Заминувајќи од родната Гвинеја со соседот без да знае каде оди, Јусуф[1] го преминал Мали, соседна земја моментално во војна, ги преминал алжирските граници, одел по врелиот песок во либиската пустина и се соочил со бурата на Средоземното Море пред да стигне на европскиот континент, по патешествие што траело повеќе од девет месеци. Ова момче од 16 години успеало да ги избегне импровизираните мини на патот што го поврзува градот Гао (Мали) со границата со Алжир, кон алжирската полиција со ужасна репутација и либиските милиции кои ги киднапираат своите жртви и потоа за нив бараат откуп во Триполи. Морал да се скрие, да погледне надолу, да ги обиколи контролните пунктови. Но, она што се чини дека најмногу го запрепастило е овој песочен ѕид што го натерало заедно со другите патници да пешачат три дена и три ноќи во пустина за да ја преминат границата помеѓу Алжир и Либија. „Беше многу импресивно“, се сеќава сега тој во еден мал град на југот на Франција, каде што моментално оди на училиште. „Одеднаш, се најдовме соочени со огромна бариера од песок, која беше невозможно да се помине со автомобил. Нашиот шверцер не пушти и ни рече да одиме додека не стигнеме до ѕидот. Откако се искачивме, бевме во Либија“.
Сите мигранти од супсахарска Африка го виделе овој ѕид од песок кога ја преминале границата со Алжир. Трговците со производи и шверцерите со луѓе во Сахара научиле да го заобиколат. Жителите на градовите на работ на државата се принудени да се прилагодат. Но, малкумина Алжирци знаат дека скоро целата нивна територија во Сахара сега е опкружена со огромен вештачки ѕид во форма на пустинска дина, кој може да достигне 2 до 5 метри во височина. „Во Алжир, речиси никој не зборува за подигнувањето на вакви бариери од песок“, вели геополитичкиот експерт Рауф Фара, кој има спроведувано истражувања во јужен Алжир.[2]
Подигнување на ѕид или ограда за заштита на својата граница стана вообичаено низ целиот свет, без разлика дали режимите се диктаторски или демократски.[3] Изгледаше дека феноменот досега ја поштеди Северна и Западна Африка. Но, сега ова веќе не е така. Анализата на неодамнешните сателитски снимки открива неочекувано многу ѕидови од песок во пустината.[4] Сахара, честопати опишана како огромна пустинска област без граници, или дури и „сива зона“ каде што се шири трговијата и шверцот со оружје, дрога, цигари или бензин, и каде што лесно циркулираат шверцери, бандити, бунтовници, џихадистички борци и мигранти, всушност сега веќе е поделена со огромни песочни бариери кои се протегаат од Атлантскиот Океан до Црвеното Море.
Најпозната е онаа што се протега од север кон југозападна Сахара, територија окупирана од Мароко по заминувањето на Шпанците на крајот на 1975 година, и на која полага право Фронтот Полисарио, движење за независност поддржано од соседниот Алжир. Овој „ѕид на сепарација“, наречен и „сигурносен појас“, Рабат го подигна во 1980-тите години на повеќе од 2.500 километри.[5] Оттогаш, тој се наоѓа во постојана консолидација со се пософистицирана електронска опрема, но и во континуирана експанзија. И покрај договорите за прекин на огнот потпишани во септември 1991 година под покровителство на Обединетите нации, мароканските воени инженери изградија ново продолжување од 14 километри до границата со Мавританија. Целта е да се спречи каква било блокада на единствениот транс-сахарски асфалтиран пат и да се забрани пристапот на Фронтот Полисарио до Атлантскиот Океан. Во март 2021 година, нов песочен ѕид од педесетина километри беше подигнат на крајниот север од Западна Сахара, што е можно поблиску до границата со Алжир. Презентиран од мароканскиот печат како начин за затворање на пристапот до камповите Тиндуф, лоцирани во Алжир, за герилците на Фронтот Полисарио, ѕидот сепак не го блокира целосно преминот кон југ, како што откриваат сателитските снимки.
Долго сметан за исклучок, овој ѕид од песок сега се појавува како претходен модел актуелно имитиран од други држави, кои исто така прават напори да ги оградат своите граници со помош на булдожери и песок. Тунис и Египет се повикуваат на потребата да се заштитат од упади на вооружени лица по колапсот на Либија во 2011 година. Така Тунис започна со изградба на ѕид од песок кој веќе достигнува 200 километри во близина на граничниот премин Дехиба, и кој е опремен, благодарение на финансиската и техничката соработка со САД, со интегриран електронски систем за надзор. Од своја страна, Каиро ја продолжи трасата на „границата со бодликава жица“, првобитно иницирана од фашистичка Италија на повеќе од 270 километри во 1931 година, од Медитеранот до околината на оазите на Сива и Ал-Јагбуб.[6] Египет, исто така, има корист од американската поддршка за зајакнување на електронскиот надзор на своите западни и јужни граници со Либија и Судан. Сателитските снимки откриваат уште еден ѕид од песок на границата со Судан од работ на Црвеното Море до внатрешноста (околу триесет километри), конкретизирајќи ја египетската окупација на спорната територија на „триаголникот“ Халаиб.
Но, лудилото со песочните ѕидови се чини дека најмногу влијае на Алжир. Овој импресивен безбедносен систем, составен од ровови, лифтови за песок, огради и бетонски видови, сега ја опкружува речиси целата алжирска територија, односно 6.700 километри. Само во делот на Сахара патролираат повеќе од 50.000 војници. Песочниот ѕид подигнат на либиската граница датира од 2015 година, а потоа се протега на оние на границите со Мали, Нигер и Мавританија. Тоа е насип висок 2 до 5 метри, со, паралелно, ров и патека (или понекогаш асфалтиран пат) кои ги спојуваат воените бази меѓусебно оддалечени десетици километри. Сателитските снимки покажуваат дека може да се оддалечи неколку километри од граничната линија со прилагодување на релјефот на теренот и дека може да исчезне онаму каде што е бескорисно поради присуството на дини (ерг), планини или истакнати делови на висорамнини (хамада) кои спречуваат моторни возила од минување.
Како и секој ѕид, тој не блокира целосно и можни се ноќни тајни премини на пешаци, како што може да сведочи и момчето Јусуф. Но, тоа го направи преминувањето посложено, а со тоа и поризично. Европската унија, преку својата погранична безбедносна агенција Фронтекс, и Меѓународната организација за миграција (ИОМ,) го поздравија падот забележан во 2017 година на бројот на мигранти од Нигер: 79% намалување на точките за следење на протокот на мигранти Арлит и Сегедин во споредба со 2016 година. Тие го припишуваат овој пад на ефективноста на нивните активности и усвојувањето, од страна на Нигер, во 2015 година на закон за криминализација на нелегалната миграција, но никогаш не го наведуваат влијанието на алжирскиот песочен ѕид, изграден во 2016 година на границата со Нигер.[7] Сепак, тоа прави одлична и дискретна услуга за политиката на ЕУ, прашањата за нелегалната миграција да ги решава некој друг надвор од нејзините европски граници.
Ова работа, исто така, нанесе удар врз трговијата од која живеат локалното население Туареги и арапските трговци. Ова е особено случај за жителите на асиметричните збратимени градови што се формираа од двете страни на границата помеѓу Алжир, Нигер и Мали. На страната на Нигер, граничниот премин Асамака, каде што се наоѓаат вооружените сили, царината и Нигеријците и ИОМ, е можеби најдобро. Населението кое живее од прекугранична трговија, формираше неформална населба, наречена Ел Акла, со складишта и пазар на отворено, кој постои од раните 2000-ти години, но порасна од 2013 година. Благодарение на неформалните овластувања за премин кои важат и денес, населбата на селото се одржува и пазарот, иако полутаен, напредува. Ситуацијата е посложена во Ин Халил во Мали: основано во 2000 година од Арапи од долината Тилемси во Мали, ова село стана место за значителна трговија со луѓе, особено со шверц на оружје, што доведе до алжирски воени операции. Оттогаш, Алжир го зајакна ѕидот создавајќи тројно заградување за да избегне било какво нелегално преминување. Само еден излез беше изграден за време на изградбата на овие заградувања, кои делумно се наоѓаат на територијата на Мали (исто како што населбата е делумно на територијата на Алжир). Пазарот тогаш опадна. Младите жители на побратимениот алжирски град Борџ Баџи Мохтар зборуваат за чувство на „задушување“. Од место за размена, градот стана како затвор. Поставувањето на ѕидот беше придружено со милитаризација на областа која спречува секаква прекугранична активност – обична трговија, шверц со луѓе, но и со добиток.
„Како да сме затвореници дома“, вели Мохамед, арапски продавач стациониран на страната на Мали, кој побара да остане анонимен. „Порано, можеше да одиш од една во друга земја без проблеми. Но, ова сега стана комплицирано. Не можеме повеќе да работиме“. Ова е уште попроблематично бидејќи, како што се сеќава новинар од Мали кој редовно ја посетува оваа област под превезот на анонимност, „Тука, живееме од добиток, трговија или транспорт. Не можете ништо друго да работите за живеење. Но, за секоја од овие активности, мобилноста е од суштинско значење“. Многу млади луѓе кои поседуваат камионети за превоз заработуваат за живот од извозот на субвенционирани алжирски производи (гриз, тестенини, конзервирани домати) во Мали. „Ако ни го одземат ова од нас, веќе немаме средства и начин за егзистенција“, потенцира Мохамед.
Ова чувство дека се заробени го споделуваат и луѓето од Тин Зауатин. Овој град, кој се наоѓа на двете страни на алжирско-малиската граница – лоциран во средината на претежно суво речно корито – е чувствителна област: место за преминување на мигранти; исто така е база на Ијад Аг Гали, еден од главните водачи на сахело-сахарските милитантни џихадистички групи, кои Франција ги смета за свој „непријател број 1“. Алжирскиот дел, каде што живеат 10.000 луѓе, е посебно без излез на море, бидејќи од Таманрасет, најважниот град во јужен Алжир, треба да одите по нерамни патеки повеќе од девет часа за да стигнете до морето. Делот на Мали, без никаква јавна услуга, е населен со неколку десетици семејства. Напуштен од државата, овој дел е под контрола на Координацијата на движењата на Азавад (ЦМА), коалиција на вооружени групи кои го договорија тешко добиениот мировен договор во Алжир и го потпишаа во Бамако во 2015 година.
По официјалното затворање на границата со Мали во јануари 2013 година, во име на националната безбедност, алжирските вооружени сили во 2018 година го продолжија песочниот ѕид, наречен „Ел Пипе“, до предградието на градот. Во напис објавен во 2020 година, Рауф Фара забележува дека „населението никогаш не било дел од размислувањата околу овој проект“. Сепак, додава тој, „без поддршка од локалното население, без локална работа со млади луѓе кои ги владеат патиштата во пустината, без да се земе предвид човечката екологија на Сахара, секој безбедносен напор, дури и легитимен, станува извор на фрустрација што ја храни идејата за презир кон државата и тензии со безбедносните служби“.[8] Оваа фрустрација избувна во јуни 2020 година, кога властите го продолжија ѕидот долж локалното исушено речно корито што ја означува границата со поставување на бодликава жица, со што ги спречи жителите, особено сточарите, да се движат и да пристапат до нивните бунари, градини и пасишта лоцирани на територијата на Мали, како и до рудниците за злато што се експлоатираат таму. Огорчени, младите луѓе се обидоа да ја отстранат бодликавата жица, судирајќи се со безбедносните сили. Избувнаа и немири. И еден млад човек одвај од 20 години, Ајуб Аг Аџи, беше застрелан. Два дена подоцна, командантот на воениот регион најави отстранување на бодликава жица и отворање на локален граничен премин за сточарите.
Во сахарските делови на земјите од Магреб, песочните ѕидови станаа материјализација на најтешката функција – онаа на бариера, безбедносен уред, одбранбена алатка – која се доделува на границата како таква. Во конфликтни ситуации, тие придонесуваат за одржување на статус-кво ситуацијата.
Во источна Сахара, ситуацијата е нешто поинаква. Од преминот Салвадор (помеѓу Нигер и Либија) до самиот брег на Црвеното Море (помеѓу Судан и Египет), се чини дека прекуграничниот сообраќај се одвива со релативна леснотија. Ова е потврдено и со упадот на бунтовниците на Фронтот за алтернација и конкорд во Чад (ФАКТ) од либискиот Фезан до чадскиот Канем, што доведе до смрт на фронтот на поранешниот претседател на Чад, Идрис Деби Итно, минатиот април.
Како и да е, повторно постојат песочни sидови.[9] Помалку спектакуларни и помалку набљудувани, тие остануваат бројни, понекогаш се протегаат и по сто километри низ пустината. Наместо да ги следат границите, тие ја преминуваат територијата. Тие не биле подигнати од национални вооружени сили, туку од вооружени групи што ги користат за следење (и оданочување) на секое движење во пустината. Поставени во близина на контролните пунктови, овие бариери овозможуваат да се обезбеди неформално присвојување на локации за ископување злато – многу во јужна Либија и северен Чад, да се набљудува авионска писта или асфалтен пат и конечно да се контролира пристапот до бунар, индустриска локација, аеродром или град. На пример, патот што го поврзува Обари со Гат во југозападна Либија е контролиран од контролен пункт продолжен со песочни sидови до планинските подножја што го опкружуваат. Куфра, во југоисточна Либија, е опкружен со огромен ѕид од песок што спречува секој таен упад. Цели градови (со нивните аеродроми) сега се оградени, па дури и заѕидани: покрај Куфра, и Нуадибу и Зуерате во Мавританија; Тиндуф, Борџ Баџи Мохтар и Ин Гезам во Алжир; Ин Халил, Кидал, Агуелхок и Гао во Мали; Сирте во Либија…
Во оваа земја, песочниот ѕид во изградба на северот од земјата помеѓу Сирте и регионот Јуфра е најдолгата национална структура (повеќе од 100 километри на почетокот на 2021 година) и најстратешка. Ќе биде изградена од руската Групација Вагнер во име на либиската национална армија (ЛНА) на фелдмаршалот Калифа Хафтар.[10] Овој ѕид одговара на линијата на фронтот меѓу владите во Триполи и во Тобрук, демаркирана по неуспехот на заземањето на Триполи од страна на ЛНА во 2020 година. Формирањето преодна влада на почетокот на годината во Либија несомнено ја стави нејзината важност во перспектива: таа напреднала само неколку километри кон југ од февруари 2021 година. Но, останува една загриженост: на долг рок, доколку либискиот политички процес на помирување пропадне, дали овој ѕид од песок може да стане граница и со тоа да учествува во „замрзнување“ на конфликтот, па дури и да доведе до територијална поделба на Либија? Таквото сценарио би потсетило на она што беше забележано во Западна Сахара пред четириесетина години.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Не му е вистинското име.
[2] Особено прочитајте: Raouf Farrah, “Algeria’s migrations dilemma: Migration and human smuggling in south Algeria”, Report of the Global Initiative against Transnational Organized Crime, Њујорк, декември 2020 г.
[3] Stéphane Rosière, Frontières de fer. Le cloisonnement du monde, Syllepse, Париз, 2020 г.
[4] Laurent Gagnol (во подготовка), «Des lignes coloniales tracées au cordeau au cloisonnement par les murs de sable: l’héritage enseveli des frontières des nomades au Sahara central», Bulletin de l’Association des géographes français, Париз.
[5] « Illusion cartographique au Nord, barrière de sable à l’Est : les frontières mouvantes du Sahara occidental », Espace politique, n°20, Ремс, 2013 г.
[6] « La “pacification” italienne de la Cyrénaïque (1929-1933) », Revue d’Histoire de la Shoah, n°189, Париз, 2008 г.
[7] Прочитајте: Rémi Carayol, « Migrants dans la nasse d’Agadez », Le Monde diplomatique, Париз, јуни 2019 г.
[8] Raouf Farrah, « Tin Zaouatine, marginalisation et militarisation aux confins des frontières algériennes », Jadaliyya, Вашингтон-Бејрут, 15 јули 2020 г.
[9] Jérôme Tubiana and Claudio Gramizzi, “Lost in Trans-Nation: Tubu and other armed groups and smugglers along Libya’s southern border”, Report by the Small Arms Survey, Женева, декември 2018 г.; Jérôme Tubiana and Claudio Gramizzi, “Les Toubou dans la tourmente: présence et absence de l’État dans le triangle Tchad-Soudan-Libya”, Small Arms Survey HSBA Working Paper, n° 43, Женева, февруари 2018 г.
[10] Прочитајте: Акрам Хариф, „ Libya, un afflux historique de mercenaires“, Le Monde diplomatique, Париз, септември 2020 г.