Ова веќе станува опсесија во реториката на Кремљ: независноста на „народните републики“ Доњецк и Луганск би била „легитимна“ како онаа што Косово ја прогласи во 2008 година. Претседателот Владимир Путин го повтори ова кога го прими генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, во Москва на 26 април о.г.
Русија веќе се повикуваше на овој балкански „преседан“ за да го оправда своето признавање на сепаратистичките републики Абхазија и Јужна Осетија во август 2008 година и посебно својата анексија на Крим во 2014 година. Во сегашниов свет во кој доминираат односите на моќ и на посилниот, каде што се чини дека сите инструменти на мултилатерализмот станаа неефикасни, упатувањата на меѓународното право никогаш не биле толку присутни како сега. Но, што точно предвидува Повелбата на ООН? Се заснова на два потенцијално доста контрадикторни принципи: суверенитетот на државите и нивниот територијален интегритет; и правото на народите на самоопределување. Всушност, ООН го поддржа процесот на деколонизација и Поглавјето XI од нејзината Повелба предвидува специфична категорија, онаа на т.н. „Територии под старателство и несамостојни територии“ – што денес брои 17 такви територии, вклучувајќи ги тука и Западна Сахара, Гибралтар и неколку британски прекуморски територии, па дури и Нова Каледонија и Француска Полинезија, а последнава е вратена во оваа група во 2013 година, по кампањата на локалната партија за независност Тавини Хуиратира.
Тука, мора да се напомене дека распадот на сложените, сојузни социјалистички држави, од типот на Чехословачка, Советскиот Сојуз и Југославија, сепак, ги промеша многу картите на меѓународен план, а кое потоа доведе и до феномен на „прогласување на држави“, што не престанува од крајот на 20-тиот век, ширејќи се дури и во другите региони на светот, како што се Еритреја, Источен Тимор или Јужен Судан.[i] Ако „пријателскиот развод“ беше брзо склучен помеѓу Словачка и Чешка, работите се покажаа покомплицирани во другите два случаи, бидејќи правото на отцепување што го бараа некои, а го гарантираше југословенскиот устав од 1974 година, беше оспорено од други, или поради замрсеноста на ваквите барања: ако на двете поранешни советски републики Ерменија и Азербејџан им беше судено да станат независни, тогаш на кого треба да му припадне автономниот регион Нагорно Карабах, приклучен на Азербејџан, како енклава, во територијата на оваа република, но за кој Ерменија тврди дека и припаѓа нејзе?
Во декември 1991 година, Меѓународната арбитражна комисија за мир, со која претседаваше познатиот адвокат и поранешен француски министер за правда, Роберт Бадинтер, постави два принципа: поранешните федерални републики можеа да бараат независност, но не и ентитетите од понизок ранг, како што се региони, провинции или автономни територии – што беше случај со Косово, како и Абхазија и Јужна Осетија[ii] – и поранешните административни граници на федералните ентитети требаше да станат нови меѓународни граници – но, без најмала измена. Независноста прогласена од Косово на 17 февруари 2008 година, со поддршка на повеќето западни земји, главно САД и Франција, го прекрши првиот принцип утврден од страна на Арбитражната комисија, но самиот Бадинтер тогаш објасни дека Косово беше случај „sui generis“.[iii]
Често истакнувана, на што се однесува оваа „исклучителност“ на Косово? Насилните репресии извршени од страна на српската влада во 1990-тите? Многу други примери од овој тип би можеле да се спротивстават низ светот… На кампањата за воздушни бомбардирања на НАТО во пролетта 1999? Тоа би значело да се признае дека употребата на сила е наменета за воспоставување на меѓународното право. Останува демографскиот аргумент, со непобитната нумеричка супериорност на Албанците, поради што ќе беше непотребно распишувањето референдум, а чии резултати беа однапред познати. За да се разбере специјалниот статус на Косово, треба да се спомене основачкиот принцип на југословенскиот федерализам, кој прави разлика помеѓу „конститутивните народи“ на Федерацијата и националните малцинства: првите не треба да имаат референтна држава надвор од границите на Југославија, како што беше случајот со Хрватите, Македонците, Црногорците, Србите и Словенците, при што муслиманите од Босна и Херцеговина, исто така, го добија овој статус во 1971 година. Од друга страна, без оглед на нивната нумеричка важност, Албанците, исто како и Бугарите, Унгарците или Италијанците кои живеат во Југославија – се сметаат за „национални малцинства“ бидејќи веќе имаат своја друга, матична држава. Во овој контекст, треба да се спомне дека само „конститутивните народи“ имаа истоимена република, иако тие, исто така, уживаа статус на „народ“ и во другите републики на Федерацијата, како што се Србите кои живеат во Хрватска, Хрватите или Србите кои живеат во Босна и Херцеговина. Југословенскиот устав од 1974 година го призна правото на самоопределување на федеративните републики и конститутивните народи, а во 1981 година косовските Албанци организираа големи демонстрации, насилно репресирани, за да добијат статус на „конститутивен народ“, а не само „национално малцинство“, како и издигнување на Косово до статус на федеративна република.
Суверенитетот признаен во 1974 година претпоставуваше дека Хрватска има право да ја прогласи својата независност, но дека дел од српскиот народ кој живее во Хрватска има право да се спротивстави: иако Србите претставуваа 12 проценти од населението на Хрватска според пописот од 1991 година, оваа спротивност го оправда прогласувањето на „српските автономни региони“, а потоа и „српските републики“ на Краина и Источна Славонија. Краина беше повторно освоена од Хрватска за време на операцијата „Бура“ на почетокот од август 1995 година, без Белград да се обиде да се спротивстави на истата, додека поранешната „Српска Република Источна Славонија, Срем и Барања“ беше „реинтегрирана“ во хрватската држава помеѓу 1995 и 1998 година.
Во СССР, бирократската страст доведе до создавање на тристепен систем: федералните републики можеа да вклучуваат автономни републики и едноставни автономни региони (област) со поограничени овластувања. Оваа теоретска разлика во статусот имаше мал ефект: поранешниот Автономен Регион на Сојузна Република Грузија, Јужна Осетија, ја прогласи својата независност, како и поранешната Автономна Република Абхазија, додека Автономната Република Аџарија сè уште го има овој статус, но без понатамошно доведување во прашање на нејзиното членство во Грузија. Што се однесува до Приднестровје, „Молдавската Република Днестар“ според нејзиното официјално име, немаше административно постоење за време на Советскиот Сојуз, а што не ја спречи и да ја прогласи својата независност од Молдавија во 1991 година.
Словенија одржа референдум за самоопределување на 23 декември 1990 година, обврзувајќи го Парламентот да прогласи независност во рок од шест месеци, што беше и направено на 25 јуни 1991 година. Хрватска, која одржа свој референдум на 19 мај 1991 година, го следеше примерот. Овие декларации за независност од 25 јуни беа „суспендирани“ како резултат на силниот меѓународен притисок: ниту Европската економска заедница (ЕЕЗ) во тоа време, ниту САД не гледаа поволно на овие независности, сите ја потврдија својата подготвеност да ги поддржат обидите за реформи на сојузниот премиер Анте Марковиќ. На триесетгодишнината од прогласувањето на независноста во 1991 година, поранешниот претседател Милан Кучан нè увери дека независноста навистина била „последната опција што и останала тогаш на Словенија“, додека хрватските и српските водачи, Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ, тајно преговарале за нивната поделба на СФРЈ, но дека американскиот државен секретар во тоа време, Џејмс Бејкер, го уверувал дека „никогаш“ неговата земја нема да ја признае истата…[iv]
Оваа независност стапи на сила на 15 декември, кога војната веќе се прошири низ цела Хрватска. Летото 1991 година, исто така беше одбележано и со доста интензивни, но сепак неуспешни преговори за моделите на „асиметрична федерација“, а Македонија ја прогласи својата независност на 8 септември 1991 година, а Босна и Херцеговина дури на 3 март 1992 година, по референдумот бојкотиран од националистите на Српската демократска партија во таа федерална република (СДС). Само Црна Гора и Србија, како и автономните покраини Косово и Војводина, приклучени на вторава република, се воздржаа од овој процес.
Мило Ѓукановиќ, автократ на Црна Гора повеќе од три децении, може да се пофали дека организирал дури два референдуми за самоопределување. Додека српските граѓани не беа консултирани, граѓаните на Црна Гора мораа да одговорат на следново прашање во 1992 година: „Дали сакате Црна Гора, како суверена република, да продолжи да биде дел од заедничката југословенска држава со другите републики кои ќе го сакаат тоа?“ Потоа, црногорскиот вазал на Слободан Милошевиќ, истиов Ѓукановиќ, ја предводеше кампањата за „да“, со која победи со 95 отсто од гласовите, но националните малцинства и поддржувачите на црногорската независност ја бојкотираа консултацијата. Референдумот го отвори патот за формирање на една нова држава – Сојузна Република Југославија, формално прогласена на 27 април 1992 година.
Четиринаесет години подоцна, на 21 мај 2006 година, црногорските гласачи повторно мораа да одговорат на референдумско прашање, сега формулирано како: „Дали сакате Република Црна Гора да стане независна држава? Во меѓувреме, овој Ѓукановиќ, кој раскина со својот ментор од Белград и се доближи до Западот, сега повторно ја предводеше кампањата за „да“, која ја доби со 55,4 отсто, а со излезност од 86,5 отсто од регистрираните гласачи. Европската унија, која долго време се спротивставуваше на црногорските аспирации за независност, наметна специјална клаузула: гласањето „за“ мораше да го надмине прагот од 55 отсто – за да биде валидна консултацијата. Целта на ова правило беше – да се спречи какво било оспорување на резултатите. Црногорската независност доведе до распаѓање на „третата“ Југославија, а и Србија стана независна, без дури и да го побара тоа.
Резултатите од референдумот беа објавени вечерта на 21 мај во Цетиње, историскиот главен град на Црна Гора, пред голем број на каталонски знамиња таму… Навистина, каталонските сепаратисти дојдоа да ја поддржат црногорската кауза, гледајќи ја како пример за демократско и мирно отцепување. Тие самите одржаа референдум на 1 октомври 2017 година, каде што гласовите „за“ освоија повеќе од 90 отсто од гласачите, но со учество на само 42 отсто од запишаните гласачи. Оваа консултација беше прогласена за незаконска од шпанските судови, а нејзините организатори беа затворени под обвинение за „агитација за бунт“ и покрај имунитетот на нивниот пратенички статус. Каталонскиот референдум предизвика жестоки дебати на Балканот, особено во Словенија, каде што многу политички личности, од левицата и од десницата, ги сметаат каталонските аспирации за легитимни. Потребен беше силен европски притисок за Љубљана да не стане единствениот главен град во Унијата, кон која Словенија се приклучи во 2006 година, кој би ја признал каталонската независност.[v]
Каталонските или баскиските аспирации го објаснуваат сегашниот бескомпромисен став на Мадрид во врска со косовското прашање. Пет земји-членки на Европската унија, сепак, цврсто одбиваат да ја признаат неговата независност: Кипар и Грција, повикувајќи се на традиционалната „православна солидарност“ со Србија, Романија и Словачка, кои стравуваат од ефект на „зараза“ врз нивните големи унгарски малцинства, и Шпанија, која е предводник и столб на овој „фронт на одбивање“. Во демонстрациите против независноста, прогласена од Косово на 17 февруари 2008 година, српските националисти беа уште повеќе подготвени да веат шпански знамиња отколку руски знамиња… Унијата не го призна Косово, бидејќи оваа одлука е суверен акт на самите држави-членки, а некои „микро-држави“ дури и си направија бизнис со плаќање во кеш за нивното признавање, како што е островот Науру, единствениот во светот што ги призна сите – Абхазија и Јужна Осетија и Косово.
Во Белград имаше паника во летото 2008 година, кога Москва ја призна независноста на Абхазија и Јужна Осетија, оправдувајќи ја оваа одлука со косовскиот „преседан“.[vi] Додека Србија сметаше на поддршката на Русија во Советот за безбедност на ООН, каков принципиелен аргумент би можела да го изнесе против признавањето на независноста на Косово? Истите стравови повторно се појавија во 2014 година со директната руска анексија на Крим, но сега и во февруари 2022 година со руското признавање на „народните републики“ Доњецк и Луганск. Стравувањата од голем геополитички „договор“ што ќе доведе до признавање на Косово од страна на Русија, исто така повторно се појавија во Србија, а по средбата на претседателите Доналд Трамп и Путин во Хелсинки во јули 2018 година. Од почетокот на војната во Украина, Србија се најде во деликатна позиција: одбива да примени европски санкции против Русија иако е формално кандидат за прием во ЕУ, но гласаше за резолуциите на Генералното собрание на ООН, кои „најостро ја осудуваат“ руската агресија и „ја потврдуваат посветеноста на суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина“.
Во реалноста, повеќе од онаа на Москва, Белград мисли дека може да смета на основната поддршка од Пекинг, кој се плаши од сепаратистичките аспирации на своите автономни региони Тибет и Ксинџијанг. Србија, исто така[vii], успеа да спроведе неочекувана политичка операција, со активна кампања меѓу земјите од Африка, Азија и Латинска Америка, кои сè уште, со големо мнозинство, цврсто одбиваат да ја признаат независноста на Косово: овие држави би сакале да се претстават како бранители на меѓународното право пред цинизмот на големите сили, кои на него се повикуваат само според нивните интереси во моментот. Овој „преседан“ на Косово може делумно да ја објасни „претпазливоста“ на земјите од Југот на планетава, а во врска со војната во Украина.[viii]
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Прочитај: Pascal Boniface, « Danger ! «Prolifération étatique», Le Monde Diplomatique, I/1999.
[ii] Сп. « Les guerres du “droit” et le précédent du Kosovo », Revue internationale et stratégique, Vol. 99, n° 3, 2015.
[iii] Поконкретно, Бадинтер го изрази овој став на состанокот организиран од Француско-австрискиот центар и ИФРИ во октомври 2017 година. Во 2006 година, тогаш сенатор, тој сè уште сметаше дека е подобро да се „одложи“ прашањето на независноста на Косово: Сп. « Albanie et Macédoine : deux pays des Balkans à ne pas oublier », rapport d’information n° 287 (2005-2006) de M. Didier Boulaud, fait au nom de la délégation pour l’Union européenne, déposé le 4 avril 2006, www. senat.fr
[iv] « 1991, dernier été de la Yougoslavie (2/10). Milan Kučan : “Nous voulions la démocratie” », entretien avec Jean-Arnault Dérens et Simon Rico, Le Courrier des Balkans, 25.06.2021.
[v] Charles Nonne, « Slovénie : un modèle à suivre pour l’indépendance de la Catalogne ? », Le Courrier des Balkans, 23.10.2017.
[vi] « La Russie reconnait l’Abkhazie et l’Ossétie du Sud : un coup de poignard dans le dos pour la Serbie ? », Le Courrier des Balkans, 27.08.2008.
[vii] Прочитај: « Prodiges et vertiges de la diplomatie serbe », Le Monde diplomatique, IX/2010.
[viii] Прочитај: Alain Gresh, « Quand le Sud refuse de s’aligner sur l’Occident en Ukraine », Le Monde diplomatique, V/2022.