Le Monde Diplomatique – Македонско издание

„Ѕвездени мигови“ на правната глобализација – три историски минијатури

Овие три холандски минијатури оформени од тројца брилијантни холандски правници, ни исцртуваат само дел од контурите на денешниот глобален економски и правен поредок. Нормално светот е многу покомплексен, но тие не се без значење. Без двоумење овие три модалитети имаат важен удел во правната глобализација, односно прифаќањето на принципите и стандардите на овие правни инструмети создава основ и ја потикнува светската трговија

Илија Руменов


Фото: Giammarco Boscaro / Unsplash

Штефан Цвајг во своето дело „Ѕвездените часови на човештвото – дванаесет историски минијатури“ ѕвездениот миг го објаснува на следниов начин:

“Така ни историјата, на која сите и се воодушевуваме како на најголема поетеса и сликарка на сите времиња, не е непрекинат творец.  И во таа таинствена божја работилницасе одвиваат безброј неважни и секојдневни работи. Таму, како и секаде во уметноста и животот возвишените и незаборавни мигови се ретки. Во поголемиот дел, како хроничарка таа рамнодушно и истрајно ниже јазол за јазол во онаа бескрајна низа која се простира милениуми, факт по факт, бидејќи за секој напон потребно е време да се генерира, за секое вистинско случување потребно е време да се припреми. На секој народ му се потребни милиони луѓе за да се роди гениј, на времето му се потребни милиони јалови светски часови пред да се појави еден навистина историски, еден ѕвезден час на човештвото.“

Економијата во своето постоење низ човештвото има многу повеќе „ѕвездени мигови“ отколку нејзината конзервативна роднина „правото“. Од изумот наречен „пари“, до најсовремените начини на тргување, поврзувањето на економијата е секогаш транснационално бидејќи „парите се најуниверзалниот и најефикасниот систем на заемна доверба што постоел кога и да е“ и „парите се единствениот систем на доверба создаден од луѓето кој може да го премости секој јаз меѓу културите, не дискриминира врз основа на религија, род, раса, возраст или сексуална ориентација. Благодарение на парите, дури и луѓето кои не се познаваат и не си веруваат можат делотворно да соработуваат.“ (Јувал Ноа Харири, Сапиенс) Динамиката на економијата е секогаш под влијание на различни историски моментуми условени од технолошки откритија кои го поттикнуваат развојот на општеството. Оттука, по аналогија нераскинливата поврзаност на економијата и правото би требало за правото да значи, постојан развој на правото, но евидентните историски околности покажуваат дека правото доцни во својот развојот.

За разлика од економијата, правото дури во последните 60-70 години развива системи кои одговараат на новата економска динамика. Како и секој конзервативен роднина кој ќе се подослободи, така и со правото се случува еден парадоксален момент. Конзервативноста на правото значи и стабилност и сигурност, односно предвидливост, па така луѓето ги знаат правилата на игра и развиваат модалитети како да остварат профит или како да остварат некои права во познати модели на игра. Да кажеме, Јустинијановата кодификација била на важност илјадници години по нејзиното кодификување, важејќи дури до ренесансата во Италија, односно до падот на Константинопол. Францускиот граѓански законик повеќе од двестотини години претставува репер на уредување на граѓанските работи во континентална Европа. Тука можеби и лежи основот на помалиот број на „ѕвездени мигови“ на правото. Едноставно луѓето сакаат правото да им биде познато и се резистентни на промени. „Ослободувањето“ на правото со себе носи и друг проблем на пре-регулирање на одредени аспекти, предимензионирање на деталите кои доведуваат до поголема ригидност на структурата, а како и секоја покрута структура, таа неминовно тежнее кон кршливост.

Оттука, потребно е навистина многу време и историски околности да се создадат „ѕвездени мигови“ на правото, особено во време на глобализацијата, но исто така потребно е тие да бидат консумирани и прифатени од општеството. Овој текст ќе разгледа три минијатури на прекуграничната соработка која го зацврстува денешниот економски поредок и доведува до поголема правна сигурност.

  1. Њујоршката конвенција за признавање и извршување на странски арбитражни одлуки од 1958 година

Во 1958 година, Џон Колтрејн го издава својот албум Blue Train (Blue Note), Канонбал Адерлеј го објавува легендарниот албум со Мајлс Дејвис, Somethin’ Else (Blue Note) и прекрасната преработка на песната на Ив Монтањ (Autumn leaves- Les feuilles mortes) според текстот на Жак Превер која ќе стане џез стандард, а во исто време Сони Кларк игриво го навестува звукот на шеесеттите со Cool Struttin’ (Blue Note) додека Мајлс Дејвис го рекомпонира својот најдобар секстет и го издава легендарниот албум Milestones (Columbia). Во исто време ОН во соработка со Меѓународната трговска комора (ICC) работат на еден инструмент кој ќе стане еден од најуспешните легислативни меѓународни договори.

На прв поглед, овие факти изгледаат неповрзано, но ако се погледнат поблиску и доколку се познава нивната историја тие се длабоко аналогни. Временската резонанса што овие платформи ја имаат се протега низ декадите што ќе дојдат после нив. Колтрејн после албумот Blue Train се наметнува како бенд лидер и понатаму ќе ги отвори портите за авангардот. Неговата соработка со Мајлс Дејвис на Milestones заедно со Канонбал Адерлеј е само предвестие за најдобриот џез албум на сите времиња Kind of Blue, додека Канонбал Адерлеј  адаптира француска шансона од најпознатиот француски поет на 20ти век и ја претовара во џез стандард. Енергијата која била присутна таа 1958 година претставува кулминација на пост-воениот свет. Иако судирот помеѓу истокот и западот се заоструваат, едноставно светот сакал да каже дека соработката е основа на новиот свет. Музиката ги руши тогашните бариери, се отвораат можностите за еднаквост на расите во САД. Во идните декади ќе се освојуваат нови пространства, вселената и месечината, додека правните мостови, тука на земјата биле непостоечки. Правните поредоци сè уште се регенерираат од последиците на втората светска војна, надополнети со недовербата на двата блока исток-запад. Во такви односи, ОН започнуваат со размислување како да се премости таа недоверба односно како да се создаде мост кој би ги премостил различните принципи на кои се создадени правните системи од истокот и западот особено од аспект на правото на правна заштита.

Судската власт како една од трите власти е неминовно поврзана и предетерминирана од општествените односи и важечкиот политички систем. Ако постои недоверба во политичкиот систем, неминовно таа ќе се протега и врз одлуките кои произлегуваат од тој систем. Во такви односи, правната сигурност е минимална до непостоечка, што за прекуграничните односи значи најнепосакувана алтернатива на нештата (вредноста на нештата се одредува според нејзината најблиска алтернатива), а тоа е повторно постапување во ист спор за ист предмет помеѓу истите страни во државата каде се бара признавање на странската судска одлука. Во такви односи, субјектите се воздржуваат од соработка во сите сегменти, па економската размена се сведува на минимум.

Но, економијата во 1958 година наговествува промени. Велика Британија во 1954 година увезува од СССР стоки во вредност од 41.7 милиони фунти, додека во 1957 година вредноста на стоките скоро е дуплирана и изнесувала 70.6 милини фунти. Вредноста на извезените стоки на Велика Британија во 1954 година изнесувала 10 милиони фунти, додека во 1957 година 37.3 милиони фунти. Ембаргата за некои стоки во тој период се укинуваат и трговијата значајно расте (во 1954 година, 50 од 250 ставки биле отстранети од листата на забранети добра за кои постоела забрана за тргување). Западна Германија во источна Европа во 1956 година извезува стоки во вредност од 173 милиони долари. Велика Британија во 1956 година во Кина извезува хемикалии во вредност од 3 милиони долари, Западна Германија 27 милиони долари, а Белгија 15 милиони долари. Овие примери се доволна илустрација на економската динамика, а тоа е дека економските текови се многу понапред од политичките и правните. Иако државите се спремни меѓусебно да си постават ембарга, да изградат ѕидови помеѓу Истокот и Западот, тие се лесно премостливи, но непостоењето на правна инфраструктура е фатална за економијата и досегашниот систем на егзекватура се покажува како кобен за потребната правна сигурност во трговијата.

Брилијантната идеја како да се премости овој проблем на непризнавање на странските судски одлуки произлегува уште од најраните периоди на човештвото. Тоа е античката идеја, дека мудрите треба да се слушаат, односно споровите врз основа на волјата на странките да се доделат на приватни лица – арбитри да одлучат по определени спорови за кои е дозволено вонсудско одлучување. Со други зборови, три компоненти се потребни за да се дозволи арбитражата: прво, за тие спорови не е предвидена исклучива судска надлежност, второ, лицата да сакаат да отстапат од редовниот начин на постапување (судскиот) и да определат некој вонсудски систем да постапува по нивното спорно прашање (арбитража), а сето тоа јасно и недвосмислено да произлегува од еден арбитражен компромис и третото и најважно, правните системи да го признаат тој систем на ајудикативно одлучување.

Токму третата компонента, прифаќањето и признавањето на арбитражниот систем во меѓународната трговија е првиот ѕвездениот миг на правната глобализација. Пресимплифицирајќи го тој миг, дури имаме и име и презиме, професорот од Еразмус Универзитетот во Ротердам, Питер Сандерс (Pieter Sanders). Тој, на својата машина за пишување, седнат на убавото време во дворот на семејната куќа на неговата сопруга во Њујорк, викендот од 24-25 Мај 1958 година, ги поставува основите на „Холандскиот предлог“ кои понатаму ќе бидат основ кој ја фузионира денешната Њујоршка конвенција. Предлогот се темелел на два аспекта: промена на постоечкиот систем на двојна егзекватура (во државата каде е донесена и во државата каде се бара нејзино извршување) со единствена егзекватура во државата каде се бара извршување на арбитражната одлука и намалување на бројот на условите за признавање и извршување на арбитражните одлуки заедно со премостување на теретот на докажувањето на страната против која е насочено извршувањето.

Дали слушал го Колтрејн, Мајлс или Кларк на некој музички систем во дворот додека силно чукал по машината за пишување, прегледувајќи ги по сто пати членовите и параграфите ставени на хартија, не можеме да знаеме, но она што е сигурно, е дека неговата генијална иновација за него претставувала логички след на нештата. Самиот како што ќе каже по многу години:

Тоа беше логички продолжеток на Женевската конвенција од 1923 година, земено во предвид и искуството стекнато од тогаш и зголемената примена на арбитражата за решавање на меѓународните трговски спорови“.

Но, прашањето зошто баш тогаш, колку време било потребно да дојдеме до тој момент, можеби никогаш нема да го дознаеме, односно можеме само да нагаѓаме. Како ќе изгледал светот на глобалната трговија доколку проф. Сандерс не седнел во дворот и не чукал силно на машината поставена на неговиот скут, односно ако одлучел да прошета по Њујорк за викендот, исто така нема да знаеме. Она што со сигурност ни останува од таа 1958 година е дека компаниите од 166 држави денес слободно тргуваат благодарејќи на можноста самите да предвидат за нивниот спор да биде надлежен арбитер/арбитри, да постапуваат дискретно во канцелариите на некоја постојана арбитража во Лондон, Виена, Париз, Стокхолм, Њујорк, Љубљана, Белград или Скопје, односно да ја имаат можноста да изберат некој приватен остров на Малдивите како место каде ќе постапуваат, а притоа одлуката од таа арбитража да можат да ја признаат и извршат во било која држава во која има имот компанијата што го изгубила спорот (во тие 166 држави).

  1. Меѓународниот центар за решавање на инвестициони спорови ICSID

Конференцијата во Бретон Вудс во 1944 година е дел од најзначајните моменти на модерната историја, втемелена во нашата општа култура, а особено е значајна за секој економист и правник. Дискусиите и заклучоците од таа конференција ќе ја мапираат светската глобална економија во наредните децении. Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, односно формирањето на новиот економски поредок се нештата кои произлегуваат од таа конференција. Во средината на тие настани се Моргентау, Вајт, Мајнард Кејнз и други. Во тие судири на колосите, скоро и да е непознато името на Арон Брочес (Aron Broches) холандски претставник на оваа конференција. Овен што Лорд Мајнард Кејнз изречно му се заблагодарил за учество во подготовката на конечниот акт од конференцијата, за пошироката јавност неговото влијание на конференцијата, одржана во прекрасниот хотел од почетокот на 20тиот век во подножјето на планината Вашингтон во државата Њу Хемпшир во 1944 година, останува непознато.

Неговото влијание станува од значење во 1965 година кога како генерален советник на Светската Банка се наоѓа во средиштето на создавањето на еден арбитражен центар кој ќе биде основа за транснационалното проширување на инвестициите. Формулата за постигнување тоа претставува Вашингтонска Конвенција за решавање на инвестициски спорови меѓу држави и државјани на други држави од 1965 година која е основ за формирање на Меѓународниот центар за решавање на инвестициони спорови (ICSID). Државите понатаму создаваат мрежа на договори за заштита на инвестициите (BIT) и овој систем под задкрила на Светската Банка ги фузионира централните компоненти на преминот од политика кон правила на разрешувањето на инвестициските спорови помеѓу државите и странските инвеститори. На тој начин, инвестициските спорови, се отргнуваат од политиката, која е неминовно поврзана со судовите на државата домаќин и се пренесуваат на независно тело, кое донесува одлука врз основа на фактите, а не на политиката.

Од денешна дистанца, Вашингтонската конвенција претставува огромен успех, со повеќе од 1000 случаи до 2019 година разрешени во ICSID центарот и со пресуди во кои е досуден надомест на штета во висина од милијарди долари. Ова се е возможно благодарејќи на еден холандски правник, кој за време на втората светска војна се нашол на студии во САД и на тој начин ги избегнал стравотиите на втората светска војна (неговото целокупно семејство не го преживеало Холокаустот). Тој цврсто застанал на неговата идеја, бил прв генерален секретар на Центарот и останал на таа позиција цели 13 години, постепено градејќи ги правилата и модел одредбите и заведувајќи ги првите случаи пред тој Центар. Неговиот иницијален план бил да не работи подолго од пет години во Светската Банка, но како и сите планови, за среќа на глобалната економија не се остварил.

  1. Хашката конвенција за признавање и извршвуање на странски судски пресуди во граѓанските или трговски работи од 2019 година

1893 година за повеќето не е година во која се случило нешто позначајно. Да, во таа година е роден, Мао Це Тунг, Вон Рибентроп и Херман Геринг и во таа година починал Чајковски, но сепак за повеќето не е некоја година во која би се случил „ѕвезден миг“(освен можеби патентирањето на дизел моторот). Сепак во универзумот на меѓународното приватно право тоа е година на пресврт, најзначајната година во која се институционализира една меѓународна организација која за своја мисија ја има „прогресивната унификација на правилата на меѓународното приватно право“. Повторно за обичниот читател тоа нема да значи ништо посебно, но доколу се погледне тој универзум под микросоп, ќе се види дека основот на милиони луѓе кои во овој момент се активно вклучени во некоја меѓународна размена или се инволвирани во прекугранични ситуации (работа, бизнис, студирање, шопинг, патување, лични односи и друго) се уредува со еден или повеќе инстументи на Хашката конференција за меѓународно приватно право.

Речиси секоја прекугранична ситуација во помала или поголема мера, потенцијално може да биде предмет на некоја од 42 меѓународни инструмнети под патронажа на оваа институција. Да кажеме, еден брилијантен студент, кој сака да го продолжи своето студирање на некој од најпрестрижните Универзитети во Франција, Холандија или САД ќе има потреба да ги употреби своите досегашни квалификации во таа држава. Тоа е овозможено преку Хашката конвенција од 1961 година (Конвенцијата за апостил). Во граѓанската постапка, потребно е да се достави покана или да се прибават определени докази во друга држава, повторно тоа е овозможено со Хашките конвенции од 1965 и 1970 година. Потребно е да се олесни прекуграничната наплата на издршка – тоа го уредува на Хашката конвенција од 2007 година и нејзиниот протокол. Прекратки се овие редови да ја опишат универзалната резонанца што оваа институција со својот мултилатерализам ја има во правните аспекти на прекуграничната соработка помеѓу државите во граѓанската и трговската материја.

Годината 1893-та на 12ти Септември, се случува првата меѓународна конференција во градот на меѓународното право, Хаг во Холандија, каде еден од најзначајните холандски дипломати, правници и добитник на Нобеловата награда за мир, Тобиас Асер (Tobias Asser), ќе ја организира првата Хашка конференција за меѓународно приватно право, миг во кој ќе се започне со прогресивната унификација на меѓународното приватно право. Да не е тој миг во есента 1893 година во Хаг и доколку Тобијас Асер не ја оствареше својата визија дека со уредувањето на меѓународното приватно право се промовира мирот и правдата и дека преку поставувањето на цврсти правни рамки кои ја уредуваат прекуграничната комуникација на луѓето, денес светот ќе беше многу поголем, многу побавен и светската економија многу понесигурна.

Во 2019 година, светот повторно се соочи со еден дополнителен миг поттикнат и создаден од Хашката конференција, а тоа е донесувањето на Хашката конвенција за признавање и извршување на странски судски пресуди во граѓанските или трговски работи. Зошто е значајна? Постоењето на меѓународната трговска арбитража и меѓународната инвестициона арбитража во принцип покрива определен сегмент на правораздавањето.

На универзално ниво, остана една празнина поради непостоењето на мултилатерален инструмент кој би се однесувал на признавањето и извршувањето на странски судски одлуки. Сите правни системи имаат свои специфики и карактеристики кои се дел од нивната правна традиција. Оттука, постои опасност од инкорпорирање на тие пресуди, кои во основ потенцијално би биле некомпатибилни со правните принципи на државата во која се бара признавањето. Аналогијата би била, употреба на електричен апарат од САД на Европско тло, едноставно 110V приклучок од Њујорк не одговара на 220V штекер во Виена. Постојат две можности, едната е да се купи нов фен или лап топ во Виена, што би било непрактично, или да се купи нов адаптер. Како и да е, признавањето и извршувањето на странските судски пресуди е неопходна меѓуфаза во инкорпорирањето на одлуката на странски суд во домашниот правен систем. Крајната неповолна алтернатива во овој сегмент би била – непризнавање и упатување на повторување на постапката, што неминовно доведува до правна несигурност. Првично, токму и ваквата поставеност на правните системи ја создава почвата за развојот на арбитражите.

Во 2019 година дојде денот кога државите во светот на универзално ниво се договорија да унифицираат три значајни работи: кои странски пресуди би циркулирале по оваа конвенција, кои би требало да бидат јурисдикционите критериуми врз основа на кои била воспоставена надлежноста во државата на потекло на одлуката за да може таа да циркулира(индиректна надлежност) и кои се условите (критериуми) кои судот кој ја признава таа странска пресуда може да ги проверува. Аналогијата би била, дека државите во светот се договориле за исти стандарди на приклучок на електричните апарати (тоа е навистина доба идеја!).

Првично анализирајќи го пазарот на овој инструмент неминовно помислуваме на паралелното постоење на меѓународните арбитражи. Но, тоа е само привид дека овие инструменти би претставувале преклопување. Меѓународната трговска арбитража, како свој пазар, има различни клиенти. Тоа се побогати фирми, на кои им е битна дискрецијата и брзината. Инвестиционата арбитража се однесува на сосема други аспекти, постигнување на правна сигурност на меѓународните инвестиции, надвор од иманентно пристрасните национални судови. Хашката конвнеција од 2019  е насочена кон малите и средни компании, кои секојдневно доаѓаат во допир со свои меѓународни коминтенти, клиенти и добавувачи и кои се чувствуваат сигурно да постапуваат пред националните судови. Едноставно нема секој средства и предзнаење да оди на меѓународна трговска арбитража. Со овој инстумент на Хашката конференција на оваа категорија (и на другите) им се гарантира дека пресудата која би ја добиле од своите судови, ќе биде признаена и извршена од САД, до Европа, па натаму на истокот во Русија, Кина и Австралија. Потенцијалот што го содржи оваа конвенција е огромен, да ја олесни меѓународната трговија на сите нивоа и да допринесе уште поголема правната сигурност, мир и просперитет. Идеали, зацртани од Тобијас Асер во есента 1893 година, пред 127 години.

Резиме

Овие три холандски минијатури оформени од тројца брилијантни холандски правници, ни исцртуваат само дел од контурите на денешниот глобален економски и правен поредок. Нормално светот е многу покомплексен, но тие не се без значење. Било кој адвокат од Калкута до Најроби, од Хавана до Шангај, од Лос Анџелес до Охрид знае за овие три модалитети и како може да го оствари правото на правна заштита надвор од неговите територијални надлежности. Тоа лице знае како неговиот клиент кој се одлучил да ги надмине територијалните граници, може да биде сигурен дека утре доколку настане спор ќе има модалитет како да го наплати своето побарување, без разлика дали се работи за корпорации, цвеќарници, индивидуи или држави. Без двоумење овие три модалитети имаат важен удел во правната глобализација, односно прифаќањето на принципите и стандардите на овие правни инструмети создава основ и ја потикнува светската трговија. Едноставно, не дека без овие правни инструменти, трговијата би исчезнала, туку би била сосема поинаква. Оттука, овие редови имаат за цел да им оддадат признание и да дадат лице на нивните најзначајни архитекти, без кои светот би изгледал сосема поинаку доколку го немале тој „зведен миг“ и да потсети дека за правилна примена на идеите се потребни децении и векови да се подготват, но и потребата да се искористи тој миг кога констелацијата на околностите е најповолна за да се постават темели на нештата кои ќе имаат резонанта низ годините кои доаѓаат.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW