Во африканската држава Мали, националниот суверенитет не е шега. Кога, на 23 март 2021 година, владата, произлезена од државниот удар од 18 август 2020 година1, објави дека партнерство за „техничка поддршка“ било склучено со Институтот за глобални промени „Тони Блер“, кој ќе ја советува при изработка на нов Устав на Мали, крвта на патриотите повторно зовре. Во памфлет објавен на својата Фејсбук страница, Брахима Фомба, локален експерт по уставно право, протестираше што гледа дојдени странски експерти, кои ги нарече „мршојадци“, како седат на иста маса со министрите, судиите и високите функционери на Мали. За време на прес-конференција на 22 мај 2021 година, Шогуел Маига, еден од лидерите на Движењето на 5 јуни – Собирање на патриотските сили (М5-РФП), опозициска коалиција, ја осуди одлуката како „несреќна“, а која тој ја нарече „навреда за интелигенцијата на нашиот народ, за честа и достоинството на малиските стручњаци“.
Во ноември 2020 година, откако преодната влада едвај се инсталираше, емисарите од Институтот, предводен од Тони Блер, веднаш отидоа во Бамако, главниот град на Мали. Малата армија на технократи, школувани во врвните кралски универзитети на Велика Британија и кои управуваат со Институтот „Тони Блер“, вклучува одлични претставници за продажба и маркетинг, кои, според зборовите на еден поранешен соработник, „би продале дури и песок на бедуините“. Поранешниот британски премиер самиот ја финализираше операцијата за заведување со состанок, на 22 март, со привремениот претседател на Мали, Бах Н’Дау. По нивниот состанок, Тони Блер, очигледно многу задоволен, отиде дотаму што, наспроти сите докази, изјави дека периодот на транзиција е „погоден за воспоставување основа за стабилизација“ на самата африканска земја. Два месеци подоцна, на 24 мај, Н’Дау и неговиот тим беа отстранети од своите функции по еден нов пуч, и Институтот „Тони Блер“ ја прекина својата мисија во оваа африканска држава.
Иако ова кусо партнерство предизвика голем гнев кај локалните јавни личности, тоа исто така предизвика и неразбирање кај неколку директори или поранешни директори на Институтот „Тони Блер“. „Ова навистина немаше смисла“, проценува еден од нив, а кој бара да остане анонимен. „Институтот се гордее со фактот дека работи на длабински реформи на долг рок. Ова не е улогата на преодниот режим во Мали. Напротив. А да не зборуваме, дека сето ова е еден процес со големо инволвирање на армијата на земјата.“ Оваа неприродна соработка ја илустрира избезумената потрага на Тони Блер за големи и профитабилни деловни договори на африканскиот континент, вклучително и со режими кои не ги почитуваат темелните човекови права или имаат слаб легитимитет.
Кога го формираше Институтот „Тони Блер“ во 2016 година, поранешниот британски премиер дури и инсистираше на непрофитната природа на новата организација и на фактот дека нема да има профит или плата од сето тоа. Така тој се обиде да ги натера луѓето да ги заборават контроверзиите предизвикани од активностите што ги правеше по крајот на мандатот како премиер. Всушност, кога ја напушти резиденцијата на британските премиери во јуни 2007 година, оставајќи ја Лабуристичката партија во тотален распад, Тони Блер убаво си ги искористи вредните контакти што ги имаше собрано во текот на неговата деценија на чело на Велика Британија, за да се зафати со меѓународен бизнис. Така, Блер си создаде голем број консултантски фирми и други компании преку заеднички вложувања: Тони Блер Асосиејтс, Виндраш Венчрс Лимитид, Фајраш Венчрс Лимитид, итн. Има потпишано огромни и неверојатни договори со мултинационални компании и влади што ги советувал по највисоки цени: Џеј Пи Морган, Цирих Фајненшел, ЛВМХ, Инвестицискиот фонд на Емиратите Мубадала, владите на Казахстан на Нурсултан Назарбаев, и на Египет на Абдел Фатах Ал-Сиси…2 Блер одржал многу профитабилни предавања, а неговиот хонорар често надминувал и 100.000 евра. Во исто време, тој формира и друга непрофитна организација, Африканска иницијатива за управување, која бесплатно им ги нуди своите услуги на африканските држави.
Само за неколку години, Блер успеал, според лондонскиот весник Гардијан, да натрупа богатство од најмалку 27 милиони фунти (над 31 милиони евра) и да изгради империја на недвижен имот проценета на неколку милиони евра: околу десет куќи и – дури дваесет и седум станови3. Блер дури може и да се заколне дека неговата мотивација не е да натрупа лично богатство; но, во Велика Британија, контроверзиите растат. Тони Блер е обвинет за неплаќање данок, за мешање бизнис и филантропија, дека направил првото да расте со извлекување корист од второто, па дури и дека го злоупотребил неговиот статус како посебен емисар на Големата четворка за Блискиот Исток4, за да си тера свој бизнис во тој регион.
Како и да е, во 2016 година, Тони Блер, во потрага за респектабилност бидејќи неговата популарност пропадна, објавува дека ги затвора своите консултантски фирми и компании со заеднички вложувања за да се фокусира на добротворни активности и борби кои високо ги цени: борба против климатските промени и верски екстремизам, како и поддршка за „добро управување“. „Јас повторно ќе прифатам некои лични консултации за да ги осигурам своите приходи“, тој е многу внимателен во прецизирањето, додека ветува дека ќе се посвети дури 80% од своето време за добротворни цели. Крај на правните субјекти како Тони Блер Асосиејтс и на Африканска иницијатива за управување. Отворено е место за појавување на сцената на Институтот „Тони Блер“.
Многу брзо, новиот Институт ги зголемува партнерствата, главно во Африка, што му овозможи на Тони Блер да го облече костумот на белиот витез кој е дојден да го извади континентот од својата мизерија. Негов прв „клиент“ е Руанда на претседателот Пол Кагаме. „Вие сте човек со голема визија, еден лидер на кој секогаш му се восхитував. Сега ви требаат совети за добро владеење, а јас сум точно таквиот ваш човек“, ќе му рече на претседателот Кагаме во 2007 година во Лондон, според неговиот биограф Том Боуер5. Во следните години, Блер лично го запознава претседателот на Руанда со елитата на светски лидери и бизнисмени, претставувајќи го дури и како олицетворение на модерна и претприемничка Африка, додека внимателно ги изоставува масакрите и грабежите за кои е одговорна армијата на Руанда во соседната Демократска Република Конго или атентатите врз противниците во егзил.
Од друга страна, Тони Блер успева да го искористи влијанието кое го има претседателот на Руанда Кагаме врз неговите колеги на континентот, за да ги продаде своите услуги таму. Па, така, Институтот „Тони Блер“ сега советува околу петнаесет африкански влади, вработува 231 лице и – има обрт дури од 46,3 милиони долари (38 милиони евра). На хартија, станува збор за поддршка на структурните реформи и реализација на големи проекти. Тони Блер навистина има намера да го пренесе своето искуство во Африка. „Кога бев британски премиер,“ му има кажано на претседателот Кагаме во 2007 година, „се соочив со сопирачката што може да претставува една владината машина. Воспоставив една т.н. „Единица за испорака“ и тоа беше голем успех. Трансформираше сè.“6 Во 2001 г., за време на неговиот втор мандат, основачот на Новите лабуристи ефективно ја формираше Единицата за испорака на премиерот, т.е. „единицата за успех на премиерот“. Се работеше за една постојана структура на неколку технократи, директно поврзана со неговиот кабинет и фокусирана на неговите приоритети – вклучително и реформата на јавните служби. Претставено како идеално оружје за размрдување на една вчаурена администрација која не сака да се менува, оваа алатка ја прифатија неколку влади, во Канада, Перу, Саудиска Арабија итн. Но, без некој голем успех. Во белешката објавена во 2017 година, тинк-тенкот Тера Нова, инкубатор на неолиберални идеи во рамките на француската левица, сепак се изјасни во корист на создавање на такви „единици“, притоа признавајќи мешани резултати7.
Тони Блер сепак успева да го продава концептот токму на африканските лидери. „Идејата е следна“, резимира еден поранешен вработен во Институтот споменат погоре: „Кога една земја во развој не ги спроведува потребните реформи, затоа што администрацијата е воздржана или затоа што наидува на политички отпор, тогаш ние пристигнуваме на лице место, со нашата кутија со алатки. Поставуваме структура што ќе ни овозможи да ги надгледуваме досиејата и да предаваме понатаму информации. Кога ова се блокира, ние одблокираме користејќи ја нашата директна врска со претседателот.“ Непријател на Институтот „Тони Блер“ не се финансиите, туку администрацијата. „Вистинскиот предизвик не е недостатокот на стратегија на државите, туку времето потребно за извршување на проекти, поради преоптовареноста на администрациите,“ објаснува во 2020 година Антоан Хус, директор во Институтот „Тони Блер“ за франкофонска Западна Африка. „Ние им помагаме да се „спакуваат“ проектите, така што тие ќе бидат фино претставени пред финансиерите“8.
Институтот „Тони Блер“ има голема предност во надминување на ситуации на неподготвеност или на неволност: многу често, неговите совети, финансирани од дарежливи донатори, не ги чинат државите ништо. Па, така, кога Институтот потпиша договор за партнерство со африканската држава Буркина Фасо во 2019 година, претседателството на земјата, кое не плати ништо, доби канцеларија составена од тројца експерти одговорни за обезбедување на имплементација на приоритетите на владата на оваа земја. Билансот? „Многу просечно“, признава еден советник на претседателот Рош Марк Кристијан Каборе, кој исто така бара да остане анонимен. „Досиејата не напредуваа толку брзо како што се надевавме. Не е виновен Институтот „Тони Блер“: тие си завршија добра работа. Но, сопирачките за кои мислеа дека се отстранети, се уште ги има.“
Еден поранешен соработник на Тони Блер зборува за „очигледни успеси“, како во Руанда или Того, но исто така препознава и „многу неуспеси“, пред да отпаднат како Институт: „Честопати, и не правиме многу.“ Друг соработник, кој останува убеден во придонесот на Институтот „Тони Блер“, признава дека Институтот рециклира стари методи, истовремено подобрувајќи ги: „Тоа е всушност ажурирана форма на техничка помош што ја практикуваат со децении традиционалните донатори или приватни фирми, но сега и со поширока мисија. Институтот „Тони Блер“ ги става своите експерти што е можно поблиску до администрацијата: тие ги земаат предвид и техничките ограничувања и политичките прашања. Имам тенденција да мислам дека вака е поефикасно.“
Во рамките на Институтот „Тони Блер“, интервенцијата во африканската држава Того се смета за успешна. Институтот особено придонесе за формирање во Ломе на кол-центар на гигантот на секторот, Мажорел; за потпишување договор со кувајтската компанија Аџилити, за изградба на логистички парк; или дури и за дискусии со ПВХ, американска мултинационална компанија за облека. За Тони Блер, спасот на Африка отсекогаш бил преку приватниот сектор9. „Во сите досиеја што ги надгледувал“, се жали еден поранешен министер од Того, „сепак станува збор за промовирање на неолиберална визија за економијата, зголемување на странските инвестиции и јавно-приватно партнерство.“10
Поддржувачите на поранешниот британски премиер подвлекуваат дека неговите совети се непристрасни. Ова не ја намалува идеолошката и политичката содржина на неговите услуги. „Не е ништо повеќе или помалку од т.н. мека моќ“, констатира еден независен консултант кој го забележува големиот интерес на Институтот за земјите од француско говорно подрачје во Африка. „Со тоа, Тони Блер го брани неолиберализмот, но и британското и американското влијание таму.“
За да се увериме во горното, доволно е само да се фрли поглед на списокот на финансиерите и донаторите на Институтот „Тони Блер“: Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД); Светската банка; најголемите мултинационални компании – како што е Мајкрософт; филантропско-капиталистичките фондации, како што е Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ (која му има дадено на Институтот „Тони Блер“ дури 18,5 милиони УСД во последниве пет години, од кои 6,8 милиони УСД само за 2020 година); и разноразни белосветски „реформаторски“ здруженија, како што е, на пример, Африканскиот центар за економска трансформација (АЦЕТ), или за промовирање на „модернизација“ на земјоделството – со употреба на генетски модифицирани организми (ГМО), како што е Форумот на зелената револуција во Африка (АГРФ).
„Тони Блер мисли дека му е дадена мисија“, објаснува поранешен негов соработник. „Но, можеме да се запрашаме и за неговите лични интереси во овој контекст. Кога донесува странски инвеститори во некоја земја во развој, тие понекогаш се и добри пријатели со него. Со Тони Блер, бизнисот никогаш не е далеку.“ Овој поранешен соработник на Тони Блер исто така аналитички заклучува дека Институтот „Тони Блер“ често се етаблира во земји во развој богати со суровини. Но, од друга страна, Институтот јавно демантира каков било судир на интереси. Но, големата сенка на сомнежот сепак останува. По својот избор на функцијата во 2010 година, претседателот на Гвинеја, Алфа Конде, ги побара советодавните услуги на Тони Блер и – на Џорџ Сорос. Преку своите фондации, Британците и Американците го убедуваа да ги ревидира сите договори за рударските концесии на странски фирми во оваа африканска земја. Неколку месеци покасно, во ноември 2011 година, инвестицискиот фонд на Абу Даби, Мубадала Девелопмент Компани, на која Тони Блер несебично и ги даваше своите совети, откупи неколку фирми и објекти во таа земја. Потоа, во ноември 2013 година, за време на конференцијата на приватните партнери и странски инвеститори со владата на Гвинеја организирана, се разбира, во… Абу Даби, Тони Блер одлучи јавно да го пофали диктаторот од Гвинеја, кого го претстави како претседател со големи визии. Во исто време, се дознава и за потпишување на договор – вреден 5 милијарди долари – помеѓу државата Гвинеја и Гвинеја Алумина Корпорејшн, компанија во сопственост на веќе спомнатата Мубадала Девелопмент Компани, и компанијата Дубаи Алуминиум од ОАЕ, за експлоатација на рудникот за боксит во Сангареди…
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Види: Anne-Cécile Robert, « Au Mali, coup d’État dans un pays sans État », Le Monde diplomatique, октомври 2020.
- Види: Ibrahim Warde, « Blair Inc. », Le Monde diplomatique, ноември 2012.
- Hilary Osborne, « Tony and Cherie Blair’s property empire worth estimated £27m », The Guardian, Лондон, 14.03.2016.
- Види: Hussein Agha et Robert Malley, « Abou Mazen, le dernier Palestinien », Le Monde diplomatique, февруари 2005.
- Tom Bower, Broken Vows : Tony Blair : The Tragedy of Power, Faber & Faber, Лондон, 2016.
- Ibid.
- Abdeldjellil Bouzidi et Antoine Hardy, « Vers une “Delivery Unit” à la française ? », Terra Nova, Париз, 30.06.2017.
- Цитирано во: Rémy Darras, « Tony Blair, l’homme qui murmure à l’oreille des présidents africains », Jeune Afrique, Париз, 23.02.2020.
- Види: Demba Moussa Dembélé, « Les masques africains de M. Anthony Blair », Le Monde diplomatique, ноември 2005.
- Види: Jean-Christophe Servant, « Marchés de dupes en Afrique », Le Monde diplomatique, ноември 2020.