Во април 2016 година, групацијата за преработка на храна Ривард, со седиште во Пекинг, се најде на насловните страници. Кинеските агресивни купувања, ги открија недостатоците во францускиот систем на заштита на националните земјоделски ресурси. Компанијата на милијардерот Ху Кекин штотуку беше купила 1.700 хектари житни површини во регионите Индр и Лоар – повеќе од дваесет пати поголема од просечната големина на една француска фарма. Француските брашна требаше да го снабдуваат големиот кинески синџир на пекари „Ше Бландин“. Иако групацијата банкротираше уште во 2019 година, големата фарма продолжува да ја управува Ресурс Инвестмент, француската подружница која некако ја одбегна стечајната постапка. Пред сè, аферата откри голема актуелна тенденција во земјоделството: доаѓањето на нов вид инвеститори, покажува дека грабежот на обработливото земјиште не е проблем само на Југот на глобусот.
Во заднина се води решавачка пресметка на пазарот на земјиштето. Меѓународните големи агро-компании се обидуваат да добијат предност пред локалните производители. Тие сега навлегуваат длабоко во земјоделскиот сектор, за дефинитивно да го контролираат целиот производствен синџир, а не само комерцијално-набавниот сегмент. Оваа тенденција датира од 2010-тите, според агрономите Женевиев Нгујен и Франсоа Пурсеигл: „Агробизнисот станува само еден ентитет меѓу другите во големата индустриска холдинг групација“, набљудувајќи ги оние кои беа меѓу првите кои се заинтересираа за овој феномен на вертикална концентрација (иако се сметаше дека ова е префрлено на хоризонтална концентрација, како агломерација на различни деловни активности). Во нивната книга за новиот мултинационален земјоделски холдинг капитализам,[1] овие агрономи во 2017 година процениле дека „фармите кои се организирани како фирми сочинуваат 10% од фармите, 28% од вработеноста и дури 30% од стандардното бруто производство“. Ова широко разбирање на поимот „фирма“, исто така вклучува и семејни имоти или комбинации на продуктивни единици. Уделот на холдинг-компаниите, контролирани од големи мултинационални групации, останува тешко да се квантифицира, поради недостатокот на реални статистички алатки за нивно идентификување.
Мора да се каже, дека овие фарми често остануваат и незабележани од пошироката јавност. Во регионот на Камарг, големите наводнувани полиња се граничат со познатиот медитерански природен резерват. Во овој амбиент од разгледниците, најголемиот продавач на ориз во Европа, Еуриком, ја презеде француската компанија за ориз Сосиете де ри де шоа, уште во 1998 година. Матичната компанија од италијанско потекло тргува со околу 40 земји. На влезот на имотот – во форма на огромен агро-објект лоциран пред редовите на ориз кои се протегаат до бесконечност – ништо не покажува дека сме на земјиштето на Еуриком. Сепак, токму таму, во Порт-Сен-Луј-ду-Рон, групацијата поседува дури 1.300 хектари, како дополнување на другите аквизиции на земјиште ширум светот.
Француското земјоделско земјиште и житарките, се особено популарни. Франција ужива добра репутација на домашниот пазар, но и на меѓународно ниво, поради повисоките еколошки и социјални стандарди отколку во другите земји. Агро-концернот Еуриком купи земјиште во исто време кога оризот од регионот на Камарг доби Заштитена географска ознака (ЗГО), која му гарантира на потрошувачот потекло и усогласеност со спецификациите – кои, сепак, не забрануваат употреба на пестициди или хербициди.
Директното поседување на земјоделското земјиште донесува три главни предности. Прво, и најважно, Еуриком обезбедува директно и комплетно сопствено снабдување, без да оди или да зависи од други производители. Второ, оваа директна контрола на суровините обезбедува поголема флексибилност во контекст на исполнување на променливите очекувања и желби на потрошувачите. Конечно, директното работење ѝ овозможува на компанијата да работи без скапи посредници и нивните маржи: земјоделци, задруги, трговци, прекупци, договарачи, накупци итн.
За да се наметнат, производителите бараат секакви средства да ги намалат трошоците за производство. Играта на концентрација, дополнително, е засилена и со јавни субвенции. Еуриком полага право на својот удел. Според Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), компанијата добила дури 680.000 евра помош во 2020 година,[2] кога просечната сума добиена по фарма во Франција е околу 30.000 евра. Европскиот систем не ги ограничува групирањата: колку повеќе хектари поседувате, толку повеќе и помош добивате. Првично замислена да гарантира приход за индивидуалните земјоделци, ЗЗП денес фаворизира ерупција и доминација на агро-индустрискиот модел со појавата на играчи кои немаат никаква врска со довчерашните земјоделци.
Новите, сега веќе огромни и модерни фарми, се засноваат на наемната рака, т.е. на мануелните надничари. Мануелните работници на фармите предводени од канцелариските агро-менаџери, сега ја вршат целата работа на полињата. Во фармата во Камарг на Еуриком, инструкциите доаѓаат директно одозгора. Планирањето на културите, опремата, распоредот, одлуките се носат во седиштето на групацијата, кое се наоѓа на повеќе од петстотини километри од Камарг, во регионот Ломбардија во Италија. „Слободата на одлучување е ограничена со контролата на сопственикот на земјиштето, што не одговара на нашата дефиниција за оваа професија“, со горчина резимира Анри Бис-Пере, потпретседател на Националната федерација на синдикати на фармери (ФНСЕА), мнозинскиот репрезентативен агро-синдикат во Франција. Невообичаено, четирите главни синдикати на фармери го делат истиот став по ова прашање: прифаќањето на постојано растечката интеграција на фармите во мултинационалниот агро-индустриски комплекс, дефинитивно би значело крај на самите индивидуални земјоделци.
Земјоделско-прехранбените компании веќе честопати беа обвинувани дека се тие што ги одредуваат цените, принудувајќи ги вторите да се приспособат. Се случува уште една важна промена – во форма на дополнителен скок во концентрацијата на одлуките и произведеното богатство. Во согласност со поновата историја, сето ова, сепак, претставува една еволуција во спротивна насока од „четиристотините години борба“, „постепено победнички“, нешто кое Емил Зола го повторил: а тоа е работниците кои го обработуваат земјиштето, да станат господари на својот дом.[3] Последните поместувања, ги доведуваат во прашање битките што ги добија претходните генерации земјоделци.
Зошто сега земјоделското земјиште гледа како пристигнуваат инвеститори, а тоа претходно го избегнувало? Земјоделскиот сектор сега доживува бескрајна криза што ја храни нерасположеноста на фармерите, кои често се принудени да работат шеесет часа неделно за неколку стотини евра приход и огромни кредити. Во овој контекст, не е изненадувачки што богатствата на индустријата се добредојдени, особено што заштитните мерки повеќе не ја играат својата улога како таква.
Во Франција, за да купат земјоделско земјиште, апликантите мора да добијат одобрение од локалната компанија за развој на земјиште и рурални населби (САФЕР – организација со право на откуп на земјиште со цел да се задржи за земјоделска употреба). Овие непрофитни друштва со ограничена одговорност – има по едно за секој департман во Франција – извршуваат мисија од општ интерес, таа на прераспределба на земјоделското земјиште во корист на самите земјоделци. Мисија која се повеќе се злоупотребува,[4] како што е прикажано со неколку примери. Па, така, во 2019 година, во Сарт, групацијата Флери Мишон бара да купи околу 20 хектари земјиште за да изгради своја фарма за свињи, управувана од тројца вработени: локалната САФЕР ја прифаќа продажбата. Во 2020 година, познатата компанија Шанел купува осум и пол хектари во рамнината Грас за да ги одгледува цвеќињата што влегуваат во составот на нејзините скапи парфеми: и тука локалната САФЕР не се противи. Кога е контактиран за овие две купувања, Емануел Хист, претседателот на Националната федерација на компаниите САФЕР (ФНСАФЕР), не сакаше ниту да коментира. Првично основани за да го овековечат моделот на независни индивидуални фарми, организациите САФЕР сега понекогаш служат како отскочна штица за големите компании, како предатори во својата потрага по обработлива земја.
Оваа тенденција се објаснува со драстичното намалување на сопствените ресурси на САФЕР. Кога биле создадени во 1960-тите, организациите САФЕР биле 80% јавно финансирани. Од 2017 година, оваа пропорција се намалува дури на 2%. Државните субвенции продолжија да се топат во нивните буџети. Денес, најголемиот дел од нивниот приход доаѓа од трансакциите што ги прават. Ова ги поттикнува да прават продажба една по друга, а за да ги одржуваат своите финансии во добра форма. „Нивните начини на дејствување не се во согласност со нивните мисии од општ интерес“, забележува Беноа Гримонпрез, специјалист по рурално право на Универзитетот во Поатје.
„Ефективноста на овие алатки, изградени по моделот на семејната фарма во сопственост на физички лица, сега е намалена со оглед на структурирањето и развојот на фармите во корпоративна форма“, заклучуваат и парламентарците првобитно за предлог-законот, поднесен во февруари 2021 година, за регулирање на овој пазар на земјиште.[5] Оптимизиран менаџмент, прогресивен трансфер: иако ги препознаваат предностите на овие структури кои „сега експлоатираат речиси две третини од корисните земјоделски површини во Франција”, парламентарците, исто така, забележуваат дека тие „за жал се повеќе се користат и за заобиколување на правилата“.
Без добро фундирана политичка стратегија за ограничување на нивните големи апетити, фирмите напредуваат во руралните региони. Примерот на Акваланд е впечатлив по својот обем. Француската компанија припаѓа на групацијата Лабејри Фајн Фудс, број еден производител на паштети од црн дроб од француска гуска, чаден лосос, пастрмка и производи од морска храна во Франција. Акваланд сега е најголемиот комерцијален одгледувач на риби во Франција, со 37 рибни фарми распоредени во десет департмани. Корпоративното земјоделство предизвикува невидена концентрација, следејќи ја судбината на многу сектори во економијата додека доаѓаме до пресвртната точка: фактот дека секој четврти земјоделец има над шеесет години. Доколку се пензионираат сите оние кои ќе ја достигнат возраста за пензионирање во следните три години, дури сто и шеесет илјади фарми ќе треба да најдат наследник. Се е подготвено за масовен трансфер.
Медиумското покривање на кинеските инвестиции ги маскира вистинските проблеми. Според извештајот на ФНСАФЕР, во 2017 година тие биле само 2 отсто од странските купувачи.[6] Грабежот на земјиштето е првенствено француска приказна. Националните или регионалните компании играат водечка улога, како што е Алто, број еден француски производител на чипс, во Морбихан, или козметичката компанија Пјер Фабр, во Тарн. „Дојде моментот државата да ја преземе мерката за последиците од зголемувањето на трансакциите со акциите и уделите во земјоделските компании,“ уверува првиот претседател на Ревизорскиот суд, во извештајот до премиерот во 2020 година.[7] Овие трансакции претставуваа дури 1,1 милијарди евра во 2018 година, што е еквивалентно на 18% од пазарот на земјоделско земјиште.
Под притисок од Ревизорскиот суд, францускиот Парламент конечно усвојува еден закон на 13 декември 2021 година „за итни мерки за обезбедување на регулирање на пристапот до земјоделско земјиште преку корпоративни структури“. Текстот предвидува воведување нови контроли од страна на организациите САФЕР, под овластување на префектот, кој ќе треба да даде согласност во две ситуации: кога продажбата надминува 40% од акциите на компанијата, освен за трансфери внатре во семејството доколку членовите на семејството се обврзат да го продолжат работењето; кога вкупната површина што се чува по стекнувањето на компанијата го надминува прагот на „значително проширување“, поставен по регион, и кој се движи од 1,5 пати до 3 пати од просечната корисна земјоделска површина во тој регион.
Но, овој закон дозволува многу исклучоци, кои го прават делумно неефикасен. Организациите САФЕР ќе треба да го проценат „развојот на територијата“ во однос на „создадени работни места и економски, социјални и еколошки перформанси“. Презентиран од владата како „една етапа“, овој закон не може да го замени системскиот закон за земјиште, а кои го бараат земјоделските организации. ФНСАФЕР вели дека продолжува „да размислува внатрешно“ за тоа како поодржливо да се заштитат самите индивидуални земјоделци. „Потребна ни е промена во јавната политика за да се дистрибуира земјиштето поинаку“, велат од Федерацијата на фармерите. Движењето за одбрана на семејните фармери (МОДЕФ), од своја страна повикува да се донесе закон, „за да се регулираат цените на обработливото земјиште за да бидат во корелација со приходот (…) што може да се генерира од нив.“
Собраниската информативна мисија инаугурирана во декември 2018 година, го спомена создавањето на централизирана алатка за регулирање на земјоделското земјиште доверено на независен административен орган. Европската комисија веќе одобри силни мерки, како што се правото на првенство за земјоделците, плафонот за големината на земјиштето, или одредби против шпекулации. Она што сè уште недостасува, е волјата за дејствување против големите групации и пошироката свест, за земјата да остане еден „политички простор“, како што го дефинира социологот и филозоф Анри Лефевр. Со други зборови, простор обликуван од одлуките на сите, а не само на неколкумина.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] François Purseigle, Geneviève Nguyen et Pierre Blanc, Le Nouveau Capitalisme agricole. De la ferme à la firme, Les Presses de SciencePo, 2017 г.
[2] Извор: Telepac, ministère de l’agriculture, www.telepac.agriculture.gouv.fr
[3] Сп. Émile Zola, La Terre, Fasquelle Éditeurs, 1887 г.
[4] Прочитајте: « La bagarre de l’hectare », Le Monde diplomatique, јули 2019 г.
[5] Експозе за предложениот закон бр. 3853, за итни мерки за обезбедување на регулирање на пристапот до земјоделско земјиште преку корпоративни структури, 9 февруари 2021 г.
[6] Le Prix des terres. L’essentiel des marchés fonciers ruraux en 2017, FNSafer, Париз, мај 2018 г.
[7] « Les leviers de la politique foncière agricole », référé du premier président au premier ministre, Cour des comptes, Париз, 28 јули 2020 г.