Голем стаклен кабинет исполнет со медали за заслуги, потоа витрина со црвени знамиња доста тешки како закачени и користени за првомајските паради. Понатаму, архивски витрини полни со мапи и технички цртежи, каде што внимателното око открива мали зборови на руски јазик, испишани на маргините. Како во некој музеј на антиквитети, Нико Лосе оди во утробата на депото на поранешната рударска компанија СДАГ Висмут, конгломерат кој во своето златно доба и во апсолутна тајност вработувал до сто илјади луѓе за да копа ураниум за советските нуклеарни бомби. Пристигнат во последната соба на крајот од ова истражување, тој ја спушта последната рачка. Полека, вратата се отвора кон најинтересното место. Овде, далеку од очите на јавноста, зад столбовите кои ја формираат импозантната фасада на седиштето на поранешниот конгломерат во предградието на Кемниц, се наоѓа веројатно најголемата уметничка збирка на поранешната Демократска Република Германија (ГДР).
„Околу 4.300 дела беа собрани во Висмут помеѓу 1946 година, кога беа извршени првите ископувања, и крајот на ГДР во 1990 година“, објаснува Лосе, 45, заменик-директор на фондацијата одговорна за поправка на значителната еколошка штета за која компанијата е виновна. Тој зграпчува слика поголема од него и ја изложува на бледата светлина што паѓа од таванот. Закопани повеќе од три децении, четворицата рудари, насликани од Ева Шулце-Кнабе во 1973 година, излегуваат од темнината. Вратени во живот, тие се чини дека се на работ да ја исполнат својата должност со несмален ентузијазам. „Повеќето од мотивите се поврзани со рудникот. На уметниците често им било дозволено да се спуштат долу во окното и да ги набљудуваат рударите во нивната работа“, вели водичот.
Можеби изгледа чудно што еден источногермански рударски гигант се занимавал и со продукција на уметност. Поради својата големина и безбедносните прашања поврзани со копањето на ураниум за целиот источен блок, СДАГ Висмут стекнал многу широка мрежа на инфраструктура и услуги. „Вработените се лекуваа во сопствените болници, јадеа во сопствените ресторани и имаа свои центри за одмор“, инсистира Лосе, со изразен саксонски акцент. Државата обезбедуваше училишта, кина, продавници, спортски клубови и рекреативни центри. Како компензација за ризиците на кои биле изложени – особено радиоактивноста, рударите имале многу подобри услови за живот од просечниот граѓанин на ГДР. Компанијата била одговорна за секој аспект од нивниот живот, вклучувајќи го и нивното уметничко образование. За таа цел, Висмут отворил уметнички галерии и ги поканил уметниците да создадат дела кои потоа биле изложени не само на овие избрани локации, туку и во кантините и работните места.
„Создавањето и стекнувањето уметнички дела претставува само мал дел од активностите реализирани од оваа „држава во држава“ која стана Висмут“, истакнува Лосе додека ги пребарува полиците. Под неговите прсти кои се лизгаат на рамките, најславните сликари на режимот на ГДР, излегуваат на виделина. „Вернер Пецолд… Френк Рудигкајт… Александра Милер-Јончева… Ханс Зигенбрук”, раскажува тој. Карл Кун е претставен со три примероци. Вернер Тибке од сликарската школа на Лајпциг и Вили Сит исто така се присутни тука. Карл-Хајнц Вестенбургер придонел за колекцијата со неговите вешти портрети на рудари и пејзажи. Многу од овие уметници ги имаат добиено најпрестижните признанија во земјата и предавале во најдобрите ликовни академии. По распаѓањето на ГДР, повеќето од нив паднале во заборав. За триесет години, освен неколку ретки и доверливи изложби во малите источногермански градови, каде што само мал дел од сликите накратко бил ставен во центарот на вниманието, колекцијата на Висмут останала затворена во двојна кула, скриена од очите на пошироката јавност во длабочините на депото. Поврзана со студената војна, советскиот блок и поразената идеологија, оваа уметност и денес се смета за сомнителна, критикувана како пропаганда во служба на тоталитарниот апарат или како бесмислен и безвреден „социјалистички реализам“. „Во повторно обединета Германија, тенденцијата беше да се дисквалификуваат овие дела поради нивниот политички набој“, резимира Лосе.
„Се разбира“, објаснува понатаму, „колекцијата содржи многу нарачани дела, чие плаќање одигра важна улога за уметникот. Но, ова не важи само за ГДР. Така било низ историјата на уметноста уште од античко време. Наместо тоа, прашањето е колку уметниците биле под притисок да одговорат на нарачката или се усогласиле со доминантната идеологија. Со оглед на овие слики, ми се чини дека во многу случаи влијанието на режимот било релативно мало. Постојат слики кои го величаат режимот, но други покажуваат одредено ниво на критичко размислување. Силата на оваа колекција е да ги претстави овие два аспекти.“
За да го илустрира своето гледиште, тој споредува две слики: „Мирна употреба на нуклеарната енергија“ од Вернер Пецолд, која се појавува уште повеќе над земјата бидејќи Висмут е основан за производство на атомски бомби, и „Поглед на Ронебург“ од Курт Песл, кој, со изненадувачки реализам, слика пејзаж уништен од рударската индустрија. На прашањето зошто фондацијата не организира постојана изложба или музеј, Лосе воздивнува: „Германската влада нѝ дава пари само за да ја исчистиме загадената почва и да ја обновиме природната животна средина. Ние не добиваме признанија за откривање уметнички дела.“
Уметност или пропаганда? Дали колекцијата на Висмут припаѓа во зандана или во музеј? Како и да е, нејзината судбина е поврзана со ураниумот кој изобилува во планините во близина на градот Кемниц. Откако Американците ја покажаа деструктивната моќ на нуклеарното оружје со примерите на Хирошима и Нагасаки во август 1945 година, советскиот лидер Јосиф Сталин енергично започнува да работи на правење на сопствената бомба. Сепак, во рамките на огромната интересна сфера и зона на влијание на Москва, само областите Саксонија и Источна Тирингија имале доволно резерви на ураниум за воени потреби. Затоа токму тука Сталин ги концентрирал своите напори, нуклеарно да ги стигне САД. Успехот или неуспехот на овој потфат – нема да биде без последици за иднината на планетата. Не се штедеше ниту на трошоците, ниту на мерките на претпазливост. Ако акронимот СДАГ значи „советско-германско акционерско друштво“ и може да даде впечаток на избалансиран однос меѓу двете земји, контролата врз целиот бизнис очигледно паднала само на Москва. Како што истакнува Лосе, култот на тајност „веќе започна со името Висмут“ (бизмут), малку познат и релативно безначаен метал кој „нема никаква врска со ураниумот и служи главно како покритие“.
„Мерките на претпазливост се применуваат во сите области“, додава тој. „Локалитетите биле заштитени со огради и патроли на советските војници, а рударите биле подложени на драконски протокол за контрола и идентификација. Било забрането фотографирање. Покрај тоа, беа преземени различни мерки за да се прикрие вистинската функција на рудниците, користените технологии и обемот на откриена руда.“ Се наведнува и зграпчува една папка. Пластичните корици се распаѓаат под неговите прсти додека тој вади куп акварели и литографии, два жанра кои исто така го сочинуваат богатството на колекцијата на Висмут. „Glück auf!“, нѝ вели Лосе – популарен традиционален израз што го користеле рударите во минатото за да си посакаат среќа пред да се спуштат надолу по окното.
Влегуваме во регионален воз кон центарот на Кемниц. Во подножјето на најголемиот споменик во градот – седумметарска бронза на која е прикажан Карл Маркс, сведоштво за времето кога Кемниц се викал Карл-Маркс-Штат – нè чека уметничкиот критичар Буркхард Милер. Под рака држи каталог на дела извлечени делумно од колекцијата на Визмут, чија корица е украсена со сликата „Мирно користење на нуклеарната енергија“ од сликарот Вернер Пецолд. Богатството на поранешниот конгломерат, го инспирирало ликовниот критичар да размислува за тоа на повеќе начини, особено објавено во весниците „Зидојче цајтунг“ и „Ди цајт“.
„Тоа е импресивна колекција, а сепак никој никогаш не сакал да ја сфати сериозно“, се прашува овој 62-годишен познавач на уметноста на ГДР. „Никој никогаш не го средил или оценил ова. Просечни слики се спојуваат со ремек-дела во еден неверојатен хаос. И покрај заборавот во кој паднале повеќето уметници кои придонеле за колекцијата, сепак многу од нив покажале извонреден талент за сликање. И спротивно на доминантните предрасуди, мотивите се многу помалку стереотипни од севкупниот „социјалистички реализам“, истакнува тој, осврнувајќи се на идеолошкиот конформизам што го обележа сликовитиот израз во земјите-членки на Варшавскиот пакт, вклучувајќи ја и ГДР – едноставен и лесен за дефинирање визуелен јазик, составен од триумфални спортисти, здрави и насмеани работници и херојски војници кои ја персонифицираат големината на социјалистичкиот режим во секогаш црвени бои.
Милер го прелистува неговиот каталог и застанува на страниците посветени на сликите на Висмут. „Особено сум импресиониран од портретите на рударите“, објаснува тој, размислувајќи за поцрнетите лица и рацете. „Има многу од нив. Секој има свое достоинство. Нема ниту еден политичар или бизнисмен. Сите се работници.“ Тој инсистира на овој последен збор, нагласувајќи го контрастот помеѓу ликовите толку лесно прикажани во уметничката продукција на ГДР и оние на денешното германско општество.
„А сега погледни го ова.“ Неговиот поглед беше вперен во „Автобусот за помош“ на сликарот Луц Р. Кечер. Од групата луѓе претставени во автобусот, се издвојува еден постар рудар. Очигледно со последици од долгите години напорна работа, тој влече резигнирано дим од цигарата. Во светлината на автобусот кој се тркала низ ноќта, во прозорците се појавуваат интригантни рефлексии – фиксирани од сликарот со ретко сликарско мајсторство. Во далечината, се гледа заканувачката силуета на погонот за преработка на рудите, чии дебели испарувања што произлегуваат од оџаците измешани со темните бои на декорот – не навестуваат ништо добро. Според Милер, оваа слика во никој случај не е инфериорна во однос на оние на Едвард Хопер.
„Осаменоста се рефлектира во големата стаклена површина“, продолжува тој. „Станува збор за исклучителни финеси. Извонредно дело, направено од сосема анонимен сликар. Депото на Визмут е исполнето со дела од овој вид, кои чекаат да бидат откриени“. Она што остави најголем впечаток на ликовниот критичар, беше уметничката слобода која очигледно ја уживаа голем дел од уметниците на конгломератот и разновидноста на стилови што ги разликуваа едни од други, далеку од принципите на „социјалистичкиот реализам“ ценети од нивните спонзори и нарачатели на делата. Жалејќи ја рамнодушноста која тежи како капак на оваа неверојатна колекција, тој ги евоцира сопствените сеќавања. „По повторното обединување во 1990 година, никој не сакаше да обрне внимание на она што се сметаше за официјална уметност на диктатурата. Од овој агол, ништо не може да изгледа посомнително од стоката набиена во депото на Визмут“.
„Уметноста на ГДР наидува на длабока аверзија. Сликарите кои не дезертирале и одбрале да останат во Источна Германија, сега се обвинети дека му служеле на системот. И така, никој не ја сфати сериозно нивната работа. Како резултат на тоа, можеби најважната уметничка збирка во историјата на ГДР – останува недостапна за јавноста дури и денес.“
Милер се надева дека изборот на Кемниц за Европска престолнина на културата во 2025 година ќе го сврти вниманието кон уметноста на Висмут. „Оваа колекција дефинитивно ќе биде правиот избор. Градот има нешто со што ниту еден друг град во светот не може да се натпреварува“, заклучува тој затворајќи го каталогот. На корицата на книгата, еден од рударите на Вернер Пецолд се обраќа до читателот – како повик да ја извлече колекцијата на Висмут од заборав.
Преведено од: Дарко Путилов