Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Победа на програмата која всушност и никој не ја сака

Италија: ригорозноста сега се враќа низ прозорецот

На почетокот на 90-тите, Италија престана да биде единствен пример, меѓу демократските земји, за целосна политичка стабилност. Христијанската демократија, центристички столб на сите италијански влади, без исклучок, од 1948 г., пропаѓа и исчезнува, исто како и партиите кои беа нејзини сојузници

Од Стефано Паломбарини
Предавач на Универзитетот „Париз 8“, Париз, Франција


Фото: Emma Fabbri / Unsplash

Италија ја потврдува својата репутација како место на политичка лабораторија. Десет години по Марио Монти и неговата италијанска влада на технократи, еден друг поранешен извршен директор на компанијата Голдман Сакс, штотуку се пресели во палатата Чиги, каде е седиштето на италијанскиот премиер. Слично како и неговиот претходник, и како Емануел Макрон за време на претседателската кампања во Франција во 2017 г., Марио Драги прокламира дека ја надминува поделбата помеѓу десницата и левицата во Италија, со тоа што ќе се издигне над партиите и ќе ја донесе просветлената визија на експертот, додека ќе остане скрупулозно во канџите фиксирани од Брисел: за буџетската ортодоксија и неолиберализмот како такви. Поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) успеа да ги собере сите италијански политички формации, од левата до крајната десница, вклучително и оние кои поентираа спротивставувајќи се на оваа програма. Точно е дека ја доби заедничката поддршка од Движењето 5 ѕвезди (М5С) и Лигата, две партии кои, три години порано, победија на парламентарните избори во Италија со ветување дека ќе ја спасат Италија од ригорозното штедење и дека ќе се спротивстават на строгите диктати наметнати од евробирократите на Брисел.

Самиот факт дека крајно десничарските министри седат во владата на сегашниот премиер Драги, не трогна многумина во Италија, ниту во европските институции, ниту пак во медиумите, каде што оваа национална коалиција е претставена како модел на еден здрав разум. Никој не беше навреден од оваа типична италијанска демократија каде што гласачите можат да гласаат со мнозинство, како во март 2018 г., против политиката на ригорозно штедење наметната од Брисел, а потоа, дури и без да се вратат на гласачките места, се најдоа во февруари 2021 г. со една влада која ги брани истите тие политики. Може да се рече дека приказната за овој пресврт е приказната за политичката драма во три чина.

Прв чин, август  2011 г. Само што е назначен за претседател на ЕЦБ, Драги испраќа писмо до Силвио Берлускони, тогашниот шеф на италијанската влада. Во писмото, му укажува на низа мерки неопходни за да се добие помош од неговата институција: намалување на јавните трошоци и пензии, либерализација во услужниот сектор, ревизија на правилата за разрешување, пропратено дури и со намалување на платите на државните чиновници. Тогашниот италијански претседател на советот на министрите нема средства да му се спротивстави, бидејќи, без помош на ЕЦБ, стапките на долгот ќе се зголемат и ситуацијата брзо ќе стане неодржлива. Но, тогашното десничарско мнозинство е премногу поделено за да се вклучи во една ваква програма. Три месеци по писмото, буџетот предложен од  Берлускони е одбиен во Парламентот, а Монти, „експерт“ без политичка етикета, настапува на сцената.

Потоа започнува период кој ќе трае седум години и ќе вклучи сукцесија на четворица премиери: по Монти, ќе дојдат Енрико Лета, Матео Ренци и Паоло Џентилони. Активноста на овие влади, целосно посветена на институционалните реформи на неолиберална инспирација, се заснова на договорот меѓу Демократската партија (лево од центарот) и десницата на Берлускони. Поддршката доаѓа од богатите класи и голем дел од средните слоеви, во единствено надминување на припадностите засновани на расцеп меѓу десницата и левицата: се работи за т.н. „буржоаскиот блок“1, една социјална коалиција со идентичен профил на онаа што ќе ја собере неколку години подоцна Макрон во Франција.

Втор чин, март 2018 г. На парламентарните избори, партиите што го следеа патоказот на ЕЦБ, беа строго казнети. Буржоаскиот блок се распаѓа поради неговата неможност да се прошири за да вклучи значителен дел од пониските класи, дури и кога средните класи се оддалечуваат од него како таков. Форца Италија, партијата на Берлускони, и Демократската партија, кои десет години претходно имаа дури 70% од гласовите, сега добиваат само 32%. Во исто време, оние кои беа во опозиција добија извонреден резултат. Лигата на Матео Салвини се наметнува, без преседан, како главна сила од десната страна, додека М5С станува прва партија во земјата со приближување кон една третина од гласовите.

Трет чин, февруари 2021 г. И покрај тоа што балансот на силите во Парламентот не е променет од изборите во март 2018 г., сепак мора да се назначи трета влада во овој период. Претходните две влади (сојузот меѓу Лигата и М5С, потоа онаа меѓу М5С и Демократската партија) се распаднаа, секоја од нив траеше едвај повеќе од една година. Тогаш  Драги, самиот оној што го потпиша писмото кое служеше како еден молитвеник за буржоаскиот блок, беше повикан да формира влада. На начин што може да изгледа изненадувачки, поранешниот банкар е добредојден како проверен човек,  не само  од страна на партиите кои, со примена на неговата програма, пропаднаа пред гласачките кутии, но и од оние кои, спротивставувајќи се на тоа, се наметнаа во првите редови на италијанската политичка сцена2.

Новиот премиер ги зголеми сигналите кои не оставаат сомнеж за неговата желба да го продолжи патот на неолибералните реформи. Така тој го избра за економски советник Франческо Гаваци, кој веќе беше меѓу „експертите“ обвинети од владата на Монти во напорите за идентификација на јавните трошоци што треба да се скратат3. Во својот прв говор пред Сенатот на 17 февруари, Драги изјави дека наскоро ќе бидат објавени понатамошни реформи. Тука се работи за зајакнување на конкуренцијата, „поедноставување“ на даночниот систем, намалување на давачките, а за да се направи администрацијата поефикасна и да се промовира појавата на т.н. центри за извонредност во системот на истражување. Но пред сè, тој најави дека користењето на европска помош предвидена со планот за закрепнување „Следната генерација на ЕУ“, а спроведена во контекст на пандемијата Ковид-19, ќе биде селективна и дискрециона како таква.

Оваа помош воопшто нема да личи на дожд од пари најавен од медиумите, кои од своја страна зборат за сума поголема и од 200 милијарди евра. Оваа намерно лажна бројка произлегува од додавањето – без никакво економско значење – на субвенцијата од фонд каде Италија ќе треба да контрибуира на ист начин како и другите земји на Унијата и во контекст на заемите што Комисијата може да ги договори во нејзино име, дозволувајќи и на Италија да плаќа помалку камата отколку ако директно самата се задолжи. Во реалноста, помошта ќе биде 66 милијарди евра во најдобар случај, распоредена за шест години4: 11 милијарди годишно, или помалку од 0,7% од бруто домашниот производ (БДП) кој падна за скоро 9% во 2020 г.

Затоа може да се рече дека станува збор за скромна помош, неповрзана со обемот на економската рецесија, и која нема да дозволи значително заживување на економската активност; користењето на субвенцијата и на евентуалните заеми ќе биде строго ограничено со план за кој мора да се преговара со европските институции. Во својот говор пред Сенатот, новиот италијански премиер јасно стави до знаење дека преговорите нема да бидат комплицирани: неговата концепција за „ефикасна“ употреба на помошта, се совпаѓа во сите погледи со онаа на Комисијата. Како прво, парите што доаѓаат од Унијата ќе бидат наменети за самите деловни субјекти. За домаќинствата погодени во сиромаштија со историскиот пад на производството, премиерот Драги се ограничи на евоцирање на вообичаената неолиберална перспектива на „активни политики за вработување“, што ќе се состојат од „зајакнување на обуката за работниците и невработените“.  Како и да е, премиерот исто така се погрижи и да објасни дека неговата влада ќе биде одговорна за правење разлика, во масата на компании што падот на активностите ги доведе во тешкотија, меѓу оние кои во секој случај се предодредени да одат во стечај, од оние кои задржуваат конкурентен и иновативен капацитет: само вториве ќе можат да имаат корист од планот за закрепнување. Под маската на стимулирање на дигиталната и еколошката транзиција, владата на тој начин подготвува длабока реформа на италијанскиот капитализам. Ова нема да помине низ никаков законски текст и ќе се состои во ослободување на продуктивната структура на компании со ниско квалификувана работна сила, премногу ориентирани кон внатрешниот пазар или принудени да се справат со синдикатите кои се сметаат за премногу конфликтни.

Консеквентно, може да се рече дека ова претставува (привремен) епилог на драмата во три чина: стратегијата што ја водеше италијанската политика од 2011 до 2018 г., широко неодобрена на последните парламентарни избори од самите италијански гласачи, сега се враќа со помпа со речиси едногласна поддршка од Парламентот и без потребата да се има нови избори. За да се објасни овој екстравагантен исход, неопходно е да се направи еден чекор наназад триесет години.

На почетокот на 90-тите, Италија престана да биде единствен пример, меѓу демократските земји, за целосна политичка стабилност. Христијанската демократија, центристички столб на сите италијански влади, без исклучок, од 1948 г., пропаѓа и исчезнува, исто како и партиите кои беа нејзини сојузници. Ова беше последица, според општото мислење од тоа време, на истрагите за корупција, кои, пак, од своја страна, требаше да произведат едно здраво обновување на политичката класа. Она кое потоа следеше, покажа дека кризата е многу подлабока отколку што изгледаше на прв поглед. Ова кореспондираше со кршењето на еден специфичен општествен компромис, базиран барем од крајот на 1970-тите на зголемувањето на јавниот долг и казнувањето на работничките класи или класите кои живејат од платата5. Во исто време, по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 г., италијанската комунистичка партија, која, иако знаеше да биде само во опозиција, одамна се сметаше за главната комунистичка формација во Западна Европа, влезе во фаза на ревизија на својата доктрина. Ова ќе произведе низа промени во името на партијата и постепено приврзување кон референтната рамка на „третиот пат“ теоретизирано од социологот Ентони Гиденс6, а преточено политички од Тони Блер во Велика Британија и Бил Клинтон во САД.

Приказната што започнува на почетокот на 90-тите години на минатиот век претставува една приказна за обидот да се изгради демократија на алтернацијата, и таа е приказна за неуспехот. Општествената коалиција што ги поддржува правата е поделена од самиот почеток: од една страна, категории поврзани со мали и средни претпријатија на Северот, поволни за неолибералните реформи и кои се придржуваат кон процесот на европска интеграција; од друга, ниските и т.н. прекарни класи, поприсутни во центарот и југот на земјата, кои најмногу се погодени од штедењето наметнато од европските договори. Постоењето на општествен блок способен за поддршка на левиот центар, е исто толку хипотетичко. „Третиот пат“ им дава приоритет на еднаквите можности пред еднаквите услови за живот и се заснова на слепо верување во придобивките од слободниот пазар; волјата за обновување на италијанската левица, следејќи ги овие поуки, има главен ефект да предизвика блокот да се оддалечи од работничките класи. Контрадикторностите што ги поткопуваат двете општествени коалиции се рефлектираат во поразот на сите последователни влади од 1994 до 2011 г., често ослабени од внатрешни несогласувања и систематски поразени на крајот од нивниот мандат. До четвртата влада во Берлускони, која ја загуби поддршката од парламентарното мнозинство во ноември 2011 г.

Во тој период, свеста за тешкотијата за одржување на биполарен политички систем беше широко распространета. Во Демократската партија, линијата која ги прифаќа политиките на тогашниот британски лабуристички премиер Блер, е во доминантно мнозинство: очекувањата на работниците дури се сметаат и како пречка на патот кон модернизација на италијанската економија. Тогаш се одвива една конвергенција со неолибералната фракција на десницата и така се отвора патот за искуството на буржоаскиот блок.

Така, буржоаскиот блок не кореспондира само со стратегијата насочена кон формирање на специфичен општествен сојуз, во кој средната и горната класа, претходно издиференцирани со расцепот помеѓу десницата и левицата, се обединуваат за да ги поддржат неолибералните реформи: исто така тој претставува и еден културен и идеолошки проект кој има за цел целосно преструктуирање на италијанскиот политички простор како таков. Еден проект што го гледаме на дело во многу држави, а чиј успех е комплетиран во самата Италија. Во оваа земја, позиционирањето на политичките актери и очекувањата на гласачкото тело веќе не се организираат околу лево-десната поларизација, туку, сега, во еден простор дефиниран од спротивставеноста помеѓу европејците и националистите, космополитите и оние кој се за локалните идентитети, федералистите и оние кои се за својот суверенитет по секоја цена. Една медиумска кампања беше постојано одговорна за одвојување на „одговорните“ политички програми (што значи да се прилагоди на неолибералната транзиција) од „популистичките“ позиции (етикетата резервирана за сите што се противат на тоа).

Со победата на М5С и Лигата, парламентарните избори во март 2018 г. го одбележаа и изборниот неуспех на буржоаскиот блок и консолидацијата на неговата хегемонија, што се преточува и во можноста за ориентирање на стратегијата на нејзините противници. Со оглед на изборниот рок, Лигата си ја прилепи (фиктивната) слика на анти-европска и националистичка партија,  додека М5С се спротивстави на избраната „каста“ и привилегираните „елити“: двете движења тврдеа дека се во политичкиот простор над десницата и левицата како што е дефинирано од буржоаскиот блок. На еден од половите што го структурираат овој простор, се наоѓа една релативно хомогена алијанса која себеси се гледа како отворена, проевропска, прогресивна и која има тенденција да ја крие централната улога на неолибералната реформа во проектот што го носи. Но, овој сојуз, буржоаскиот блок, претставува едно општествено малцинство. На спротивниот пол, постои хетерогено општествено мнозинство кое се собира на еден променлив начин околу отфрлањето на кастата, непријателството кон еврото или дури и националистичкиот елан затемнет со ксенофобија. Првата влада на Џузепе Конте, заснована на сојузот меѓу двајцата победници од 2018 г., ja покажа сета тешкотија да се идентификува стратегија за медијација, способна да го трансформира ова општествено мнозинство во еден компактен блок. Но, неславната судбина и на втората влада на Конте (М5С – Демократска партија), покажува дека, во присуство на хегемонистички борби за моќ што водат до негирање на релевантноста на десно-левиот расцеп, шансите за обнова на левицата, дури и во многу бледа розова верзија, се близу до нула.

Во просторот структуриран од идеологијата на буржоаскиот блок, единствената кохерентна политичка стратегија е таа… на буржоаскиот блок. Ова го објаснува изненадувачкиот епилог на италијанската драма во три чина, со национално единство околу либералниот и европски проект на општественото малцинство. Овој епилог е, сепак, само привремен. Може да се рече дека следат и други чинови на италијанската политичка драма, а класите жртвувани од минатите и идните структурни реформи ќе бидат протагонисти на истите. Во каква улога и во какви форми? Би било рано да се каже, бидејќи е рано да се знае дали овие класи ќе бараат нов демократски пат по разочарувањето предизвикано од резултатот кој го доживеаја во 2018 г., прво како голема победа, и кој на крајот го донесе и Драги како актуелен премиер на италијанската политичка сцена. Остатокот од приказната, во голема мера ќе зависи од способноста на актерите, кои се противат на неолибералните реформи, да ги стават во срцето на политичкиот конфликт нивните конкретни последици во однос на несигурноста на самите плати, експлозијата на нееднаквости, намалувањето на социјалната заштита, деградација на јавните услуги итн. Преиспитувањето на хегемонијата на буржоаскиот блок поминува низ ова; неговиот вистински пораз исто така.

 

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

  1.  Види: Bruno Amable, Elvire Guillaud et Stefano Palombarini, L’Économie politique du néolibéralisme. Le cas de la France et de l’Italie, Éditions ENS – Rue d’Ulm, Париз, 2012.
  2. За стратегиите на италијанските партии, види: « Avec le gouvernement Draghi, le retour paradoxal du bloc bourgeois », Contretemps, 21.02.2021, www.contretemps.eu
  3.  Види: еден инспиративен портрет на италијанскиот економист : Lorenzo Zamponi, « Il governo dei Giavazzi », Jacobin Italia, 25.02.2021, https://jacobinitalia.it
  4. Италија ќе добие меѓу 2021 и 2026 г. субвенција од 82 милијарди од фонд во кој ќе треба да придонесе со свои 40 милијарди: нето субвенцијата ќе биде 42 милијарди. За евентуални заеми (127 милијарди), помошта кореспондира на заштедите направени на каматните давачки, а што пак зависат од еволуцијата на диференцијалот помеѓу италијанските стапки и оние по кои Комисијата би позајмила. Во секој случај, овие заштеди нема да надминат 24 милијарди евра. Овие пресметки се претставени во: Emiliano Brancaccio et Riccardo Realfonzo, « Draghi’s plan needs less Keynes, more Schumpeter », Financial Times, Лондон, 12.02.2021.
  5.  Види: La Rupture du compromis social italien. Un essai de macroéconomie politique, CNRS Éditions, Париз, 2001.
  6.  Anthony Giddens, Beyond Left and Right : The Future of Radical Politics, Stanford University Press, 1994.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW