На 11 септември 2022 година, за време на телефонскиот разговор со својот француски колега, рускиот претседател Владимир Путин го повтори своето предупредување за ситуацијата во врска со нуклеарната централа Запорожје, најголема во Европа, која се наоѓа во близина на градот Енергодар на брегот на Днепар, реката која го дели фронтот таму. Истиот ден беше објавено дека сите шест реактори од по 1000 мегавати се исклучени.
Во текот на летото, Русите и Украинците ја враќаа одговорноста на другата страна – за бомбашките напади на и околу местото. Така, набргу по телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели, Москва јавно осуди дваесет и шест украински бомбашки напади во областа. Киев, од своја страна, го обвинува својот противник дека позиционирал тешко оружје во централата и дека пукал кон спротивниот брег на реката Днепар, под украинска контрола. Додека на почетокот од август претседателот Володимир Зеленски се закани дека ќе им се одмазди на овие руски напади, некои од неговите војници не чекаа многу: на 19 јули, користејќи мали беспилотни летала, украинската армија ги нападна руските војници на местото: „Украинската армија ги вознемирува окупаторските сили дури и внатре во централата“, коментира Ле Монд.[1]
Женевската конвенција (Протокол II), ратификувана од Украина и Русија во 1977 година, забранува напади на нуклеарни локации: „Не смее да се напаѓаат објекти или инсталации што содржат опасни сили, имено брани, насипи и нуклеарни централи“.
Окупацијата од страна на руската армија на нуклеарната централа Запорожје се случи рано во војната меѓу Русија и Украина: уште на 4 март. Од првиот ден на инвазијата, која се случи на 24 февруари, руските воздухопловни трупи ја презедоа контролата врз нуклеарната централа во Чернобил, чии реактори беа затворени многу години (местото ќе биде окупирано до 31 март). Ова симболично место (поради нуклеарната катастрофа во 1986 година) е многу стратешко бидејќи во него се сместени многу нуклеарни отпади – толку неопходни за производство на атомски бомби. Во истиот период, руските сили извршија голема офанзива во регионот Херсон, во обид да ја преземат контролата врз нуклеарната централа „Јужна Украина“, која се наоѓа во Миколаевската област. Операцијата е неуспешна. Затоа, од почетокот на војната, Путин ги направи украинските нуклеарни централи (15 реактори за вода под притисок-ВВЕР, од советско проектирање) главна цел на неговата „специјална операција“.
Минатата пролет, окупацијата на нуклеарната централа Запорожје претставуваше голем извор на загриженост за меѓународната заедница. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) бара итен пристап до локацијата за својата инспекциската мисија. На почетокот, Украина се спротивставува на тоа, поради страв, официјално, да не види дека руската окупација на населбата е легитимирана од меѓународна институција. Во текот на летото се постигнува договор. Киевската влада ја натера делегацијата на МААЕ да транзитира низ териториите што ги контролира за да пристапи до централата. Додека претседателот Зеленски постојано ја осудува „руската уцена“ во врска со нуклеарната централа во Запорожје, Кремљ итно свикува состанок на Советот за безбедност на ОН посветен исклучиво на ова прашање.
Двете страни си играат игри со стравот од „нов Чернобил“, додека МААЕ е под многу силен притисок и од двете страни. Киев сака да наметне „демилитаризација“ на централата, додека Москва сака Украина да биде осудена како главен извршител на бомбардирањето. Во својот извештај[2], меѓународната агенција повикува на итно запирање на бомбардирањето (без споменување на потеклото на истрелите) и предлага воспоставување на „заштитна зона“ околу електричната централа во Запорожје (без повеќе детали). Смета дека ситуацијата е „неодржлива“ и претставува „трајна закана за нуклеарната сигурност и безбедност бидејќи функциите од суштинско значење за безбедноста на локацијата, особено ладењето на објектите (…) може да бидат засегнати“. Инспекторите на МААЕ забележале голема штета како резултат на бомбардирањето, вклучувајќи го и покривот на објектот каде што се складираат нови контејнери за гориво и радиоактивен отпад. Тие се загрижени и за условите за работа на украинските техничари, кои се под голем притисок на руската армија.
Запорожје не е само прашање за нуклеарна безбедност: централата е геополитичка војна цел. Пред руската окупација, сите шест реактори снабдуваа дури 20 отсто од електричната енергија во Украина. Затоа енергетската независност на Украина се одигрува зад сцената на конфликтот, особено околу прашањето на електричното поврзување на електраната. За време на посетата на локацијата, МААЕ забележа дека бројни бомбардирања биле насочени кон високонапонски линии кон источна Украина, делумно окупирани од Русите, како и станици за поврзување и електрични трансформатори. На 25 август централата беше исклучена од украинската мрежа на неколку часа, а Украина се плашеше дека Русите ќе ја поврзат на нивната сопствена мрежа. „Неприфатливо“ пренасочување на енергијата – остро осудува американскиот Стејт департмент.[3]
Украинските електрани, наследени од Советскиот Сојуз, до неодамна – не случајно – беа поврзани со електричната мрежа на Русија и Белорусија. Информациите поминаа под радарот на главните медиуми, но, неколку часа пред руската инвазија, Украина продолжи со одвојување на својата мрежа од Русија, фаза на „тест“ за која се одлучи претходно, но која продолжи и поради војната. Ова го олесни поврзувањето на украинската електрична мрежа со онаа на Европа, преку Полска, во март 2022 година. Овој проект за поврзување на украинските електрани со европската мрежа започна уште во 2015 година, неколку месеци по анексијата на Крим и почетокот на конфликтот во Донбас. Поддржан е од Франција, која ја мобилизира својата РТЕ (мрежа за пренос на електрична енергија) за да им помогне на Украинците, како и ЕДФ Трејдинг да обезбеди дел од финансирањето (вкупно 2,6 милијарди долари во партнерство со полската групација Поленергиа и американската енергетска групација Вестингхаус).[4] На крајот на краиштата, Украина сака да извезува евтина струја во европските земји.
Една од мотивите на Путин за започнување на неговата „специјална операција“ беше всушност да се стави крај на желбата на Украинците да избегаат од руската контрола врз нивните нуклеарни инсталации – прашање кое е истовремено и енергетско и безбедносно. Долго време по распадот на СССР, одржувањето и безбедноста на реакторите ВВЕР во Украина, снабдувањето со нуклеарно гориво и управувањето со отпадот го обезбедија Русите (резервните делови на постројките доаѓаат – од Белорусија), како и за сите реактори од овој тип во Европа. Дотогаш, нуклеарниот циклус во Украина се состоеше од тоа што Казахстан го снабдуваше ураниумот, кој беше збогатен во Русија, а која потоа го испраќаше во Украина. Во 2010 година, ТВЕЛ, подружница на Росатом, руската државна нуклеарна компанија, продаде нуклеарно гориво во вредност од дури 608 милиони долари на Украина. Вторава е тогаш најважниот муштерија на ТВЕЛ.
Уште во 2000-тите, Украина се обиде да ги диверзифицира своите резерви на нуклеарно гориво и да ги надгради своите стари реактори проектирани од Советскиот Сојуз. Владите кои произлегоа од Портокаловата револуција – потоа се свртеа кон американската групација Вестингхаус по ова прашање. За оваа групација, почетоците во Украина се тешки. Групацијата доживува неколку неуспеси. Дотолку повеќе, што во 2012 година се случи сериозен инцидент во еден од реакторите на централата „Јужна Украина“ опремен со – американски инсталации за производство на гориво. Средиштето е многу оштетено. Прилагодувањето на горивата кон ограничувањата на стара советска технологија е чувствителна операција, која, сепак, бара време. По неколку неуспешни тестирања, „Вестингхаус“ сепак успеа да снабди со електрична енергија шест украински реактори. Во централата Запорожје, четири од шесте реактори работат на гориво што е добиено од Вестингхаус.
Во последниве години, рускиот притисок се зголеми за зачувување на нуклеарниот систем меѓу двете земји. Претходникот на Зеленски, претседателот Петро Порошенко, и вети на Вестингхаус мнозински удел од пазарот на гориво, пред да се премисли и да и додели помалку договори од предвидените. Од 2019 година Украинците, решени да ги држат Русите подалеку од нивната нуклеарна индустрија, го менуваат тонот. Во таа година, новиот договор предвидуваше намалување на нарачките за гориво од Русија. „Енергоатом“, операторот на нуклеарните централи во Украина, одлучи да купува главно од „Вестингхаус“.
Две години подоцна, сè се забрзува: во август 2021 година, договорот за американско-украинска соработка предвидува создавање на погон за производство на нуклеарно гориво во Скидни. Само еден месец подоцна, американската фирма и Енергоатом потпишуваат Меморандум за разбирање – вреден дури 30 милијарди долари за изградба на четири реактори АП1000 во Украина. Во јуни 2022 година беше потпишан нов договор: сега „Вестингхаус“ ќе изгради вкупно девет реактори во земјата. Дискретно, американската групација ја започна својата офанзива во 2018 година под поттик на владата на Трамп која сака САД да се вратат по секоја цена на светскиот цивилен нуклеарен пазар – против своите конкуренти Кина и Русија.[5]
Зближувањето меѓу Украина и САД го загрижи дури и еден Путин. Според него, тоа не било само навреда, туку и голема закана. Нуклеарната енергија е потенцијално двојна технологија: и цивилна и воена.
За да се разбере реакцијата на Москва, неопходно е да се вратиме на Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, потпишан од Украина, Русија, САД и Обединетото Кралство (како и, подоцна, од останатите формално признати нуклеарни сили, имено Франција и Кина). Документот ги наведе Украинците да прифатат враќање во Москва на нуклеарниот ракетен арсенал на нивна територија, наследен од СССР, заедно со строгите гаранции за територијален интегритет и безбедност. Поздравен во тоа време како модел на нуклеарно разоружување (Украина паралелно го потпиша и Договорот за неширење на нуклеарното оружје), Меморандумот сепак имаше голем недостаток: безбедносните гаранции не беа придружени со никаква реална обврска за одбрана на Украина, а немаше санкции или обврзувачки мерки – предвидени во случај на повреда на документот од страна на една од земјите. Сепак, од анексијата на Крим во 2014 година, дел од украинската елита продолжи јавно да жали за разоружувањето што се случи една деценија претходно.[6]
Оваа дебата ги надминува границите на Украина. Минатиот јуни, Радослав Шикорски, поранешен полски министер за одбрана и надворешни работи, јавно нагласи дека Русија дефинитивно го прекршила Меморандумот од Будимпешта и дека, како резултат на тоа, Западот може да „понуди“ нуклеарни боеви глави на Украина за да може да ја „брани својата независност“. Само пет дена пред руската инвазија, на 19 февруари 2022 година, на Минхенската безбедносна конференција, Володимир Зеленски се осврна на Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, објаснувајќи – дека ако повторното преговарање не започне брзо меѓу страните потписнички, неговата земја ќе смета дека повеќе не е обврзана да ги почитува своите историски обврски: „Украина доби безбедносни уверувања за напуштање на третиот по големина нуклеарен капацитет во светот. Сега, го немаме тоа оружје. Ја немаме ни таа безбедност“.
На крајот од март, за време на мировните преговори помеѓу Русите и Украинците, под покровителство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Зеленски се изјасни дека е подготвен за неутралност на неговата земја и вети дека нема да развива атомско оружје, како што пишува „Фајненшел тајмс“, ако Русија ги повлече своите војници и ако Киев добие сериозни безбедносни гаранции:[7] „Ненуклеарниот статус на нашата држава, ние сме подготвени да го следиме… Ако добро се сеќавам, затоа Русија и ја започна војната [заб.на уред.: Русија се плашеше дека Украина на крајот ќе стане воена нуклеарна сила]“, објасни украинскиот претседател.
Додека им помагаа на Украинците во цивилното нуклеарно поле, Американците, сепак, сакаа да одржуваат контакт со Русите по ова важно прашање. Претседателот Трамп му наложи на висок функционер, Џон Рајхарт, поранешен шеф на Центарот за проучување на оружјето за масовно уништување, да ја процени севкупната нуклеарна ситуација во Украина, а кој, потоа, дискретно ги предаде своите извештаи. И денес, и покрај војната, во тек се тајни преговори, зад сцената, помеѓу САД и Русија во врска со идното споделување на украинската цивилна нуклеарна енергија: „Тие [Американците] знаат дека пред да се изградат централите АП1000 во Украина, тие, како и Украинците, нема да можат без Русите“, коментира, неофицијално, еден актер во глобалната нуклеарна индустрија.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] « Guerre en Ukraine : intimidation et chantage autour de la centrale nucléaire de Zaporijia », Le Monde, 09.08.2022.
[2] Извештајот на МААЕ за Украина е достапен во ПДФ формат на: bit.ly/3QlTpx8
[3] Agence France Presse, 25.08.2022.
[4] На 20.09.2022 година, еден долар вредеше едно евро.
[5] Види: Teva Meyer, « Moscou et Pékin se partagent la planète électronucléaire », Le Monde diplomatique, VI/2022.
[6] « Ukraine gave up a giant nuclear arsenal 30 years ago. Today there are regrets », The New York Times, 05.02.2022.
[7] « Volodymyr Zelensky says Ukraine ready to discuss neutrality in peace talks with Russia », Financial Times, London, 28.03.2022.