Поранешниот фабрички работник затрупан во долгови, кој ги удвојува напорите да избега од своите доверители, претставува класично сценарио во литературата и филмот. Но, ова сега зазема непропорционални размери во јужнокорејската социјална реалност, прикажана во филмот Паразит,[i] или од неодамна во телевизиската серија Игра на лигњи.[ii] Сериската драма, во која се прикажани стотици презадолжени Јужнокорејци кои се борат до смрт за да ја избегнат својата беда, предизвика повеќе толкувања. Некои го гледаат како откривање на недостатоците на едно длабоко нееднакво општество; други, како памфлет што ги осудува ексцесите на незаузданиот капитализам или изразот на насилство камуфлирано од сè уште многу присутниот конфучијанизам. Се чини дека овие анализи споделуваат заедничка опсервација: Јужна Кореја доживува алармантно ниво на долг на домаќинствата, често поврзано со експоненцијален пораст на цените на имотот.
Кога Хванг Донг-Хјеок, режисерот на Игра на лигњи, почна да го развива заплетот во 2008 година, долгот на домаќинствата (т.е. вкупните неподмирени кредити земени од страна на домаќинствата) изнесуваше „само“ 138,5% од расположливиот доход на сите домаќинства. Дванаесет години подоцна, кога неговата идеја добива форма на серија на Нетфликс, ова е над 200%.[iii] Јасно е дека долгот е двојно поголем од она што домаќинствата можат да го потрошат. Ова е просветлувачка опсервација, но која е делумно неповрзана со политиките што ги спроведува сегашниот претседател Мун Џе-ин. Зголемувањето е стабилно, откако земјата доби голем економски залет во 1960-тите и 1970-тите.
Во Јужна Кореја, богатството коегзистира интимно со прекарноста. Облакодери и луксузни продавници стојат покрај уличните продавачи, кои продаваат јогурт, и покрај малите семејни ресторани. Специфичност на земјата каде што речиси четвртина од населението е самовработено.[iv] Хроничниот долг на домаќинствата е засилен во двете години од пандемијата, со фактот што здравствените пандемски рестрикции го ограничија бизнисот со караоке баровите и рестораните, туркајќи многу од овие семејни бизниси на работ на банкрот. „До мојот универзитет, локалната населба стана град на духови за помалку од две години,“ се жали Ким Хјун-со, професор по социологија на Универзитетот Евха во Сеул. „Сите мали, семејни и бизниси на самовработени, беа целосно збришани“. Во многу реони на главниот град, сè поголем број деловни простории сега се слободни.[v]
Загубите поврзани со развојот на „бесконтактниот“ начин на живот, се само делумно компензирани со јавни средства. Надвор од некои еднократни плаќања (како што се 5 милиони вони, или 3.700 евра, дадени во јануари 2022 година на самовработените), „владата не беше многу волна да даде директна и трајна помош на луѓето, на кои навистина им е потребна“, вели Парк Санг-ин, професор по економски менаџмент на Националниот универзитет во Сеул. „Таа претпочиташе да им понуди финансиска поддршка преку заеми со ниски камати“. Иако, земјата во целина, и понатаму останува алергична на јавниот долг. Така, додека населението акумулира кредити, државната задолженост останува далеку под просекот на земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД): 58,8% од бруто домашниот производ (БДП) денес во споредба со 51,6% во 2016 година и… дури 146% за Франција.[vi]
Некои луѓе, како Чои Ханг-суб, професор по социологија на Универзитетот Кукмин во Сеул, веруваат дека „една од причините за долгот е тоа што Јужнокорејците трошат премногу. Тие работат напорно, за да консумираат напорно. А кога платата не им е доволна, тогаш се задолжуваат“. Иако консумеризмот на дел од населението игра улога, сепак експлозијата на цените на недвижниот имот, останува клучен фактор.
И со добра причина. Половина од педесет и два милиони граѓани на Јужна Кореја живеат во трите провинции кои ја сочинуваат агломерацијата на главниот град – Сеул, Ѓеонгџи, Инчеон. Со таква висока концентрација на население, пристапот до домување станува приоритетно прашање за политичките лидери. Во текот на петте години од претседателскиот мандат на Мун Џе-ин, цените се речиси двојно зголемени во некои делови на Сеул,[vii] покажувајќи го неуспехот на неговата политика за недвижности, како и неговите ветувања за социјална правда: просечната цена варира од 9.500 евра до 29.000 евра за м2 во главниот град, во зависност од видот на домувањето и соседството.[viii] Во својата новогодишна честитка за 2021 година, претседателот го упати традиционалното јавно извинување што е норма во јужнокорејската политика. „Жално е што страдањата поврзани со домувањето неизмерно ги разочараа луѓето, никогаш нема да се двоумиме да ги преземеме сите неопходни мерки за стабилизирање на пазарот,“ изјави тогаш тој, ветувајќи дека ќе изгради повеќе станови за да го спречи забеганиот пазар на недвижен имот.
Една година подоцна, ситуацијата е иста или уште полоша, според Ким Сеонг-дал, директор на канцеларијата за јавна политика на Граѓанската коалиција за економска правда (ЦЦЕЈ), невладина организација (НВО) која се бори против шпекулациите со недвижен имот и контролата на јужнокорејските „чаеболи“ (големи индустриски групации и монополски картели) врз економијата: „Во времето на инаугурацијата на тогашниот нов претседател Мун, еден работник мораше да потроши дваесет години плата за да купи куќа, но за ова ќе му требаат триесет и осум во ноември 2021 година“. Младите Јужнокорејци ја сумираат оваа статистика со фраза која речиси стана како пословица: „Ќе ми требаат два или три животни века работа, за да си дозволам стан во Гангнам,“ луксузната област на главниот град. Ова чувство на немоќ е придружено со растечко непријателство и омраза кон оние, кои имаат корист од овој бесен раст на цените.
Особено што скандалите се множат. Неколку недели пред општинските избори во пролетта 2021 година, скандалот на Корпорацијата за земјиште и домување на Кореја, „ЛХ“, како што ја викаат овде, ја ослабна веќе проблематичната влада на Мун. „Дувло на крадци“, можеше да се прочита на таблите што ги носеа младите демонстранти пред канцелариите на јавното претпријатие задолжено за развој на земјиште и станбена изградба.
Десетина нејзини вработени, се обвинети за инсајдерско тргување. Информирани за планот на модернизација на град источно од Сеул, тие купиле земјиште во вредност од нешто помалку од 8 милиони евра. Потоа се повикале на законска одредба, според која, во случај на откуп на земјиште од страна на јавно претпријатие, надоместокот зависи од неговата површина, но и од бројот на таму засадени дрвја и нивната големина. Оттука и идејата за пошумување на нивната нова аквизиција што е можно повеќе со брзорастечка сорта на разни дрвја. Откриениот скандал беше главен фактор во изборниот бран во корист на конзервативците, кои потоа ги освоија двата најголеми града во земјата.
Но, и опозицијата некако се заглавува. Последниот скандал, познат како Даејанг-донг (наречен по реонот Сеонгнам, на периферијата на Сеул), е актуелен веќе неколку месеци и се користи за една претседателска кампања која нема нови идеи. Ова предградие, симбол на јужнокорејскиот успех, е дом на седиштата на локалните дигитални гиганти Навер и Какао. Градскиот совет сакаше да трансформира една пустелија во голема станбена зона, поттикнат од јавно-приватно партнерство. Во тоа време, демократот Ли Џае-Мјунг, сега претседателски кандидат, беше на чело на градот и ја пофали историјата на оваа, тогаш тешка работничка периферија која потоа стана богат приградски реон. Но, тука ситуацијата е далеку од розова.
Градските власти се обвинети за корупција и фаворизирање при доделувањето на јавниот договор. Фирмата што го доби тендерот немаше искуство во секторот за недвижности; забележа рекорден профит (338 милиони долари, или 264 милиони евра), иако не е јасно каде отидоа парите. Во замена за привилегии, наводно платила сума од 3,8 милиони евра на неколку личности, главно од конзервативниот табор, кои припаѓаат на затворената група наречена „Клуб од пет милијарди долари“ и составена од пратеници, обвинители и советници на поранешната јужнокорејска претседателка Парк Геун-хе – осудена на 22 години затвор за корупција, а потоа помилувана на 1 јануари. Двајца инволвирани функционери веќе извршија самоубиство. И покрај сомнежите, сè уште ништо не е пронајдено да води директно до Ли Џе-Мјунг.
„Се соочуваме со истиот проблем на секои избори“, воздивнува спомнатата Ким Сеонг-дал. „Заморот и иритацијата на населението се зголемува со секој нов скандал“. Овие афери ја зајакнуваат перцепцијата за длабоко нееднакво општество, социјално класифицирано според приходите на родителите, според она што Корејците го нарекуваат „теоријата на лажица“. Додека децата на директорите од јужнокорејските картели и концерни, на инженерите или лекарите се раѓаат со лажица од платина, злато или сребро во устата според локалниот обичај, сиромашните треба да се задоволат со оние од бронза, земја или прашина.
Сликата изгледа особено вкоренета кај младите од 18 до 30 години, комплетно разочарани од неисполнетите ветувања на кандидатот Мун. Во првите денови од неговиот мандат, неговата влада се потруди да ги зголеми даноците на имотите, а со цел да изврши притисок врз сопствениците кои имаат повеќе станови и куќи, за да ги натера да продадат некои од нивните станови. Сепак, оваа политичка волја беше попречена од истовременото зголемување на даноците за трансакциите со недвижности. Ова е пример за контрадикторните регулативи што доведоа до појава, според Парк Санг-ин, на „стратегија на чекање и гледање“ меѓу сопствениците на станови. „За пет години на власт, Мун дури дваесет и шест пати објави мерки за станбената политика. Како луѓето можат да веруваат во таква недоследност?“, се бунтува тој. Денес, сопствениците на станови очекуваат идниот претседател да ги намали даноците на недвижен имот.
Зголемувањето на вториве, придружено со рестриктивна банкарска политика, имаше за цел да го ограничи задолжувањето на најбогатите и да се избегнат шпекулациите со недвижен имот во Јужна Кореја. И тоа без вистински успех. „Овој закон е трагично ироничен“, според Ким Хјун-со. „Мун беше избран ветувајќи помала нееднаквост, но, сепак, покомплицираниот пристап до кредити главно имаше негативно влијание врз средната класа и сиромашните“. Бидејќи најпривилегираните веќе ги имаат потребните средства за инвестирање, влијанието од порастот на каматите се пренесе првенствено на работничката класа. „Утврдивме дека станбениот инвентар на оние кои имаат неколку куќи веќе е зголемен, додека цените на недвижностите продолжуваат да растат“, објаснува извесната Ким Сеонг-дал, која го осудува недостатокот на социјални станови во земјата.
Отсега претседателот и неговите двајца потенцијални наследници се едногласни: дојде време да се изградат станови во Јужна Кореја. Мун вели дека речиси два милиони станови треба да бидат испорачани до 2025 година, а минатиот јули ја надополни оваа политика со натамошното зголемување на даноците на недвижен имот. Од крајот на 2021 година, цените се стабилизираа – па така сегашниот претседател уверува дека „проблемот нема да се префрли на идната влада“.
Сепак, ова прашање останува трн во окото на демократскиот табор и со предност за кандидатот на опозицијата, Јун Сеок-Јул. Овој поранешен јавен обвинител, го изгради својот политички легитимитет за време на мандатот на претседателот Мун (кој го назначи на функцијата), благодарение на неговите судски резултати и особено осудувањето на бившата претседателка на државата Парк Геун-хе. Но, пред сè, неговото систематско противење на власта, го направи популарен и му даде углед на некорумпирана јавна личност. Неговата истрага против поранешниот министер за правда Чо-кук – кој беше принуден да поднесе оставка поради правните проблеми на неговото семејство (сопругата обвинета за измама за да ја внесе нејзината ќерка во елитно училиште, сомнеж за корупција…) – останува болна епизода за актуелната влада. Неговите конфликти со демократите се преселија од сферата на правосудството во политичката арена, кога тој се прогласи за кандидат. По прашањето на домувањето, како и за другите, планот на Јун е да заземе спротивен пристап од она што го прави сегашниот станар на Сината куќа, официјалната резиденција на јужнокорејскиот претседател во Сеул. „Оние кои немаат станови страдаат од зголемените цени на депозитите, а оние кои поседуваат станови страдаат од даноците,“ изјавува кандидатот.[ix] Иако ветува дека и тој ќе изгради станови (повеќе од 2,5 милиони станбени единици), сепак тој се залага за драстично намалување на даноците на недвижен имот.
Неговиот главен противник, Ли Џе-мјунг од партијата на сегашниот претседател, исто така се обидува да се дистанцира од билансот на владата по ова прашање. Тој се залага за изградба на милион социјални станови, но неговата фискална политика останува доста нејасна. Првобитно, тој се залагаше за универзален приход преку огромен данок на имот, пред дефинитивно да го напушти овој потенцијален извор на финансирање.
„Оваа експлозија на пазарот на недвижности принуди многу млади луѓе да се откажат од бракот, па дури и од самата идеја да основаат семејство“, објаснува спомнатата Ким Сеонг-дал. Просечната возраст на мајките при породување е 33,1 година (30,8 години за Франција), додека Јужна Кореја има најниска стапка на фертилитет во земјите на ОЕЦД. Ова не е единствениот фактор, со кое се објаснува невидената стапка на стареење на локалното население. Трошоците за домување и одгледување дете, изгледаат премногу високи за некои млади луѓе. Познат како генерацијата Сампо („генерација што се откажува“), оваа возрасна група, исто така, приметува дека стапката на самоубиства расте секоја година меѓу нејзините редови.[x]
Се разбира, овие зла не се должат само на неможноста да се пристапи кон сопственоста на домот, како корејски традиционален симбол на успехот, во земја каде што 56% од населението сè уште го поседува својот дом. Но, ова разочарување многу придонесува за чувството на стагнација. Според Шин Ванг-Јонг, професор по социологија на Универзитетот Чунг-Анг во Сеул, „мнозинството млади возрасни Јужнокорејци се родени во семејства од средна класа, кои се плашат да не бидат понижени, бидејќи за разлика од нивните родители, нивните деца имаат многу мали шанси да видат дека нивната социјална ситуација се менува на подобро.“ Овој широк јаз ја зајакнува се повидливата генерациска поделба. „Она што го наоѓате кај младите не е лутина, туку една вкоренета омраза кон претходната возрасна група“, проценува, од своја страна, професорот Чои Ханг-суб. Нелагодност понекогаш претставена сатирично со формулата „Пеколот Хосеон“ според името на династијата која владеела на полуостровот (1392-1897 г.) и што значи „корејски пекол“ – нешто кое го сумира секојдневниот живот на една генерација без илузии за нејзините можности за бегање од семејните ограничувања, а за да добие пристап до имотот или до работата од соништата.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Bong Joon Ho, Parasite, Barunson E&A, Јужна Кореја, 2019 г. Филмот ја освои Златната палма на филмскиот фестивал во Кан, во 2019 г.
[ii] Hwang Dong-hyeok, Squid Game, 9 епизоди, Netflix, 2021 г.
[iii] « Household debt », OCDE, Париз, 2020 г.
[iv] « Self-employment rate », OCDE, Париз, 2020 г.
[v] Jung Min-kyung, « 870,000 small business owners quit amid pandemic », The Korea Herald, Сеул, 28 декември 2021 г.
[vi] « General government debt », OCDE, Париз, 2021 г.
[vii] « Analyse de la hausse des prix du marché de l’immobilier durant la présidence Moon Jae-in », Coalition citoyenne pour une justice économique (CCEJ), Сеул, 23 јуни 2021 г. (на корејски).
[viii] Kim Yon-se, « Home prices in 9 major regions up 26 % in a year », The Korea Herald, Сеул, 6 јули 2021 г.; « L’immobilier dans le monde 2021 », Agence Étoile, Париз, 9 октомври 2021 г.
[ix] « Candidate Yoon Seok-youl vows to achieve change of government », The Dong-a Ilbo, Сеул, 7 декември 2021 г.
[x] « Suicides accounted for 54,4% of deaths among S. Koreans in 20s last year », Hankyoreh, Сеул, 29 септември 2021 г.