумска војна, Кина го отстапува полуостровот Коулун, северно од Хонг Конг. Конвенцијата за проширување на територијата на Хонг Конг во 1898 година, потпишана меѓу Кина и Обединетото Кралство, вклучува долг закуп од 99 години на она што ќе се нарекува „нови територии“ и кое ги вклучува островите околу Хонг Конг и Коулун.
Тоа е целината, премногу интегрирана за да се подели, која ќе биде вратена на Кина во 1997 година, како што беше предвидено со заедничката кинеско-британска декларација потпишана во 1984 година од Денг Сјаопинг и Маргарет Тачер. Тогаш Хонг Конг стана првиот Специјален административен регион (RAS), вториот беше Макао, кој беше отстапен од Португалија во 1999 година. За возврат, Пекинг се обврза да ги одржува економските и законодавните системи (Common Law) 50 години, односно до 2047 година.
Основниот закон на RAS се применува од примопредавањето. Овој текст, кој служи како Устав, беше подготвен кон крајот на 1980-тите од страна на претставници на кинеската влада и колонијата. Тој го поддржува принципот на почитување на основните слободи и затоа е целосно различен од судството во континентална Кина. Парламентот, наречен LegCo, ја претставува законодавната власт. Половина од нејзините 60 членови се избираат со универзално право на глас, а половина избрани се претставници на различни социо-професионални категории. Извршната власт е предводена од лидер избран од собранието составено од различни категории на население, при што мнозинството гласачи ги поддржува кинеската влада. Така избраното лице потоа официјално е назначено за пет години од страна на Пекинг. Целта на демократите од Хонг Конг беше да добијат избори со универзално гласање. Во 2007 година, тоа беше најавено како можно до 2017 година од самиот Пекинг.
Протестите се множат, особено од 2014 година, кога кинеската влада ги одби овие избори со општо право на глас[1]. Тие заземаа невидени размери во 2019 година. Апсењата се многубројни, не само против жителите на Хонг Конг кои протестираа на улица, туку и против сите осомничени за опозиција.
Демонстрациите имаа различни причини, се разбира политички, но и економски. Хонг Конг е еден од најнееднаквите градови во светот : Џиниевиот коефициент[2], кој ја мери нееднаквата распределба на приходите, беше 0,539 во 2018 година во споредба со 0,414 во САД и 0,385 во континентална Кина (во 2016 година). Цената на недвижностите го прави најскапиот град во светот во 2021 година[3], што го прави недостапен за мнозинството од населението[4].
Како што се влошува политичката ситуација, на 30 јуни 2020 година се објавува новиот закон за национална безбедност наметнат од Пекинг. Тоа е крај на заштитата на индивидуалните слободи и владеењето на правото. Доживотен затвор отсега се казнуваат четири кривични дела – отцепување, субверзија, тероризам и дослух со странска сила.
Овој текст и дава моќ на кинеската влада да го уништи секое несогласување во земјата со користење на сопствената тајна полиција и сопствените судови.
Преведено од: Павлина Димовска
Фусноти:
[1] Прочитајте Martine Bulard, « Colère à Hongkong, poudrière géopolitique », Le Monde diplomatique, септември 2019 година.
[2] Индексот се движи од 0 (совршена еднаквост) до 1 (вкупна нееднаквост).
[3] 2022 Demographia International Housing Survey, март 2022 година.
[4] Прочитајте Jean-Jacques Gandini, « Le logement une bombe sociale », Le Monde diplomatique, септември 2017 година.