Би се очекувало да изрази радост, но Алондра Кариљо е бесна. Долги години, оваа млада феминистичка активистка од Сантијаго де Чиле го чекаше моментот кога нејзината земја ќе се ослободи од Уставот од 1980 година, како наследство што датира уште од периодот на диктатурата на генералот Аугусто Пиноче (1973-1989). Додека од преминот кон демократија сите влади на Чиле беа посветени на зачувување на статус кво, масовни протести конечно ги принудија властите да прифатат подготвување на една нова „Магна карта“, среде пандемијата Ковид-19.
Воспоставена е виртуелна платформа за да се олесни поддршката од граѓаните за две илјади луѓе кои избрале независна апликација, далеку од традиционалните формации. Со своите другарки од Феминистичката координација на 8 март1, активистката Кариљо се кандидираше да биде избрана на Уставната конвенција, што треба да се одржи на 11.04.2021 г. А сепак, на 2 март, таа збесна: изборниот орган штотуку го објави начинот за финансирање на изборите, што ги негира на независните кандидати условите што важат за најголемите партии. Еден вид на „антинародна дискриминација“, кое таа го осуди, свесна дека, за 450-те независни кандидати кои веќе ги добија потписите со кои ја потврдија својата кандидатура, пречките се далеку од тоа да бидат завршени.
Од крајот на воениот режим остварен со преговори уште во 1989 г., елитите на Латинска Америка го опишуваа Чиле како еден пример на „консензуална демократија“. Но, од друга страна, успешната приказна за неолибералната контрареволуција иницирана од војската во 1975 г., постепено се распадна, за да се откријат следствено слабостите на едно нееднакво, искомерцијализирано и аномско општество. И покрај уништувањето на народното движење под воената чизма на генералот Пиноче и максимална прекаризација на пазарот на трудот, расфрланиот народен гнев сепак тлееше под пепелта. Студентите, работниците во пристаништата или рудниците, феминистките и сексуалните малцинства, пензионерите зависни од државните пензиски фондови, средните општествени слоеви – сите станаа задолжени: од 2006 г., неколку сектори го изразија своето енормно незадоволство. Пожарот само ја чекаше својата прва искра.
За да се разбере актуелната состојба, треба да се вратиме во 2019 г. „Среде грч на Латинска Америка, гледаме дека Чиле претставува вистинска оаза, со една стабилна демократија“, вака се обрати до јавноста, на 09.10.2019 г., мултимилионерот и десничарски претседател на Чиле Себастијан Пињера2. Само неколку дена покасно, презаситена од ескалацијата на народните немири, неговата влада се повика на законот за безбедност на државата (закон за итни ситуации што дозволува експресни казни во име на одржување на јавниот ред и мир) и беше принудена да ги затвори сите линии на метрото во главниот град со шест милиони жители. Во текот на целата ноќ, карабинерите, т.е. локалните полициски сили, насилно се судрија со демонстрантите, сместени на барикадите. Како последица, запалени се неколку метро станици, како и полициска стражарска куќичка и зградата на мултинационалната енергетска компанија Енел. Имаше и многу повредени.
Во раните утрински часови, претседателот на Чиле Пињера изгледа ја заборави својата прекрасна слика за мирната оаза3. Дури во десет градови беше воведен полицискиот час. Без преседан од крајот на диктатурата, армијата сепак беше распоредена на улиците. Следниот ден, претседателот се појави пред јавноста придружуван лично од министерот за одбрана и еден бригаден генерал во борбена униформа. Тонот личеше како објава на војна: „Во војна сме со еден моќен, немилосрден непријател кој не почитува ништо и никого и кој дури е подготвен да употреби насилство и криминал без ограничување.4“ Непријател? Луѓето се мобилизираа од север кон југ на земјата, посебно младите, во движење кое, по својата ескалација, потсетува на оние од осумдесеттите години од минатиот век против тогашната воена диктатура во Чиле.
Капката што дефинитивно ја прели чашата, беше зголемувањето на неколку центи на билетот за јавен превоз. Од 07.10.2019 г., студентите и средношколците јавно повикаа повеќе да не се плаќаат влезните билети за метрото и радосно сите да прават едно т.н. салто-турникет (т.е. со прескокнување на влезните вратички – турникетите, во метрото). Како и да е, благодарение на социјалните мрежи, оваа пракса зеде замав. Владата размислува да го изгасне пожарот со поголемо полициско присуство на улиците; но, ова всушност долева масло на огнот. На 25 октомври, околу два милиони луѓе се собраа на улица: најголемиот марш во историјата на земјата, прогласува дека печатот сега е принуден, за некое време, да ја замолкне својата поддршка за владата. „Чиле се разбуди!“ Скандираат некои. Сите поплаки за делумна демократизација и за економски модел кој е насилен повторно испливуваат на површината. Знамињата на домородното индијанско население Мапуче стојат заедно со националниот транспарент на Плоштадот на Италија, сега преименуван во „Плоштадот на дигнитетот“. Градските ѕидови се покриени со пароли и цртежи со кои се осудува политичката класа дискредитирана со случаи на корупција, вооружените сили маркирани со случаи на незаконито збогатување и католичката црква виновна за толеранција на педофилите во своите редови. Вечерта, улиците изобилуваат со концерти на тенџериња кои се чини ги обединуваат предградијата на работничката класа и квартовите на средната класа. Притисната до ѕидот, владата ја укинува вонредната состојба, додека претседателот Пињера отпушта двајца министри и најавува некакви воздржани социјални мерки.
Сепак, мобилизацијата продолжува, исто како и самата репресија. Според меѓународната организација Амнести Интернешнл, „карабинерите наголемо ги кршеле правата на демонстрантите“5. За 44 дена, повеќе од 12.000 ранети биле примени како итни случаи во болниците во Чиле. Околу 2.000 се застрелани и скоро 350 се соочуваат со сериозни повреди на окото. Илјадници случаи на малтретирање во полициските станици и стотици приватни тужби за сексуално насилство извршени од службени и овластени лица, се појавуваат пред судовите. Но, како и да е, културата на неказнивост и натаму опстојува. Повеќе од 2.000 лица (вклучително и 200 во истражен притвор) чекаат во секое време да бидат изведени пред суд, понекогаш повеќе од една година. Сепак, некои од нив се малолетни и сите се сметаат за „политички затвореници“ од неколку адвокати и од одредени политички личности, како што е комунистичката пратеничка Камила Валехо6, која бара донесување на еден закон за амнестија.
Додека енергично ја користеше десната рака на државата, извршната власт брзо сфати дека мора да бара сега и политичко решение за оваа криза. Не дека парламентарната опозиција се чини дека е во состојба да ја врати масовноста на улиците. Партиските и синдикалните централи на левиот центар се стаписани, па дури и исплашени од ова децентрализирано, радикално и хоризонтално народно движење, кое го става под знак прашалник нивното справување со неолиберализмот веќе триесет години во Чиле. Едно од барањата на „востаниците“ брзо станува и самото заминување на претседателот Пињера. Успехот на големиот национален штрајк од 12.11.2019 г., каде Единствената централа на работниците (ЦУТ) мораше да ја прифати организацијата под притисок на настаните, им покажува на работодавците и на владата, дека ситуацијата навистина станува сериозна.
Претседателското мнозинство – формирано главно од партиите Националната реновација (РН) и Независниот демократски сојуз (УДИ) – тогаш се вклучува во мудар тактички маневар. Ноќта на 15 ноември, ова мнозинство успева да ги натера истакнатите членови на Конгресот на Чиле да потпишат „договор за социјален мир и нов Устав“. Сепак, овде станува збор за враќање на контролата врз и обид за канализирање на социјалното движење преку организирање референдум за Уставот. Но, ако комунистичката партија (КП) се спротивставува на оваа т.н. песна на сирените, тогаш партијата на христијанските демократи и на социјалистите (кои беа на власт од 1990 до 2010 г.), како и мнозинството од Френте Амплио (ФА), млада коалиција на мали партии од левицата формирана во пресрет на студентските борби од 2011 г., ја прифаќаат оваа идеја. Мнозинството од опозицијата „капитулираше нечесно соочено со десницата, која, пак, го заплаши со разоткривање на заканата од колапс на правната држава и можен воен удар“, проценува новинарот Мануел Кабиесес.7
Отпрвин се креваат гласови за да се осуди договорот потпишан на грбот на мобилизираниот народ. Но, повиците за оставка на претседателот Пињера постепено слабеат. Ова е затоа што дел од левицата гледа во перспективата на референдумот, што се одржува во октомври 2020 г., една можност од соништата да се доведе во прашање супер-претседателскиот и неолиберален режим, да се понудат повеќе партиципативни и подемократски институции, да се размисли за повторна национализација на бакарот, литиумот или водата, за на крај да се формира повеќенационална држава што ги признава правата и на локалните домородни народи… На денот на гласањето, само половина од гласачите излегуваат; 78% од гласачите гласаат за нов Устав, а 79% од нив за собрание избрано преку директно универзално избирачко право. Затоа, се гледаме на 11 април, за да ги избереме членовите на уставната конвенција.
Неоспорно, нов политички циклус е во фаза на отворање. За двесте години од својата републиканска историја, Чиле знае само за Уставот подготвен од локалната олигархија. Овој пат, благодарение на долгите преговори во Конгресот, собранието ќе биде целосно изедначено (по пример на првиот свет!) и ќе вклучува места резервирани и за домородните народи, иако не пропорционално на она што го бараа засегнатите. На крајот на процесот на разгледување од девет до дванаесет месеци, новата „Магна Карта“, понатаму, повторно ќе биде доставена на одобрување на референдум. Значи, победа? Да. Но, за кого?
Откако го почувствува ветерот на топката, претседателот Пињера повторно ја зема контролата: до вчера инкарнација на сите дисфункции на земјата, сега тука е како гарант за нејзината промена. Институциите се вратија во центарот на јавната дебата. На 11.04.2021 г., истовремено со конститутивното собрание, ќе се одржат општински и регионални избори во земјата. Во тој процес, претседателските избори исто така треба да ги монополизираат и медиумите (првиот круг ќе се одржи во ноември). Се разбира, тврдото крило на претседателската коалиција е револтирано од идејата да се види демонтирано уставното ремек-дело на генералот Пиноче. Меѓутоа, ако десницата инсистира толку многу да зборува за „конвенција“ (а не за конститутивно собрание), тоа е затоа што новото избрано тело ќе работи во рамките на еден делокруг кој е ограничен од подготвителна техничка комисија. Пример: членовите на ова тело нема да можат да ги доведуваат во прашање меѓународните договори (а со тоа и договорите за слободна трговија).
Како и да е, секоја предложена законска одредба ќе треба да биде одобрена со квалификувано мнозинство од две третини, со што ќе се појави малцинство кое блокира од десна позиција, особено во контекст каде ова последново е обединето, додека центарот и коалицијата на парламентарната левица (собрана околу КП) не можеа да се договорат за заедничките листи. Конечно, исклучена е можноста за забележително присуство на кандидати од актуелните социјални движења: изборните прагови се пресметани според повеќечлениот пропорционален систем на законодавни избори, кој ги фаворизира изборните договори и ги привилегира листите на кандидати што резултатски се на првите неколку места.
Во секој случај, оние кои би успеале да ја спонзорираат својата кандидатура надвор од партиите, ќе имаат право само… на по една секунда за секој таков кандидат од времето предвидено за официјална телевизиска кампања. Т.н. „репрезентативни“ организации, исто така, го задржуваат монополот и ќе имаат на располагање по неколку стотици илјади долари (до 800.000 за УДИ), додека 1.700 долари дарежливо ќе бидат доделени на кандидатите-активисти… Сега може да се разбере зошто активистката Кариљо е бесна и зошто, другите околу неа, го осудуваат законодавството „во служба на газдите“.
Но, и покрај сè, за неа, како и за екологистот Лусио Куенка, синдикалниот активист Луис Месина или за феминистичката адвокатка Карина Нохалес, донесената одлука останува добра. Без илузии, згора на тоа. Борбата ќе трае долго: едната нога во социјалното движење, другата во уставната арена што се отвора. „Ги градевме и ги браневме нашите барања на улиците и во борбата да го слушнеме нашиот глас и нашите програми на самата конвенција, изјавува феминистичката адвокатка Нохалес. Бидејќи нашиот глас не може да биде делегиран, денес ние овде повикуваме на гласање независно од партиите кои промовираат неолиберализам како таков.“8
Другите се многу покритични за едно вакво учество и тврдат дека стапицата на конститутивно тело обликувано според желбите на моќните, се затвора врз борбата водена од октомври 2019 г. Овие избори само ќе му дадат демократска козметика на системот – да се промени Уставот така што ништо да не се менува, на некој начин. Ова е горе-долу она што го објасни министерот за надворешни работи на Чиле Андрес Аламанд, на крајот на 2020 г. Настојувајќи повторно да ги убеди сите кои се плашат дека новиот Устав ќе го „преобликува“ Чиле, поранешниот апостол на воената диктатура го анализирал тоа за кое се сметало дека е „сериозна грешка“. Напротив, објаснува тој: новиот текст ќе дозволи „задржување, без никакво сомневање, на некои од основните столбови на чилеанскиот економски развој, како што се почитување на приватниот имот, индивидуалната иницијатива и недискриминаторскиот третман помеѓу националните и странските инвеститори“.9
Според последните проценки, конзервативните сектори имаат секоја причина да се радуваат: со повеќе од 40% од местата, би требало да бидат сигурни дека ќе ги држат добро блокирани малцинствата на конвенцијата, додека левицата (собрана околу КП и ФА) не би стигнала до 20% и дека независните кандидати би останале под 5%. Воден од успехот на кампањата за вакцинирање против Ковид-19, претседателот на Чиле Пињера дури прави и свое враќање на сцената – иако слабо – во анкетите, па некои од неговите пријатели почнуваат дури и да сонуваат за негова нова претседателска победа кон крајот на 2021 г. Освен ако не дојде до нов народен бунт, за да загрози сè?
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Види: « Marée féministe au Chili », Le Monde diplomatique, мај 2019 г.
- Види: « Au Chili, les vieilles lunes de la nouvelle droite », Le Monde diplomatique, мај 2011 г.
- Види: Luis Sepúlveda, « Chili, l’oasis asséché », Le Monde diplomatique, декември 2019 г.
- CNN Chile, 20.10.2019 г.
- « Ojos sobre Chile : violencia policial y responsabilidad de mando durante el estallido social », Amnesty International, Мексико, октомври 2020 г.
- Види: Camila Vallejo, « Les étudiants chiliens dépoussièrent une icône », Le Monde diplomatique, септември 2013 г.
- Manuel Cabieses Donoso, « Caperucita roja y la derecha feroz », Diario y Radio U Chile, 18.01.2021 г., https://radio.uchile.cl
- « Candidatas independientes de la Coordinadora 8M que van a la Convención : “Nuestra voz es indelegable” », El Desconcierto, 18.02.2021 г., www.eldesconcierto.cl
- Rocío Montes, « Andrés Allamand : “Sería un gravísimo error que Chile se refundara en la nueva Constitución” », El País, Мадрид, 14.11.2020 г.