Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Франција и проширувањето на ЕУ / Западен Балкан

Западен Балкан е дел од Европа, географски опкружен со земји-членки на ЕУ. Како дел од еден континент, граѓаните на Западен Балкан и граѓаните на земјите-членки на ЕУ ја споделуваат историјата и културното наследство, што пак допринело за воспоставување заеднички врски, се до денес

Од Катерина Климоска
Докторанд по меѓународни односи и менаџирање конфликти


Фото: Oliver Cole / Pexel

Проширувањето со нови земји членки е во „ДНК-та“ на Европската Унија (ЕУ). Тоа е на европската агенда од создавањето на Европската економска заедница во 1950-тите години. Последователните проширувања ја донесоа ЕУ од 6 на 28 земји членки (27 по Брегзит, во 2020 година). Притоа, условот за “демократија” ги вклучува добро познатите „критериуми“ за членство: политички критериуми- стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштитување на малцинствата; економски критериуми- функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкуренцијата и пазарните сили во ЕУ; административен и институционален капацитет за ефикасно спроведување на законодавството и можност за преземање на обврските од членството во ЕУ. Врз основа на овие критериуми, земјите-членки ја проценуваат секоја кандидатура, иако, би можело да се каже, со значителни маргини на толкување.

Политиката за проширување се уназади во текот на последната деценија. Денес таа е практично во ќор-сокак, во сите три димензии,кон: 1.Западен Балкан, 2.Турција и 3.Соседните земји. Ова е негативен развој, како за ЕУ, така и за нејзините соседи. Оживувањето на политиката на проширување е условено од неопходна, значајна промена во самата политика и функционирање на ЕУ.

Западен Балкан е дел од Европа, географски опкружен со земји-членки на ЕУ. Како дел од еден континент, граѓаните на Западен Балкан и граѓаните на земјите-членки на ЕУ ја споделуваат историјата и културното наследство, што пак допринело за воспоставување заеднички врски, се до денес. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во 2017 година  ја реафирмираше европската иднина на земјите од Западен Балкан. Тој истакнува: „Ако сакаме поголема стабилност во нашето соседство, тогаш мора да одржиме и кредибилна перспектива на проширување со Западен Балкан“. Стратегијата за проширување на ЕУ, со земјите од Западен Балкан, предвидува мерки за техничка и финансиска поддршка, со цел да се обезбеди и заштити стабилноста на регионот, да се поттикне економскиот развој и да се поддржи непречен процес на пристапување на земјите во регионот. Основните прашања како што се владеењето на правото, основните човекови права, зајакнувањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, економскиот развој и конкурентноста, остануваат клучни приоритети во процесот на проширувањето. Покрај тоа, регионалната соработка и добрососедските односи се од суштинско значење за напредокот на европските патишта на земјите од Западен Балкан. По Берлинскиот самит организиран од Франција и Германија, одржан во 2019 година, Кабинетот на претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја објавува „Француската стратегија за Западен Балкан“. Во нејзиното јадро, повторно, ги наоѓаме истите постулати врз кои Макрон ја гради својата политичка стратегија, така што тој предвидува неколку главни цели кон Балканот: економски и социјални, безбедност, правда и одбрана.  Во оваа стратегија, тој наведува дека „стратегијата на Франција има за цел да ја поддржи и надополни работата на Европската унија за поддршка на конвергенцијата на регионот кон Европа“. Стратегијата е во согласност со новата методологија за проширување, барајќи опипливи,реални, резултати, особено во споменатите полиња. Со ова, визијата на Макрон за Балканот како дел од Европа, не може да се негира, но со експлицитно исполнети предуслови.

По неуспехот на состанокот на Европскиот совет, околу прашањето за проширување на ЕУ, Октомври 2019 година,  Франција се соочи со жесток напад од многу ЕУ-политичари, тинк-тенк организации и други надворешни чинители. Сепак, познато е дека дури и за време на неодамнешното проширување на ЕУ со членките на земјите како Романија, Бугарија и Хрватска, општиот заклучок беше дека методологијата под која се спроведува проширувањето на ЕУ не дава задоволителни резултати и мора да се воспостави нов пристап. Особено, во оваа смисла, прашањата во врска со владеењето на правото, судството, корупцијата и администрацијата, се критични и предизвикуваат разочарување за процесот на проширување, кај постарите членки на ЕУ. Од Западен Балкан, Србија и Црна Гора се земјите кои веќе започнаа преговори за пристапување во ЕУ. Србија во 2013 година и Црна Гора во 2012 година. За жал, не може да се утврди никакво особено подобрување во секојдневниот живот на граѓаните во овие две земји, од почетокот на преговорите со ЕУ до сега.

Во ноември 2019 година беше презентиран Францускиот нон-пејпер за реформа на процесот на пристапување во Европската унија. Што значи Нон-пејперот и како ја позиционира Франција во политиката на проширување на ЕУ? Некои го опишуваат Нон-пејперот како обид на Париз да ја оправда својата претходна позиција, други, како тежок удар врз кредибилитетот на ЕУ во однос на најблиското соседство. Ова гледиште сугерира дека споменатата француска позиција го зголеми сомнежот кај земјите од Западен Балкан во врска со нивните идни перспективи во ЕУ и, на некој начин, страв од повлекување на политиката за проширување на ЕУ. Но, всушност, со новите измени во постапката за преговори со земјите од Западен Балкан, на земјите аспиранти може да им се овозможи ефикасно да се прилагодат на правилата на ЕУ пред да влезат во институциите на блокот. Во ист тон, овие толкувања ја поддржуваат тезата дека Нон-пејперот на Макрон одразува недвосмислена поддршка за патот за членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан, под услов да бидат во можност да ги надминат некои значајни предизвици со кои се соочуваат во денешно време, за што се потребни длабоки политички, економски и социјални трансформации, кои продолжуваат да бидат премногу бавни, додека конкретните придобивки за граѓаните во земјите кандидати остануваат недоволни.

Францускиот нон-пејпр започнува со зборовите: „ја потврдуваме нашата недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан“. Понатаму се посочува дека земјите од Балканот историски, културно и географски припаѓаат на Европа. Според Франција, новиот пристап кон проширувањето се засновува на четири принципи: постепено здружување, строги услови, опипливи резултати и реверзибилност. Процесот на проширувањето на ЕУ, досега, може да се опише како бирократски без позначајно влијание врз процесите што се случуваат во земјите кандидати за членство во ЕУ, а со тоа и без особено влијание врз обезбедувањето вистинска реформа на системот на земјата-кандидат. Друг аспект во прилог на новата методологија и француската позиција е оној што нуди споредба на стариот процес на проширување со кој Македонија добива десет позитивни годишни извештаи од Комисијата на ЕУ , а од друга страна, нема забележителни подобрувања во опсегот на реалниот живот во однос на владеењето на правото и демократијата: во Индексот на демократијата 2019 година Македонија е дефинирана како “хибриден режим” (Економист 2020), од страна на Фридом Хаус е признаена како „делумно слободна“ (Фридом Хаус 2020). Затоа францускиот предлог за поцврсто политичко управување е повеќе од добредојден. На овој начин, Комисијата на ЕУ и членките на ЕУ ги разгледуваа проценките, а улогата на Советот се зајакнува.

Во својот нон-пејпр, Макрон останува во линија со својата Иницијатива за Европа, за суверена, обединета, демократска Европа, каде посочува дека ЕУ „ќе мора да се отвори кон земјите од Балканот, затоа што нашата ЕУ е сè уште привлечна, а нејзината аура е клучен фактор на мир и стабилност на нашиот континент“. Според зборовите на Макрон, „Тие (Земјите на Западен Балкан) ќе мора да ги почитуваат и исполнат претходно предвидените услови, но нивното обезбедување/насочување како дел од Европската унија е предуслов за да не и свртат грб на Европа и да се придвижат кон Русија или Турција или кон други авторитарни сили“, по што Макрон додава:„Ако можеме да го прифатиме ова барање за проширување, тоа е исто така затоа што посилната основа на Европската унија (потсетуваме на неговото залагање за реформа во ЕУ, со цел посилна политичка унија) ќе овозможи поефикасни форми на диференцијација“. Значи, во неговиот амбициозен план за Европа, дури и во 2017 година, Макрон е многу јасен за тоа каде и како ја гледа Европа заснована врз споделени вредности, почитувана од сите земји-членки (истото се однесува на земјите кандидати). Тој ги гледа балканските земји како дел од Европа, „нашиот континент“ како што вели, но со исполнети предуслови.

После Бугарското вето, 2020 година, францускиот министер за Европа, Клемент Боне во интервју, околу спорот Македонија и Бугарија, вели:„Ние сме опседнати со историјата, но ова не треба да биде синоним за одбивање на иднината“. Повторно, Франција ја става настрана работата со прашања што не се дел од критериумите во Копенхаген, а нивниот примарен фокус е во исполнувањето на основните европски принципи и вредности. Во едно од свите интервјуа, во текот на 2020 година, Макрон зборува за „зајакнување и структурирање на политичката Европа“, „силна и политичка Европа“, „повторно обмислување на корисна форма на соработка“ , „модернизирање на структурата“, „градење на многу посилна Европа, чиј глас, сила и принципи можат да имаат тежина во една ваква реформирана рамка“. Значи, можеме да кажеме дека барањето за новата методологија на Макрон, се дел од неговата поголема идеја за Европа, реформирана посилна и обединета.

  Иако сè уште има дебата за границите на Европа, не постои прашање дали, но кога и како земјите кои се дел од географска Европа исто така ќе бидат дел од Европската унија. Македонија се наоѓа во Југоисточна Европа, на Балканскиот полуостров, опкружена со Република Србија, Република Албанија, Косово, Република Бугарија и Република Грција. Таа е мала земја, но важноста на нејзината геополитичка позиција е голема. Важноста на оваа земја е во нејзината централна позиција на патот кон Европа- Портата кон/во и надвор од Европа. Република Македонија го доби својот прв позитивен извештај за ЕУ и препорака од Комисијата на ЕУ да ги започне преговорите, уште во 2009 година. Во текот на сите 11 години, Македонија добива позитивни извештаи и препораки од ЕУ Комисијата за започнување на преговорите. Причината, како што велат многумина, беше спорот за името со Грција. Во септември 2018 година, во Република Македонија се одржа Референдум за таканаречениот Договор од Преспа. Референдумот не беше успешен. Сепак, Договорот од Преспа беше донесен преку државните институции, имплементиран во Уставот, и спорот за името беше затворен. Сепак, не беше само Грција; Бугарија излезе со свои барања; па така е склучен договор со Бугарија. И покрај тоа, денес земјата се соочува со вето од Бугарија. Република Македонија, во текот на годините , беше позитивен пример на Балканот, па заклучокот е дека земјата заслужи отворање на преговорите со ЕУ уште пред десет години, дури, и повеќе од денес.

Како и да е, во случајот со Македонија, политиката секогаш излегуваше некако над другите аспекти, иако велиме дека проширувањето на ЕУ се заснова на критериумите за пристапување или критериумите од Копенхаген, плус дополнето со уникатниот процес за Западен Балкан „Регионална соработка“. Не е евидентно на кој критериум/и се темелат овие спорови околу името, историјата, културата на една земја, како што е тоа во македонскиот случај.

Во кои геополитички околности Македонија се обидува да го отвори преговарачкиот процес? Може да се идентификуваат неколку геополитички пречки што го одредуваат овој период на процесот на проширување на ЕУ. Неодамна завршениот Брегзит и тековната ера на пандемија Ковид-19, се дел од негативните геополитички фактори, кои следат после монетарната криза што започна во 2008 година. Затоа, генералниот контекст на процесот на проширување на ЕУ не е многу лесен. Имено, внатрешната криза во рамките на Унијата во врска со ембаргото во Белорусија, новиот буџет на Унијата или резолуцијата за човекови права во Кина треба да се земат предвид при анализа на пристапувањето на секоја земја-кандидат од регионот на Западен Балкан. Друг релевантен контекст е регионалната рамка за пристапување на земјите од Балканот. На регионот му треба поважна соработка за заеднички развој на регионалната инфраструктура, трговијата, кохезивната политика и билатералните односи меѓу одделни земји од Западен Балкан, кои неодамна значително се влошија. Со тоа ќе се нагласат заедничките вредности на Западен Балкан, како што се мултикултурализмот, природните ресурси, туристичките капацитети и кохезијата. Еден вреден обид за унапредување на регионалната соработка беше кога српскиот претседател Вучиќ ја воспостави т.н. мини – Шенген зона во регионот. Сепак, само Македонија и Албанија се приклучија на оваа српска иницијатива преку договорот. Таквиот неуспех имаше негативен впечаток за остатокот од регионот, т.е. се доби впечаток дека мини-Шенген треба да биде замена за членство во ЕУ.

Во однос на горенаведеното, кај дел од експертите, претпоставката за идното проширување не се гледа до 2030 година. Се почесто се слушаат и предлози за вклучување во Европската економска област (ЕЕО) , како времена замена на полното членство во ЕУ. Но, за да се стане членка на EEО, потребно е членство во ЕФТА (каде ниту една земја од Западен Балкан не е членка), па оттука под знак прашање е и реализацијата на едно вакво сценарио. Сепак, најдобра опција за Западен Балкан е целосно членство во ЕУ, што би довело до реформа и демократизација на системот во Земјите.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW