Речиси половина век, геополитичките прашања не играат скоро никаква улога на претседателските избори во САД. Метеорската победа на претседателот Џорџ Х. В. Буш во Заливската војна (јануари-март 1991), не го спречи да биде поразен следната година од непознат демократски гувернер на Арканзас (Вилијам Клинтон), без никакво меѓународно искуство.
Сепак, дури и ако ниту еден американски војник не е директно вклучен, војната во Украина веќе зазема значително место во дебатите меѓу републиканските кандидати за претседателските избори во САД. Работата е помалку јасна на демократска страна со оглед на тоа што претседателот Џозеф Бајден изгледа уверен во номинацијата од неговата партија и дека вкупната поддршка на САД за претседателот Володимир Зеленски е речиси едногласна таму.
Она што се случува во странство, особено во Киев, се чини дека ги интересира Американците освен малата елита на Вашингтон (парламентарци, уредници на елитни публикации, експерти на тинк-тенкови). Обратното е уште повистинито: украинските лидери замислуваат дека нивната судбина може да се промени во зависност од тоа дали Бајден ќе биде реизбран или на негово место ќе дојде републиканец. Сè уште е неопходно да се знае кој, бидејќи за Украина, позициите на кандидатите на оваа партија целосно се разликуваат. До тој степен што послушниот поранешен потпретседател на Доналд Трамп, Мајк Пенс, овој пат се кандидира против него…
На 14 јули, за време на еден конзервативен форум, услови на дебатата на спротивставените кандидати, беа изразени со одредена бруталност од страна на новинарот Такер Карлсон, кој беше водител на настанот. Многу популарен и влијателен меѓу републиканците, поддржувач на Трамп, дури и ако личноста го инспирира со одреден презир, Карлсон има многу фиксни идеи, особено за украинскиот конфликт. Тој го мрази Зеленски кого го нарекува „диктатор“, верува дека војната во голема мера е предизвикана од САД и повторува дека е време да престанат да ја финансираат. Размислувајќи токму спротивно и откако штотуку се сретна со украинскиот претседател, Пенс беше контрадикторен веднаш штом го укори Бајден за бавноста на испораките на оружје за Киев. „Несреќни сте што Украинците немаат доволно американски тенкови“, викаше Карлсон. „Но, во последните три години, во секој град во нашата земја состојбата се влоши. Возете се малку наоколу, се забележува. Нашата економија е во пад, стапката на самоубиства вртоглаво расте, нечистотијата, нередот и криминалот се зголемуваат експоненцијално, а вие сте загрижени затоа што таму некоја Украина, земја која повеќето луѓе овде не би можеле да ја лоцираат на мапата, немала доволно тенкови! Не е неправедно да ви го поставам прашањето: Дали се грижите за САД во врска со ова прашање?“ Публиката му аплаудираше.
Империјалниот неоконзерватизам, поддржан од Пенс – и од неколку други републикански кандидати – долго време доминираше во партијата на Роналд Реган и династијата Буш. Ова повеќе не е точно. Овој пресврт често му се припишува на Трамп и неговото верување, дека странските војни и дислокацијата на американските фабрики во странство предизвикале економска и социјална „касапница“ во САД. Секако, поранешниот претседател ја направи оваа идеја популарна, а пред сè изборно победничка, со победата над Хилари Клинтон во 2016 година. Сепак, Трамп не е првиот кој го фаворизираше национализмот пред империјализмот во републиканскиот табор. Уште во септември 1991 година, кога Советскиот Сојуз не беше сосема мртов, поранешниот висок советник на претседателите Ричард Никсон и Реган, Патрик Бјукенан, веруваше дека бидејќи „комунистичката закана“ само што исчезнала, САД треба да престанат да дејствуваат како полицаец низ целиот свет. И да се промовира како политика – „Америка на прво место“.
Она што Бјукенан го напиша пред повеќе од триесет години во редовна колумна во „Вашингтон пост“ – нешто незамисливо денес – го најави речиси од збор до збор испрашувањето од страна на Такер Карлсон минатиот јули и ја теоретизираше сегашната линија на расцеп во Републиканската партија помеѓу „глобалистите“ и изолационистите: „Антикомунизмот“, рече Бјукенан, „тој лепак што ја држеше коалицијата на Реган заедно, повеќе не може да функционира со својата магија (…) Американците сега мора да си постават вистински прашања – пред да упаднат во соседството на другите земји и да се мешаат во нивните внатрешни кавги. Зошто ова е наш проблем? Зошто ние, четириесет и шест години по завршувањето на Втората светска војна, мораме да ги браниме Германија и Јапонија – додека ги освојуваат нашите пазари? Зошто треба да го смириме Персискиот Залив, кога жените што ги шетаат своите кучиња во Централниот парк се убивани од насилници? Некултурата и бруталноста на нашите градови, порастот на етничките тензии, мора да го насочат нашето внимание кон нашето сопствено, американско општество. Америка на прво место е идејата дека Американците треба да одат во странство за да се борат – само кога нашите витални интереси навистина се загрозени. (…) Нашата војна, Студената војна – заврши. Време е да си одиме дома[i].“
Логично, Бјукенан затоа побара САД да ги напуштат сите договори за воена помош направени за време на Студената војна и да ја реинтерпретираат, но на многу порестриктивен начин, „Доктрината Монро“ што ги направи чувари на нивниот латиноамерикански „заден двор“. Тој дури и прецизираше: „И покрај забелешките на нашите нови пријатели во Полска, Унгарија и Чехословачка кои би сакале да се приклучат на НАТО, американскиот нуклеарен чадор дефинитивно не смее да се протега понатаму на исток. Ајзенхауер не сакаше да се бори за Унгарија во 1956 година [за време на антисоветското востание во Будимпешта], а и ние сега нема да се бориме за Источна Европа“[ii]. Бјукенан освои 23% од гласовите на републиканските внатрепартиски избори во 1992 година против претседателот Џорџ Х. Буш, „победникот во Студената војна“. И тој придонесе за поразот на вториов, потоа, на претседателските избори.
Нападите од 11 септември 2001 година ги маргинализираа крајно изолационистичките тези во корист на оние на неоконзервативците кои, сега, заговараат една американска глобална „војна против тероризмот“. Но, неуспехот на САД во Ирак и Авганистан, преселбите на американските фабрики во други земји на Третиот свет, губењето на довербата во исправноста на слободната трговија и во мудроста на домашните империјалистички елити, ги поттикна и демократите и републиканците, да го оживеат американското изолационистичко искушение[iii]. Барак Обама го искористи ова за да ја победи Хилари Клинтон, симболот на американската ароганција и глобализација, на внатрепартиските избори во Демократската партија, во 2008 година. Потоа, бидејќи таа сè уште не ја имаше научено лекцијата дури и осум години подоцна, Трамп дојде на местото на Обама. „Во 2016 година, американскиот народ го отфрли корумпираниот глобализам: јас сум претседател на САД, јас не сум претседател на светот“, изјави Трамп уште на самиот почеток.
Изборот на Трамп, сепак, не гарантираше и победа на неговите тези, вклучително и во рамките на неговата партија. Неоконзервативните републиканци, кои тој ги скрши, сепак остануваат присутни, моќни и во никој случај не го предале оружјето. Повеќето медиуми кои се носталгични за империјализмот на Реган, особено Фокс њуз и Волстрит џурнал, ги поддржуваат истиве, како и мнозинството републикански конгресмени, вашингтонски тинк-тенкови и главните партиски донатори. Целиот збркан, мегаломан, пијан од својот збор и неспособен да проучи каква било дадена тема, Трамп го зголеми проблемот со тоа што ја пополни својата влада со јастреби кои отворено му ласкаа бесрамно, а всушност ја попречуваа надворешната политика иницирана по негов избор. Според тоа, неговиот потпретседател, неговите министри, особено неговите министри за одбрана, неговите советници за национална безбедност, неговиот амбасадор во Обединетите нации – сите беа речиси секогаш непоправливи неоконзервативци. Еден од нив, Џон Болтон, беше дури и лудак, со кој Трамп се пошегува, дека го замолил овој „идиот“, овој „манијак“ да го придружува, секогаш кога сакал да исплаши странски шеф на држава што имал намера да грабне нови отстапки или пари од САД. Доволно е да се каже дека надвор од Овалната канцеларија, „длабоката држава“ и воено-индустрискиот комплекс тогаш имаа отворена маса во Белата куќа.
Резултатот: Трамп нареди неколку бомбардирања во Сирија (каде што американските војници убија десетици платеници на руската паравоена група Вагнер); потоа, тој ги одобри новите санкции против Москва (изгласани од огромно мнозинство конгресмени, вклучително и оние на неговата сопствена партија); и, на крај, испорача ракети од типот Џавелин на Украина. Тој дури и се пофали дека ниту еден американски претседател не бил „построг кон Русија: Јас ѝ дадов оружје на Украина, а оној Обама им даде перници“. Во декември 2017 година, кога неговата влада ги детализираше новите стратешки насоки на САД, дури и еден Њујорк Тајмс мораше да го признае своето задоволство: „Многу елементи од овој извештај можеа да бидат претставени – од неговите претходници“.
Но, овој релативен континуитет, сепак, може да биде прекинат ако Трамп биде реизбран. Во 2016 година, Украина беше само еден периферен елемент на изборната кампања. Денес, таа е извор на ескалирачки конфликт меѓу две премногу вооружени сили, главен фактор на трошоци за САД – и прашање што дефинитивно се протега надвор од доменот на надворешната политика.
Како и повеќето републиканци, Трамп им замерува на оние, кои погрешно го обвинија за заговор со Москва. Тој верува дека неговото претседателство во голема мера било попречено од договорот меѓу разузнавачките агенции (Централната разузнавачка агенција – ЦИА и Федералното биро за истраги – ФБИ), главните медиуми и Демократската партија, кои ја направија Украина една од нивните свети каузи, надевајќи се – јавно да го посрамотат на овој начин.
Нема да заборави ниту дека во 2019 година, неговото прво судење за отповикување од функцијата, беше мотивирано од комуникацијата што ја имаше со претседателот Зеленски, а чија содржина требало да остане тајна. Трамп се чинеше дека ќе профитира од поддршката на САД за Киев, а во контекст на откритијата што веројатно ќе го посрамотат Бајден. Меѓутоа, поддржувачите на Трамп се сомневаат дека потполковникот Александар Виндман, Американец со украинско потекло – кој работел во тоа време како разузнавач во Националниот совет за безбедност на САД (НСЦ), каде бил одговорен за слушање на повиците меѓу претседателот на САД и неговите странски колеги – го обелоденил овој телефонски разговор, со цел да се фаворизираат демократите. Уште една причина повеќе, зошто поголемиот дел од републиканците ја ставаат сојузната држава Мејн пред онаа Украина таму некаде…
По ова прашање, дури и главниот конкурент на Трамп – едвај се разликува од позицијата на поранешниот претседател. Рон ДеСантис во тековниот конфликт гледа само еден „територијален спор“ меѓу Москва и Киев што никако не се однесува на „виталниот национален интерес на САД“, како што е „одвраќањето на Кина“ или одбраната на американските граници од илегалните мигранти од Латинска Америка. Што се однесува до неколкуте републикански кандидати кои сè уште се носталгични по ерата на Реган и Буш на кои анкетарите им ветуваат скромни резултати, тие не ја поддржуваат Украина од наклонетост кон нејзините жители. Ники Хејли се надева дека „ако Украина победи, Кина губи“, додека сенаторот Тим Скот претпочита да се обложи дека „колку повеќе ја ослабуваме руската армија, толку помалку може да ја нападне нашата суверена и света територија“.
На денот кога ја напушта Белата куќа, Трамп самоуверено изјавува: „Многу сум горд што бев првиот американскиот претседател по децении, што не започна нови војни“. Дури и да наредил бомбардирање во Сирија и убиство во Ирак на иранскиот генерал Касем Сулејмани, тој навистина нема за своја „заслуга“ ниту интервенција во Либија како Обама, ниту војна во Ирак, Авганистан, Косово… Меѓутоа, спротивно на вообичаената предрасуда, неговата популарна база, вклучително и најдесничарската, му е благодарна, бидејќи пролетерите се тие што гинат во војна за САД, а образованите буржуи од елитите – се тие кои го проповедаат империјализмот на американската глобална доблест[iv]. Во текот на изминатите две децении, 16-те милиони ветерани во Фалуџа и Кандахар, беа во можност да ја измерат залудноста на нивната жртва и онаа на нивните другари. Спротивставен како и неговиот татко на каков било американски воен ангажман во Украина, Доналд Трамп јуниор еднаш забележа: „Ако демократите навистина сакаат да им помогнат на малцинствата и обесправените заедници, тие ќе стават крај на бескрајните војни и ќе престанат да ги испраќаат нашите млади луѓе да ги решаваат проблемите на странските земји“.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам од Јужна Каролина е веројатно најголемиот јастреб во Конгресот чии избрани функционери, често финансирани од компании за оружје, гласаат речиси едногласно за сите предложени воени буџети. Откако од минатата година веќе трипати го има посетено Киев, тој би сакал сега уште повеќе да го зголеми масовниот ангажман на САД во Украина. Но, од чист изборен опортунизам, тој, исто така, ја поддржува и повторната кандидатура на Трамп. На 2 јули о.г., ја плати цената за ова неразбирање. Говорејќи во својата сојузна држава на огромен митинг за повторна поддршка на поранешниот претседател, Греам беше исвиркан од толпата републиканци, кои присуствуваа на настанот. Уште еден показател дека, во оваа партија, бројот на противници на дополнителна помош за Киев, мал на почетокот на конфликтот (само 9% во март 2022 година), сега е мнозинство.
Во таборот на демократите, од друга страна, каде што неоконзерватизмот добива голема поддршка, изолационистичките изјави на Трамп уште повеќе ги зајакнуваат поддржувачите на украинската кауза. Ако продолжи и следната година, војната ќе заземе видно место во претседателската кампања во САД. За една надворешно-политичка дебата поставена наопаку?
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Patrick Buchanan, “Now that Red is dead, come home America”, The Washington Post, 8.9.1991.
[ii] Ibid.
[iii] Benoît Bréville, “Les États-Unis sont fatigués du monde”, Le Monde diplomatique, V/2016.
[iv] Christopher Mott, “Les noces de la guerre et de la vertu”, Le Monde diplomatique, I/2023.