Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Бразил

Во 2021 година, повеќе од 125 милиони Бразилци, или дури 58% од населението, се необезбедени во исхраната, а 20 милиони се гладни. Малкумина од нив планираат да гласаат за Болсонаро. Надвор од ваков контекст, секогаш обезбедени, на поддржувачите на поранешниот капетан, гневот расте со откритијата на парламентарната истражна комисија на Сенатот, контролирана од опозицијата…

од Силвио Качија Бава
Директор на бразилското издание на Le Monde diplomatique.


Фото: Matheus Bertelli/Pexels

Западнат во пандемија што доби изглед на кошмар, Бразил се чини дека живее во агонијата на својот најнов демократски период. Веќе неколку месеци, коалицијата на сили предводена од претседателот Жаир Болсонаро, избран во 2018 година, ја искористува својата позиција на сила да го нападне парламентот и судството. Операција на поткопување на бразилските институции чијшто успех ја галванизира радикализираната база, за која различни студии проценуваат дека се околу 12% од бразилската  популација[1], или речиси 25 милиони луѓе. Како дојде најголемата демократија во Латинска Америка до овде?

Во средината на 2010-тите, перспективата на Работничката партија (ПТ, лево) да остане на власт, по четири последователни победи на претседателските избори (од 2002 до 2014 година), ги убеди бразилските елити да го искинат Уставот од 1988 година. Со поддршка на САД, елитите се одлучија за патот на еден парламентарен државен удар и отстранувањето на претседателката Дилма Русеф во 2016 година, под изговор за корупција што никогаш не се случи. „Социјалните политики не спаѓаат во рамките на федералниот буџет“, објаснува нивниот ментор, извесен Антанио Делфим Нето,[2] еден од министрите за економија на време на воената диктатура во Бразил (1964-1984). Во очите на пучистите, според тоа, нема разлика помеѓу искористување на ресурсите на државата за лично збогатување и спроведување на социјални програми наменети за извлекување на населението од сиромаштија.[3]

„Ќе ја исфрлиме оваа толпа и ќе се ослободиме од неа најмалку триесет години“, рече во 2006 година сенаторот на Партијата на либералниот фронт (ПФЛ, која стана „Партијата на демократи“ во 2007 година), Хорхе Борнхаузен, сугерирајќи дека идејата за државен удар веќе им била привлечна на некои. Десет години подоцна, проектот стана реалност, поддржан од сојуз што ги вклучува приватниот сектор, разните конзервативни формации, војската, евангелистичките цркви и приватните медиуми (контролирани од пет од најбогатите семејства во земјата). Вашингтон, исто така, помага, преку американската Национална агенција за безбедност (НСА), за која сега се знае дека ја инспирирала големата „антикорупциска“ операција со прекар „Лава Жато“, наменета за дискредитација на ПТ, а потоа спречување на кандидатурата на Луис Инасио Лула да Силва, познат како „Лула“, на претседателските избори во 2020 година на кои требаше да победи.[4]

Штом претседателката Русеф беше отповикана, новите господари на Бразил го организираа пресвртот што го чекаа толку долго. Тие се базираат на „Мостот кон иднината“,[5]  стратешки документ објавен во 2015 година со формирање на новиот претседател Мишел Темер, каде детално се наведени сите мерки што треба да се преземат за да се „модернизира“ Бразил и да се зголеми профитабилноста на приватните компании: реформа на законот на работните односи, ремонт на пензискиот систем, приватизации, потиснување на социјалните права… Неолибералите можат да бидат обвинети за многу работи, но не и за недостаток на амбиција. Уште во декември 2016 година, новиот претседател на Бразил Темер го потпишува усвојувањето на уставниот амандман 95, кој го ограничува зголемувањето на социјалните расходи на ниво на инфлација од претходната година: мерката ја осудува земјата на програмиран пад на социјалната заштита, како што расте населението.

Народот се вознемирува, а перспективите на традиционалната десница постепено се намалуваат во пресрет на претседателските избори во 2018 година. Инспирирана од своето колонијално минато и водена од конзервативен морал, десницата успева да ги поврати старите авторитарни рефлекси и се потпира на поранешниот армиски капетан, а сепак протеран од армијата за „заговор“ и „тероризам“… Евангелистичките мрежи, моќни во Бразил[6], го благословуваат овој сплет на околности, овозможен со ветувањето за назначување во Министерството за економија на Пауло Гуедеш, фундаменталистички монетарист. Од неговото доаѓање на функцијата, тој најсовесно ја прифаќа програмата на „Мостот кон иднината“. Не без успех за приватниот сектор, за кој тој е гарант за поддршка: бројките за вториот квартал од 2021 година покажуваат дека профитот на десетте најголеми компании, котирани на бразилската берза, се зголемил дури за десет пати, само за една година.[7]

Неодамнешната изјава на полковникот Марсело Пиментел сугерира друга – не мора да значи и некомпатибилна – анализа за доаѓањето на власт на Болсонаро. Критички расположен кон актуелниот претседател, овој офицер укажува на улогата на она што тој го нарекува “Воена партија“: „Тесна, хиерархиска, дисциплинирана група, со авторитарни карактеристики и јасни претензии за политичка моќ, предводена од група генерали обучени во 1970-тите години на Воената академија „Агулас Неграс“, кои беа или се дел од високата команда на војската на Бразил. Нивната одбрана на идеологијата, начинот на размислување, им дава карактеристики поврзани со официјалните политички партии. Нејзините водачи и капетанот [Болсонаро] беа блиски пријатели и колеги уште од 1973 година.“[8] Според него, кандидатурата на Болсонаро произлегува во рамките на оваа група.

Прашањето за формалното постоење на оваа „Воена партија“ останува отворено, но прашањето за зголемената вклученост на војската во бразилскиот политички живот не остава никакво сомневање.[9] И ништо не покажува дека сите тие сакаат да се вратат во својата касарна и да се откажат од функциите што ги заземаат денес.

Манипулирањето со јавното мислење од страна на изборниот штаб на Болсонаро за време на изборната кампања во 2018 година, со помош на лажните вести, сега е нашироко докажано. Високиот изборен суд на Бразил (ТСЕ) отвори истрага што може да доведе до разрешување на Болсонаро и неговиот потпретседател, Хамилтон Мурињо. Извештајот на ТСЕ за ширење лажни информации и постоење на екстремно десничарски дигитални групи е проследен до Врховниот суд на Бразил, каде што истрагата ја води судијата Александре де Мораес, кој веќе стана една од главните мети на поддржувачите на сегашниот претседател.

Факт е дека „кланот Болсонаро“ – скоро омразен од медиумите колку и ПТ – има моќна структура за комуникација базирана на социјалните мрежи. Се заснова на она што населението сега го знае како „кабинетот на омраза“, инсталиран во срцето на претседателската палата и предводен од Карлос Болсонаро, еден од синовите на претседателот на Бразил. Мисијата на кабинетот? Ширење лажни вести кои, потоа, стотина веб сајтови, за возврат, ги шират на интернет, подгревајќи го гневот на поддржувачите на Болсонаро.

Пример: идејата дека електронскиот систем за гласање, кој се користи без проблеми од 1996 година, ќе им овозможи на противниците на претседателот да му ја одземат победата за која тој смета дека е обезбедена на претседателските избори во 2022 година, иако сите анкети предвидуваат тој да загуби. Затоа Болсонаро побара враќање на гласачкото ливче. Нормално, претседателот го протолкуваше одбивањето на Конгресот да се покори како доказ дека е во тек измама со гласањето. Оваа теорија го направи да заработи и втора кривична пријава.

Поведени се повеќе од сто и триесет постапки против него за отповикување. Меѓутоа, поддржувачите на претседателот Болсонаро кои имаат клучни функции ги спречуваат досиејата понатаму да бидат процесирани: главниот обвинител на Републиката, Антанио Арас, на пример; но и претседателот на Националното собрание, Артур Лира. Да не зборуваме и за тоа дека претседателот на Бразил ги кооптира – преку парламентарните амандмани кои гарантираат распределба на (пренасочувачки) ресурси на нивните избирачки ‘феуди’ – пратениците и сенаторите на она што се нарекува центроно („центарот“), збир на партии во парламентот кои се продаваат на највисокиот понудувач. Пристапот гарантира шефот на државата да има доволна парламентарна база за да ги блокира постапките.

Долго време, се чинеше дека популарноста на Болсонаро не страда од овие опструкции. Но, пандемијата „Ковид-19“ ја означи првата точка на пресврт за шефот на државата, одговорен за повеќе од 585.000 смртни случаи поврзани со овој смртоносен вирус. Вториот неповолен удар за одобрувањето, поддржано од владејачкиот клан, беше крајот на програмата за итна помош која Болсонаро успеа да му ја наметне на својот министер за економија (пред Конгресот да го удвои износот) и да ја исплати на третина од населението за време на првите девет месеци од пандемијата.[10] Во 2021 година, повеќе од 125 милиони Бразилци, или дури 58% од населението, се необезбедени во исхраната, а 20 милиони се гладни. Малкумина од нив планираат да гласаат за Болсонаро.

Надвор од ваков контекст, секогаш обезбедени, на поддржувачите на поранешниот капетан, гневот расте со откритијата на парламентарната истражна комисија на Сенатот, контролирана од опозицијата. Членовите на комисијата го документираат игнорирањето на федералната влада за пандемијата, како и степенот на корупција што го уживаат претседателот на Бразил и неговото семејство, како и шесте илјади пензионирани или активни воени лица на клучни позиции во сите сектори на државата: економијата на грабеж спроведена од министерствата, што го олеснува грабежот на земјиштето, тајното нелегално рударство, шверцот на дрва, уништувањето на шумите итн.

Некои воени сектори, во принцип противници на вклучувањето на војската во владата, се дистанцираа од претседателот, како што се припадниците на средната класа, првично заведени од ветувањето на Болсонаро за ставање крај на корупцијата. Додека намалувањето на неговата социјална база го наведува бившиот капетан да го радикализира својот говор и дека, очигледно, неговиот брод почнува да тоне, некои претставници на судството и парламентот, блиски на бившиот капетан, вчера откриваат дека тој е закана за правната држава и сега се обраќаат на опозицијата. Од своја страна, големите  и богати бизнисмени и поддржувачи, креваат веѓи под закана од државен удар: политичката нестабилност никогаш не е добра за бизнисот. Џабе е, под овие услови, да продолжат да ја покажуваат својата поддршка за лидер кој сега ја загуби сета способност да ја продлабочи „реформата“ на земјата.

Засега, анкетите му даваат на Лула 40% од гласовите во првиот круг, наспроти 24% за Болсонаро. Се чини дека дел од високите класи сметаат дека вчерашното решение се претвори во проблем и дека не се исполнети условите да се најде трет пат меѓу поранешниот војник и поранешниот синдикалец. Во нивните очи, Лула ја претставува најдобрата опција за смирување на ситуацијата во земјата, под услов да се согласи да владее без да бара обнова на уништеното од пучот во 2016 година… Други велат дека има итна потреба за отповикување на Болсонаро со цел да се создаде простор за „почитувана“ десничарска кандидатура. Единствен проблем: очигледно не се наметнало некое име и се крева вревата за „сè освен Болсонаро“.

Политичкиот и судскиот контекст го турка актуелниот претседател на радикализација: само моќта ќе му дозволи да избегне затвор каде што ризикува да заврши со зголемена веројатност додека се акумулираат кривични пријави и постапки против него. Доколку се одлучи да прогласи вонредна состојба за да донесе пресврт, може да смета на поддршката на полициските сили, одредени сектори на вооружените сили, но и на силно вооружените десничарски милиции.

На 7 септември, Денот на независноста, Болсонаро се обиде да покаже сила: „мега-мобилизација“ на естрадата на министерствата во Бразилија, за да ја осуди „антидемократската“ улога на ТСЕ, Конгресот и судството. Но, настанот не ги оправда очекувањата на шефот на државата. Голем број луѓе се собраа во неколку големи градови во земјата, без сепак да доведат до пресвртницата на која се чинеше дека се надева шефот на државата.

Следниот ден, претседателот ветува дека ќе го почитува резултатот од изборите во 2022 година, како и институциите на земјата… но, неговите ударни тимови на контраши се обидуваат во исто време да го нападнат Министерството за здравство и Федералниот Врховен суд. Возачите на камиони ги блокираат патиштата во шеснаесет бразилски држави, барајќи отстранување на членовите на ТСЕ. Рунда за загревање? Не е невозможно претседателот да се затрупа од базите што ги загреа до бесвест: притиснат од стравот да не ја загуби својата база во Конгресот, претседателот Болсонаро брзо бара демобилизација на возачите на камиони, поради што го доби прекарот „кукавица“ од неговите симпатизери. Така искача на сцена и можноста за појава на „Болсонаризам без Болсонаро“, со кој следниот претседател, кој и да е, ќе треба да се позанимава.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Datafolha, Сао Паоло, анкетно истражување на 29 и 30 август 2021 година.

[2] Antonio Delfim Netto, “Entre a causa e seu efeito”, Valor Econômico, Сао Паоло, 15 септември 2015 година.

[3] Прочитајте: Renaud Lambert, “Le Brésil est-il fasciste ?”, Le Monde diplomatique, ноември 2018 година.

[4] Прочитајте: Perry Anderson, “Au Brésil, les arcanes d’un coup d’État judiciaire”, Le Monde diplomatique, септември 2019 година.

[5] “Uma ponte para o futuro”, Fundação Ulysses Guimarães – Partido do Movimento Democrático Brasileiro (PMDB), Бразилија, 29 октомври 2015 година.

[6] Прочитајте: Lamia Oualalou, “Les évangélistes à la conquête du Brésil”, Le Monde diplomatique, октомври 2014 година.

[7] “Dez das maiores empresas da Bolsa veem lucro dobrar no 2º trimestre,” Agência Estado, Сао Паоло, 8 август 2021 година

[8] René Ruschel, “O Brasil é refém do Partido Militar, diz coronel”, Carta Capital, Сао Паоло, 30 мај 2021 година.

[9] Прочитајте: Anne Vigna, “Le Brésil, une démocratie militarisée”, Le Monde diplomatique, јуни 2021 година.

[10] Прочитајте: André Singer, “La cavalcade autoritaire de Jair Bolsonaro”, Le Monde diplomatique, јули 2020 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW