понеделник, 14 Окт 2024 / 0:36:39
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Сооченa со хунтата, одлучна, но кревка мобилизација

Црна завеса над Бурма

По неколку децениска изолација, политичкото затоплување беше придружено со укинување на економските санкции. За десет години, стапката на сиромаштија е преполовена, пред пандемијата годишниот раст достигна 7%. „Бурма беше Ел Дорадо за инвеститорите“. Но, генералите и армијата одлучија да ја преземат контролата во свои раце

Од Кристин Шамо
Новинар


Фото: Brianna Caldwell / Unsplash

„Откако ќе помине ноќта во која трепериме од страв, нашата надеж се раѓа повторно наутро. На 14 февруари 2021 година, г-дин Ламин Оо, бурмански продуцент, на својот профил на Твитер стави фотографија од демонстрациите против диктатурата заедно со видео од мажи вооружени со стапови, кои ја користат ноќта за да сеат хаос во еден кварт на Рангун, економскиот центар на земјата.

Целта на овие насилници е  да ги исплашат и да ги скршат оние кои учествуваат во мобилизацијата против државниот пуч од 1 февруари. Неколку дена пред пучот, хунтата ослободи повеќе од 20 000 затвореници – потег што некои Бурманци ги потсети на бунтот од 1988 година (види текст подолу). Тогаш,  криминалците кои беа ослободени, на улиците помогнаа  теророт да завладее на улиците, оправдувајќи ја на тој начин бруталната интервенција на вооружените сили и крвопролевањата.

Илјадници сметки на Твитер ги имаат истите хаштагови: „Хунтата напаѓа“, „Спасете ја Бурма“. Повик за помош против војниците кои, во 3 часот по полноќ на 1 февруари, ја убија надежта која ја будеше десет години демократската транзиција. Апсењето на избраните лидери на земјата, вклучително и г-ѓа Аунг Сан Су Чи, де факто шеф на државата и членовите на нејзината партија, Националната лига за демократија (НЛД), стави крај на поделбата на моќта меѓу цивилите и војската1, непочитувајќи ја желбата на Бурманците, кои триумфално ја избраа повторно НЛД на изборите во ноември минатата година. Од 1.117 пратенични места за кои се гласаше2, таа освои 920, односно 61 места повеќе од пред пет години и 82% од вкупниот број. Партијата на Унијата за солидарност и развој, основана од поранешниот генерал Теин Шин, доби 71 пратеничко место, или 117 помалку, односно само 6,4% од пратениците. Овој неуспех може да се должи само на измама, уверува армијата, и на тој начин го оправдува нејзиното преземање на власта.

Зелена кошула, лента, еполети, фиксиран поглед, армискиот командант Мин Аунг Хлаинг, назначен за шеф на државниот управен совет, новото државно тело што управува со земјата, се појави на телевизискиот армиски канал, со знамето на Бурма во позадина. Слика која е веќе видена. Осум дена по државниот удар, тој за првпат се обрати директно до народот со обид да го  убеди. Тој гарантира дека ја презел власта согласно Уставот и дека ќе се одржат нови избори после една година вонредна состојба. Ветува дека оваа хунта ќе биде „различна“ од претходните воени режими, дека таа се стреми кон „дисциплинирана демократија“. Еден од неговите претходници, генералот Тан Шве (шеф на земјата од април 1992 година до март 2011 година), зборуваше за „процветана и дисциплинирана“ демократија“…

На улиците и на Интернет, народот се повеќе се мобилизира.  „Народ од 54 милиони луѓе против 500.000 луѓе“, резимира г-дин Аунг Кјав Мо, директор на Центарот за социјален интегритет, осврнувајќи се на силата на Татмадау, бурманската армија. „Обединети против диктатурата“, според слоганот на демонстрантите, државните службеници, банкарите,  здравствениот персонал, професорите, адвокатите, им се придружија и студентите, секој ден бројот се зголемува и станува движење за граѓанска непослушност со невидени размери. На 14 февруари, железничкиот сообраќај беше ставен во мирување, а аеродромот прекина со работа заради немање доволно персонал за да може истиот да функционира. Здравствените центри и болниците беа затворени, испразнети од своите вработени кои протестираа против незаконското преземање на власта. Среде пандемија Ковид-19, но не им беше грижа. Итно и неодложно мораа да бидат на друго место. Бурманците се согласни дека нема  да дозволат да бидат лишени од слободата што веќе ја вкусија.

Оние на возраст од 10 до 30 години пораснале во отворена земја, поврзана преку Интернет со остатокот од светот. „Нашите очи и умови се разбудија, особено преку социјалните мрежи“, вели младиот активист Тинзар Шунлеи Ји, кој, после пучот, живее во илегала. Ги следеа изборите во САД, протестите во Хонг Конг, им се допаѓа тоа што нивниот живот се разликува од приказните за репресија што им ги раскажуваа нивните родители.

Страшни спомени од самоволие, ноќни апсења, широко распространет надзор, армиска бруталност. Им раскажуваа и за државниот удар во 1962 година, кога Татмадау ја собори избраната влада во име на националното единство. И 1990 година, кога таа не успеа да го призна исходот од изборите кои ги доби најголемата опозициска партија, НЛД. „Тешко е да се искаже како се чувствував кога се разбудив на 1 февруари. Неиздржлива тага и многу лутина. Како да се враќаме назад“, објаснува една колумнистка3, поранешна политичка затвореничка заради учеството во бунтот против војската во летото 1988 година.

Лут сум“, одекнува ехото на ден млад работник додека шета низ улиците на Рангун. „Сè што се случува потсетува на она што мајка ми ми го раскажуваше кога бев дете“, жално се потсетува една млада жена.

Со преземањето на власта, амбициозниот Мин Аунг Хланјг го игнорира бавниот процес инициран во раните 2000-ти од неговите претходници за да се овозможи постепено враќање на демократијата и извлекување на земјата од меѓународната изолација. Уставот од 2008 година, напишан од самата армија, сепак му дава контрола врз три клучни министерства: одбрана, внатрешни работи и граници. И блокирачкото малцинство во Парламентот, каде 25% од местата се резервирани за нив. Но, она што го плаши генералот, е дека овие уставни гаранции се неефикасни наспроти социјалните и економските пресврти на општеството кое е отворено кон светот. Бидејќи земјата со која тој има намера да управува сам, „без екранот што му го понуди Аунг Сан Су Чи“, според г-дин Тет Вин, од невладината организација Синерџи, која се залага за меѓуверски дијалог, оваа власт нема никаква врска со онаа од 2010 година.

По неколку децениска изолација, политичкото затоплување беше придружено со укинување на економските санкции. За десет години, стапката на сиромаштија е преполовена, иако 24,8% од населението сè уште живее под прагот на сиромаштија4. Пред пандемијата „Ковид-19“, годишниот раст достигна 7%. „Бурма беше Ел Дорадо за инвеститорите“, се сеќава еден банкар кој помогна да се формираат две финансиски институции. Но, објаснува тој, со либералните политики на владата на г-ѓа Су  Чи, воените конгломерати „беа сериозно погодени од отворањето кон конкуренцијата. Веќе немаа заробени клиенти како порано “. Бизнисмени и аналитичари се согласуваат: „Во текот на изминатата деценија, генералите продолжија да живеат во стаклено ѕвоно, затворенo за секаков контакт со странци, особено со западњаците. Тие остануваат убедени дека се отелотворение на бурманската оригиналност. “

Во временски расчекор со општеството, а особено со младите. „Нашата генерација нема да допушти ова да се случи“, повторуваат оние кои пораснаа со социјалните мрежи. На Фејсбук и Твитер, денот после пучот, тие објавија пароли, постери, цртежи, фотографии; начин да се стимулира нивното движење и да се избегне стравот. За да го прикажат светот во кој хунтата сака да живеат, тие ги споменуваат The Purge (Чистка) или Black Mirror (Црно огледало), серии со дистописки универзуми.

Слично како и кај тајландските демонстранти5, гестот на трите кренати прсти, беше поврзан со научно-фантастичната книга „ Hunger Games “, кој стана знак за единство против хунтата. „Ние не излегуваме на улиците за НЛД или за Аунг Сан Су Чи. Ова движење е трансверзално, го надминува неговиот симбол. Ова е мобилизација на целото општество за да се стави крај на военото мешање во политиката. Ние сакаме целосно демократски Устав“, изјавува г-ѓа Тинзар Шунлеш Ји. Позната уметничка, возбудена од она што го виде на паради во Јангон каде маршираа цели семејства, млади луѓе, богати и сиромашни. Учествуваа дури и жители на зграда во која живеат и роднини на војниците. Иако на 8 февруари беше прогласена воена состојба и забрана за собирање на повеќе од пет лица, протестите се шират. Граѓанските комитети се организираат за да го заштитат соседството од ноќни апсења.

Секој ден, 15 дена после пучот, социјалните мрежи му овозможија на движењето за граѓанска непослушност да ја спои борбата и на улиците и на Интернет – иако, од 3 февруари, армијата побара од давателите на интернет услуги да го суспендираат Фејсбук, кој стана „Бурманска крв“, во кој циркулираат информации од суштинско значење за животот. Повеќе од половина од нив имаат профил; но пред десет години, само 2% од населението имало пристап до мобилен телефон6. Ако сакате да ја заобиколите цензурата, треба да инсталирате VPN (виртуелна приватна мрежа), исто како Кинезите и Виетнамците. Помладите им покажуваат на постарите како да дојдат до неа.  „Силата на овие алатки ни помага да се организираме, но тие се многу кревки. Армијата може да го прекине интернетот во секое време “, рече г-ѓа Тинзар Шунлеи Ји.

Дали оваа борба против армијата, заедничкиот непријател, е носител на трајна колективна совест? Разиденоста ја мачи земјата од нејзиното создавање во 1947 година. Тензиите меѓу мнозинската етничка група Бамари и другите, кои сочинуваат една третина од населението, ја создадоа историјата на оваа неостварлива „Мјанмарска унија“ – официјалното име на земјата. Поделба што ја одржува војската, која гарантира дека ќе ја обидини во една единствена утописка заедница.  Седумдесет години веќе поминаа како борбите се повторуваат меѓу Татмадау и локалните армии на етничките малцинства во државите Качин, Шан, Ракин итн., особено околу управувањето со природните ресурси.

Со започнувањето на конференцијата Panglong II во 2015 година, која ги  соедини армијата, владата и претставниците на овие етнички групи, г-ѓа Су Чи вети дека ќе обезбеди поизбалансирана застапеност на различните заедници на земјата.  Разговорите прекинаа.  Армијата и НЛД, во која доминираат Бамарите, ја делат истата визија за малцинствата: „Дестабилизирачки елементи што ја ослабуваат централната моќ“, резимира аналитичарката Карин Жаке. Г-ѓа Су Чи дури отиде да ги брани армијата и нејзината земја пред Меѓународниот суд во Хаг против обвиненијата за етничко чистење против Рохинџите, кои се од муслиманска вероисповед, додека пак Бамарите се будисти. Во 2016 и 2017 година, повеќе од 700 000 Рохинџи избегаа во Бангладеш пред насилната кампања организирана од Татмадау, како одмазда за нападот врз граничните пунктови од страна на Армијата која ја штитеше Рохинџа. Придобиени од говорот на омраза пропагирана на интернет од страна на будистичките националисти и војската, мнозинството од населението потоа застана зад генералот Мин Аунг Хлаинг и шефот на државата. Таа стекна огромна популарност таму, што исто така го објаснува резултатот на нејзината партија на изборите.

Денес, во моментот на мобилизација против хунтата, сите почнаа да се извинуваат. Сите жалат што не биле свесни за судбината на Рохинџите, кои до неодамна ги сметаа за непријатели. Најитно, уверува директорот на Центарот за социјален интегритет е да се ослободиме од армијата пред да размислиме за градење на какво било единство: „За момент, ние си го должиме тоа да се мобилизираме против војската. Ова е прашање на принцип, бидејќи легитимната влада на НЛД е симната од власт. 

Што ќе направат странските земји? Соединетите држави го замрзнаа имотот на бурманската влада. Официјално се разгледуваат понатамошни насочени санкции против економските интереси на војската. „Странските инвеститори што ги советувам ги разгледуваат сите можни опции“, рече аналитичар за стратегија, без да може да биде попрецизен. Кина, најголемиот трговски партнер во земјата, едноставно ја нарече „промена на владата“ и продолжи да ги води своите големи и мали бизниси. Јапонија, која е на второ место, го осуди пучот, но министерот за одбрана Накајама Јасухиде предупреди: „Ако го прекинеме [партнерството со неа], односите меѓу бурманската армија и кинеската армија ќе се продлабочат и таа ќе се оддалечи од слободните нации како САД, Јапонија и Велика Британија8.“ Неколку јапонски компании, како што се Сузуки или пиварницата Кирин, сепак ги прекинаа своите активности. Но, не станува воопшто збор за ставање под знак прашалник на проектот Каладан за изградба на мултимодална транспортна инфраструктура што ја предводат Токио и Њу Делхи, уверува индискиот министер за надворешни работи, г-дин Субрахманијам Јаишанкар9. Европа, од своја страна, досега се задоволуваше со „разгледување санкции“, според зборовите на г-дин Ив Ле Дриан, францускиот министер за Европа и надворешни работи10.

Во меѓувреме, во Рангун и во главниот град Непјидо, тенковите зазедоа позиции во неколку населби. Неколку часа подоцна, ноќта помеѓу 14 и 15 февруари, интернетот конечно беше прекинат. Последните пристигнати пораки најавуваа апсење на пет новинари во државата Качин, во Мјиткина. Останува да се запрашаме кога повторно ќе се изгрее сонцето над Бурма?

Преведено од: Маја Малиновска


Фусноти:

  1. Прочитај « L’icône de la démocratie birmane ménage les militaires », Le Monde diplomatique, јануари 2017.
  2. На 8 ноември 2020 година, Бурманците гласаа за Собрание на Унијата, кое се состои од два дома (Претставнички дом и Дом на националности), како и за собранија на држави или региони
  3. Повеќето од интервјуираните сакаа да останат анонимни поради страв од репресија.
  4. « Податоци за сиромаштија: Мјанмар», Banque asiatique de développement, 2017, www.adb.org
  5.  Прочитај: Eugénie Mérieau, « En Thaïlande, le jeunes face à la monarchie et à l’armée », Le Monde diplomatique, јанури 2021, www.monde-diplomatique.fr
  6. « Myanmar Telecommunications Sector », Yangon Stock Exchange, 30 јули 2018, https://ysx-mm.com
  7.  Прочитај вклучително и Renaud Egreteau, « Désunion nationale en Birmanie », какко и André и Louis Boucaud, « Plus de cent trente minorités », Le Monde diplomatique, декември 2012 и ноември 2009 година соодветно.
  8.  « Japan defense official warns Myanmar coup could increase China’s influence in region », Reuters, 2 фебруари 2021.
  9.  Rahul Karmakar, « India-Myanmar Kaladan project in final stages : Jaishankar », The Hindu, New Delhi, 15 фебруари 2021.
  10.  « Birmanie : l’UE devra “envisager” des sanctions si l’état d’urgence n’est pas levé, selon Jean-Yves Le Drian », Le Figaro (avec AFP), Париз, 3 фебруари 2021.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW