Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Европска лакомост за српскиот литиум

Со оглед на обемот на протестите пред општите избори во април о.г., српскиот претседател мораше јавно да се откаже од експлоатацијата на големо наоѓалиште на литиум. Но, откако ќе биде реизбран, Александар Вучиќ би можел повторно да го започне проектот на рударскиот гигант Рио Тинто, под притисок на Европската унија, која има намера масовно да развива електрични автомобили… со релокација на изворите на загадување.


Од Саша Драгојло* и Ивица Младеновиќ**
*Политиколог и истражувачки новинар во Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).
**Социолог и политиколог, главен уредник на српското издание на Le Monde diplomatique.


Фото: Ryan Pilato/ Pexels

Во западна Србија, во близина на градот Лозница, празни куќи со закосени покриви и животни кои талкаат по пусти патишта потсетуваат на сцените од вестерн филмовите. Повеќето луѓе во селото Горње Недељице веќе ги продадоа своите имоти на англо-австралиската мултинационална компанија Рио Тинто. Во 2004 година, во Србија, истражувачите на овој рударски гигант открија во близина на бреговите на реката Јадар нов минерал наречен „јадарит“. Неговиот исклучително изобилен состав на литиум и бор сугерира дека може да ја задоволи постојано зголемената глобална потреба на овие елементи за производство на електрични батерии и акумулатори за електрични патнички возила.

На 8 јуни о.г., Европскиот парламент гласаше за забрана на продажбата на нови автомобили на фосилни горива, почнувајќи од 2035 година. И потпретседателот задолжен за планирање, Словакот Марош Шефчович, ја постави целта Европската унија (ЕУ) да стане вториот регион што произведува литиумски батерии во светот, по Кина, до 2025 година. Меѓутоа, денес Европа го увезува речиси целиот литиум што и е потребен и треба да ги диверзифицира своите залихи и набавувачите. Затоа е разбирливо, зошто, во Брисел, Генералниот директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија на Европската комисија (ЕК), толку силно ја поддржува инвестицијата на Рио Тинто – токму во Србија.

Ова голема рударска мултинационална компанија – чиј капитал главно се чува во Обединетото Кралство (42 отсто), Австралија (16 отсто) и САД (18 отсто) – е едно од најактивните на Балканот откако беше регистрирана нејзината прва филијала во Белград во 2001 година. Во 2017 година потпиша меморандум за разбирање со Владата за реализација на проектот Јадар. Во работната група што го подготви истиот, беа вклучени претставници на мултинационалната заедница, владата, но и Мајк Шират, вториот секретар во австралиската амбасада во Белград, како и Американецот од кениско потекло Стивен Ндегва, директор на канцеларијата на Светската банка (СБ) во Србија. Неколку документи објавени во 2021 година покажуваат дека српската влада била под огромен притисок од западните амбасади во Белград, да го направи овој договор реалност и дека проценките на влијанието врз животната средина – се само обична формалност.

Во мај 2018 година, Алан Данкан, тогашен министер за Европа и Америка во владата на Велика Британија, се состана со неколку директори на Рио Тинто во врска со проектот Јадар.[1] „Разговорот се одвиваше во добра атмосфера и претставникот на Рио Тинто го праша британскиот министер за шансите на Србија да стане членка на ЕУ, која Рио Тинто ја смета за важна за проектот“, се вели во записникот од овој состанок, објавен од Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).[2] Според неколку претставници на српската опозиција, дури и американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, извршил притисок врз нив „да не ја напаѓаат [српската] влада“ во врска со прашањето на Рио Тинто.[3] Конечно, за време на нејзината проштална турнеја на Балканот, на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, дури и Ангела Меркел, исто така, истакна дека Германија е заинтересирана за српскиот литиум: „Ако целиот свет е заинтересиран, и ние сме заинтересирани. Инвестиравме многу во автомобилската индустрија, вклучително и во Србија, и сите знаеме колку е важен литиумот за идната мобилност и батериските ќелии. Значи, тоа е тема за која разговаравме.“[4] Документ од Мисијата на Република Србија во Европската унија – покажува дека Рио Тинто воспоставил директни контакти со дури три големи германски автомобилски гиганти: Дајмлер, Фолксваген и БМВ.[5]

Србија би можела да стане најголем извор на литиум во Европа во текот на следните 15 години, рече директорката на Рио Тинто, Марни Финлејсон, во мај 2021 година, потпишувајќи меморандум за разбирање со словачкиот производител на акумулатори и електрични батерии за автомобили ИноБат. Но, зошто да се нагласи Србија кога се откриени важни наоѓалишта во неколку земји-членки на Унијата: Германија, Чешка, Шпанија, Португалија, Австрија, Франција или Финска? Според последниот извештај на Институтот за геолошки студии на САД, српските резерви на литиум претставуваат само 1,3 отсто од светските резерви, во споредба со 23,5 отсто во Боливија, 21 отсто во Аргентина или 3 отсто во Германија.[6] Во наоѓалиштата во долината на реката Рајна помеѓу Базел и Франкфурт, екстракцијата на руда од топли минерални извори би произведувала многу помалку јаглерод диоксид – отколку ископувањето и преработката на литиум во самата Србија. Но, екологистите кои учествуваат во владата во Берлин се спротивставуваат на вакво нешто да се прави таму кај нив.

Со туркање на штетата кон европската периферија, аутсорсингот на валканото производство овозможува и максимизирање на профитот за мултинационалните компании и минимизирање на ризиците за централните држави. „Сагата за рудниците за литиум оди многу подалеку од еколошкиот календар“, анализира српскиот економист Небојша Катиќ, независен консултант во Лондон. „Ефектите врз животната средина овде само појасно ја покажуваат апсурдноста на српскиот постсоцијалистички развоен модел. Тоа е уште една илустрација или симбол на колонијалниот статус на Србија.“

Повеќе од четири илјади луѓе живеат на брегот на реката Јадар, каде што е планирано да се вади минералот јадарит. Овој дел од Србија е богат со флора и фауна, со 140 ендемски видови растенија и животни заштитени со српски или европски закони, како и со 50 локалитети официјално означени како места за културно и историско наследство. Рио Тинто негира какво било негативно еколошко влијание. Сепак, една студија нарачана од страна на мултинационалната компанија од Факултетот за биологија во Белград и  необјавена во јавноста, би покажала дека „повеќе од 45 хектари примарна шума би биле загрозени, како и 37 хектари природна шума, 3 хектари пасишта и 703 хектари земјоделско земјиште“, според академикот и универзитетски професор Владимир Стевановиќ. „Ние сме само заморчиња“, вели Марија Петковиќ-Трбовиќ, професор во гимназијата во Лозница и член на локалното движење „Јадар не го даваме“. „Не им веруваме на државните еколошки инспектори, бидејќи повеќето од нив не ни излегле на терен. Земјоделското земјиште е веќе опустошено од претходните бушења, кои се само прелиминарни. Токсични супстанции може да се видат и во реката. Овде сме во еден затворен екосистем; труењето со почва и вода ќе го деградира целиот синџир на исхрана“.

Производството на литиум од руда, како и раздвојувањето со бор, предизвикува повеќе токсични влијанија врз животната средина отколку од солената вода, како што е случајот во солените езера на Андите или во долината на реката Рајна. Штетата предизвикана од рударскиот сектор се мери во однос на енергијата (особено производството на јаглерод диоксид), барањата за вода и загадувањето. Бидејќи, за време на рударските операции на ископувања и пумпања, хемиската рамнотежа на отпадните и длабоките наслаги е нарушена од ненадејните оксидирачки услови кои предизвикуваат киселинско одводнување на рудникот, што потоа претставува голема закана за животната средина и екосистемите: испушта во речниот систем тони штетни и отровни метални соединенија (бакар, олово, никел, цинк или арсен).

Имајќи ја предвид вредноста и потенцијалот на земјоделското земјиште, добитокот и земјоделските култури, придобивките од експлоатацијата на литиумот и борот според неколку експерти се многу помали од очекуваните еколошки штети. Неофицијалните проекции покажуваат дека компанијата Рио Тинто ќе оствари профит од околу 4 милијарди евра во текот на првите 10 години од експлоатацијата на рудата, додека рударските концесии се очекува да донесат 300 милиони евра за српската држава. Сепак, противниците на проектот инсистираат на фактот дека приходите од земјоделското производство во овој регион би можеле да достигнат 80 милиони евра годишно со минимални државни инвестиции, кои во моментов воопшто и не постојат. Дури и ако се исклучат потенцијално катастрофалните еколошки последици од проектот, прашањето за економскиот интерес на населението, сепак, останува.

Како и повеќето држави од Средна и Источна Европа по падот на Берлинскиот ѕид, Србија ја изгуби контролата врз својот развој – станувајќи зависна од западните инвестиции. Во овој контекст, сите надворешни фондови се априори добредојдени, без оглед на нивните долгорочни ефекти. Навистина, мобилизацијата против Рио Тинто се оствари само со сомневање за корупција. Не беше толку потеклото на средствата колку нивната дестинација што го згрози населението, кога истражувачките новинари открија дека мултинационалната компанија имала договорено локален подизведувач во сопственост на вујкото на српскиот министер за рудници. „Ако сакате да бидете малку цинични, се чини дека проектите кои можат да бидат штетни за земјата, всушност можат да бидат многу корисни за локалните носители на одлуки и нивните семејства“, нагласува економистот Катиќ. „Ова не се однесува само на политичката моќ, туку и на сите експерти кои учествуваат во процесот на донесување одлуки и кои треба да го штитат јавниот интерес, но, сепак, само го штитат сопствениот интерес.“

Кога  српските земјоделци одбија да го продадат својот имот на Рио Тинто, владејачката Српска напредна партија веруваше дека би можела да си го пробие патот со прогласување на проектот Јадар за национален интерес и со предлагање закон за забрзување на процесот на експропријација – со постапка намалена само на пет дена доколку е во прашање националниот интерес. Оваа одлука доведе до еколошка и социјална мобилизација без преседан во постсоцијалистичка Србија (блокирање на мостови и патишта), што ја потресе владата за првпат по десет години. Дотолку повеќе што претседателот Вучиќ мораше јавно да вети дека ќе го повлече законот за експропријација, ќе донесе закон за проценка на влијанието врз животната средина и ќе ја запре соработката со Рио Тинто. „Протестите покажаа како работи оваа влада: само огромниот притисок и притисокот врз протокот на капиталот преку блокадите, како и поддршката од пошироката јавност, а не само од оние кои се директно заинтересирани за еколошки прашања, можат да предизвикаат реакција“, нагласува една од водечките личности на екологистите во Србија, Ива Марковиќ.

Ова движење, исто така, докажа дека Србија, сепак, може да излезе од магичниот круг на повоените поделби меѓу националистите и либералите, што веќе доведе до осиромашување на народните маси, уништување на индустријата и природните ресурси, а да не зборуваме за егзодусот на добро обучен кадар, кој мигрира – во западните земји. За разлика од косовското прашање, еколошкото прашање е еманципаторско прашање, кое ја пренасочува јавната дебата во Србија кон социјалните приоритети. Кога зборуваме за чиста вода, плодна земја, правично споделување на националните ресурси кои им припаѓаат на сите, класните прашања повторно се појавуваат во преден план. За време на последните парламентарни избори во април 2022 година, мобилизациите доведоа до повлекување на Српската напредна партија, која сепак задржува релативно парламентарно мнозинство, но и појава на унија на левицата и еколозите во новата коалиција „Мораме“. За првпат од 1990 година, таа ќе има претставници во Националниот парламент и градското собрание на Белград, каде што освои 11 отсто од гласовите.

Сепак, проектот „Јадар“ е далеку од тоа да биде запрен, според неколку менаџери на компании заинтересирани за ископ на литиум и поврзани со мултинационалниот гигант Рио Тинто. „Двете страни ќе се состанат и ќе се обидат да постигнат взаемно корисен договор“, потврдува еден соговорник кој сака да остане анонимен и кој работи во претпријатие што соработува со Министерството за рудници на Србија. Изјавите на претставниците на мултинационалната компанија – одат во иста насока. „Навистина се надеваме дека можеме да разговараме за сите опции со српската влада, сега кога таму изборите завршија“, посочи претседателот на управниот одбор на Рио Тинто, Сајмон Томпсон, на годишното собрание на компанијата во Австралија на 5 мај о.г.[7]Ние сигурно не се откажавме од  проектот Јадар бидејќи, искрено кажано, тоа е совршен проект“, додаде извршниот директор на Рио Тинто, Јакоб Стаушолм. „Тие се кријат, но не заминаа и не верувам дека воопшто и ќе заминат“, вели Марија Петковиќ-Трбовиќ, која е постојано  присутна на терен. Локалните организации, кои не ги признаваат телевизиските ветувања на српските политичари, затоа продолжуваат да чуваат стража.

„Војната во Украина го сврти вниманието во друг правец“, потврдува Александар Јовановиќ Шута, предводник на листата на унијата на левицата и екологистите во Србија. „Но, граѓаните сега ќе имаат претставници во парламентот, бидејќи ние доаѓаме директно од улицата. Имаме жители на Горње Недељице, кои сакаат лично да сведочат во Националниот парламент. Нашата цел е да го направиме ископувањето на бор и литиум нелегално на целата територија на Србија, како и да изгласаме еколошко правило за подигање на заштитата на животната средина во хиерархијата на стандардите“. Ако владата сепак се обиде повторно да го започне спроведувањето на проектот Јадар под европски „пријателски притисок“, ќе наиде на вакво противење.

 

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] The Times, 18.06.2021.

[2] “Litijumsko lobiranje: Rio Tintov projekat prevelik da bi propao?”, Birn.rs, 25.10.2021.

[3] “Mediji: Palmer lobirao za interese Rio Tinta”, Danas, 09.11. 2021.

[4] “Merkel: Germany is interested in Serbia’s lithium”, Balkan Green Energy news, 14.09.2021.

[5] Aleksa Tešić, “Iz diplomatske depeše: ‘Jadar 2’, Rio Tinto planira proširenje”, Birn.rs, 09.07.2021.

[6] “Mineral Commodity Summaries”, U.S. Geological Survey, Reston, I/2022.

[7] Sonali Paul, “Rio Tinto keen for talks to revive Serbian lithium project”, Reuters, 05.05.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW