понеделник, 14 Окт 2024 / 0:35:16
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Нарушување на глобалниот пазар на нафта и гас

Предизвикот станува сега особено комплициран за Европа, каде што 62% од увозот од Русија се однесува на енергенси. Во просек, Стариот континент купува од Москва 20% од своите потреби за нафта, 40% за природен гас, односно дури 50% за јаглен. Германија, главната економска сила во регионот, е уште позависна со оглед на тоа што 55% од природниот гас што го троши е руски (42% за нафтата и 45% за јагленот). Берлин одлучи да ги прекине своите набавки на нафта и јаглен увезени од Русија до крајот на годинава, но нема да може да го стори истото, на краток рок, со природниот гас, освен да усвои драстични мерки (намалување на греењето, намалување на јавното осветлување, ограничување на економските активности, итн.), а што најверојатно би предизвикале голема енергетско-економска криза. Франција е помалку изложена, со оглед на фактот што суровата нафта што ја купува од Русија, сочинува 8,7% од нејзиниот увоз на нафта (17% за природниот гас).


Од Акрам Белкаид


Фото: Kindel Media/ Pexels

На мета е „главната артерија на руската економија“ со забрана на увозот на нафта, природен гас и други енергетски производи од Русија: ова е стратегијата усвоена на 6 март од страна на САД за казнување на Москва по воената инвазија на Украина. „Нема да учествуваме во финансирањето на војната на Владимир Путин“, изјавува претседателот на САД Џозеф Бајден, а пред да појасни дека американските увозници имаат четириесет и пет дена да ги раскинат своите купопродажни договори. Европејците, предводени од Германија, не го следат целосно овој пат, дури и ако објавија дека сакаат да се ослободат од својата зависност од руските испораки. „Не можеме да зависиме од снабдувач кој експлицитно ни се заканува“, изјавува Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија (8 март). И во двата случаи, намерата е иста: ембаргото на руската нафта и природен гас на крајот ќе биде значително и најверојатно ќе потрае, иако Берлин се надева дека брзото враќање на мирот во Украина ќе овозможи враќање на ситуацијата што преовладуваше пред руската инвазија. Затоа следи една голема реорганизација на светската трговија со нафта, гас и јаглен, а која се наѕира со потребата западњаците да најдат нови снабдувачи и, за Москва, нови муштерии.

Предизвикот станува сега особено комплициран за Европа, каде што 62% од увозот од Русија се однесува на енергенси. Во просек, Стариот континент купува од Москва 20% од своите потреби за нафта, 40% за природен гас, односно дури 50% за јаглен. Германија, главната економска сила во регионот, е уште позависна со оглед на тоа што 55% од природниот гас што го троши е руски (42% за нафтата и 45% за јагленот). Берлин одлучи да ги прекине своите набавки на нафта и јаглен увезени од Русија до крајот на годинава, но нема да може да го стори истото, на краток рок, со природниот гас, освен да усвои драстични мерки (намалување на греењето, намалување на јавното осветлување, ограничување на економските активности, итн.), а што најверојатно би предизвикале голема енергетско-економска криза. Франција е помалку изложена, со оглед на фактот што суровата нафта што ја купува од Русија, сочинува 8,7% од нејзиниот увоз на нафта (17% за природниот гас).

Оваа европска желба да се оттргне од Москва, сепак, наидува на една замрзната панорама за нафта и гас, која ќе биде тешко да се промени толку брзо, колку што бара спроведувањето на повеќе или помалку итно ембарго. На пример, Норвешка, која моментно снабдува 20% од европските потреби, е идеално средство за ублажување на кризата, особено на политички план. Но, ова скандинавско кралство ќе се мачи, за да ја задоволи дополнителната побарувачка. „Владата е во контакт со компаниите одговорни за производството и извозот преку нафтоводи и тие испорачуваат гас до максимум од својот капацитет“, предупредува норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе (8 март). Според проценките на експертите, ќе бидат потребни, во најдобар случај, девет месеци за да може норвешкото производство значително да се зголеми. Иста е ситуацијата и во Холандија, другиот производител на нафта и гас во Северното Море.

Други снабдувачи од Европа, исто така, не се во можност долготрајно да го зголемат своето производство на енергенси, па, затоа се и во позиција на резервни, моментални продавачи, наместо долгорочни замени за Русија. Ова е случајот и со еден Алжир, кој веќе има доста проблеми да ја произведе целата своја нафтена квота во рамките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и чие производство на гас е во моментален застој. Навистина, Алжир, третиот најголем снабдувач со гас за Европската унија (7,6% од нејзиниот увоз), има дополнителен капацитет од 10 до 15 милијарди кубни метри годишно. Но, два фактори го ограничуваат експлоатирањето на оваа резерва.

Прво, домашната потрошувачка на енергија расте со годишна стапка од 5% веќе една деценија, па затоа се поголем дел од произведениот природен гас се користи за снабдување на домашниот пазар. Понатаму, во услови на тензии со мароканскиот сосед, алжирските власти немаат намера да ја налутат Русија, која е нивниот главен снабдувач со секакво вооружување. Оваа геополитичка инхибиција, се однесува и на Египет, растечка сила на полето на гасот (тој е рангиран на 16-то место во светот со 2.000 милијарди кубни метри резерви), но кој е дури и 90% зависен од Русија и Украина за својот увоз на жито.

За разлика од Алжир, кој беше воздржан, Каиро сепак се осмели да гласа за резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се осудува руската воена агресија врз Украина (2 март). Но, сигурноста на храната во оваа земја, најголемиот увозник на пченица во светот, ја обврзува да биде и претпазлива кон Москва. Што се однесува до Либија, земја пресечена на два дела со фракција воено поддржана од Русија, нејзините нафтени полиња редовно се затвораат поради локални борби или штрајкови, а отсуството на какво било политичко решение за граѓанската војна спречува нормализација на секторот таму. Конечно, далечната географска локација на другите производители како Нигерија или Ангола, заедно со повеќе или помалку голема застареност на нивните капацитети, ги спречува да бидат меѓу сигурните замени на Русија во вакви турбуленции на глобалниот пазар на нафта и гас.

„Замената на руските испораки на нафта и гас не е невозможна“, се доверува познат трговец со стоки со седиште во Женева, каде што се обработуваат 80% од трансакциите со руска нафта и гас. “Но, ова бара координиран пристап меѓу Европејците или дури и една централизација на потребите. Сепак, ова е во спротивност со целата политика на либерализација на секторот на нафта и гас, а што ја наметнува Брисел веќе три децении“. Во меѓувреме, Европската комисија сака да ги обврзе своите членки да се погрижат нивните стратешки резерви да се надополнуваат со 90% од нивниот капацитет до 1 октомври секоја тековна година.

Просторот за маневрирање е доста поширок за САД. Подетално, рускиот извоз учествува со само 8% од американскиот увоз на енергија. Процентот дури паѓа на 3% за сурова нафта (245 милиони барели од вкупно увезени 3,1 милијарди барели). Во однос на диверзификацијата на снабдувањето, Вашингтон може да смета на Канада, својот главен енергетски партнер и географски сосед, за да компензира за прекинот на американските набавки од Русија. Многу полиња со нафта, во северните канадски провинции Алберта и Саскачеван, не работат во последниве години, и сега зголемувањето на цените на суровата нафта ги прави попрофитабилни за поголема и сигурна експлоатација. Сепак, владата на Бајден не планира – во моментот – да ја повлече својата одлука да го забрани пуштањето во употреба на гасоводот Кистоун ЕксЕл, што требаше да ја поврзе западна Канада со рафинериите на САД во Мексиканскиот Залив. САД, исто така, можат да мобилизираат мноштво мали приватни производители, особено во сојузната држава Тексас, кои се враќаат на пазарот само кога цените се атрактивни, како што е во моментов со цената за барел која се доближува до нејзиниот рекорд од јули 2008 година (140 долари во тоа време).

Пред сè, Вашингтон, исто така, ги обнови напорите да најде заеднички јазик и со една земја како што е Венецуела. Ова повторно контактирање, по неколку години забрана за режимот на Николас Мадуро, е дел од американската перспектива за делумно укинување на санкциите и продолжување на венецуелските испораки на сурова нафта за САД прекинати од 2019 година, иако овие испораки достигнаа дури еден милион барели дневно на почетокот на првата декада на новото столетие. Сепак, ќе бидат потребни неколку месеци и поголеми инвестиции пред да се санираат дотраените инсталации за нафта во Каракас.

Украинската криза и одговорот на Вашингтон, потенцираат три приоритети на американската енергетска и индустриска политика. Првиот е да се обезбеди сигурноста на снабдувањето на земјата на одржлив начин, па оттука и зближувањето, во однос на нафтата, со Венецуела и западноафриканските производители. Вториот е да се спречи недостаток или некаква криза со нафта и гас на светските пазари, за да се избегне скок на цените на суровата нафта и нафтените деривати.

На ова поле, задачата на Вашингтон ќе биде доста потешка. Заливските монархии – предводени од Саудиска Арабија и Катар – не сакаат, туку така, да ги отворат вентилите и, пред сè, да ја прекинат соработката со Русија во рамките на ОПЕК+ (ОПЕК + Русија).[i] Нуклеарниот договор со Иран во замена за укинување на санкциите, може да му овозможи на Техеран да извезува повеќе сурова нафта и природен гас, но Исламската Република не сака да дојде во конфронтација со моќниот рускиот партнер и близок сосед, а со кој воено интервенира во Сирија веќе неколку години. Москва, од своја страна, го условува своето прифаќање на договорот, но со гаранција дека нејзините трговски односи со Иран нема да бидат погодени од западните санкции против него. Ова го натера Западот – кој претходно не брзаше да го склучи договорот, но сега е одеднаш загрижен за благосостојбата на иранскиот народ – да ги осуди ризиците од „колапс на договорот“.

Конечно, третиот приоритет е да се обезбеди на американските производители на нафта и гас, да имаат меѓународни можности. Со оваа глобална криза, за нив се појавува голема можност: американскиот гас сега може да го замени рускиот гас на европскиот пазар, при што некои земји, како што е Германија, инвестираат во големи количини на течен природен гас.

Што се однесува до рускиот извоз на енергенси, нивната иднина лежи – во Кина, која веќе апсорбира дури 32,8% од нив. Треба да се нотира, дека во февруари о.г. Пекинг и Москва веќе потпишаа договор за снабдување со 10 милијарди кубни метри природен гас и го продолжија десетгодишниот договор за испорака на 200.000 барели сурова нафта дневно.[ii] Долго време нервозен за да ги диверзифицира своите муштерии, Кремљ сега е притиснат да ја зголеми својата продажба, и тоа кај соседот и – ривалот Кина.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] Sadek Boussena, « Pétrole, accord et désaccords », Le Monde diplomatique, VI-2020.

[ii] « Russia signs oil and gas deals with China », Energy Intelligence, 04.02.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW