Спектакуларна слика: во петок, 10 март 2022 година, во галеријата на воените победи во Версајската палата, претседателите на Европскиот совет (Белгиецот Шарл Мишел), на Француската Република Емануел Макрон, на Европската комисија (Германката Урсула фон дер Лејен), известуваат пред печатот за одлуките донесени од страна на дваесет и седумте шефови на држави и влади во врска со војната во Украина. Без зачудувачка најава тој ден, туку со желба да се направи траен впечаток на духот на јавноста, со замаглување на историските антагонизми помеѓу две слики каде се слават воените победи на Франција. „Ова е пресвртница за нашите општества, нашите народи и нашиот европски проект“, изјавува Макрон, видливо задоволен.
Ретко кој од дваесет и седумте шефови на држави и влади покажаа такво единство за големо геополитичко прашање: за неколку дена беа усвоени серии на строги санкции против Москва и – гест без преседан – се донесе одлука и за испорака на оружје за една земја во војна, Украина. Сосема новиот Европски мировен фонд (ЕМФ), создаден во 2021 година, прави сензационален влез во историјата на континенталното обединување: благодарение на него, Унијата сега може да испорача воена опрема директно на фронтот каде се водат борбите. Претходно, неговата меѓународна акција мораше да остане во строгите рамки на развојната помош и мировните мисии на ЕУ.
Овој џиновски скок ја доведува во заборав европската импотенција соочена со крвавото распаѓање на Југославија на почетокот на 1990-тите. Вашингтон е тој што стави крај на катастрофалната граѓанска војна, само „на два часа од Париз“ со Дејтонскиот договор (1995). Горчлива, лекцијата го поттикна развојот на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), иницирана со Договорот од Мастрихт во 1992 година, и нејзиниот постојан развој сè до Договорот од Лисабон (2007), кој и даде оперативна гранка: Заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика (ЗНБОП). ЕУ сега има и дипломатски кор, Агенција за вооружување, транснационални баталјони итн.
Сепак, оваа импресивна слика остава прашања без одговор. Како прво, на кој проект има намера да служи оваа нова оружарница? Францускиот претседател постојано го одредува курсот за „европски суверенитет“ од неговиот говор во Сорбона на 26 септември 2017 година. Тој го дефинира ова многу широко: безбедност и борба против тероризмот, одбрана, контрола на миграциските текови, одржлив развој, дигитална соработка, земјоделство, здравство, енергија итн. Во Версај, занесен од својата динамика, тој дури спомнуваше и храна и мистериозен „протеински суверенитет“. Неговите главни партнери претпочитаат помалку ангажиран израз на „стратешка автономија“.
Долго време, по смртта на генералот Де Гол, Париз се залагаше за „моќна Европа“, дефинирајќи цели различни од оние на САД. Другите држави, пред сè Германија, никогаш не го слушнале тоа на овој начин, делумно поради недовербата кон Франција која се смета за инвазивна и поради удобноста што им ја дава американскиот безбедносен чадор. „Силната и поспособна Унија во областа на безбедноста и одбраната ќе придонесе позитивно за глобалната и трансатлантската безбедност“, дваесет и седумте шефови на држави и влади, исфорсирано, потврдија на крајот од самитот во Версај, „и претставува дополнување на НАТО, кој останува темел на колективната одбрана на своите земји-членки.“ Дали е тоа помпезниот погреб на “Европската Европа”, толку мила на генералот де Гол?
Во француските дипломатски кругови се објаснува дека на зборовите не треба да им се дава поголемо значење отколку што имаат: суверенитет или автономија би биле еквивалентни. Сепак, првото одговара на појавата на националната држава во XVII век.[1] Макрон не е несвесен за значењето на терминот кој одекнува со големите часови на француската историја. Постојаната употреба, што тој ја прави, може да одразува федералистичка амбиција. Програмата на новата германска влада и нејзината одлука за зголемување на националниот буџет за одбрана на 2 отсто од бруто домашниот производ, навистина отвораат пат без преседан за еден ваков проект.
Но, дваесет и седумте шефови на држави и влади, кои треба да дефинираат „стратешки ориентир“ на пролет, досега беа задоволни со големите принципи на мирот и хуманитарната солидарност наведени во „мисиите од Петербург“, воспоставени во 1992 година (хуманитарни и евакуациски мисии, мировни мисии, борбени сили за управување со кризи, вклучително и мировни операции).
За да можат одржливо и солидарно да се впуштат во турбулентните бранови на новата светска геополитика, тие ќе мора да изнајдат заедничка и реална визија за светот, зацврстена со дефиницијата за „заеднички интереси“. Во овој поглед, упорното повикување на „демократија“ и одбрана на „европските вредности“ за да се оправда поддршката дадена на Украина, делува отрезнувачки, кога се знае корупцијата и грабежот што го мачат Киев. Како да не беше доволна поддршката за легитимната борба на еден неправедно нападнат народ. Овој дискурс исклучен од реалноста, како што е „системското ривалство“ кое се тврди дека се води против Русија и Кина, потврдува дека ЕУ, исто така, се смета себеси за „морална“ сила која го брани системот на вредности.
Дали оваа „одмаздничка“ поза се вклопува со неопходностите, често прозаични, па дури и цинични, на која било надворешна политика? Ако врвот на санкциите наметнати на Москва ја одразува тежината на извршените злосторства, тоа одлично се вклопува со американската визија за светот што вклучува ограничување на Русија, кога Европејците би можеле, од друга страна – а и географијата ги обврзува – да имаат интерес да најдат аранжмани со моќен сосед што е невозможно да се избрише од континентот. Премолченото несогласување помеѓу Париз, кој е непријателски настроен кон забрзаното пристапување на Украина во ЕУ, и Европската комисија, која е за таков потег, но и за брзо отворање на вратата за Грузија и Молдавија, нè потсетува, сепак, дека географските граници на Европа не се ни фиксирани. Кандидатурата на Тбилиси – како и онаа на Анкара на која сè уште се чека – потсетува и на неодреденоста на границите што ја делат ЕУ и од Азија. За кои територии и население – да не се употребува зборот „народи“ – зборуваме со изразување на „суверенитет“? Која визија на светот треба да се брани? „Украина му припаѓа на европското семејство“, изјавуваат Фон дер Лејен, Макрон и Мишел на крајот од самитот во Версај, бидејќи „се бори за демократијата и вредностите што ни се драги“. Критериум кој е прилично нејасен и не изразува никаква геополитичка рефлексија.
Неколку работи, сепак, остануваат нејасни. Како да се усогласат „стратешката автономија“ и унапредувањето на слободната трговија? Последново доведе, на пример, до разбивање на „преференциите на Заедницата“ кои го заштитија европското земјоделство од катастрофалната конкуренција. За да се справи со земјоделските последици од војната во Украина, Комисијата сега се повикува на „кризни мерки“. Нејзиното севкупно стратешко размислување вклучува трговски договори, особено со Азија и Африка.[2]
До каде ќе оди солидарноста прикажана во отпорот кон Москва и дали ќе ја преживее војната? Сега веќе Унгарија, која гласаше за санкциите без барем еднаш да се расправа со другите, се истакнува со одбивањето – официјално од безбедносни причини – оружјето да транзитира низ нејзината територија. Берлин претпочита да се опреми со американските борбени авиони Ф35, отколку со европскиот Рафал, оценувајќи ги како поевтини и поефикасни, но признавајќи дека „европската стратешка автономија“ застанува пред портите на воената авиоиндустрија. Анализа која зборува многу за недоразбирањата на „заедничката одбрана“. Ова не го спречува Париз да додава масло на огнот: „Не правиме разлика“, вели премиерот Жан Кастекс на патувањето во Јура на 11 март 2022 година, „помеѓу независноста на Франција и независноста на Европа“.
Треба да се напомене дека, и покрај внимателното поставување во галеријата на воените победи во Версај, заедничката надворешна и одбранбена политика останува во рацете на суверените влади: бидејќи се решава едногласно од страна на дваесет и седумте членки на ЕУ, таа им дава на Комисијата, Европскиот парламент и Судот на правдата во Луксембург – само една маргинална улога, и ништо повеќе. Буџетот на EМФ е воспоставен и управуван на меѓувладино ниво, надвор од доминантните федерализирани постапки на заедничкиот пазар или еврозоната. Клучните зборови „соработка“ и „партнерство“ го илустрираат овој повеќе партиципативен отколку принуден пристап кој секогаш дозволува државата-членка да стои настрана или да блокира одлука. Не станува збор за воскреснување на Европската одбранбена заедница (ЕДЦ), која престана да функционира во 1954 година, со својата европска армија под надлежност на Комисијата за одбрана (чиј ангажман ќе бараше согласност од НАТО). Сепак, испраќањето смртоносно оружје во Украина ја отвора вратата за федерализација на, повеќе или помалку, долг рок, дотолку повеќе што сега станува збор за живот и смрт, кои се исклучително чувствителни прашања и, како резултат на тоа, традиционално суверени прашања.
Кој е легитимитетот на оваа европеизација? Претседателот Макрон се заканува со трозабецот „суверенитет-единство-демократија“[3] за да ги натера дваесет и седумте членки на ЕУ да го прифатат она што не е „француска фантазија“, туку „императив“, имено „европски суверенитет“. Сепак, во оваа фаза гласачите не му дадоа мандат да иницира ваков потфат. Затоа, третиот термин е едноставна парола. Набљудувачите тука се поделени во два блока: од една страна, оние за кои легитимитетот (оној што е даден со универзалното избирачко право или неговите претставници) не е предуслов за нови „трансфери на суверенитет“, туку крунисување на еден процес – и, од друга страна, оние кои сметаат дека тој е, напротив, услов сине ква нон, освен ако некој не го прифати како фет акомпли.[4] Со своите нуклеарни ударни сили, со третата по големина дипломатска мрежа во светот, со место на постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, Франција – водечката воена сила на Унијата – е несомнено една од земјите која најмногу става на коцка, во оваа аспирација за компетенции кон Брисел. Дали трансферите на суверенитет[5] автоматски создаваат заеднички политички проект, кој би ги оправдал, додека не сакаме да побараме мислење од народите?
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Marcel Gauchet, La Révolution des pouvoirs. La souveraineté, le peuple et la représentation 1789-1799, Gallimard, Париз, 1995 година.
[2] „Stratégie Global Gateway“, веб-страница на Европската комисија, https://ec.europa.eu
[3] Говор во Атина, веб-страница на Елисејската палата, 11 септември 2017 година, https://www.elysee.fr
[4] Сп. Дебатата помеѓу економистот Франсоа Мение и политикологот Никола Лерон од Центарот за европски студии на Сианс По, на веб-страницата на Телос, во септември 2018 година, https://www.telos-eu.com/fr
[5] Сп. Philippe Grasset, « L’Europe de la défense et la confusion de la souveraineté », 18 октомври 2005 година, www.defensa.org,