Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Во Чиле, левицата е разочарана од народот

Истражувањето на Фидбек рисерч спроведено на 6-7 септември 2022 година фрла поинакво светло на резултатот од референдумот. „Без оглед на тоа како гласавте на 4 септември, како се чувствувате за следните предлози во нацрт-новиот Устав?“, прашуваа анкетарите. За проектот „бесплатно високо образование“ се изјасниле 83% од испитаниците; за проектот „дефинирање на водата како неотуѓиво добро“ се изјасниле 81% од испитаниците; за идејата за „создавање бесплатен пензиски и социјален систем“ се изјасниле 61 отсто од испитаниците….

 


Од Рено Ламбер


Фото: stacey-gabrielle-koenitz-rozells/pexels

Отфрлањето од страна на огромното мнозинство на чилеанското население на нацрт-устав признаен по неговите многубројни достигнувања, ги втурна прогресивните интелектуалци во меланхолија.[i] Уште еднаш, народот едноставно ги разочара. Запрепастувањето е дотолку поголемо бидејќи, во последниве години, поранешната лабораторија на неолиберализмот во Латинска Америка стана центар на надежта.[ii]

Поради тоа, шокот беше суров, утрото на 5 септември 2022 година, кога силите на левицата открија дека 62% од гласачите го отфрлиле текстот што го нарушува неолибералниот модел во основата на Уставот, наследен од диктатурата на Аугусто Пиноче (1973-1990), и прогласува признавање на домородното население. Во контекст на задолжителни избори со просечна излезност од над 85%, тешко е за фактот дека работничката класа има тенденција да ги избегнува гласачките места – да утеши. На 4 септември, колку беа гласачите посиромашни, толку повеќе беа и емотивни. И толку уште повеќе го отфрлаа документот ставен на гласање. Студијата на Универзитетот за развој во Сантијаго покажува дека 20% од населението со најниски приходи гласале за „Rechazo“ („Се спротивставувам на текстот“) со 75%, наспроти 60% за најбогатиот квинтил (со стапка на учество од 87% во споредба со 82% за повисоките класи).[iii]

Токму кога се мислеше дека се на патот кон социјалната трансформација, Чилеанците направија неочекуван пресврт на полошо. Упорност на „неолибералната хегемонија“, а постериори[iv] анализира филозофот Оскар Ариел Кабезас; опстанок на „структурен расизам“,[v] пледира Елиса Лонкон, лингвист од Мапуче (главната домородна заедница на земјата) и прв претседател на уставната конвенција.

Истражувањето на Фидбек рисерч спроведено на 6-7 септември 2022 година фрла поинакво светло на резултатот од референдумот. [vi] „Без оглед на тоа како гласавте на 4 септември, како се чувствувате за следните предлози во нацрт-новиот Устав?“, прашуваа анкетарите. За проектот „бесплатно високо образование“ се изјасниле 83% од испитаниците; за проектот „дефинирање на водата како неотуѓиво добро“ се изјасниле 81% од испитаниците; за идејата за „создавање бесплатен пензиски и социјален систем“ се изјасниле 61 отсто од испитаниците. Неолибералната хегемонија во минатото беше повеќе гранитна. Што се однесува до „културниот расизам“, да се заклучи ова би значело да се изнесе само едно читање на собраните одговори. Иако 55% од луѓето го отфрлаат „создавањето мултинационална држава“, дури 67% се за „уставно признавање на домородните народи“. Непријателството на тој начин би било помалку насочено кон домородното население отколку кон проектот на мултинационалност. Иако се очекуваше дека разликата во мислењата за само еден член од предложениот Устав би можело да доведе до отфрлање на целиот текст, кој вклучува дури 388 членови, доволно беше главните медиуми (речиси сите приватни) – да го фокусираат својот рафален оган на еден збор за да уништат месеци на макотрпна работа.

Но, што е мултинационалност? Тоа би било „пред сè, политички проект“, објаснува #Constitutionalista, група универзитетски професори за реформата. „Тоа е признание на фактот дека во рамките на една држава постојат различни домородни народи и нации, кои учествуваат во политичкиот живот како колективитети кои го уживаат правото да ги одредуваат сопствените развојни приоритети во согласност со нивниот начин на гледање и разбирање на светот.“[vii]

Во Латинска Америка, како и насекаде, процесите на колонизација се обележани со насилство врз домородните народи. Раселени од своето земјиште, десеткувани, осудени на ропство, тие долго време страдаа – и сè уште честопати страдаат – од маргинализација што го попречува нивното учество во политичкиот, општествениот или културниот живот. Веќе неколку децении, а уште појасно откако левичарските влади дојдоа на власт во раните 2000-ти, земјите на Латинска Америка се приклучија на меѓународното движење за да ги препознаат културните специфичности на домородните народи и нации. Иако примерите на некои од најнапредните земји во оваа област – Нов Зеланд, Канада, Австралија итн. – сугерираат дека овој процес не мора да значи и трансформација на природата на државата, членовите на чилеанската конститутивна конвенција ја црпеа својата инспирација од искуствата што ги сметаа за најамбициозни: оние на Еквадор и Боливија, единствените две земји кои се декларираа себеси како мултинационални, во 2008 и 2009 година соодветно. „Станува збор за надминување на признавањето и унапредувањето на различноста“, се обидува да објасни документот изработен од еден од комисиите на Конвенцијата, „за да се решат политичките и економските причини за нееднаквостите кои ја спречуваат плодната интеракција меѓу културите“.[viii]

И покрај таквите возбудливи перспективи, пристапот покренува неколку проблематични аспекти, кои се чини тешко да може да се отфрлат како „расистички“ или „колонијални“. Првиот се однесува на состојбата на чилеанската политичка дебата во моментот кога се појави предлогот. Основачот и портпарол на Координацијата Арауко Малеко (КАМ),  Хектор Лајтул, за време на кампањата за референдумот објасни дека во триесет години на борба, тој никогаш не слушнал еден Мапуче да зборува за мултинационалност.[ix] „Повеќето од нив дури и не го знаат зборот“, признава Лонкон во самокритика, неколку дена по референдумот.[x] Социолошкиот профил на 155-те членови на конститутивната конвенција – од кои 138 се со високо образование, а дури 50 се правници – може да има врска со нивната подготвеност да развијат концепт што е почест на полиците на библиотеките отколку во политичките дискусии на ниво на улица. Барањето да се стимулира популарното размислување не го исклучува одржувањето контакт со грижите што го обликуваат.

Мултинационалната амбиција „да се решат политичките и економските причини за нееднаквостите кои ја спречуваат плодната интеракција меѓу културите“ – е исто така еден вид парадокс. Од една страна, сугерира дека проблемот на интеракцијата меѓу културите – расизмот, колонијалниот менталитет итн. – произлегува од политички и економски причини; од друга, предлага да се отстранат овие дисфункции преку мерки од етничка и културна природа. Во интервју за Њујорк Тајмс, лидер на Мапуче на свој начин ја истакна апоријата: „Ни продаваат автомобил без мотор. Која е поентата да има места резервирани [за припадници на домородните народи] во институциите ако повеќето припадници на Мапуче немаат доволно ниту за јадење?“[xi]

Конечно, мултинационалноста е форма на сингуларно признавање. Укинувањето на нееднаков третман овде не значи прогласување на еднаквост на сите без разлика на етничките и културните специфичности туку, напротив, одобрување на разликите. Додека венецуелскиот Устав од 1999 година пропишува дека „домородните народи (…) се дел од венецуелската нација, држава и народ на единствен, суверен и неделив начин“, мултинационалниот проект го зацврстува постоењето на различни заедници – „нации“ и „народи“ – како и нивниот специфичен однос со локалното обичајно право. Предложените аранжмани за автономија, „самоопределување“ и спроведување на посебна правда не мора да водат кон „балканизација што ја најавија конзервативците – за да предизвикаат страв за време на кампањата за референдумот. Тие, сепак, подигнуваат невидливи бариери меѓу граѓаните на иста земја: проектот на единство му отстапува место на оној на соживот. Ова беше подвлечено со изјавите на Лонкон кога таа се осврна на работата направена во рамките на уставната конвенција заеднички „меѓу Чилеанците и припадниците на Мапуче“.[xii]

Надвор од контекстот на чилеанските дебати, појавата на мултинационалното барање одразува длабока промена во односот меѓу домородните организации, нацијата и државата, како и во интелектуалните основи на левицата на глобално ниво.

Процесите на независност од почетокот на 19. век тврделе дека го укинале специфичниот правен статус на Индијанците во Латинска Америка. Со овековечување на општествените структури кои произлегуваат од колонизацијата, младите држави одржуваат и етнички поделби, така што националното единство допрва треба да се воспостави. Индигенистичкото движење се појавува во овој контекст. Тој го идентификува Индијанецот како една од одлучувачките компоненти на заедницата во изградба, особено ако носи специфики што го потврдуваат раскинувањето со наметнатата ибериска цивилизација во Латинска Америка.

Долго време, ограничен на повеќе или помалку прогресивни интелектуални маргини, индигенизмот стана официјална идеологија на голем дел од државите во регионот по Големата депресија од 1929 година, која ја изолираше Латинска Америка од тековите на светската трговија. Но, одбраната на домородното население беше пред сè насочена кон обезбедување на работната сила потребна за индустријата која беше во самиот зародиш: ако државата ги ослободи Индијците од јаремот на земјоделските сили, таа тогаш требаше да ги интегрира во „модерните“ производни односи.

Во текот на 1970-тите, ова размислување, неиндијанско, туку за “Индијанецот”, било предизвикано од друго движење: индијанизмот. Изразување на барања претставено како „од автентични Индијанци“ бидејќи доаѓа директно од засегнатите заедници, индијанизмот произлегува во прецизен историски контекст: исцрпување на автономниот развоен модел заснован на замена на увозот.[xiii] Економската криза потоа ги попречи механизмите што дозволија интеграција на некои од домородните популации во класната структура. Но, Индијанците во Латинска Америка продолжуваат да ги напуштаат своите селски заедници и да се селат во градските периферни сиромашни квартови. „На иницијатива на адвокати без причина, на луѓе со диплома по литература кои станаа пиратски таксисти, накратко, на професионалци кои се прекумерно квалификувани за скромните и несигурни работни места што ги имаат, [индијанските организации кои се појавуваат во тоа време] ја оживуваат културата што може да им понуди на оние кои веќе немаат референтна рамка, еден систем на вредности, како и идентитет“, анализира социологот Анри Фавр.[xiv]

Виновна за судбината резервирана за Индијанците, нацијата-држава во нивните очи станува непријател: да се ослободиш од нејзиното насилство подразбира да се искорениш од нацијата во чие име таа дејствува. Сè е на место за социјалните и економските прашања специфични за Индијанците да се преточат во барања за идентитет. Овој феномен се среќава со друг, кој доаѓа од универзитетските лаборатории каде баталјони истражувачи работат во исто време за да го „деконструираат“ наследството на просветителството и марксизмот. Концептите на државата, нацијата и универзалното се префрлени на ранг на архаизам, па дури и на колонијални остатоци. Постмодерните теории потоа се хранат со размислувањата на милитантните индијански организации, чии борби за возврат ги потврдуваат хипотезите на истражувачите. Хорот кој станува – потоа пее слатка музика за ушите на неолибералната држава. Додека се приватизира, се откажува и ги намалува јавните услуги, индијанистичките барања ѝ дозволуваат да ги врати на базата, на локалното ниво, вештините од кои сака да се ослободи. Без разлика дали станува збор за образование, правда, здравство.

Изготвувањето на новиот Устав кој има за цел да ја обнови државата на таков начин што ќе го прекине неолиберализмот – беше можеби една прилика, да се размислува за тоа како да се реши историскиот долг на Чиле кон домородното население, а додека се работи на зајакнување на единството меѓу населението. Накратко, да се изгради заедница на луѓе кои се културно различни, но еднакви во однос на граѓанството: нација. Истражувањето спроведено од Центарот за јавни студии (ЦЕП) помеѓу февруари и јули 2022 година, сугерира дека тоа било претпочитање на огромното мнозинство на Мапуче, од кои 48 отсто сакале Чиле да биде прогласена за „нација-држава во која сите живеат, без разлика на културата, луѓето или нациите“. Само 12 отсто се залагаат за нејзина трансформација во една мултинационална држава како таква.[xv] Некои Чилеанци одбија да го поддржат предлогот кој како да го влоши проблемот на кој се претпоставуваше дека ќе одговори – маргинализацијата на домородното население.

Развојот на проекти кои се повеќе во склад со очекувањата на луѓето – без разлика дали се од автохтоно потекло или не – ќе ја спаси левицата од ризикот да биде разочарана од нивниот глас. Исто така, би се избегнало да им се даде на десницата и на медиумите средства да се спротивстават на нацрт-уставот без да мора да го покажат своето непријателство – што е многу помалку лесно да се оправда – кон напредокот, што нацрт-уставот го предложи на економско и социјално поле.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] Victor de La Fuente et Libio Perez, « Quelle Constitution pour le Chili ? », Le Monde diplomatique, IX/2022.

[ii] « La bataille pour le Chili », Manière de voir, n° 185, X-XI/2022.

[iii] Miguel Ángel Fernández et Eugenio Guzmán, « Resultados Plebiscito 2022. Análisis comunal sobre decisón de voto y participación », Université du développement, Santiago du Chili, 04.09.2022.

[iv] « Un neoliberalismo recargado », 05.09.2022, https://lavozdelosquesobran.cl

[v] Marta Dillon, « Elisa Loncón: “Hubo errores nuestros, manipulación de la derecha y racismo” », Página 12, Buenos Aires, 09.09.2022.

[vi] « Percepciones y Expectativas sobre la Situación Política del País », Feedback Research, Santiago du Chili, 06-07.09.2022.

[vii] « (17) Estado plurinacional: qué es y qué cambia », #Constitutionalista, 11.07.2022, ciperchile.cl

[viii] Matías Meza-Lopehandía, Felipe Rivera Polo et Pablo Rubio Apiolaza, « La nacionalidad a la luz del principio constitucional de plurinacionalidad », Biblioteca del Congreso Nacional de Chile, XI/2021.

[ix] Jorge Poblete, « Crónica del encuentro de Llaitul con más de 100 seguidores en Peñalolén y su ironía frente a la “alharaca” por su llamado a las armas », 12.06.2022, ex-ante.cl

[x] Marta Dillon, op. cit.

[xi] Ana Lankes, « The Contentious Vote in Chile That Could Transform Indigenous Rights », The New York Times, 02.09.2022.

[xii] Elisa Loncón, « La coexistencia entre Chilenos y Mapuche. Chile, Estado plurinacional e intercultural », ARQ, n° 106, Santiago du Chili, XII/2020.

[xiii] Baptiste Albertone et Anne-Dominique Correa, « L’institution qui a inventé l’Amérique latine », Le Monde diplomatique, II/2022.

[xiv] Henri Favre, Le Mouvement indigéniste en Amérique latine, Presse universitaires de France, Paris, 1996, d’où sont tirées toutes les citations de Favre.

[xv] Carmen Le Foulon, « Estudio Nacional de Opinión Pública », Centro de Estudios Públicos, Santiago du Chili, II-VII/2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW