Долго време ограничени на ранг на љубопитност, „криптовалутите“ (или „крипто-средствата“ или дигиталните валути), беа на насловните страници во последниве години, вклучувајќи го и општиот печат. И со добра причина: цената на еден од најпознатите криптовалути, биткоинот, се зголеми за четири пати помеѓу декември 2020 и мај 2021 година, пред да падне и да изгуби повеќе од една третина од својата вредност. Во ноември 2021 година, се врати на историското вреднување… пред да падне повторно два месеци покасно. Еволуцијата на цената на биткоинот наликува на пејзаж на тобоганот што фасцинира колку што и загрижува.
Неколку големи имиња во Силиконската долина и американските финансии, помогнаа да се легитимира оваа криптовалута за пошироката јавност. Во јануари 2021 година, глобалниот гигант за управување со средства БлекРок дозволи два од своите фондови, да купуваат финансиски деривати врз основа на биткоинот. Во март, онлајн платформата за плаќање ПејПал започна со услуга, која им овозможува на корисниците да ги конвертираат крипто-средствата – стекнати преку платформата – во валутата по нивна желба, а за плаќање на купувања. Само два месеци покасно, инвестициската банка Голдман Сакс формираше свој посебен тим за тргување со биткоинот, нудејќи им на своите клиенти дури и можност да се обложуваат на неговата цена. Нејзиниот голем конкурент, американската банка Морган Стенли, штотуку го објави формирањето на три посебни инвестициски фондови за криптовалути, наменети за својата најбогата клиентела.
На прв поглед, биткоинот изгледа дека е на пат да го освои финансискиот свет. Некои дури и замислуваат дека станува голем инструмент на натрупување на идна вредност, на исто ниво со златото. Сепак, сè уште е далеку од тоа да биде полноправна валута и никој засега не може да замисли да плати дури и еден леб со биткоин… Ова е веројатно добрата вест, со оглед на проблемите поврзани со неговиот развој како криптовалута.
Треба да се потенцира, дека биткоинот се роди како последица на глобалната финансиска криза од доцните 2000-ти. На 31 октомври 2008 година, Сатоши Накамото (псевдоним) објави документ наменет за ограничена публика на крипто ентузијасти, т.е. техники кои имаат за цел да ги заштитат пораките со клучеви за шифрирање, пред да бидат ставени на интернет. Оваа т.н. „бела книга“, ги поставува фундаментите за еден децентрализиран електронски валутен систем, чија особеност е тоа што не бара централизиран издавач или трета доверлива страна да ги потврдува берзите и нивните размени. Со други зборови, документот предлага да се креира една посебна валута, биткоин, но без централна банка и без финансиски посредници, со што се гарантира речиси целосна анонимност на размената.
За да се направи ова, биткоинот се заснова на т.н. „блокчејн“: голем, децентрализиран, јавен глобален регистар на сите трансакции во криптовалути. Блоковите се како страници, снимаат до две илјади операции. Валидноста на стотиците илјади трансакции кои се вршат секој ден, е обезбедена со уникатен криптографски процес, кој, пак, вклучува компјутери дури од целиот свет. Овој комплексен процес, може да се сумира со сугерирање, дека валидацијата на секој нов блок поврзан со синџирот, бара доказ за значителен пресметковен „напор“ што треба да се распореди – и на тој начин, исто така, потрошувачка на енергија поврзана со потрошувачката на компјутери неопходни за ваквите операции. Кога еден учесник – терминот „копач“ (или „рудар“) се користи за да се однесува на овие поединци и, почесто, на овие помалку или повеќе официјални структури кои здружуваат стотици компјутери – ќе успее, му се доделува одредена количина на биткоини. Така, парите се создаваат преку процесот што и ги обезбедува.
Ова значи дека тука не се потребни финансиски посредници – како што се банките – за да го гарантираат интегритетот на платежниот систем, но и една централна банка. Создавањето пари е автоматско: се сведува на наградата на „копачите“. Второво, исто така, е ограничено. Еден блок се создава приближно на секои 10 минути низ мрежата, додека поврзаната награда се преполовува на секои 210.000 блокови. Затоа, производството на валути се намалува со текот на времето, со разбирање дека максималниот износ на биткоини во оптек е ограничен од 21 милион од самите негови креатори (што не е случај за сите криптовалути). Во ноември 2021 година, ова изнесуваше нешто помалку од 19 милиони.
Сепак, оваа операција поставува два проблеми на скалирање од самиот почеток: од една страна, бројот на трансакции евидентирани во секој блок е ограничен, што го ограничува бројот на можни дневни операции (за споредба, биткоинот достигна рекорд од четиристотини илјади трансакции секој ден на почетокот на јануари 2021 година, кога оние на банкарските картички Виза изнесуваа неколку стотици милиони). Од друга страна, количината на енергија потребна за работа со оваа дигитална валута, значително расте со големината на мрежата и интензивирањето на конкуренцијата меѓу „копачите“.
По финансиската криза од 2008 година, чиишто реперкусии продолжуваат да влијаат на целата глобална економија, ветувањето за монетарен систем ослободен од контролата на приватните и централните банки привлекува еден поширок интерес: првите се директно одговорни за финансискиот дебакл; а вторите, не успеаја да го спречат. Но, теоретските корени на биткоинот не се наоѓаат толку во светот на прогресивната критика на актуелниот финансискиот сектор, колку во оние на т.н. австриската економска школа предводена од економистите Лудвиг фон Мизес и Фридрих Хајек. Според нив, владината интервенција и монополот на централните банки во управувањето со парите, нужно доведуваат до вештачко надувување на кредитите, па инфлација и на крајот – криза. Во неговиот труд Денационализација на парите (1976), Фридрих Хајек се залага за една реална конкуренција помеѓу валутите, така што најдобрите – оние кои се предмет на пазарна дисциплина – ги потиснуваат лошите.
Анализата на Европската централна банка (ЕЦБ) објавена во 2012 година, сугерира дека многу поддржувачи на биткоинот, ја споделуваат анализата на оваа австриска економска школа.[i] Со преиспитување на монополот на создавање пари на централните банки и улогата на банките во (прекумерната) дистрибуција на кредити, биткоинот би претставувал прво скршнување од современиот монетарен систем, како валута целосно предмет на пресудата на пазарот. Некои дури го гледаат како враќање на стандард сличен на злато, бидејќи оваа дигитална валута е достапна во ограничени количини и не може да се репродуцира. Еден од дизајнерите на биткоин, Гевин Андресен, на тој начин објасни дека криптовалутата ќе понуди „како подобрена верзија на златото“[ii]:едно безбедно засолниште против инфлацијата, а која инхерентно ги загрозува фидуцијарните валути под контрола на централните државни институции.
Биткоинот, исто така, нуди и можност да се избегне регулацијата, поради речиси целосната анонимност на трансакциите. Така, тој е подигнат, преку Атлантикот, дури во ранг на стандард на либертаријанското движење, кое го брани збеснатиот и неконтролиран американски индивидуализам и ја осудува секаквата држава како таква. Затоа, не случајно, има и една голема публика во Силиконската долина. Меѓу неговите најжестоки промотори, се многу водачи на десничарската екстремна т.н. Либертаријанска партија, како што е Рон Пол, поранешен кандидат за претседател на САД и жесток бранител на златниот стандард;[iii] но и мноштво „техно-утописки“ претприемачи, а кои тврдат дека и тие се дел од ова движење.
Меѓу нив, и чудниот шеф на производителот на електрични возила Тесла, Илон Маск – дури и ако тој неодамна изрази сомнеж за енергетско интензивната природа на биткоинот како таков. Друг пример: оној на Џон Мекафи, кој почина во 2021 година, и кој – откако направи богатство благодарение на антивирусниот софтвер што го носи неговото познато име – успеа да стане и еден од најголемите промотори на алтернативните криптовалути. Близок до десничарската Либертаријанска партија на САД, сепак не успеа во 2016 година, а потоа и во 2020 година, да биде назначен како кандидат на оваа партија за претседателските избори во САД. Роџер Вер, уште еден милионер од ваков ков, е познат по прекарот „Биткоинскиот Исус“, поради неговиот активизам во корист на криптовалутите. Сопственик е на порталот bitcoin.com, а кој нуди новости како и разновидни услуги поврзани со трговијата на оваа криптовалута. Откако го доби државјанството и пасошот на даночниот рај Сент Китс и Невис за да избега од американските даночни власти, овој Вер нуди и своја посебна услуга за добивање на пасош на – даночниот рај Сент Китс и Невис… а, која, секако, се плаќа со биткоин. Во 2017 година, тој сонувал да создаде една либертаријанската земја, Слободното општество, се разбира, врз основа на употребата на криптовалути.
Надвор од овие главни наслови, „биткоинерите“ формираат многу активна онлајн заедница, и не само во „копањето“ на криптовалутата. Истиве тргуваат на различни форуми, како што е BitcoinTalk, кој поддржува дури дваесет и еден јазик и има речиси 3,4 милиони членови, кои објавуваат во просек по шест илјади пораки дневно. Или биткоин чет-каналот на сајтот на заедницата Редит, кој веќе има 3,5 милиони претплатници и повеќе од три илјади коментари дневно. Почетниците и искусните „биткоинери“ разговараат за вести (поврзани со криптовалути), економски теории, совети за „копање“ и други „добри зделки“. Оваа заедница може да се информира и преку многу специјализирани медиуми, од кои најпознат е Биткоин магазин, ко-основан во 2011 година од тогаш младиот 17-годишен блогер, Виталик Бутерин, кој првично ќе биде на иницирањето, во 2015 година, на етереумот, втората најценета криптовалута по биткоинот.
Сега се користи многу повеќе и подалеку од либертаријанските кругови со кои првично беше поврзан, особено поради финансиската еуфорија што ја доби во текот на минатата година. Од септември 2020 година до ноември 2021 година, неговата цена се зголеми дури за шест пати: од речиси 10.000 долари на 60.000 американски долари, еден исклучителен принос за секое финансиско средство. Овој нагорен тренд е поттикнат од вклучувањето на големите играчи од Силиконската долина и Вол Стрит во шпекулациите или тргувањето со криптовалутите, како и со вжештените (и егоистички) изјави на некои аналитичари, а кои ревносно се натпреваруваат да ги спомнуваат врвовите до кои треба да растат цените, во контекст на заштедите и прекумерната ликвидност. Од крајот на 2020 година, многу богати поединци, што бараат брзи и значителни добивки, ги вложија своите големи заштеди во биткоинот. Од јануари до јуни 2021 година, бројот на иматели на биткоинот, се зголеми од 71 милион, дури на 114 милиони, според проценката направена за платформата за размена на криптовалути – Crypto.com.
Динамиката изгледа самоодржлива: успехот отвора нови хоризонти и нови употреби, што, пак, придонесуваат за зголемување на кредибилитетот на криптовалутите како такви. Така, овие валути се пробија и на американската политичка сцена, каде што го привлекуваат интересот на официјални лица од сите страни. Со одлуката на Сојузната изборна комисија на САД во 2014 година, на кандидатите за избори им е дозволено да добиваат донации и во биткоин, а за своите кампањи. Републиканците и демократите не се оддалечија од оваа тенденција. Во 2016 година, сенаторот Ренд Пол (синот на гореспоменатиот Рон), кој е близок до десничарската Партија на Движењето Чајанка, прифати донации во форма на биткоин, за прв пат на републиканските претседателски прелиминарни избори. Во 2020 година, ист ваков беше случајот и со демократскиот кандидат за партиските прелиминарни избори, Ендрју Јанг.
Неодамна, републиканскиот градоначалник на Мајами, Френсис Суарез, се пофали дека го направил градот „престолнина на биткоинот“ („Фокс бизнис“, 27 јули 2021 г.), откако имплементирал општински дигитален жетон, т.н. мајамикоин. Неколку месеци подоцна, новиот градоначалник на Њујорк, демократот Ерик Адамс, го надмина, со најавата дека ќе го направи неговиот град „центарот на индустријата за криптовалути“ (Твитер, 4 ноември 2021 г.). Тој откри сличен проект со т.н. њујорккоин.
Биткоинот, исто така, напредува и во многу земји во развој. Според една од водечките фирми за анализа на овој сектор, Виетнам, Индија и Нигерија, се меѓу земјите со најнапредно прифаќање на криптовалутите.[iv] Фајненшел тајмс известува дека тргувањето со биткоини помеѓу рамноправни партнери достигнува рекордни нивоа во супсахарска Африка – главно во Нигерија, Кенија, Гана, Јужна Африка и, донекаде, во Чад. За лондонскиот финансиски дневен весник, криптовалутите растат таму како алтернатива на локалните валути или неуспешни финансиски системи: „Случајната инфлација и многу несигурните локални девизни курсеви, скапите и наметливи банкарски услуги, финансиските ограничувања и регулаторната нејасност и, пред сè, постоењето или заканата од ограничувања на движењето на капиталот, се сите одбивни“.[v]
Латинска Америка исто така не спие: многу Венецуелци почнаа да копаат биткоин, искористувајќи ги ниските цени на електричната енергија за да го надополнат својот приход и да се справат со хиперинфлацијата, а што продолжува да ја мачи локалната валута боливар.[vi] Така, во повеќето земји во развој, успехот на биткоинот може да се објасни со две функции што ги извршува: онаа на инструмент за штедење и вредносна резерва, во контекст каде локалната валута е дефицитарна; и како сигурно и евтино средство за размена, особено меѓу членовите на дијаспората и нивните семејства дома. Посебен случај останува оној на Ел Салвадор, кој се најде на насловните страници на 9 јуни 2021 г., со донесување закон, со кој биткоинот и формално станува една од официјалните валути во земјата, заедно со доларот.
Од Сан Салвадор до Њујорк, преку Ханој, хазардерското коцкање со биткоин, може да се покаже ризично за и политичарите, бизнисите, како и за штедачите или членовите на дијаспората. Ова, пак, изложува сè поголем број луѓе на еден „високо шпекулативен финансиски инструмент“, според зборовите на американската министерка за финансии Џенет Јелен.[vii] Ситуација која е уште позагрижувачка, бидејќи спектакуларниот пораст на цената на биткоинот во изминатата година ги има сите карактеристики на финансиски енормно надуван, шпекулативен меур. Според аналитичар на Банката на Америка, ова, сепак „далеку ги надминува претходните финансиски меури“.[viii] Но, не е исклучен и пад на цената. Може да има многу предизвикувачки фактори за ова. Како, на пример, значително заострување на монетарната политика на Федералните резерви на САД, кое, пак, не само што може да ја намали привлечноста на биткоинот како засолниште од инфлацијата, туку пред сè, да стави крај на енормно шпекулативниот бум на акциите на американските високотехнолошки компании.
Секвенцата, што се појави во мај 2021 година, сепак убаво ја илустрира треската на цената на криптовалутата и контролата на неколку влијателни играчи врз истата. Во февруари 2021 година, Тесла Груп од САД, објави инвестиција од 1,5 милијарди долари во криптовалутата, што предизвика нејзината цена да скокне за повеќе од 10%. На 24 март 2021 г., сопственикот на групата, Илон Маск, рече дека наскоро ќе биде можно и да се плати за електро-автомобилот Тесла во криптовалути. На 12 мај, се предомислил човекот. Потоа, следуваше невиден пад на цените, кој за неколку дена збриша стотици милијарди долари во вредност. Пред оваа објава, Тесла опортунистички симна 10% од сопствените биткоини, под превезот на тестирање на ликвидноста на пазарот(!); а во џеб, со голема и експресна добивка од 101 милион долари во постапката.[ix] За некои коментатори, оваа секвенца го илустрира процесот на манипулација на пазарот познат како pump and dump (т.е. надувај и фрли), што се состои од вештачко зголемување на цената на средството со цел да се продаде по повисока цена.
А, сето ова, поради фактот што биткоинот е особено погоден за измами и манипулации со пазарот. Отсуството на каква било регулатива и надзор, својствени за неговото работење, им овозможува на најголемите инвеститори, да ја искористат целата своја тежина за директно да влијаат на цените со многу мал ризик од санкционирање. Сепак, криптовалутите се карактеризираат токму со особено нееднаква дистрибуција: во моментов, нешто повеќе од две илјади сметки (од дваесет милиони, или 0,01%), имаат дури 42% од богатството на биткоин.[x] Во жаргонот на криптовалутите, овие големи „паричници“ (или сметки со биткоин) се нарекуваат „китови“. Истите се во сопственост на богати инвеститори или на платформи за тргување, а кои дејствуваат понекогаш во име на своите богати клиенти, а понекогаш и за своја сметка.
За да манипулираат со цените и воопшто со вредноста, „китовите“ прибегнуваат кон две докажани шпекулативни практики: издавање лажни нарачки (order spoofing) и склучување на лажни трансакции (wash trading). Првата е да се преплави пазарот со нарачки за купување или продавање, така што вештачки се менува цената (нагоре или надолу), а потоа да се повлечат експресно понудите пред да се изврши трансакцијата. Вториот процес се состои од тоа што инвеститорот одговара на нарачките, а кои тој самиот ги поставил. Цел: да се надува обемот на тргување и да се даде лажен впечаток за ликвидност. Практика особено користена од платформите за размена на биткоин за да се зголеми нивната привлечност и со тоа, да се привлечат инвеститори. Во август 2020 година, еден корејски весник објавил извештај во кој се наведува дека помеѓу август 2019 и мај 2020 година, 99% од обемот на тргување со биткоинот се извршил како wash trading, на една од најголемите платформи за размена на криптовалути во Јужна Кореја – Coinbit. Практика која би донела заработка дури 84 милиони долари за платформата, според весникот.
Нестабилноста на биткоинот и неговиот наголемо шпекулативен карактер, сепак го покренуваат прашањето и за самата негова природа. Во нашироко споделената актуелна концепција во современата економија, валутата има неколку функции: таа служи како платежно средство, потоа како пресметковна единица – која овозможува стоките да добијат цени – и, на крај, како средство за натрупување идни вредносни резерви. Додека биткоинот првично се сметаше само за еден можен платежен систем, со текот на времето, неговата функција како складиште за натрупување идни вредносни резерви, сепак, во голема мера стана концептуално доминантна. Со други зборови, треба да се појасни, дека многуте штедачи и инвеститори, кои купиле биткоин за да имаат корист од неговата зголемена цена, веројатно нема да го користат за своите секојдневни набавки. Можностите остануваат ограничени надвор од Ел Салвадор. Фактот дека дигиталната валута е пошироко прифатена како средство за плаќање од платформите и комерцијалните сајтови – во сè уште ограничен број – главно има последица на смирување на инвеститорите за можностите да го „ликвидираат“ нивниот „рудник за злато“, доколку се појави потреба. Флуктуациите во неговата цена, го прават, конечно, биткоинот, една многу лоша и несигурна пресметковна единица. На пример, во текот на месец мај 2021 година, цената на лебот би се зголемила, само за неколку дена, од 20 на 35 микробиткоини (милионити биткоини).
Со последното размислување кое често се занемарува, парите претставуваат едно општо добро. Бидејќи нивните различни функции се суштински за заедницата, тие мора да биде предмет на демократска контрола и управување од страна на институциите што ја претставуваат заедницата. Во спротивно, парите би биле под контрола исклучиво од приватни интереси. Во овие различни аспекти, треба да се напомене, дека биткоинот, сепак, останува една нецелосна валута. Ова е причината, зошто употребата на терминот „крипто-средства“ (cryptoassets) се чини посоодветна од името криптовалута (cryptocurrency), кое веќе длабоко влезе во секојдневна употреба.
Проблемите што ги предизвикува биткоинот, не се ограничени само на веќе спомнатите шпекулации. Биткоинот бара огромна и се поголема потрошувачка на енергија и има големо влијание врз животната средина; овие две работи претставуваат главен, ако не и егзистенцијален проблем. Овој аспект е поврзан со самото функционирање на оваа дигитална валута и процесот на обезбедување на блоковите на трансакции. Ова се заснова на интензивното користење на компјутерската моќ, како и на конкуренцијата, на компјутерите ставени на располагање за „копање“ на биткоинот. Биткоинот е поставен на таков начин, така што колку повеќе има „копачи“, толку потешки операциите стануваат за извршување. Конкретно, самиот механизам обезбедува недостиг на биткоин и го спречува создавањето на блокови – а со тоа и нови биткоини – да се забрза, а како што се зголемува достапната компјутерска моќ.
Лесно е да се замисли, дека таквиот начин на производство на дигитални пари има конкретни последици во однос на потрошувачката на енергија. Маѓепсан круг е поставен во функција, додека цената на биткоинот расте: колку е поголем бројот, толку поголем поттик имаат копачите да ја зголемат својата компјутерска моќ и толку повеќе енергија е потребна за да се очекува награда. Со други зборови, биткоин поттикнува организирање на глобална трка со опрема, што, пак, доведува до појава на гигантски „фарми за копање“ кои можат да постават и меѓусебно да конектираат стотици специјализирани моќни машини.
Според индексот за потрошувачка на енергија за биткоин формиран од Универзитетот на Кембриџ, на нивоата на потрошувачка во средината на ноември 2021 г., се проценува дека копачите на биткоин трошат 120 терават-часови годишно, една бројка блиска до годишната потрошувачка на електрична енергија дури на една цела Шведска.[xi] Според Алекс де Врис, економист во холандската Централна банка, потрошувачката на стотици илјади компјутери што се користат за копање на биткоин ширум светот, ќе доведе до ослободување на дури 64 милиони тони CO2 во атмосферата годишно. И само една обична трансакција со биткоин, би емитувала исто толку CO2 како 1,8 милиони исплати со Виза…
Ситуацијата сега, навистина, станува уште позагрижувачка, бидејќи структурата што предизвика енергетско прегревање на биткоинот не може да се реформира, без дефинитивно да се менуваат неговите внатрешни карактеристики. Дури и да може, нема решение за таквата „трилема на екстензија“ во ова време, објаснува експертот Бутерин од ММФ: со други зборови, невозможно е да се гарантира безбедност и децентрализација во исто време, и контролирана потрошувачка на енергија за време на широко распоредување на „блокчејн“.[xii]
Така, единствениот начин да се намали постојано зголемувањето на сметката за енергија на секторот на биткоин, е индустријата на неговото копање да усвои обновливи извори на енергија. Според Советот за копање на биткоин, една мрежа на независни негови копачи, таквата транзиција е во тек. Сепак, постои причина за сомневање: извештајот објавен од Универзитетот на Кембриџ во септември 2020 година, вели дека електричната енергија произведена од необновлива енергија би претставувала 61% од електричната енергија што ја трошат „копачите“,[xiii] а јагленот сочинува 38% од нивната енергетска мешавина. Тоа е целиот парадокс на биткоинот: да се биде дигитално и дематеријализирано средство на ХХI век поддржано од потрошувачката на фосилни горива од минатото. Да не зборуваме, конечно, и за еден друг проблем: интензивното производство на електронски отпад. Според студијата објавена на 13 септември 2021 г. во специјализираното списание Рисорсис, конзервејшен енд рисајклинг, мрежата би генерирала и 30.700 тони годишно од овој вид отпад со многу висок еколошки импакт. Тука повторно, нивоата на загадување се споредливи со оние на една земја како Холандија.[xiv]
Соочени со многуте проблеми наметнати од „трилемата за проширување“ на криптовалутите, неколку земји тргнаа кон прилично прагматично решение: нивна забрана, чиста и едноставна. Најспектакуларните одлуки, сепак дојдоа од Кина. Ова беше логично продолжение на големата офанзива што ја спроведува Пекинг веќе неколку години.
На крајот на 2017 година, платформите за размена на криптовалути – кои централизираа дури 93% од глобалните трансакции со биткоин во 2016 година – беа дефинитивно забранети на кинеската територија. Неколку месеци подоцна, Централната банка на Кина објави блокирање на сите сајтови за размена на криптовалути (вклучувајќи ги и странските) на кинескиот веб. Во 2021 година, сè се забрзува: кинеската влада им забранува на сите финансиските институции да нудат услуги во оваа област. Во јуни истата година, во Сечуан беа затворени сите 26 „фарми“ за биткоини, а кои се сметаа дека се премногу енергетски интензивни. Трансакциите со криптовалути и активностите за нивно „копање“, конечно се прогласени за нелегални во цела Кина, во септември и октомври 2021 година.
На овој начин, Кина од рај за копање на биткоинот, стана егзистенцијална закана за истиот, само за неколку години. Поради фактот, што и другите земји би можеле да го следат нејзиниот пример. Индија, исто така, наводно се движи кон забрана на трансакции и плаќања со криптовалути, додека го толерира нивното поседување како средство слично на злато или на финансиски средства. Со цел слична на онаа на Кина: формирање на своја индиска дигитална валута.
За време на сослушувањето во Сенатот во јули 2021 година, претседателот на Федералните резерви на САД (т.е. централната банка на САД), Џером Пауел, изнесе заклучок дека криптовалутите „целосно не успеале да станат во функција на еден платежен систем“. Европската централна банка (ЕЦБ) ја дава истата опсервација, спомнувајќи „крипто-средство“ од шпекулативен карактер. Сè уште не е изгубено за биткоинот, бидејќи Федералните резерви на САД или ЕЦБ, сè уште не планираат да го забранат како таков. И неговата цена останува (засега) на едно високо ниво. Како и да е, една работа останува сигурна: биткоинот е далеку од иднината на парите. Ветувањето за децентрализиран платежен систем ослободен од државна и финансиска контрола, го отстапи местото на финансискиот меур монополизиран од големите шпекуланти.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] « Virtual Currency Schemes », European Central Bank, Франкфурт, октомври 2012 г.
[ii] « Crypto Currency », Forbes, Њујорк, 20 април 2011 г.
[iii] Сп. Ron Paul, End the Fed, Grand Central Publishing, Њујорк, 2009 г.
[iv] « The 2021 Global Crypto Adoption Index », 18 август 2021 г., Chainalysis.com
[v] « Cryptocurrencies: developing countries provide fertile ground », Financial Times, Лондон, 4 септември 2021 г.
[vi] « Venezuela : avec un prix de l’électricité bas, le minage de cryptomonnaies a le vent en poupe », Capital, Париз, 15 септември 2021 г.
[vii] « Bitcoin : qui est qui dans la guerre des crypto-monnaies (et comment cela peut vous affecter) », BBC News, Лондон, 13 јуни 2021 г.
[viii] « Wall Street Wary of “Frothy” Stocks, Bubbly Bitcoin », Reuters, Њујорк, 8 јануари 2021 г.
[ix] « Tesla annonce un bénéfice de 101M$ en bitcoins suite à son investissement massif dans la cryptomonnaie », Business Insider France, Париз, 27 април 2021 г.
[x] Извор: Bitinfocharts.com
[xi] Bitcoin energy consumption index site, cbeci.org
[xii] « Cleaning Crypto », International Monetary Fund, Вашингтон, САД, есен 2021 г.
[xiii] « 3rd Global Cryptoasset Benchmarking Study », University of Cambridge, септември 2020 г.
[xiv] « Bitcoin’s growing e-waste problem », Digiconomist, 17 септември 2021 г., digiconomist.net