За време на својата посета на САД во јули 2018 г., Жан-Клод Јункер, тогашен претседател на Европската комисија, направи еден договор со американскиот претседател Доналд Трамп. „Денес тука решивме да ја зајакнеме стратешката соработка во областа на енергетиката, во еден здив двајцата изјавуваат заеднички. Европската унија има желба да увезува повеќе течен природен гас од САД, за да го диверзифицира своето снабдување.1“ Тоа сепак претставуваше една јавна тајна: Северноамериканските производители на гас имаат потреба од нови пазари, а Европската унија, најголемиот увозник на светот, навистина претставува идеален клиент.
Конфликтот меѓу Русија и Украина, прашањето за гасоводот Северен поток 2, тензиите во Средоземното Море околу кипарските полиња, го ставија производството на природен гас и неговото снабдување во самиот центар на геополитичката игра, во време кога еколошките проблеми навистина ги преокупираат државите. Се разбира, тука се работи за еден необновлив енергетски ресурс, но помалку загадувачки отколку нафтата или – пред сè – од јагленот. Исто така, овој енергенс овозможува евтино производство на електрична енергија и полесно се транспортира сега отколку во минатиот век.
Со појавата на течен природен гас (ТПГ), транспортиран со цистерни за ТПГ, секторот, порано високо регионализиран, сега се интернационализира и се ослободува од взаемната зависност помеѓу извозниците и увозниците наметната од гасоводи2. Но, треба да се спомне, дека процесот не се издвојува по својата едноставност: извлечениот гас прво се прави течен со ладење до температура од -161° Ц, па е транспортиран со брод, а потоа повторно вратен во првобитна гасна состојба. Во рамките на Европската унија, околу триесет терминали ги дозволуваат овие операции. Иако најголемиот дел од светскиот извоз и сега се реализира преку гасовод (63%, наспроти 37% преку море), сепак јазот почнува да се намалува уште пред неколку години (78%, наспроти 22% во 2005 г.).
Поконвенционален од копнениот гас, ТПГ дава голем ентузијазам на поддржувачите на либерализацијата на секторот. Со него, операторите играат со цените на различните пазари (европски, атлантски и пацифички) и се почесто склучуваат исклучиво краткорочни договори за испорака, повеќе познати како „спот деливери“ (т.е. директна и брза испорака на лице место, со плаќање во конвертибилна готовина), кои овозможуваат извршување главно на дневните трансакции. Од друга страна, договорите склучени за испорака преку гасовод – па дури и дел од оние што се однесуваат на ТПГ – се со траење, често, и до дваесет или триесет години3. Сепак, гасоводите имаат голема техничка предност во однос на ТПГ: преку цевки, загубите на енергија се ограничени на 4% или 5%, додека тие изнесуваат 10%, па дури и 15%, со брод, земајќи ги предвид повеќестепените фази на трансформација (ставање во течна фаза, транспорт, повторна гасификација, потоа конечна испорака… со гасовод).
Најголемиот светски производител на гас, САД, сега произведуваат дури 88% повеќе отколку од пред 15 г., додека Русија стагнира, а Европа го преполови своето производство. Причината? Откритието, во раните 2000-ти, на „неконвенционален“ гас, извлечен од под земја со високо загадувачката техника на хидраулично дробење (т.е. фрекинг – hydraulic fracturing)4. Од 2008 година, ваквата интензивна експлоатација беше олеснета со „желбата на федералната влада за енергетска независност“, а особено од страна на „правниот режим на истражување и производство, што прави во САД сопственоста врз почвата да дава и сопственост на сето што е под земјата“5. Со други зборови, еден сопственик на парцела нема потреба од државна дозвола за експлоатација на сето што е под земја во однос на таквата парцела.
Иако САД трошат најголем дел од сопственото производство, тие работат со вишок преку зголемување на количините. Од трите најголеми светски пазари, европскиот се чини дека е најатрактивен. САД извршија различни форми на притисок врз ЕУ со цел да се намали руската доминација во европскиот дотур на гас. Во јули 2017 г., тогашниот американски претседател Трамп ја покрена Иницијативата за три мориња (ИТМ). Одржан за прв пат во 2016 г., овој форум обединува дванаесет земји секоја година6 лоцирани помеѓу Балтичкото Море, Црното Море и Јадранот, а со цел на „промовирање соработка за развој на инфраструктурата во енергетскиот, транспортниот и дигиталниот сектор.7“ Американскиот претседател воопшто не ја крие својата цел: да го зајакне, под водство на Полска и против советите на Германија, снабдувањето север-југ на Европа преку испорака на гас од терминалот за ТПГ во Свиноујшче (Полска) до остатокот од централна Европа8, и на тој начин да се натпреваруваат со руските гасоводи што доаѓаат од исток.
Во периодот помеѓу 2005 и 2011 г., кога тие не извезуваа гас кон Европа, САД тешко се бореа против изградбата на гасоводот Северен поток 1 меѓу Русија и Германија. Може да се примети дека тоа што сега го нуди гасоводот Северен поток 2 ги опседнува САД до таа мерка што прават сè за да го спречат неговото завршување. Но, меѓународниот скандал околу овој гасовод затемнува едно друго поле на битката за гас. Со желба да ја заобиколи Украина, свој сосед со кој е во конфликт од 2014 г., Русија не е толку среќна да го дуплира Северен поток. На 08.01.2020 г., рускиот претседател Владимир Путин го инаугурираше, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, гасоводот Турски тек, а чија цел би била да ја снабдува Европа, но сега од југ, преку Турција. Друг дел, наречен Тесла, на крајот ќе ги снабдува Србија, Унгарија, Бугарија и Австрија со канализирање на гас преку Грција и Северна Македонија, земји кои веќе се корисници9. Ова продолжување ќе го актуелизира Јужен поток, еден стар руски проект со слична рута што Москва го напушти во 2014 г. поради притисокот што го изврши Европската комисија врз членките на ЕУ кои се партнери во проектот10. Соочена со пречки на европскиот пазар и растечкото непријателство на Западот кон руските цевки, Москва ги развива своите капацитети за извоз на ТПГ, сега со погледот свртен кон Исток: гасоводот Сибирска сила, инаугуриран во декември 2019 г., планирано е да испорача дури 38 милијарди кубни метри годишно до Кина во следните три децении.
Во самата Европа, САД знаат дека можат да сметаат на сојузник дури и посилен од Полска: либералниот догматизам на Европската комисија. Со отворањето на секторот на гас за конкуренција, управувањето со гасоводите сега вклучува компании независни од актуелните оператори, така што вториве да не фаворизираат гас на една компанија – нивен, во овој случај. На овој начин, руската компанија Гаспром, која произведува и дистрибуира гас и управува со гасоводи, се наоѓа заробена од правните текстовите што се изготвени од Европската комисија и… се разбира, се поддржани од САД. Всушност, треба да се предочи, дека неколку месеци по потпишаниот договор меѓу Јункер и Трамп за снабдувањето со американски гас, Европскиот парламент итно ја усвои, на 17.04.2019 г., директивата за природен гас што се појавува во третиот пакет за енергетиката и климата, а со која целосно се ревидира директивата за гас од 2009 г. како таква.
„Оваа модификација, прецизира француската Регулаторна комисија за енергетика, има за цел проширување на примената на основните законодавни принципи на ЕУ во областа на енергетиката (пристап на трета страна до мрежата, правила за цени, раздвојување на сопственичките структури, транспарентност) на сите гасоводи до и од трета земја до границата на територијата на ЕУ.11“ Како што приметува консултантот за енергетика Филип Себил-Лопез, „овој текст јасно ги фаворизира проектите за увоз на ТПГ, од САД или од друго место, бидејќи ТПГ избега од оваа бирократска и регулаторна бркотница на ЕУ, а чии последици сè уште не сме ги оцениле комплетно12“.
Дури и ако не може да се надева дека ќе им парира на своите руски и норвешки конкуренти во однос на обемот на гас, новиот учесник од Северна Америка ќе ги искористи новите правила утврдени од Европската комисија: за да продолжи „трансатлантската соработка“, потребно е „да се отстранат непотребните пречки за лиценцирање на ТПГ во САД, за да се забрза американскиот извоз,“ а особено „да се воспостават редовни консултации и промотивни активности со операторите на пазарот, за да ги направат САД главен снабдувач на гас во Европа13“.
Оваа амбиција, отворено манифестирана од земјите од Средна Европа и поддржана од Европската комисија како таква, сепак може да налета на одредени стапици. Од една страна, Москва веројатно нема да чека играта да биде подготвена, па потоа да реагира. Иако американскиот гас се продава поевтино од рускиот гас (22% разлика при еднакви енергетски перформанси), последователните процеси на втечнување, транспорт и повторно ставање на крајниот производ во гасна состојба, на крајот го прават помалку конкурентен. Имајќи поголема ширина во поставувањето на своите тарифи, Гаспром, за да ја зајакне својата досегашна доминантна позиција, „може особено да отстапи од одредени обврзувачки клаузули со доделување попусти на своите европски клиенти во однос на договорните цени индексирани до цената на нафтата.14“
Од друга страна, европската желба за диверзификација на изворите на увоз на гас, го потврдува фактот дека земјите-членки на ЕУ ќе продолжат да се снабдуваат себеси… со гас. Но, како и да е, ЕУ мора да ги намали емисиите на стакленички гасови за 20% до 2030 г. и да постигне неутралност на јаглерод до 2050 г. Овие цели подразбираат промена кон обновливи енергии, хидраулика или нуклеарна енергија. Сепак, мора да се признае, дека, по несреќата во нуклеарната централа во Фукушима, Јапонија, во 2011 г., атомот повеќе не е популарен како таков.
По сè изгледа, обновливите енергии се тука, да останат. Ентузијазмот што го придружува нивниот раст понекогаш ве тера да заборавите дека тие бараат екстракција – загадувачка15 – на руди (кобалт, литиум, цинк, никел, алуминиум, итн.) достапни само во неколку земји (Боливија, Бразил, Чиле, Кина, Конго, Мозамбик и др.), а со што, исто така, се создава нов вид на зависност. Па, затоа и најголемиот дел од економијата треба да се заснова на електрична енергија, што сугерира ширење на фарми на ветер, електрани, високонапонски водови, трансформатори, кондензатори, склопки и прекинувачи. Од друга страна, треба да се спомне дека главниот електричен изолатор што моментално се користи, сулфур хексафлуорид (SF6), произведува ефект на стаклена градина 22 800 пати помоќен од јаглерод диоксид. Неговата употреба се очекува да се зголеми за 75% до 2030 година16…
Иако ширењето на обновливите извори и намалувањето на изворите на енергија, што емитираат најмногу гасови од стаклена градина, се чини најлогично решение, еколошката равенка нема да се реши без да се игра според барањето: радикално модифицирање на синџирите на производство и потрошувачка преку енергетска трезвеност, преместување на индустриските погони и драстично намалување на протоците на транспорт.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Види: « Déclaration conjointe UE – États-Unis à la suite de la visite du président Juncker à la Maison Blanche », Европска комисија, Брисел, 25.07.2018.
- Види: « L’Europe énergétique entre concurrence et dépendance », Le Monde diplomatique, декември 2008.
- Mathilde Godard, « Le GNL : l’énergie fossile de demain ? », Forbes, 23.06.2020, www.forbes.fr
- Види: Maxime Robin, « Au Dakota du Nord, les vaches perdent leur queue », Le Monde diplomatique, август 2013.
- Jean-Pierre Hansen et Jacques Percebois, Énergie. Économie et politiques, 3e édition, De Boeck, Париз, 2019.
- Австрија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Словенија и Романија.
- www.3seas.eu
- Reuters, 04.07.2017.
- « Rencontre Erdoğan-Poutine : nouveau gazoduc, Libye et Syrie sur la table », Le Figaro (со AFP), Париз, 08.01.2020.
- Jean-Michel Bezat, « Gazoduc South Stream : pourquoi la Russie a décidé de jeter l’éponge », Le Monde, 02.12.2014.
- « Gaz et électricité. Cadre législatif européen », Регулаторна комисија за енергетика, 29.04.2020, www.cre.fr
- Philippe Sébille-Lopez, « Le gaz naturel en Europe : quels enjeux énergétiques et géopolitiques ? Première partie », Diploweb, 25.10.2020, www.diploweb.com
- Цитирано од: Philippe Sébille-Lopez, « Le gaz naturel en Europe », op. cit.
- Philippe A. Charlez, « Le gaz naturel liquéfié américain pourra-t‑il concurrencer à terme les marchés gaziers russes ? », La Revue de l’énergie, n° 633, Париз, септември-октомври 2016.
- Lorène Lavocat, « Les minerais : le très noir tableau des énergies vertes », Reporterre, 29.10.2020, https://reporterre.net
- Hubert Mary, « Quelles alternatives à l’hexafluorure de soufre, le plus puissant gaz à effet de serre utilisé dans l’industrie ? », L’Usine nouvelle, Antony, 25.07.2020.