Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Алис Нил и нејзиното бојно поле

Неколку недели пред нејзината смрт, таа изјавува, како што е цитирано во каталогот на претстојната изложба во октомври 2022 година во Центарот Помпиду[i]: „Во политиката како и во животот, отсекогаш сум сакала губитници, аутсајдери“.

од Мари-Ноел Рио
Новинар


Фото: Daian Gan/Pexels

Таа беше скоро непозната во поголемиот дел од нејзиниот живот и скромно призната за нејзиниот придонес на неговиот крај. Денес, триесет и седум години по нејзината смрт, придонесот на Алис Нил почнува  „официјално“  да се признава. Може да бидеме задоволни, бидејќи нејзините слики наидуваат на сé поголема публика. Можеме исто така да бидеме зачудени: што е она кое го овозможи овој блескав успех после толку многу години рамнодушност?

Родена во Пенсилванија во средна класа, Алис Нил (1900-1984) дипломирала во 1925 година на Факултетот за дизајн во Филаделфија за жени, уметничко училиште за жени во Филаделфија. Еден пропаднат брак, изгубено дете, тешка депресија, многу љубовници, две момчиња кои ги одгледува сама, потоа триесет години тежок живот во Њујорк – во Гринич Вилиџ, потоа во шпански Харлем.

Таа не заработува многу пари и има малку корист од нејзината работа. За време на Големата депресија, таа заработува од програмите за јавни набавки воспоставени од Њу Дил од 1933 до 1943 година – во Проектот за државни уметнички дела и Управување со работни проекти во кои зедеа учество околу 10.000 уметници во тоа време. Таа се бори во комунистичките редови за еднакви права за сите, Афроамериканците, жените… и соработува во неколку наврати од 1946 година со комунистичкиот месечен  весник  Masses and Mainstream.

Во 1955 година, за време на Макартизмот, таа беше испрашувана од Федералното биро за истраги (ФБИ), кое ја следеше некое време и во својот извештај ја дефинираше како „романтична боемка од комунистички тип“. Дури и пред да се приклучи на Комунистичката партија на САД (CPUSA) во 1953 година, Нил навистина го направи својот политички избор во корист на комунизмот.

На почетокот на Студената војна, триумфираше апстрактниот експресионизам – извезен во Европа благодарение на честопати окултната поддршка на ЦИА на различни кругови и фондации – од кои најпознати личности се Џексон Полок и Марк Ротко[i]. Во 1944 година, Пеги Гугенхајм, колекционерка  и долго време влијателна сопственичка на уметнички галерии, изјави дека во светот кој се бори против фашизмот, самиот чин на сликање на модерен (т.е. апстрактен) начин е еден вид на политичко дејствување[ii].

После поразената нацистичка Германија, овој слоган, кој претвора еден вид на  уметност во оружје во служба на слободниот свет и демократијата, си наоѓа и нова цел: културната студена војна која ќе биде неверојатно ефикасна. Нил, таа, од друга страна си поставува задача да ја наслика „човечката комедија“, читајќи го Балзак на кого му се восхитува.

Платно по платно, таа работи да ги наслика своите ближни, оние околу неа, во нивната сложеност, нивната различност, нивната виталност, нивните трагедии. Таа се обидува да ја прикаже целата индивидуа која позира за неа, нејзината личност, како и нејзиното општествено битие: „Кога портретот е успешен, тој ја одразува културата, времето и многу други работи“ [iii]. Како што истакнаа нејзините блиски, таа го сакаше губитникот во херојот и херојот во губитникот… Таа е, да го употребиме изразот на Шарл Бодлер, „сликар на модерниот живот“.

Исто како и Едуар Мане, Пол Сезан – и уште еден друг херој на Нил – Винсент Ван Гог или како големите експресионисти Оскар Кокошка, Жорж Грос, Ото Дикс. Нејзиниот реализам е избор направен во она што го гледа, насилен, јасен сликовен израз на реалноста, без разлика дали се тоа нејзините модели или улиците на Њујорк: реконструкција, преку сликарството, на видливиот свет, но  тоа не е негова едноставна претстава,туку негова идеализација. Нејзиниот сликовен стил, високо личен фигуративен експресионизам, не само што е против  новите движења, туку погрешно ставен  во  малиот американски авангарден свет, во таборот на „социјалистичкиот реализам“.

Вистина е дека нејзиниот пријател Мајк Голд, основач и главен уредник на месечниот весник The New Masses и  колумнист на комунистичкиот дневен весник Daily Worker, кого го портретираше двапати, избра да ја дефинира како „пионер на социјалистичкиот реализам во американското сликарство“. Но Голд беше борец кој не се плашеше да оди до крај.

Кога Поп Артот  го врати фигуративниот начин на сликање во мода, Нил почна да се препознава во него. Прво недоразбирање: таа го мрази мазното и комерцијално маскирање на ова ново движење на човечката различност. Во 1976 година, нејзината работа беше прикажана во Жени уметници (Women Artists  1550-1950) во Музејот на уметност во округот Лос Анџелес, изложба организирана под притисок на феминистките кои се заканија дека ќе го дека ќе го тужат музејот затоа што не прикажува женски уметници. Второ недоразбирање:таа ги поддржува феминистичките борби од 1960-тите и 1970-тите, учествува во многу демонстрации, ги портретира личностите на движењето како Кејт Милет, Мери Гарард, Линда Ноклин…, но одбива да ја поврзе својата уметност со било кое движење. И протестира против критички настроените жени за кои вели дека ќе ве почитуваат ако ја насликате вашата анатомија, но „немаат  ни трошка почит кон вас ако сликате злоупотребена социјална класа“.

Таа ги слика суштествата како што ги гледа, без да ги разубавува или хероизира, во раскошот и бедата на животот: голи, сексуални тела, болни, стари (нејзиниот портрет на Енди Ворхол е впечатлив), бремени, уморни, дебели жени, старци, деца, таа самата гола на осумдесет годишна возраст, деформирана од годините, со очила на носот и четка во рака. Неколку недели пред нејзината смрт, таа изјавува, како што е цитирано во каталогот на претстојната изложба во октомври 2022 година во Центарот Помпиду[iv]: „Во политиката како и во животот, отсекогаш сум сакала губитници, аутсајдери“.

Ако, под поттик на британскиот историчар на уметност Џереми Левисон, Музејот на ликовни уметности во Хјустон и други важни европски институции, од Лондон до Хамбург, во голема мера ги прикажуваат делата на Алис Нил од 2010 година, [v]  тогаш за првпат  дури во пролетта 2021 година е пикажана ретроспективна изложба во Њујорк, во Метрополитен музејот на уметност (Мет), најпрестижниот од американските музеи, со наслов Alice Neel: People Come First (Алис Нил: Луѓето пред сé) , цитат преземен од интервјуто со уметникот со Мајк Голд за Daily Worker.

Каталогот ги споменува накратко европските изложби,во неколку фус ноти. Претежно е посветен на биографијата на Нил, нејзиниот „радикален феминизам“, нејзината „општествена посветеност“, нејзините „хуманистички принципи“, нејзината „емпатија“, тој ја направи „шампион на социјалната правда“ и речиси не кажа ни збор за нејзината уметност, освен  тоа што го квалификува уметникот како „радикален сликар“, што е малку тешко да се разбере[vi].

Да се ​​занимаваш само со делото, како што тоа често се прави традиционално  во историјата на уметноста, значи да се игнорира балансот помеѓу реалното искуство и симболичкиот превод што го прави еден уметник, во дадено време, на неговиот посебен јазик, способен да стане универзален. Но, да се сведе уметникот само на неговата биографија и неговиот социјален контекст, на морални вредности, значи да се сведе неговата уметност на едноставна илустрација на овие вредности, па дури и да се негира неговата специфичност.

Нил, сепак, инсистира во неколку наврати: нејзиното сликарство е „бојно поле“, не само по својата амбиција да им даде облик на оние што го немаат, туку и да им даде облик на она што го нема. Она што е карактеристично за секоја вистинска уметничка амбиција.

Во петте есеи од нивниот каталог, Метроплитен  ја евоцира уметноста на Нил само за да ја претстави во  договорен наратив, за да контролира како, колку и во што уметникот одговара на овој наратив, како, колку и во кои дела, намалени овде за статусот на илустрации, претставуваат сведоштво или убедлив доказ за исправноста на нејзините ставови кон малцинствата.

Ако таа или нејзините дела се критикувани, таа е љубезно искарана, не без попустливост. Така, каталогот посветува 14 страници на хуманистичкиот активизам на Нил (наместо комунизмот, именуван алузивно, не без извесно колебање), 26 страници на нејзината феминистичка борба, 14 страници на нејзината  вклученост во расистичкото прашање, 22 страници на нејзината  врска со родот и сексуалните  малцинства (Енди Ворхол и неговите суперѕвезди заземаат 5 страници). И, чудно, 12 страници посветени на апстракцијата  во нејезиното сликарство, кои би имале длабоки афинитети со онаа на Пиет Мондријан преку нивниот нагласен вкус за џез…

Редоследот на каталогот, како и на изложбата, се споени:  делата се групирани заедно во однос на овие теми, без грижа за хронологијата, која сепак би била просветлувачка за разбирање на напредокот на уметникот. Се подразбира дека естетиката е поврзана со претставата на светот. Но, зошто, кога во 2016 година, New York Review of Books можеше да го поттикне влијанието на комунизмот во односот со светот на Нил и како и со нејзината уметност, Метрололитен, специјализираниот печат и нејзината официјална биографија[vii], тие избираат да направат од неа пред сè  фигура – предвесник  на денешните малцински движења?

Како одговор на ова, критичарот Бен Дејвис објави сензационален напис во Artnet News (18 април 2021 година): „Комунизмот на Алис Нил е суштински за нејзината уметност. Тој може да се види на „бојното поле“ на нејзините  слики и нејзиното безмилосно портретирање на нејзиниот син “ (Ричард, кој стана поддржувач на Ричард Никсон, кој беше висок извршен директор во Pan Am Airways, тогаш ликвидатор на National Airways во корист на приватниот пазар).

Интересот за нејзината работа несомнено е поттикнат од моменталната клима“, рече Роксана Азими во Монд (28.12.2017год.) по повод првата серија нејзини изложби во Европа. Но, зарем ова не е начин да се ослободиме од сериозно испитување на уметноста на Нил, нејзините  избори и нивниот третман: од нејзините  омилени теми, од нејзините модели до нејзиното одбивање на натурализмот, нејзиниот оригинален реализам, нејзиниот наметлив експресионизам, накратко, нејзината палета, нејзиниот сликарски стил …

Оваа тврдоглава независна уметница ги сликаше улиците каде што живееше, луѓето што ја опкружуваа, во нивната разновидност на класи, судбина, кожа и желба, таа бараше доследност и вистина со помош на нејзината уметност – сопствена „човечка комедија“, единствена, впечатлива , тешко согледлива во проектот на Метрополитен, според сегашните стандарди.

Преведено од: Маја Малиновска


Фусноти:

[i] Cf.  Frances Stonor Saunders, Qui mène la danse ? La CIA et la guerre froide culturelle, Denoël, Париз, 2003 год. Cf .  исто така, Emmanuelle Loyer, « L’art et la guerre froide », во Art et pouvoir, de 1848 à nos jours, CNDP, Париз, 2006 год.

[ii] Цитиран од Serge Guilbaut во Comment New York vola l’idée d’art moderne, Jacqueline Chambon, Париз 1988 год.

[iii] Интервенција во 1971 година во Moore College of Art and Design во Филаделфија, ново име за институцијата каде што студирала.

[iv] Alice Neel, un regard engagé, под раководство на d’Angela Lampe, éditions du Centre Pompidou, Париз, 2020 год., 160 страници, 32 евра.

[v] Cf. Jeremy Lewison (под раководство на), Alice Neel, Painter of Modern Life, Mercatorfonds/Yale University Press, 2016 год.

[vi] Kelly Baum и Randall Griffey (под раководство на), Alice Neel: People Come First, The Metropolitan Museum of Art, Њу Јорк, 2021 год,, , 256 страници, 50 долари.

[vii] Cf. Phoebe Hoban, Alice Neel : The Art of not Sitting Pretty, David Zwirner Books, Њу Јорк  2010 год. (2021). Cf. également : Alice Neel, entretiens de Patricia Hills avec l’artiste, Harry N. Abrams, Њу Јорк , 1983 год.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW