На Медборгарплатсен, „Граѓанскиот плоштад“ во Стокхолм, гласови грмат: „Да нема расисти на нашите улици“. Наскоро ги гуши рифот на електрични гитари, тешки тапани и рок клавијатура на најгласни музичари во црни маици. Ова е почеток на турнејата на Фолкфест, „популарниот фестивал“ на екстремно десничарската Партија на шведските демократи (Sverigedemokraterna, или СД), петнаесет дена пред изборите – на 11 септември о.г. Тие видоа дека СД стана втора по големина партија во земјата, со 20,5 отсто од гласовите, зад социјалдемократите, кои освоија 30,3 отсто, но ја загубија власта, бидејќи центар-левата коалиција што ја предводеа – го загуби и мнозинството во Парламентот.
Во таков ритам, извесна Џесика Стегруд излегува на сцената додека се насмевнува во бел фустан. Европратеничката брзо ја пофали Шведска, но од минатото: „Живеевме навистина сиромашно, но, сепак, развојот дојде брзо. За само две генерации, Шведска навистина успеа да стане социјална држава. Една од главните причини е што во тоа време имавме политичари кои се грижеа за државата!“, извикува таа. Пофалувајќи ги „мудрите одлуки донесени во минатото со визија за тоа што е најдобро за Шведска“, таа оддава вистинска почит на социјалдемократијата – но, од 30-тите години на минатиот век.
Пер-Албин Хансон, социјалдемократскиот премиер на Шведска од 1932 до 1946 година, го користеше конзервативниот концепт на „Фолкхемет“, буквално „дом на народот“, како вектор за социјални промени и како синоним за социјална држава. Според историчарката Џени Андерсон, секоја шведска партија останува повеќе или помалку приврзана кон овој концепт, не само социјалдемократите кои сакаат да ја зацврстат сигурноста дека Шведска е „добра земја за живеење“. Но, концептот сега е преземен од екстремната десница, која го толкува Фолкхемет како „хомогеност на националното население“, како „национален дом“.[1]
Во изградбата на моделот на шведската социјална држава, се истакнаа политичарите социјалдемократи Алва Мирдал, добитник на Нобеловата награда за мир во 1982 година, и нејзиниот сопруг, економистот Гунар Мирдал, добитник на наградата на Банката на Шведска за економија (т.е. „Нобеловата награда за економија“) во 1974 година. Веќе во 1934 година, двојката постави различни социјални реформи за да ги подобри често мизерните услови за живот на тогашното шведско семејство: бесплатен пристап до нега, бесплатна училишна менза, семејни социјални надоместоци, големи и цврсти станови, контролирани кирии, сето тоа кое уште ги прави Швеѓаните горди – дури и денес.
Но, двојката Мирдал ја критикува и контролата на раѓање, синоним за пад на населението што „би довело до дегенерација на расата, а со тоа и „самоубиство на видот“, пишуваат тие.[2] „Доколку падне демографскиот притисок, земјата ќе биде преплавена од имигранти од странски раси со висока стапка на плодност. Според законот на најсилните во природата, тие би ни го зграпчиле драгоценото културно наследство и би го деформирале. Оваа инвазија може да доведе до омаловажување на земјата на меѓународен план и да го загрози нашиот мир“.
Националниот институт за расна биологија, основан во 1922 година и финансиран од државата, обезбеди научна поддршка за политичките реформи. Наставниците ги мерат черепите на Сами, домородното население во северна Европа, ги фотографираат голи и ги чуваат коските. Истиве се сметаат за „егзотични“ и „неспособни да еволуираат“.[3] Тие се принудени да преминат во протестантизам.[4] Националниот институт за расна биологија не го промени своето име и не престана со овој вид студии сè до 1958 година.
Помеѓу 1934 и 1976 година, од медицински, расни и морални причини, Шведска водела политика на стерилизирање на таканаречените „девијантни“ луѓе. Станува збор за избегнување на репродукција на ментално болни и „слабоумни“ луѓе како што се сексуално дезинхибирани жени, кои водат „развратен“ живот, и кои се сметаат за неспособни да бидат добри мајки.[5] Речиси, дури 63.000 луѓе се присилно стерилизирани во текот на овие четири децении.
Во 2022 година, четирите главни мерки на СД се чини дека се во рамки на една стара разгледница од Шведска: „Вистинска социјална држава“, „безбедност“, „сериозна имиграциска политика“ и „евтино гориво“ – последна мерка која се однесува особено на Бенсинупрорет 2.0, движење родено во 2019 година инспирирано од „Жолтите елеци“. Покрај тоа, постои потреба да се врати енергетскиот суверенитет, инсистира спомнатата Стегруд, која и самата е професионалец во областа. Овие времиња на инфлација на цените на енергијата го објаснуваат нејзиното присуство со водачот на СД кој ќе излезе на сцена.
„Џимиии!“, извикува човек од толпата. Најавен како „вистинскиот крал“ на Шведска, Џими Акесон се појавува во музиката со огномет, беж панталони и бела кошула со засукани ракави. Тој е внимателно следен од своите телохранители. Девет години претходно, лидерот со кафена коса беше полиен со катран на истиот плоштад, и принуден да побегне на катастрофален начин. Но, овој пат, сега веќе има повеќе поддржувачи – отколку противници.
„Време е да се смени социјалдемократската влада!“, извикува Акесон во влажниот микрофон, со аплаузи и свирежи од публиката. Подесувајќи ги очилата со двете раце како тик, ја измазнува косата: „Многу Швеѓани се уморни од несигурноста, уморни од насилството, уморни…“ Обожавател на анафората, тој повторува дека „време е да се стави Шведска на прво место“, и дека „Шведска повторно ќе биде добра“.
Во 2006 година, СД го промени своето партиско националистичко лого на пламен, кое премногу потсетуваше на нејзините неонацистички почетоци во 1988 година – нејзиниот прв лидер, Андерс Кларстром претходно беше член на отворено нацистичката Партија на нордискиот рајх. Тој избра цртеж на невина сина и жолта хепатална анемона, со ливчиња што дуваат на ветрот. „Цветовите што ни ги осветлуваат пролетните полиња можеби припаѓаат на истото растение кое им го дало знакот на пролетта на луѓето што живееле овде кога Шведска сè уште била во зародиш“,[6] вели носталгично Џими Акесон пред големата толпа, потсетувајќи дека во минатото ова лековито растение се користело за лекување на рани.
Ако екстремно десничарската партија гледа кон минатото, сепак знае како да ги искористи и алатките на сегашноста. Според барометарот на шведските социјални медиуми во 2022 година, нејзиниот официјален Фејсбук профил е најмоќниот во Шведска. Страницата на Акесон го зазема третото место. Добар поврат на инвестицијата: во последниот дел пред изборите, буџетот на СД за Фејсбук и Инстаграм беше три пати поголем од оној на главната конзервативна партија, Партијата на модератите. И покрај малиот пад на неговата партија, водачот на модератите, Улф Кристерсон, стана премиер на 18 октомври о.г., предводејќи ја десничарската коалиција составена од либералите и христијанските демократи, но и Партијата на шведските демократи, кои се задоволуваат со поддршка без учество во самата влада, но тежат во парламентот со дури 73 пратеници од вкупно 176 што го формираат владејачкото десничарско мнозинство.
Во оваа економија на внимание, сите средства се добри: химни од типот на Евровизија, клипови во американски стил на каналите на Јутјуб или фотографии на млади девојки во костими за капење кои носат маици со пораки. СД ја совладува и иконографијата од втор степен, специфична за интернетот. Постерот на Фолкфест прикажува крава со викиншка кацига која свири на електрична гитара, Гоѕила кој излегува од традиционален шведски оџак и експлозија зад Акесон кој гледа во далечината, со Рејбан очила на неговиот нос. „Социјалните мрежи промовираат поларизирана, недиференцирана и поедноставена реторика“, подвлекува Гунила Алмстром Персон, професор по реторика на Стокхолмскиот универзитет.
Гласањето за конзервативците доминира меѓу младите. Фиктивни избори кои ги имитираат оние за парламентот, се организираат секоја година од страна на Државната агенција за млади и граѓански прашања. Како образовна вежба, така и изборен барометар, овие „избори“ во колеџите и средните училишта покажаа изненадувачка тенденција: во 2014 година, мнозинството средношколци гласаа за социјалдемократите, при што СД доби само 11 отсто од гласовите на тинејџерите. Осум години подоцна, средношколците ја ставија Партијата на модератите на прво место, а дури 20 проценти сега гласаа за СД.
„Секогаш кога ќе добијам известување, се зборува за убиства, криминални банди, дилери на дрога, многу лоши вибрации“, истакнува Тусе Чиза, 20-годишна пејачка. „Многу од оние околу мене ја обвинуваат претходната влада за ова. И тие сакаат да видат промена“.[7] Борбите помеѓу ривалските банди ја прават Шведска единствена земја во Европа – каде насилството со оружје е во подем.[8] Според Националниот совет за спречување на криминалот (БРА), се работи, главно, за млади машки престапници од „приоритетните урбани зони“, населбите на работничката класа каде што живеат повеќето имигранти или потомци на имигранти,[9] што дополнително ја зголемува стигмата. Шведска уште еднаш ќе стане безбедносен рај, на чело со СД: „Сакам да ја сочувам мојата земја онаква каква што ја познавам кога бев дете“, потенцира јавно извесна Анет Ниберг, претставник на партијата. „Сакам да ги заштитам постарите и децата додека растат“.[10]
Само пред 12 години, неколку партии сакаа да го блокираат пристапот на СД до парламентарните комисии. Ова не успеа, но за време на двата претходни мандати, СД не можеше да пристапи до одговорните позиции во парламентот и покрај својот напредок. Резултатот од последните избори ги отвора широко вратите на парламентот за оваа екстремна десничарска партија: покрај функцијата втор заменик-претседател на Парламентот, СД доби четири претседатели на парламентарни комисии (труд, економија, правда, надворешни работи), како и четири потпретседатели (граѓански работи, транспорт и комуникација, одбрана, оданочување).
За да управува со земјата, десничарскиот сојуз мора да ја вклучи и СД, што сепак беше неприфатливо во 2018 година. Партијата на модератите тогаш одби да соработува со оваа „ксенофобична партија“ и нејзините „некомпетентни“ избрани функционери. За да го подготви теренот и да го утврди својот кредибилитет, СД ја полираше својата реторика и ја дотера својата веб-страница пред кампањата. Ова дотерување е поостро, а точките со детали за нивната програма – се отстранети. Линковите на сајтот се поврзани со парламентарните иницијативи поднесени со текот на времето. Клучните точки на програмата се избришани, како што се задолжителниот лекарски преглед за новопристигнатите имигранти, ренационализацијата на училиштето или доведувањето во прашање на членството во Европската унија – за кои рекоа дека ги напуштиле во 2019 година. Од друга страна, сајтот за првпат го споменува партискиот пресврт во однос на членството во НАТО, против кое СД беше сè до крајот на 2010-тите.
Беа прецизирани некои мерки кои би можеле да бидат успешни, како што е затворањето на сите приватни муслимански училишта во Шведска. Минатата пролет, данско-шведскиот десничарски екстремист Расмус Палудан од партијата Страм Курс („тврдокорен курс“) – јавно запали копии од Куранот во неколку шведски градови. Овие јавни палења, секој пат одобрени и надгледувани од шведската полиција, предизвикаа огорченост кај муслиманскиот народ до степен на создавање немири. Контекстот на вооружени судири меѓу групи, запалени возила и судири со полицијата – го шокираше јавното мислење. Додавајќи бензин на експлозивната ситуација, секретарот на партијата СД, Ричард Јомшоф, ги повтори изјавите, потенцирајќи на социјалната мрежа Твитер дека „Исламот, овој аватар на религијата (…) нема никаква врска со нашата мила татковина“. Овој пратеник на СД го ширеше својот говор за време на дискретната обиколка низ земјата, паралелно со забавниот шведски Фолкфест. Денес, овој Јомшоф претседава со парламентарната Комисија за правосудство.
Презентиран во октомври, договорот на сојузот на десницата „Тидоавталет“ и дава предност на имиграциската и безбедносната политика на СД. Планот на владата вклучува, на пример, ограничување на правото на азил и построги казни за членовите на „бандите“. Поконкретно, се планира да се прошири видео надзорот и да се олеснат полициските претреси. Иако ги наметна своите теми во оваа област, СД, исто така, направи и либерален пресврт. Едвај на власт, ја избриша својата критика за Европската унија, сега веќе прифаќа крај на контролата на кириите или намалување на даноците за да ги охрабри работодавците да вработуваат – нешто кое не го одобруваше кога беше во опозиција. Таа, исто така, го напушти оданочувањето на суперпрофитот остварен од приватните компании кои имаат корист од јавните договори и јавните набавки. Од своите ветувања за враќање кон шведската социјална држава од пред една година, се чини дека останува само ксенофобичната димензија.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Jenny Andersson, När framtiden redan hänt : socialdemokratin och folkhemsnostalgin, Ordfront, Stockholm, 2009.
[2] Alva Myrdal et Gunnar Myrdal, Kris i befolkningsfrågan, Bonnier, Stockholm, 1934.
[3] David Naylor, « How the Sami were affected by research in “racial biology” », Uppsala universitet, 10.12.2021, https://www.uu.se.
[4] Заб. на уред. Законот за слобода на вероисповед датира од 1952 година. Шведската протестантска лутеранска црква била одвоена од државата дури во 2000 година.
[5] Maija Runcis, Steriliseringar i folkhemmet, Ordfront, Stockholm, 1998.
[6] « Sverigedemokraterna byter partisymbol », Communiqué de presse de SD, 26.05.2006
[7] « Unga kulturskapare om valresultatet: ”Det har blivit töntigt att vara sosse », Dagens Nyheter, Stockholm, 30.09.2022.
[8] « Dödligt skjutvapenvåld i Sverige och andra europeiska länder: en jämförande studie av nivåer, trender och våldsmetoder », Conseil national suédois de la prévention de la criminalité, Stockholm, 2021.
[9] « Tydliga skillnader bland unga i särskilt utsatta områden », Bureau national des statistiques, 19.10.2022.
[10] « SD-väljare: Därför röstar vi på Sverigedemokraterna », Expressen, Stockholm, 2021.