Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Активистите за независност се обидуваат да бидат зелени

Од доаѓањето на Зелените во шкотската влада во мај 2021 година, шкотската премиерка, дотогаш поддржувач на фосилните горива, се обиде да го направи својот говор ‚зелен‘. Со ризик да се отуѓи дел од сепаратистите.

 


Од нашиот специјален дописник Лу-Ев Попер*
*Новинар.


Фото: pexels/pixabay

На ретката парламентарна седница во ноември минатата година, шкотската премиерка Никола Старџен конечно ги објави овие експлозивни зборови: „Мислам дека на проектот Камбо не треба да му се даде зелено светло“.[1] Камбо, именуван по огромното нафтено поле откриено во 2001 година во близина на Шетланд. Во тоа време, мултинационалната компанија Шел беше во процес на добивање лиценца за работа од регулаторот, Управата за нафта и гас (ОГА). Дупчењето мора да започне веќе во 2022 година и да произведе не помалку од 170 милиони барели нафта. Тоа е еквивалент на 18 електрани на јаглен кои работат со полн капацитет една година, според еколошките активисти, кои со месеци ја повикуваат шкотската влада да се изјасни против проектот. Во реалноста, просторот за маневрирање на премиерката е ограничен со оглед на тоа што во Лондон се одлучува за пошироките насоки за британската енергетска политика. Но, нејзиниот збор има тежина и активистите го знаат тоа. Всушност, нејзините забелешки дејствуваат како експлозија во секторот на нафтата и гасот. Во декември 2021 година, Шел се повлече од проектот Камбо на следниов начин: „По темелно разгледување, заклучивме дека неговиот развој засега не е доволно економски исплатлив“, вели нафтениот гигант.[2] Еколошките здруженија ликуваат.

На политичката сцена, Старџен е нападната од сите страни. Прво од Конзервативната партија, која ја обвинува дека „ја преминала црвената линија и ја напуштила шкотската нафтена и гасна индустрија“,[3] но и од нејзиниот сопствен блок, Шкотската национална партија (СНП). Еден од водачите на групата,  Фергус Мач, се жали на „малата музика која беше пуштена против секторот“.[4] Горчлива изјава која не е изненадувачка со оглед на историјата на овој политички тренд.

СНП започна да добива гласови во 1970-тите, кога беа откриени првите депозити во Северното Море. За националистите, фосилните горива се појавуваат како подарок од рајот, синоним за економска независност на нивната Шкотска. Нивниот слоган на кампањата е: „Тоа е наша нафта“. Кога СНП дојде на власт во 2007 година, партијата веруваше дека овие наоѓалишта на фосилни горива – ќе и овозможат на Шкотска да се ослободи од контролата на Лондон. Истото се случи и во 2014 година, за време на дебатата за референдумот за независност на Шкотска. „Во нивниот политички манифест, се очекуваше дека 8 отсто од приходите на државата ќе дојдат од таму“, вели Дејв Моџам, генерален секретар на Шкотскиот конгрес на синдикатите (СТУЦ), кој тврди дека има половина милион синдикалци. Кога се изјасни против проектот Камбо, премиерката на тој начин му го сврте грбот на целото наследство на нејзиното политичко семејство.

Гест кој е уште порадикален, бидејќи Старџен долго време е непоколеблив поддржувач на индустријата на фосилните горива. Кога стана премиерка во 2014 година, официјалната политика на Шкотска за депозитите на фосилните горива остана иста: екстракција до последната капка. Но, како што одминуваат годините, климатската криза постепено зема замав – и резервите на црното злато дефинитивно се намалуваат. Се повеќе и повеќе, активистите за независност ја промовираат обновливата енергија како нов излез… Додека продолжуваат да гледаат на ресурсите во Северното Море.

Меѓутоа, во мај 2021 година, беше отворено ново политичко поглавје за СНП. Националистите победија на шкотските парламентарни избори, но апсолутното мнозинство за влакно им избегна. Старџен тогаш предложи коалиција со локалните Зелени, исто така определени за независност, но жестоко се спротивстави на новите дупчења во Северното Море. Двајца функционери од шкотската Зелена партија влегоа во владата и неколку месеци подоцна, премиерката срамежливо повика на „повторна проценка на проектот Камбо“.[5] Истовремено, британското општество сè повеќе се мобилизира во врска со фосилните горива. Во октомври, организацијата Гринпис одржа настан пред Даунинг стрит (седиштето на британскиот премиер), прскајќи ја лажната статуа на премиерот Борис Џонсон со црна супстанца што капе. Во Единбург, млади активисти за заштита на животната средина преземаат директна акција против директорот на компанијата Шел, кој е поканет на локална конференција за климатските промени. На политичката сцена,  Кеир Стармер, водач на британската Лабуристичка партија, ја повикува британската влада да се откаже од проектот Камбо. И 26-тата годишна конференција на ОН за климата (КОП26), која ќе се одржи во Глазгов, брзо се приближува.  Старџен, која се претставува како лидер за климата, станува сè позасрамена. Неколку дена пред самитот, таа одлучи на симболична мерка: да стави крај на политиката на Шкотска за неограничено вадење на фосилни ресурси.

Но, Старџен и понатаму е обвинета од еколошките здруженија дека игра двојна игра. Неколку дена по завршувањето на КОП26, таа зазема став против нафтеното поле Камбо. „Таа немаше избор, притисокот беше преголем“, изјавува Рајан Морисон од добротворната организација „Пријатели на Земјата“ во Шкотска. И покрај тоа што ја поздравува нејзината изјава, тој сепак останува претпазлив: „Дали таа начелно се противи на отворањето на сите нови нафтени полиња во Северното Море? Сè уште не е јасно.“ Став споделен од страна на  Гај Андерсон, водач на Зелените од Абердин: „Мислам дека Никола Старџен е пред сè одлична комуникаторка. Во однос на животната средина, таа е задоволна да ја прилагоди својата политичка порака бидејќи нема цврста идеологија.“ На КОП26, Шкотска избра да не се приклучи на Коалицијата за нафта и гас, еден дипломатски сојуз на дванаесет земји, кој се обврза да престане да издава нови нафтени и гасни лиценци. Сепак, шкотската влада најави разговори со коалицијата за идното членство.

Војната во Украина повторно го стави премиерот во критична позиција.  Џонсон повика на зголемување на производството во Северното Море со цел да се изолира рускиот претседател Владимир Путин и да се обезбеди снабдувањето со енергија на Велика Британија. На оваа одлука веднаш се спротивстави претседателката на шкотската влада. „Климатската криза не исчезна во меѓувреме“, му одговара таа.[6] Пред шкотските конзервативци,  Старџен истакна дека суровата нафта од Северното Море главно се извезува во странство, бидејќи земјата ја нема потребната инфраструктура за нејзино рафинирање. Од своја страна, еколошката организација Аплифт нагласи дека фосилните горива во Северното Море не припаѓаат на Обединетото Кралство, туку на – мултинационалните компании кои и ги експлоатираат. Во случај на зголемување на производството, тие ќе продолжат да го продаваат својот производ на оној што ќе понуди најмногу.

Комитетот за климатски промени, британскиот еквивалент на Високиот совет за климатски промени, исто така, изјави дека развојот на нови нафтени и гасни полиња, најверојатно, нема да помогне во намалувањето на цената на фосилните горива. Последните навистина се договараат на меѓународниот пазар. Поради експлозијата на цените, големите меѓународни нафтени компании се на работ да жнеат огромен екстра профит, без преседан. Во февруари Лабуристичката партија, поддржана од шкотските Зелени, предложи воведување единствен данок на добивката на нафтените компании. Но  Старџен одби целосно да ја брани мерката. Користејќи двосмислена формула, таа повика на „фер оданочување“, но се спротивстави на идејата дека „само заедниците, работните места и инвестициите во североисточна Шкотска треба да ја платат цената“.[7] Ова повторно ќе создаде поволна клима за индустријата за фосилни горива. Во март, мултинационалната компанија Шел посочи дека, сепак, ќе го преиспита својот предлог за проектот Камбо.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Andrew Learmonth, « First minister : I do not think that Cambo should get the green light », Holyrood magazine, Edinburgh, 16.11.2021.

[2] Fiona Harvey, « Shell pulls out of Cambo oilfield project », The Guardian, London, 02.12. 2021.

[3] Glenn Campbell, « Nicola Sturgeon : Cambo oil field should not get green light », BBC News, 16.11.2021.

[4] Alistair Grant, « Former SNP figures raises fear for north-east after Shell pulls out of Cambo oilfield », The Scotsman, Edinburgh, 03.12.2021.

[5] Adam Forrest, « Nicola Sturgeon calls on Boris Johnson to « reassess » Cambo oil field plan », The Independent, London, 12.08.2021.

[6] Alistair Grant, « FM rejects call to « deal blow to Putin » by increasing North Sea oil production », The Scotsman, 11.03.2022.

[7] « Paul Hutcheon, « Scottish Greens back windfall taw after SNP failed to support Labour proposal on oil and gas firms », Daily Record, London, 07.02.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW