На крајот од четирите парламентарни избори што се одржуваат во Израел од април 2019 г., се појави истата констатација: влијанието на израелската Лабуристичка партија пропадна, а може да се рече, и во корист на сојузите меѓу националистите и израелските верски водачи. Утопијата на левиот ционизам, т.е. формирањето на држава за Евреите врз социјалистичка основа, се чини дека дефинитивно претставува еден неуспешен проект како таков. Како и да е, треба да се нотира дека оваа левица имаше централна улога во историјата на Израел: во средиштето на неговото создавање како држава во 1948 г., како мнозинство во Кнесетот (парламент) во текот на првите три децении од постоењето на државата, и беше на чело од 1992 до 1996 г., и потоа од 1999 до 2000 г. Но, на последните избори, оваа левица се покажа дека сепак не е способна да се врати во прв план, забележувајќи ги и најлошите изборни резултати во својата партиска историја – само 7 места од 120 во март 2020 г., а потоа 13 о.г.
За да се објасни овој дефинитивен пад, потребно е да се потсети на потеклото и противречностите на левиот ционизам како таков. Во 1897 г., во Базел, еврејските интелектуалци го формираат ционистичкото движење. Неговата главна фигура е австро-унгарскиот новинар по име Теодор Херцл. Првично, приврзаник на асимилацијата, тој увиде како овој идеал колабира: во 1894 г., во Париз, ја покриваше аферата Драјфус за својот весник; потоа, во 1897 г., дозна за изборот за градоначалник на Виена на социјал-христијанскиот и отворено антисемитски кандидат Карл Лугер. Оттогаш, тој повеќе не ја сфаќа асимилацијата како решение, туку како една закана. Евреите ќе бидат зафатени помеѓу, од една страна, струи кои повикуваат на нивно физичко уништување, од кои многу погроми во царската Русија се најдиректен израз, а од друга страна, волја во нивните редови да се интегрираат во европските општества со одвојување од верата, па дури и од која било припадност на заедницата. Сепак, оваа последна стратегија не го спречува антисемитизмот да се шири и да ја загрозува нивната безбедност. Затоа, целта станува создавање на политички субјект каде што тие би претставувале едно мнозинство и би живееле безбедно. Со други зборови: градење на еврејска држава.
Но, треба да се нотира, дека и ционистичкиот проект не е монолитен како таков и се појавуваат трендови. Буржоазијата се собира околу Херцл, кој, како приврзаник на либералната еврејска држава, се обидува да добие општа дипломатска поддршка и активности на поддршка во рамките на тогашниот западен капитализам. Други активисти го бранат ционизмот но како сојузник на социјализмот, засновајќи го успехот на проектот врз трансформацијата на маргинализираните Евреи во продуктивни работници, трудбеници и селани. Од дваесеттите години на минатиот век, овој левичарски ционизам, познат како „лабуристички“, успеа да се наметне на чело на движењето.
На крајот на XIX век, основачите на движењето бараат признавање не само на правото на суверенитет за самите Евреи, туку и правото да се населат на територија каде што тогаш беа малку по број: помалку од 5% од локалното население во Палестина. Конципиран во ерата кога западните држави претставуваат империјални и колонијални сили во Азија и Африка, особено ционистичкиот проект ја интегрира колонијалната идеологија1.
Да се биде лево може да биде дел од универзалистичкиот пристап и да се состои во одбрана на начелата како што се социјална правда за сите или пристап на народите до еднаквост и слобода. Се чини дека ционизмот е во спротивност со овие универзални идеали, бидејќи има намера да ги брани само Евреите. Во текот на втората половина на XIX век, европската радикална левица исто така беше многу критична кон оваа идеја. Таа смета дека марксистичките или социјалистичките принципи се единствените цели што треба да се следат како такви: токму преку социјална револуција Евреите ќе се еманципираат, а не преку создавање на некоја држава која е илјадници километри далеку од нивните борбени места. Националистичките перспективи и, уште повеќе, етно-верските, се сметаат за прекин на класната борба, која треба да ги обедини индивидуите според нивната социјална состојба, а не според нивната заедница. Дополнително, марксистичките или европските социјалистички организации го побиваат и самото постоење на „еврејска нација“.
Но, оние кои се жртви на антисемитизам и нивните секојдневни понижувања, и на кои им е одбиена каква било форма на социјално признавање, сепак не можат да чекаат до триумф на хипотетичка револуција. Ова е начинот на кој ционизмот добива влијание меѓу левичарските активисти чиј прогресивен или револуционерен идеал сепак е исполнет со тогашната западна колонијална култура. Во тогашната Палестина, соочени со арапско население кое во голема мера е селско и приврзано кон традиционалните политички модели, ционистичките организации на левицата дури и се гледаат себеси како револуционерна авангарда, врз која се темели победата на марксизмот или социјализмот на целиот регион на Блискиот Исток. Исто како и ционистичката буржоазија, тие тргнуваат од начелото, дека нивниот проект е праведен, модерен и прогресивен, и дека Арапите само можат да имаат корист од тоа.
Оваа перспектива пропадна во дваесеттите и триесеттите години од минатиот век, а што беше обележана со неколку циклуси на бунтови од Арапите во Палестина против одземањето на нивната земја и матната игра на британската колонијална моќ. Сето ова доведе во 1947 г. до решението во рамките на ООН, за поделба на Палестина во две држави, арапска и еврејска – решение уништено со првата израелско-арапска војна. За време на овој конфликт, ционистичкото движење успеа да заземе дури 78% од Палестина, каде беше формирана сегашната Држава Израел, во 1948 г. Ова има легитимитет само благодарение на гласањето во рамките на Обединетите нации (ООН), кое предвидува создавање, покрај неа, и на една арапска држава.
Како и да е, непочитувањето на Израел на резолуциите на ООН започнува веднаш штом ќе се создаде како држава, додека локалната левица силно ја диктира тогашната политичка агенда. Од деценија во деценија, овој лабуристички ционизам, со своето одбивање да им даде еднакви права на Арапите кои живеат во неговите граници и да го признае правото на Палестинците да живеат достоинствено и слободно во својата татковина, на ваков начин ја губи својата прогресивна маска и го чува само својот конзервативен и колонијален карактер.
Денес, визијата на револуционерниот Евреин, кој дојде во Палестина, за да формира заедно со своите другари една прогресивна држава и егалитарно општество, останува вкоренета во политичката имагинација на многу Европејци. Со децении, последниве беа осетливи на израелско-палестинското прашање со прославата на израелскиот социјалистички модел, со колективистите од кибуците (т.н. кибуцим)2 и нивните пионери кои ја обработуваат земјата. Сликата беше идеална, но повеќе не значи многу. Не само затоа што кибуците повеќе не се влијателни во економските и социјалните еквилибриуми во Израел, туку пред сè затоа што не можат повеќе да ја кријат реалноста на израелската политика: една колонијална политика, угнетувачка и закотвена уште повеќе во неолибералната догма, што го прави Израел еден од најнееднаквите земји во западниот свет: втор – зад Мексико – во рамките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Кон ова, треба да се додаде и влошувањето на локалната политичката клима: многу интелектуалци и новинари ја квалификуваат еволуцијата на Израел од 2000-тите како „свртување сè повеќе во десно“, а некои одат дотаму што зборуваат за „фашистичко свртување“, во контекст на растечката маргинализација на ционистичката левица.
Лабуристичката држава изградена во текот на првите децении од постоењето на Израел и заснована врз принципите на секуларизам и солидарност меѓу еврејските работници, денес веќе не постои како таква. Израел сега е целосно интегриран во западниот капитализам и дури стана Ел Дорадо за претприемачи на нови дигитални технологии. Во рамките на општеството, брановите на економски реформи направени во осумдесеттите години го заменија колективниот дух со индивидуализмот, а социјалистичките вредности сега изгледаат застарени, за разлика од оние на верскиот национализам. На пример, во септември 2019 г., само 41% од децата посетувале училиште во секуларна и јавна установа, а другите посетувале приватни и верски училишта. Овој нов менталитет влијае и на служењето на воениот рок. Според здружението на лица кои одбиваат служење на воениот рок Месарвот („Одбивање“), дури 50% од средношколците бегаат од служењето на воениот рок. Меѓу нив, помалку од 10% се повикуваат секоја година на приговор на совеста, одбивајќи го служењето од филозофски или политички причини. Останатите успеваат или да бидат ослободени, ако се ултраортодоксни, или да добијат исклучоци од различни причини, особено професионални (иако распределбата на одредени работни места претпоставува дека биле претходно одработени воените обврски).
Покрај тоа, иако државата признава само еден „еврејски народ“, конфликтноста останува сеприсутна помеѓу разните компоненти на еврејското население (Ашкенази, Фалаша Евреи, Мизрахи Евреи, руски Евреи, сефардиски Евреи…), кои се чувствуваат во конкуренција за пристап до позициите за донесување одлуки во земјата. Иако Израел има само 30% Евреи Ашкенази, тие ги сочинуваат главните струи на ционистичката левица. Изборот во 2017 г. на бизнисменот Ави Габај, по потекло од мароканско еврејско семејство, за шеф на Лабуристичката партија (функција што ја извршуваше до 2019 г.), немаше никакво влијание врз гласот на источните Евреи, традиционални поддржувачи на израелската десница. Сепак, Габај се обиде да ги засили своите апели до конзервативното и религиозно гласачко тело, тврдејќи дека колониите претставуваат „прекрасно лице на ционизмот“ и дека грешките на левицата произлегле од фактот дека нејзините активисти заборавиле што значи денес да се биде Евреин како таков. Неговиот партиски наследник до јануари 2021 г., Амир Перец, исто така од мароканско еврејско потекло, не се снајде подобро во контекст на изборите.
Друг елемент кој е неповолен за ционистичката левица: нејзините активисти не го знаат, или лошо го знаат, секојдневниот живот на Израелците кои живеат на периферијата на поголемите градови во самиот Израел. За политикологот Илан Грилсамер, целото ционистичко работничко движење, вклучително и Мерец, „нема врска со народните маси“3. Лидерите на овие партии, додава тој, „никогаш не биле во Сдерот или Нетивот [два града во јужен Израел близу Појасот Газа], или само поминувале со автомобил“. Ова објаснува зошто нивните идеи нашироко се сметаат за „елитистички“ предлози дизајнирани од – и во крајна линија за – привилегираните слоеви кои живеат и работат во Тел Авив. Како и во многу земји, електоратот на десницата е значително попопуларен од оној на левицата, освен кај Арапите.
Како резултат на изборите во април 2019 г., новинарот Мерон Рапопорт ги проучуваше гласовите на 37 од најсиромашните еврејски општини во земјата, што претставува еден милион гласачи4. Во суштина, во овие градови поголемиот дел се Мизрахи Евреи и руски Евреи. Во просек, стапката на учество во изборите е 60% или еквивалентно на триесет места во Кнесетот според пропорционалниот модел на гласање што е во сила во Израел. Како целина, ционистичката левица добива 3,25% од гласовите или еден пратеник во израелскиот Кнесет. Лидерите на Лабуристичката партија или Мерец не постојат во очите на најсиромашните Евреи, особено оние кои не се Ашкенази. И обратно, националистичката десница успева да освои дури 22 места во овие општини, вклучително и дванаесет за партијата Ликуд. Партијата на Бенјамин Нетанјаху, исто како и нејзините политички сојузници, е длабоко вкоренета во ова периферно општество, особено преку добротворни организации кои нудат активности за деца или субвенционирани училишта. Неколку децении порано, овој активизам беше привилегија на синдикалниот центар Хистадрут и играше голема улога во лабуристичкото дејствување меѓу најсиромашните слоеви.
Ционистичката левица страда и од тоа што ја загуби својата база на водачи од кибуците, благодарение на кое, во минатото, долго време успеваше да владее со државата и нејзините институции. Во минатото, кибуците им овозможуваа на активистите да се здобијат со политичко образование, што, заедно со воените кариери, беше столб на обуката за лабуристите. Треба да се напомене дека овие кадри тогаш ја претставуваа елитата на земјата. Иако денес останале околу 250 кибуци, сепак повеќето од нив се приватизирани како такви. Нудејќи земјиште за изградба на вили или паркови за одмор, тие привлекуваат млади парови со деца во потрага по поздрава животна средина. Само неколку од кибуците сè уште работат според првобитните колективистички принципи како што се еднакви плати и живот во заедницата.
Конечно, треба да се напомене и дека мнозинството активисти на ционистичката левица имаат многу малку свесност за сегашната палестинска реалност. Тие воопшто не знаат што значи да се живее под постојана воена блокада. Кога ги читаат репортажите направени во окупираните територии од новинари како што се Амира Хас или Гидеон Леви, ги изедначуваат нивните автори со левичари, дефетисти или песимисти, кои само би ја слушале палестинската верзија на настаните. Работничкото незадоволство – изразено од локални невладини организации како што се Б’Тселем, Брејкинг де Сајленс или Јеш Дин, кои ја истакнуваат реалноста на окупацијата, како и сите вознемирувачки елементи и слепи точки што израелското општество повеќе не сака да ги гледа – исто така доста открива. Овие организации може да се рече дека се последните столбови на мировниот блок во сегашното израелско општество, но тешко да добиваат некоја политичка поддршка од главните лидери на левицата, кои, од своја страна, повеќе се занимаваат со привлекување на гласачи од над 660.000 еврејски колонисти кои денес живеат на Западниот брег. Ваквите организации се наоѓаат изолирани пред моќта што значително ги ограничува нивните активности претставувајќи ги како предавници на еврејската татковина. Дефинитивно дистанцирајќи се од дел од ова политичко поле, кое некогаш формираше една од нејзините изборни бази, денешната ционистичката левица се лишува од динамика што веројатно би понудила еден алтернативен дискурс во однос на колонијалната и ултра-безбедносна пропаганда на Нетанјаху.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Види: Gilbert Achcar, « La dualité du projet sioniste », во « Palestine. Un peuple, une colonisation », Manière de voir, n° 157, февруари-март 2018.
- Множина на еврејски на „кибуц“, или еврејско колективистичко село или задруга. Жителот на кибуц се нарекува на еврејски „кибуцник“ (множина, „кибуцниким“).
- Chloé Demoulin, « La gauche israélienne se cherche à droite… et ne se trouve pas », Mediapart, 08.06.2018, www.mediapart.fr
- Meron Rapoport, « Israel’s left lost a million votes in the last polls. Here’s how they get them back », Middle East Eye, 19.08.2019, www.middleeasteye.net