Откако се прошета низ населбата и ги разгледа имињата на многутe кафе барови каде се продава тутун во Сарсел, и кои ги држат христијани од Блискиот Исток, г-дин Бруно Јакан влегува во една голема монтажна зграда, каде се наоѓа седишето на Асиро-Халдејското здружение на Франција (AACF), чијшто е претседател. Инаугурирано непосредно пред пандемијата „Ковид-19“, местото е напуштено, но г-дин Јакан се надева дека враќањето во нормала конечно ќе им овозможи на неговите соверници да се сретнат таму. На број се 8.000 и живеат во комуната Вал-д’Оаз која брои речиси 60.000 жители. Повеќето од нив доаѓаат од висорамнината Хакари, која се наоѓа на источната граница со Турција; други од Ирак или Сирија. Помеѓу доаѓањето на првите доселеници, кои дојдоа да работат во 1969 година, и инаугурацијата на центарот AACF во стариот град пет децении подоцна, три генерации го направија Сарсел главен центар на нивната заедница.
Бегајќи од злоупотребите на локалните курдски племиња и од нивната маргинализација од страна на турската држава, првиот слета во овој космополитски град за да работи во градежништвото. „Тројца мажи пристигнаа како договорни работници во средината на „славните триесетти“. Потоа, бидејќи сите се познаваа во осумте асирско-калдејски села во Хакари, дојдоа и други семејства. Наместо да одат во Германија или Шведска, како и многу други членови на нивната заедница, тие се доселиле во Франција“, вели г-дин Јакан. Но тука не запреле доаѓањата. Во 1970-тите, првите доселеници западнале во долгови и им плаќале на шверцерите да ги донесат своите семејства и најблиските, а потоа се трупале во становите и работеле напорно за да ги платат своите долгови. Последователно, по Заливските војни од 1991 и 2003 година, дојде редот на прогените Ирачани од христијанска вероисповед да им се придружат.
Кога христијаните во северен Ирак побегнаа од инвазијата на Мосул и Ниневската рамнина во 2014 година од страна на Организацијата на Исламската држава (ОЕИ), солидарноста повторно влезе во игра, бидејќи г. Антони Јалап, општински советник и советник за животот на заедниците во Сарсел: „По нападот врз Мосул од страна на ДАЕШ, младите од градот веднаш го создадоа Комитетот за поддршка на христијаните во Ирак [CSCI]. Среде Светско првенство во фудбал протестиравме пред Собрание и го слушнаа нашиот глас. Сарсел стана прво место за добредојде на христијаните од Ирак, со педесет социјални домови. “
Докторантката Клер Лефор ја нагласува „важноста на улогата на дијаспората и транснационалните мрежи“ во овие движења на населението и во нивната интеграција во земјите домаќини[1]. Без разлика дали се Асиро-Халдејци во Сарсел, Ерменци во Алфорвил или Меудон, па дури и либански Маронити во Иси-ле-Мулино, оние кои често ги нарекуваме „христијани од Исток“ (прочитајте ја содржината од другата страна) на тој начин ја покажуваат нивната генијалност и снаодливост за да им помогнат на нивните истоверници кои штотуку пристигнале или кои останале во својата земја.
Тие, исто така, можат да сметаат на помала строгост од француските власти, наследство од стара традиција која датира од времето кога Франција стана „заштитник на христијаните од Истокот“ по капитулациите потпишани во 1535 година помеѓу Франсоа I и Големата порта. Дури и денес, таканаречените „христијани од Истокот“ пред сè се перцепирани како „малцинство кое треба да се заштити“, потсетува Тигран Јегавијан, автор на книга на оваа тема[2]. Овој специјалист, сепак, забележува дека геополитичките одложувања на Франција и другите западни сили на Блискиот Исток „само го зголемија страдањето на оние за кои тврдат дека ги штитат“. Цели на радикалниот исламизам, тие мора да страдаат и од недовербата на нивните сонародници: тие понекогаш се доживуваат како „петта колона“ на Западот кој не ги напуштил своите империјалистички амбиции на Блискиот Исток.
Следејќи ги тројцата нивни претходници, Асиро-Халдејците кои пристигнаа во 1980-тите и 1990-тите во Оаз брзо добија азил од Француската канцеларија за заштита на бегалци и лица без државјанство (Ofpra). Во ноември 2010 година, по нападот на црквата во Багдад во кој загинаа повеќе од 50 луѓе, министерот за имиграција Ерик Бесон објави дека Франција е подготвена да пречека 150 Ирачани со христијанска вероисповед. Иако гестот е поздравен, беше и многу критикуван во Париз. Хошам Давуд, антрополог во Националниот центар за научни истражувања (ЦНРС), ја повикува владата да не ги „бира жртвите“ во време кога сите Ирачани го трпат насилството од нападите извршени од групи кои тогаш беа поврзани со небулозната Ал Каеда[3].
Кога зборуваме за фаворизирањето на Асиро-Халдејците и користа која ја имаат од француските власти, г. Иса Јалап се нервира. Тој, кој се гордее што научил француски на улица, нè уверува дека неговата заедница успеала да се интегрира, но со труд. Во својата работилница за шиење, на булеварот де Себастопол во Париз, овој горд 50-годишник се сеќава на годините кога работел како лудак на својата машина за шиење во областа Сентие. Денес, на чело на сопствена компанија за облека, човекот кој се гордее со тоа што е првиот во својата заедница што ја повикал арамејската пејачка– Јулијана Јендо – на неговата венчавка, на која поканил 2.500 луѓе, гордо кажува: „ Донесов една млада роднина во Франција, чиј татко и брат починаа еден месец откако Мосул беше заземен од ДАЕШ. И најдовме студио, а јас и моите браќа финансиски ја издржуваме“. Тргајќи ја својата бела коса наназад, тој тврди дека отсекогаш успевал сам. Кога некој зборува со него за француските здруженија кои им помагаат на христијаните од Истокот, тој ги крева рамениците: „Заборавете ги. Тие не прават ништо. “
Во поранешните простории на AACF во Сарасел, каде што сега се сместени канцелариите на списанието Ninway, посветено на асирско-калдејската култура, г-дин Антони Јалап, координатор на CSCI и општински советник (Социјалистичка партија, PS), кажува со недоумица: „Контактиравме со Œuvre d’Orient, но тие работат за нив, а ние за нас, со наши претставници. Од друга страна, немаме никаков контакт со SOS Chrétiens d’Orient, кои се десница, па дури и крајна десница. Ние се дистанциравме од нив од самиот почеток, кога сакаа да го преземат она што го прави нашиот комитет“.
Кои се „врските“ на Асиро-Халдејците од Сарсел? Пред сè, градското собрание кое можеше да им го понуди она што г-дин Јалап го опишува како „врски меѓу победници“. Така, г. Франсоа Пупони, градоначалник (ПС) на Сарсел од 1997 до 2017 година, го постави првиот официјален меморијален споменик во светот во 2006 година во знак на почит на жртвите на асиро-калдејскиот геноцид, „Сајфо“, извршен од Османлиите помеѓу 1914 и 1920 година.
Градскиот советник, исто така ја инаугурираше „Асиро-Халдејската градина“ (23 април 2016 година) и „Ерменската градина“ (18 април 2015 година), секоја во знак на сеќавање на стогодишнината од геноцидот што го претрпеа овие две заедници. Покровителство? Во 2020 година, меѓу дванаесетте Асиро-Халдејци избрани на општинските избори, некои сепак се појавија на листата спротивна на онаа предводена од г-дин Пупони.
Јужно од Париз и Сарсел, Алфорвил раскажува за уште еден егзил од Истокот. Во овој град од работничката класа, не беа тројца, туку четворица, кои на крајот на геноцидот во 1915 година најдоа работа во фабриките за хартија и во фабриките од металуршката индустрија. „Ерменската црква на улицата Гуџон во Париз објави дека таму вработуваат, па Ерменците почнаа да се населуваат во Алфорвил“, вели г. Севан Ананиан, специјалист за историјата на оваа заедница [4].
Во Париз, во катедралата Сен-Жан Баптист на раскошната улица Жан Гужон, господинот Вахан Ховханесиан, архиепископ на Апостолската црква на Ерменија, се потсетува на Ерменците, „синоним за дијаспората“. Соочен со невладини организации (НВО) како што е SOS Chrétiens d’Orient, кои кажуваат дека нивна главна цел е „да им се помогне на христијаните од Истокот да останат дома, на Блискиот Исток“, тој кажува со лутина: „Лесно е да се зборува во име на луѓето, но кога сте цел на исламисти или некои други, што треба да направите? За прелатот, „да се биде Ерменец не треба да значи да се мумифицираш. Ние сме горди на нашето минато, но тоа не значи дека треба да ја занемариме нашата иднина. „Како? „Каде и да одат, Ерменците градат прво црква, а потоа училиште.“
Во Алфортвил, покрај црква за секоја веросиповед, Ерменците имаат училиште од 1978 година. За г-дин Ананијан, „дом“ е овој приградски град каде неговото семејство им дало ерменски имиња на села на нивните маала и можете да купите суџук ( колбас) во самопослуга Арарат: „Во сите ерменски заедници постои сентиментална приврзаност кон градот во кој предците се „повторно вкоренет“, објаснува тој. Директорката на Домот на ерменската култура (MCA) во Алфорвил, г-ѓа Аракс Дер Кеворкијан објаснува: „Чувствуваме должност и обврска кон Французите од една страна, а од друга, должноста да ја зачуваме нашата ерменска култура, во спомен на нашите предци кои претрпеа обид за истребување. Си велиме дека немаме право да дозволиме ова наследство да исчезне.“
Во париското седиште на здружението Œuvre d’Orient, со кое претседава, г-дин Паскал Голниш, генерален викар на Ординаријатот на источните католици во Франција од 2014 год.,зборува повнимателно: „Дијаспора без потекло и територија од каде потекнува е слаба, и обратно. Она што е потребно е тие да бидат комплементарни“. За историчарот Бернард Хејбергер, „не можеме да зборуваме за една дијаспора, туку за неколку, со различни истории и идеолошки референци“. И поголема или помала леснотија во одржувањето на изворната култура. И покрај тоа што го предава јазикот на училиште и културните активности во ЦУРМ, г-ѓа Кеворкјан признава дека „многу е тешка задачата кога културата не е дел од секојдневниот живот“.
Роден во Иши,село старо илјадници години, во Анадолија, пристигнал во Франција на 11 години, г-дин Стефан Јалап, координатор на Унијата на Асиро-Халдејците од Франција (UACF), исто така со седиште во Сарсел, се соочува со истиот проблем. „Се обидувам да ги учам арамејски моите деца, но тоа е комплицирано. Што се однесува до курсевите што ги нуди нашето здружение, младите кои имаат активен живот немаат секогаш време да ги следат“. Дали честите престои во земјата на потекло не можат да помогнат да се зачува практиката на јазикот? Многу од нашите соговорници се категорични: за нив не станува збор за враќање во Турција, каде што нивните соверници сè уште трпат прогон. И сите инсистираат на желбата да се интегрираат членовите на нивната заедница, особено жените, што би ги поттикнало да ја фаворизираат употребата на францускиот дома, на штета на арамејскиот.
Сепак, оваа интеграција не ги спречува меѓусебните и значењето на браковите во заедницата. Епископот Голниш предупредува на опасностите од оваа ендогамија: „Тоа е начин да се заштитиме себеси, но внимавајте да не изгледате како резерват со Индијанци. “ Зафатен во својата шивална, г-дин Јалап се нервира. Според него, 90 отсто од браковите навистина се внатре во заедницата, но, има и значителен напредок, практиката на принудни бракови исчезнала. И, иронично, токму црквата, цементот на заедницата, би била одговорна за меѓусебното спојување, бидејќи нејзините активности би промовирале средби меѓу идните младоженци.
Преведено од: Маја Малиновска
Фусноти:
[1] Cf. Claire Lefort, « Derrière le paravent des “minorités religieuses” au Moyen-Orient : exemples irakiens », in Jérôme Bocquet (sous la dir. de), « La France et les “chrétiens d’Orient”. Écrire une histoire dépassionnée », Les Cahiers d’EMAM, n° 32, Études sur le monde arabe et la Méditerranée, université de Tours, 2020.
[2] Tigrane Yégavian, Minorités d’Orient. Les oubliés de l’Histoire, Éditions du Rocher, Монако, 2019.
[3] Hosham Dawod, « Chrétiens d’Irak : ne choisissons pas nos victimes ! », Le Monde, 9 ноевмри 2010.
[4] Sévan Ananian, Alfortville et les Arméniens. L’intégration réciproque, 1920-1947, едиција A. Val-Arno, Bois-Colombes, 1999.