Глобалниот недостаток на полупроводници продолжува да има чудни последици, особено на геополитичко ниво. За што се работи овде? Во изминатата година, производителите се мачат да ги добијат овие електронски чипови што ги опремуваат секојдневните уреди, од компјутери до тостери, машини за перење и конзоли за игри. Минатиот мај, конзорциум американски компании побараа од јужнокорејскиот претседател амнестија за Ли Џае-Јонг, поранешниот претседател на познатата корејска електронска компанија Самсунг, кој во моментов издржува затворска казна од 18 месеци за корупција. За да се справи со ранливоста на САД во однос на чиповите, компанијата Самсунг мораше без одлагање да ги реализира своите планови за инвестиции од неколку милијарди долари во САД. Со својот електронски суверенитет доведен во прашање, Вашингтон одеднаш ја исклучи задолжителната реторика за владеење на правото и почитување на постапките…
Таквата криза би ги воодушевила интелектуалците во т.н. Франкфуртската школа, само да ја разоткријат основната дебилност на „интелигентните“ општества: недостатокот на чипови го одложи задоволувањето на нашите желби за електронски ситници. Без овие полупроводници, кои понекогаш чинат само по 1 долар, невозможно е да се анимираат најновите гаџети, кои се ептен елегантни и скапи. Електричен автомобил, паметен телефон, паметен фрижидер и поврзана четка за заби исчезнуваат во големата црна дупка на глобализираниот капитализам, како невидлив непријател да објави војна на Саемот на електроника за масовна потрошувачка во Лас Вегас.
Иако оваа криза може да се смета како изненадување, таа во никој случај не е невообичаена: вишокот и недостатокот редовно се менуваат на глобалниот пазар за микрочипови. Меѓутоа, тековната епизода доаѓа во контекст обележан со општо сомневање за придобивките од глобализацијата и падот на западната индустриска активност. Додадено на ова е зголемената политизација на високите технологии, кои, како и вештачката интелигенција, се ставаат на ранг на стратешко прашање во конфронтацијата меѓу САД и Кина. Следствено, баналната техничка криза, која пред десет години, немаше да погоди многу луѓе надвор од засегнатите сектори, сега предизвикува страшни главоболки кај лидерите во светот.
Пандемијата Ковид-19 очигледно придонесе за ова. За да преживееме со разните наметнати рестрикции од пандемијата, неопходно беше како никогаш досега да се прибегне кон дигитални услуги, кои вклучуваат рутери, сервери и други уреди наполнети со микропроцесори. Потрошувачите потоа ја удавија својата домашна здодевност во морето апарати за домаќинство, предизвикувајќи неочекуван голем глобален раст на побарувачката за апарати за овошни сокови, дури и електрични тави за ориз. Конечно, здравствените мерки накратко ги затворија погоните за полупроводници, главно лоцирани во Тајван, Јужна Кореја и Кина. Една од најнапредните компании во оваа област, Јангце Мемори Технолоџиз, се наоѓа – во Вухан, Кина. Сепак, Сеул и Тајпеј, пофалени за првичното справување со пандемијата, не успеаја да складираат доволно вакцини; заразени работници на производствените линии дополнително го забавија производството на чипови.
Видовме појава на необична дипломатија базирана на „вакцини за чипови“: Тајван демонстративно ги искористи своите електронски ресурси за да добие големи дози од пријателските земји желни за електронски компоненти. Јапонија, желна да привлече тајвански компании на своја територија, понуди дури 1,24 милиони дози АстраЗенека на својот сосед во замена за чипови. Од друга страна, Вашингтон, кој планираше донација од 750.000 дози од Модерна, го зголеми за три пати својот удел. Кон средината на јуни, Тајпеј му наложи на својот најголем производител на чипови, Тајван Семикондактор Мануфактуринг Компани (ТСМЦ), како и на уште еден тајвански водечки производител на технологија, Фокскон, директно да преговараат за купување на 10 милиони вакцини од германскиот производител БиоНТех.
Сегашниот недостаток е уште поакутен бидејќи одложувањата во производството и испораката првенствено влијаат врз автомобилскиот сектор, локомотивата на раст и извор на надеж за закрепнување од Ковид -19. Меѓутоа, со децении, оваа индустрија се поклонува пред олтарот на протокот во право време, во согласност со Евангелието на Светата Глобализација. Принципот: минимум актуелни залихи – за максимална заштеда. Се додека функционираат глобалните синџири на снабдување, варијациите во побарувачката се решаваат во реално време, на лице место, со што се елиминира потребата компаниите да купуваат и складираат непотребни компоненти.
Во кризно време, пандемијата првобитно ги натера производителите на автомобили да ги ревидираат своите прогнози надолу и да ги намалат или откажат нарачките за полупроводници. Но, тие воопшто не очекуваа глобалната побарувачка за чипови да остане висока и продажбата на возила брзо да се зголеми дури и во услови на разните рестрикции поврзани со пандемијата. Во согласност со правилата за физичко дистанцирање, потрошувачите претпочитаа да си дозволат и нови автомобили отколку сега да се вратат во јавниот превоз. Но, мора да се напомене дека најновиот модел на возило содржи помеѓу 1.400 и 3.500 полупроводници и чипови, а електрониката сега учествува со повеќе од 40% од неговата цена.
Природната реакција би била да се зголеми производството на микропроцесори. Но, серијата неочекувани настани, во комбинација со појавата на Ковид-19, го спречија ова. Помеѓу студениот бран во Тексас – каде се наоѓа најголемиот дел од американското производство, сушата во Тајван – што го намали пристапот до вода воопшто, пожарот на производствената линија во Јапонија, брод со контејнери заглавен во Суецкиот канал, и ненадејната кинеска страст за складирање полупроводници пред да стапат во сила американските санкции, сè некако се искомбинира заедно да го блокира производството и испораката. Производителите на автомобили си дозволија да бидат изненадени. Дури и најголемите од нив ретко имаат директни односи со производителите на чипови. Сите ги пренесуваат своите набавки екстерно преку производителите на опрема како што се компаниите Бош или Континентал. Меѓутоа, сега кога пазарот е во тензија, производителите на микропроцесори претпочитаа да ги пренасочат своите производствени капацитети кон најпрофитабилните чипови, како што се оние за опремување на компјутери и паметни телефони.
Зошто производителите не прават свои компоненти? Тоа е прашањето кое еден таков господин како Илон Маск, се обидува да го реши. Не само што компанијата Тесла размислува да ги плати однапред своите резерви на полупроводници – протокот во право време дефинитивно повеќе не е популарен, туку производителот на електронски и хибридни автомобили сега размислува дури и за купување своја производствена линија за полупроводници. Од своја страна, Фолксваген се зафаќа со дизајн на електронски компоненти за т.н. автономни автомобили. Но, дизајнирањето е една; а производството е сосема друга работа.
Во Европа која често ја сфаќа геополитичката реалност преку очите на своите производители на автомобили, овие тешкотии не остануваат незабележани. „Не ми се чини нормално што еден блок голем како Европската унија да не може да произведува сопствени полупроводници“, забележува германската канцеларка Ангела Меркел минатиот мај. И додава: „Во земјата на автомобилот, чашата навистина се прели, кога не можете сами да ја произведувате главната компонента“.Разумна поента: во 1990 година, Европа држеше 44% од светскиот производствен капацитет, во споредба со само 10% денес. Меѓутоа, со цел ова долго одложено испитување на совеста да биде проследено со ефекти, ние во најмала рака треба да го доведеме во прашање кредото – во однос на глобализацијата, трговијата, националната безбедност и индустриската стратегија, кое со децении ја водеше политиката за полупроводници во Брисел и Вашингтон.
Изработката на електронски чип е ужасно тежок процес, чии многубројни фази можат да се рашират во текот на неколку месеци: врежување, чистење, следење на струјни кола… Понекогаш се потребни повеќе од илјада операции за да се постигне метаморфоза, во стил на Кафка, на куп песок – извор на силикон, највообичаен полупроводник – во интегрирани кола со екстремна комплексност. Сепак, принципот останува едноставен. Електронски чип се состои од милиони, па дури и милијарди транзистори; колку е поголема оваа бројка, толку е повредна. Овие транзистори овозможуваат контрола на протокот на струјното коло: отворено или затворено. Благодарение на овој бинарен јазик направен од 0 и 1, модерната информатика ја трансформира електричната енергија во информација.
Како и секој конкурентен сектор, производството на полупроводници бара да правиме повеќе со помалку и помалку. Во конкретниот случај, станува збор за зголемување на компјутерската моќ на чиповите додека се намалуваат придружните финансиски и енергетски трошоци. Ова е т.н. „Закон на Мур“, во чест на Гордон Мур, ко-основач на компанијата Интел: ако досегашниот наклон е продолжен, бројот на транзистори по интегрирано коло треба да се удвојува секоја година, придружено со намалување по цена и зголемување на моќноста на компонентата.
Парадоксално, „направи повеќе со секогаш помалку“ се претвори во „прави повеќе со секогаш повеќе“. Додека производителите контрираат на законите за физиката, тие мора да инвестираат и во сè поскапа опрема. Помеѓу 2021 и 2024 година, ТСМЦ планира да инвестира дури 100 милијарди долари во своите производствени линии; и Самсунг има намера да потроши 151 милијарда до 2030 година. Останатите големи компании во секторот најавуваат слични бројки. Во долари, но и во мозоци: за да останете на траекторијата на законите на Мур, треба да бидете во можност да сметате на број на истражувачи осумнаесет пати поголем отколку што било во раните 1970-ти.
Електронските чипови се разликуваат особено по финост на врежувањето. Слично како и „генерациите“ за други производи, големините на врежувањето инволвираат, сеопфатно, збир на разлики во однос на дизајнот и производниот процес. Во принцип, колку повеќе врежувањето е рафинирано, толку е помал, побрз и поекономичен самиот транзистор. Најновите паметни телефони и таблети имаат чипови врежани во 5 нанометри (nm). Со врежувањето од 3nm, чие индустриско производство нема да започне до 2022 година, дебелината на транзисторот не надминува 1/20.000 од влакно на коса. Но, еден ваков вид на подвиг не носи корист за сите: освен за вештачката интелигенција, автомобилскиот сектор сепак е задоволен со помалку софистицирани чипови.
Не толку одамна, микропроцесорите беа произведени под водство на една компанија: производителите на интегрираното коло сами ги дизајнираа, произведуваа, тестираа и спакуваа своите чипови. Ова е историјата на компаниите како Интел, ИБМ, Тексас Инструментс… Овој добро воспоставен систем започна да еродира кон крајот на 1980-тите години, кога извесниот Морис Чанг, инженер роден во Кина и обучен во САД и со децениско искуство во Тексас Инструментс, се пресели во Тајван за да ја основа таму спомнатата фирма ТСМЦ. Љубител на мостови и обожавател на Шекспир, сфатил дека производството на чипови станува толку интензивно во контекст на капитал, што бара друг модел. Така, го започнал производството на полупроводници како услуга: ТСМЦ ги ставил своите модерни производствени линии како достапни за да им овозможи на големите компании да се ослободат од своите и главно да се фокусираат на дизајнот, а не на производството. Се отвораше ерата на моделот без сопствена фабрика. Успехот на Чанг беше потврден и во 2010 -тите, кога компанијата Епл му го довери производството на компонентите на својот познат производ – Ајфон. Водена со железна тупаница, компанијата ТСМЦ беше потопена во култура на тајност што се граничи со параноја, со стахановистичка организација: за време на еден период, инженерите на одделот за истражување и развој мораа да работат дури и во 3 смени по 8 часа секој ден.
Со пазарна капитализација од повеќе од 600 милијарди американски долари – два и пол пати на Интел – ТСМЦ станува една од десетте најскапи компании во светот. Има технолошка предност од неколку години во однос на своите конкуренти. Нејзината нова производствена линија, која ќе започне со работа следната година, чини дури 20 милијарди долари; нејзината т.н. „чиста соба“, клучна опрема во ланецот, е со големина од 22 фудбалски игралишта.
Делумно беше заслуга на ТСМЦ што ги промени микропроцесорите од чипови со повеќе задачи во неверојатно специфична компонента. Гиганти како Алфабет или Амазон, сега имаат такви посебни потреби и имаат такви ресурси, што тие дизајнираат свои полупроводници според многу прецизни спецификации Најверојатно, за неколку години, производителите на автомобили ќе го следат истиот пат за нивните кола за вештачка интелигенција.
Појавата на сопствениот чип, исто така, подразбира деловен модел кој сега ја артикулира интелектуалната сопственост. Погледнете го случајот со британската компанија АРМ, која припаѓа на јапонската Софтбанк, но во моментов е предмет на контроверзна понуда за преземање од американскиот гигант Нвидиа за „ситница“ од 40 милијарди долари. АРМ собира импресивен арсенал на интелектуална сопственост: компанијата нуди апстрактни решенија кои, откако ќе се применат во пракса, ја подобруваат архитектурата, а со тоа и перформансите на електронскиот чип. Корпоративните клиенти и плаќаат лиценца и надоместоци, во замена за кои тие пристапуваат до каталог со инструкции во кои се објаснува како да се применат овие апстрактни правила во одреден контекст.
Од 1950-тите години, доминацијата на САД во секторот беше неспорна. Огромно финансирање за истражување, во комбинација со благословот на Пентагон, обезбеди хегемонија на американските компании. Овој монопол почна да се урива во 1970 -тите, кога јапонските компании почнаа да се натпреваруваат со нив во областа на сензорите и мемориските чипови. Јапонските компании започнаа храбри обиди за аквизиции на американска територија, додека љубоморно го затворија сопствениот пазар за странски упади.
Владата на Роналд Реган не го сакаше овој маневар и ги неутрализираше своите јапонски конкуренти користејќи ги своите најдобри трговски и геополитички оружја Вашингтон, исто така, го промовираше зближувањето меѓу индустријалците и универзитетските истражувачи и професори. На крајот, развојот на моделот без фабрика се покажа корисен за САД, кои се фокусираа на дизајнот, оставајќи ги Јапонците со скапите производствени линии. Јапонската индустрија, сепак, нема да ја повтори својата моќ во микропроцесорите: таа сега учествува со 10% од светската продажба на чипови, во споредба дури со 50% во 1988 година. Јапонија увезува дури 68% од своите потреби за полупроводници.
Дали САД доби Пирова победа, знаејќи дека нејзиниот удел во глобалното производство се промени од 37% во 1990 година на само 12% денес? Ова не е впечаток што го даде американската индустрија претставена од Нвидиа, Адвансд Мајкро Дивајсиз (AMD), Броудком, Куалком, или дури и Интел, и покрај неговите тешкотии. Сите тие скрупулозно ги исполниле барањата за глобализација: преместување на активности со ниски маржи, како што е производството, во Азија; развој на територијата на сектори со висока маржа, како што се активности поврзани со интелектуалната сопственост.
Од своја страна, Кина внимателно го следеше подемот на ТСМЦ. Во поголемиот дел од 1990-тите, нејзините технолошки компании, честопати блиски до војската, имаа врзани раце со Договорот од Васенар за контрола на извозот за конвенционално оружје и стоки и технологии со двојна намена. Овој договор по Студената војна, потпишан на крајот на 1995 година, сериозно го ограничи просторот за маневрирање на Кина во областа на високата технологија на полупроводниците.
На Кина и беа потребни национални промотивни компании кои изгледаа како чесни независни трговци, а не марионети на режимот. Номинираниот кандидат беше т.н. Меѓународната корпорација за производство на полупроводници (СМИЦ), основана во 2000 година од Ричард Чанг. Како и Морис Чанг – со кого не е во роднинска врска, и овој Ричард Чанг поминал неколку години во американската компанија Тексас Инструментс, а потоа работел под водство на неговиот имењак во ТСМЦ. Тој си заминал во доцните 1990 -ти години за да формира конкурентска компанија, за на крајот и да ја загуби контролата на компанијата.
Исполнет со горчина, овој Ричард Чанг потоа го напуштил Тајван за да се врати во матична Кина. Со група од стотина инженери, се сели во Шангај, каде што ја основа компанијата СМИЦ. Тешко е да се види како спонтан сојузник на Комунистичката партија на Кина. Како голем верник, еднаш изјавил: „Господ нè повика во Кина за да ја споделиме Божјата љубов со кинескиот народ.“ Тоа не го спречува да собере значителни средства од Голдман Сакс, кој, пак, станува така еден од главните инвеститори во компанијата. Но, по неколкугодишни судски спорови со неговиот поранешен работодавец, исто толку бесен по неговото заминување во Кина како и тајванските власти, сепак морал да ја напушти компанијата СМИЦ во 2009 година.
Како и да е, компанијата го продолжи своето патување, привлекувајќи инвестиции од различни кинески владини агенции, од кои најновата, во мај 2020 година, изнесува дури 2,2 милијарди долари. И покрај оваа помош, СМИЦ останува зад Самсунг и ТСМЦ и засега е ограничена на чипови од 14nm. Додека американските санкции ја спречија да ги купи екстремните ултравиолетови литографски уреди произведени од Холанѓаните од АСМЛ, кинеската компанија објави дека ја заобиколила пречката: сопствените иновации треба да и овозможат да направи чипови од 7nm.
За да се постигне овој успех, кинеската влада воведе хируршки прецизни мерки за зајакнување на локалното производство. Се чини дека напорите се исплатуваат: Кина во моментов гради повеќе фабрики за микропроцесори отколку која било друга земја во светот. Повеќе од илјада официјални планови ја поддржаа каузата за сопствени кинески полупроводници на овој или на оној начин. Само планот за интегрирани кола за 2014 година мобилизираше дури 150 милијарди долари за поддршка на домашната индустрија, поттикнување на аквизиции во странство и обезбедување на снабдување со потребните суровини. Дополнителни 28,9 милијарди долари го комплетираат во 2019 година. Кинескиот претседател Кси Џинпинг самиот вети дека ќе се инвестираат до 1,4 трилиони долари во стратешки технологии во следните шест години. Лиу Хе, дипломец од Харвард, кој стана сега и вицепремиер, беше задолжен за чипот и имаше задача да развие најмодерни микропроцесори.
На Пекинг не му недостасува ниту присила ниту имагинација да ги стимулира своите врвни производители може да ги принуди странските компании да се спојат со кинеските компании со споделување на нивната интелектуална сопственост, но и да ги натера кинеските мастодонти за електроника да прават набавки од домашни производители кои сè уште се во почетна фаза, или да ризикуваат да ја загубат целата финансиска поддршка од државата како таква.
Зошто ваква опсесија? Ако Кина сака да остане фабрика на светот, таа има потреба од доволно микропроцесори за да го задоволи апетитот на својата огромна индустрија. И сè уште е далеку од тоа: само во 2020 година, земјата купила електронски чипови во вредност од дури 350 милијарди долари во странство, повеќе од увозот на сета нафта. Од 2005 година, Кина и официјално ја држи титулата најголем увозник на полупроводници во светот – амбивалентна разлика што ја нагласува бездната помеѓу производството и потрошувачката.
Бидејќи светот на полупроводниците е суров. За секоја компанија со големина на СМИЦ, стотици или дури илјадници други исчезнуваат, но во тишина. Според кинескиот весник на англиски јазик Пиплс Дејли, само во периодот од јануари до октомври 2020 година, во Кина биле основани дури 58.000 локални компании за производство само на чипови. Значи, повеќе од двесте формирани дневно.
Обидот на Нвидиа да ја купи компанијата АРМ го загрижува Пекинг: ако трговецот со права на интелектуална сопственост интегрира американска компанија, Вашингтон ќе може да врши притисок, за да спречи продажба на лиценци на кинески компании. Кина може да го блокира спојувањето, како што тоа го правеше во минатото. Но, на долг рок, таа ги става сите свои надежи – како Индија и Русија – во една конкурентна компанија без да плати хонорари за клучна технологија развиена од АРМ. Она што беше само мал бесплатен софтверски проект развиен на Универзитетот во Беркли, САД, потоа се претвори во џиновска асоцијација наречена РИСЦ-V Интернационал и сега со седиште во Швајцарија од ноември 2019 година. Причината за оваа преселба: бидејќи организацијата има меѓу своите членови повеќе од 20 кинески компании, можеше да го привлече гневот од американските трговски регулатори. Кинеските компании Жонгксинг Телекомјуникејшн Екуипмент (ЗТЕ), Хуавеј и Алибаба ги истражуваат можностите што ги отвори РИСК-V.
За време на кризата со полупроводници, американската политика го прави спектаклот што најмногу го одвлекува вниманието, кога го доведува во прашање консензусот за слободна трговија. Говорејќи пред Атлантскиот совет, една конзервативна група на американски експерти, минатиот јуни, економскиот советник на претседателот Џозеф Бајден, Брајан Дис, ја осуди „коматозната ситуација вештачки предизвикана од политиката“ со полупроводниците, и потсети дека „јавните стратегии за заштита и поддршка на домашните индустрии се веќе реалност на ХХI век“. „Пазарите нема самостојно да инвестираат во технологии и инфраструктура од која корист ќе има целиот сектор“, заклучи тој.
Во САД, политиката со микропроцесорите реагира на двоен императив: да се отворат нови работни места во САД и да се стават пречки на патот на Кина. Во секој случај, претседателот Бајден вети дека ќе ги премести индустриските активности назад во САД, и кој би се противел да им се даде приоритет на полупроводниците? Впрочем, овие професии нудат двојно поголема просечна фабричка плата. Во почетокот на јуни, американскиот Сенат го усвои Законот за иновации и конкуренција, со кој беа ослободени 52 милијарди долари за да се извади американската индустрија за полупроводници од застој. Дел од оваа сума може да се искористи за охрабрување на Самсунг и ТСМЦ да формираат напредни производствени линии на националната територија. Но, иако во многу сектори 52 милијарди долари навистина претставува голема сума, овој износ не се споредува со сумата што ја вети Јужна Кореја, која планира да инвестира вкупно 450 милијарди долари во следните десет години. Покрај тоа, долгорочните придобивки од преместувањето остануваат сомнителни: во текот на десет години, трошоците за работа на нова производствена линија во САД ќе бидат околу 30% повисоки отколку во Тајван или Јужна Кореја и дури 50% повисоки отколку во Кина.
Во однос на Кина, владата на Бајден ја реализира бескомпромисната политика усвоена од Доналд Трамп, дури и зајакнува некои од неговите мерки. На пример, претседателскиот декрет потпишан на почетокот на јуни 2021 година, забранува каква било американска инвестиција во 59 кинески компании за кои постои сомневање дека имаат врски со кинеската војска, вклучително и Хуавеј и СМИЦ.
Што е со Европа во сето ова? Реакцијата на нејзините водачи е слична на онаа забележана од другата страна на Атлантикот: паника. Минатиот мај, Тиери Бретон, комесар за дигитална политика на ЕУ, објасни дека ЕУ треба да ја промени својата политика од „премногу наивна и премногу отворена“ до најмалку 20% од глобалното производство на полупроводници до 2030 година. Ова е еден љубезен начин да се каже дека, за разлика од САД, Европа не успеа да ја искористи глобализацијата да работи во нејзина полза. Има само 3% од пазарот на дизајнери на т.н. чипови без фабрики. Во првите 50 компании, единствената европска компанија е норвешката Нордик Семикондактор; би имало и втора ако британската компанија Дајалог Семикондактор неодамна не беше купена од Јапонците од Ренесас Електроникс.
Најголемите имиња во индустријата во Европа – ЕнЕксПи Семикондакторс (Холандија), Инфинеон Технолоџиз и Бош (Германија), СТМикроелектроникс (Франција и Италија) – задржаа дел од своите производствени линии, но понекогаш користат и ТСМЦ и други. Покрај тоа, овие компании работат со клиенти со многу специфични потреби, особено во индустрискиот и автомобилскиот сектор, и се специјализирани за сензори, радио сензори и интегрирани кола за напојување. За разлика од понапредните полупроводници, за овој тип на електронски чип не важат спомнатите закони на Мур. Затоа, трката за најмалиот чип не е толку клучна.
Повеќето европски компании се држат доста добро, бидејќи побарувачката од автомобилскиот сектор не се намалува. Но, иако овие микропроцесори се погодни за возила, тие не се искрено во првите редови на модерноста. Со оглед на фактот што Европа ја напушти амбицијата да се натпреварува со Епл и Самсунг во производството на таблети и паметни телефони, никој не може да гарантира дека постои европска побарувачка за најдобрите логички микропроцесори од најновата генерација. И, ако побарувачката не е во самата Европа, зошто тогаш мултинационалните компании треба да формираат производствени линии каде треба да плаќаат повисоки плати отколку во Азија? Тешко е да се видат американски компании кои брзаат да ги произведат нивните компоненти во Дрезден, а не во Тајпеј.
Така, како и што можеше да се очекува, изјавите на Бретон не предизвикаа ентузијазам. Европските мастодонти воопшто немаат желба да инвестираат милијарди за да обезбедат европско производство на напредни чипови до 2030 година. Интел, повикан на помош со Самсунг и ТСМЦ, храбро волонтираше, под услов секоја фабрика да добие субвенција од најмалку 4 милијарди евра.
Бретон останува убеден дека, иако Европа во моментов нема пазар за најнапредните чипови, неговата мисија, сепак, е да ги создаде технологиите што ќе го направат истиот и да се појави. Ова се само пусти желби. Зависноста на Европа во контекст на полупроводниците е дел од многу подлабока болест, која финансиските инјекции нема да бидат доволни за да се излечи. Откако ја даде својата одбрана на Пентагон и својата индустриската стратегија на производителите на автомобили, Европа ја загуби секоја способност за стратешко планирање на своето електронско производство. Европа понекогаш се прашуваше зошто цело време требаше да се потроши размислувајќи за ова.
Технолошкиот апарат што ја придвижува европската економија требаше да ги почитува само пазарните закони и да се држи настрана од геополитичките прашања. Ова коцкање излезе дека е прилично глупаво. Можеме да изнесеме уште едно: „Ербасот на полупроводници“ со кој се фалат европските технократи, несомнено ќе лета под кинеското знаме.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Edward White, « US companies lobby South Korea to free jailed Samsung boss », Financial Times, London, 20.05.2021.
- Lauly Li et Cheng Ting-Fang, Foxconn and TSMC sign $350m deal to buy COVID vaccines for Taiwan », Nikkei Asia, 12.07.2021, https://asia.nikkei.com
- « Semiconductors – the next wave. Opportunities and winning strategies for semiconductor companies », Deloitte, април 2019, www.deloitte.com.
- « Tesla set to pay for chips in advance in bid to overcome shortage », Financial Times, 27.05.2021; « Volkswagen to design chips for autonomous vehicles, says CEO », Reuters, 30.04.2021.
- Christoph Rauwald, « Bosch opens German chip factory to help relieve global shortage », Bloomberg Businessweek, New York, 07.06.2021.
- Во контекст на чиповите, меѓу другите ги разликуваме логичните чипови и чиповите на мемориите (првите за пресметување, вторите за складирање), аналогните чипови (кои дигитализираат аналогни сигнали како звук и светлина), сензори, итн. Консеквентно, ќе се користат наизменично поимите чип и микропроцесор.
- Сп. « Semiconductors : US industry, global competition, and federal policy », Congressional Research Service, Washington, DC, 26.10.2020.
- Yang Jie, Stephanie Yang et Asa Fitch, « The world relies on one chip maker in Taiwan, leaving everyone vulnerable », The Wall Street Journal, New York, 19.06.2021.
- Ian King et Dina Bass, « Why Amazon, Google, and Microsoft are designing their own chips », Bloomberg Businessweek, 17.03.2021.
- Сп. Tom Meinderts, « The Power of Section 301: the Reagan Tariffs in an Age of Globalization », Globalizations, vol. 17, No. 4, Abingdon-on-Thames, 2020.
- Seamus Grimes and Debin Du, « China’s emerging role in the global semiconductor value chain », Telecommunications Policy, Elsevier, во печат.
- « Richard Chang : Taiwan’s silicon invasion », Bloomberg Businessweek, 09.12.2002.
- За американското гледиште, сп. Stephen Ezell, « Moore’s law under attack : The impact of China’s policies on global semiconductor innovation », Information Technology & Innovation Foundation, февруари 2021, www. itif.org; и “China’s new semiconductor policies : issues for Congress”, Congressional Research Service, 20.04.2021, www.crsreports.congress.gov
- Tobias Mann, « Is RISC-V China’s semiconductor salvation ? », SDX Central, 06.03.2021, www.sdxcentral.com
- James Politi and Aime Williams, « Top Biden aide calls for US to embrace “industrial strategy” », Financial Times, 23.06.2021.
- Antonio Varas, Raj Varadarajan, Jimmy Goodrich and Falan Yinug, « Government incentives and US competitiveness in semiconductor manufacturing », Boston Consulting Group – Semiconductor Industry Association, септември 2020.
- « Washington to bar US investors from 59 Chinese companies », Financial Times, 04.06.2021.