Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Силиконската долина против економскиот развој

Имаше период кога земјите од Југот бараа „нов светски економски поредок“ и сметаа на планската индустријализација за борба против сиромаштијата. Денес, директните парични донации во кеш од најбогатите до најсиромашните, служат како алтернатива. Далеку од предизвикување на либералните реформи и нивните последици, овој пристап, во суштина, го зајакнува статус квото.

 


Од Антон Јегер и Даниел Замора*
*Историчар на политички идеи на Католичкиот универзитет во Левен; и, професор по социологија на Слободниот универзитет во Брисел.


Фото: zetong-li/pexels

Кога ко-основачот на Фејсбук Крис Хјуз ја напушти компанијата во 2007 година, тој се надеваше дека ќе го посвети своето ново богатство на промена на светот. Како и многу други пред него, неговата амбиција брзо се фокусираше на идејата за „ставање крај на екстремната сиромаштија“[1]. Но, дури откако ја прочитал најпродаваната книга на Џефри Сакс за „крајот на сиромаштијата“ и го посетил едно од пилот-селата иницирано од економистот во Кенија, Хјуз го пронашол своето чудотворно решение[2]. Откако беше главен идеолог на шок-терапијата што им беше наметната на земјите од поранешниот советски блок во раните 1990-ти, Сакс, потоа, се реинкарнираше како папа на борбата против глобалната сиромаштија. „Ова село”, објасни тој во 2005 година во емисијата на МТВ насловена „Дневникот на Анџелина Џоли и д-р Сакс во Африка“, „ќе стави крај на екстремната глобална сиромаштија“. Но, кога Хјуз го посетува малото кениско село, успехот не е очигледен за него: училиштето – без моливи, сапун, хартија и компјутери кои никогаш не биле поврзани на интернет – го оставаат комплетно без зборови.

Како што самиот Сакс ќе признае, неговото искуство од 120 милиони долари го подобри здравјето на мајките и земјоделското производство, но не и исхраната или образованието; немало „никакво забележливо влијание“ врз сиромаштијата[3]. Хјуз ги извлекува заклучоците: наместо да се финансираат проекти, доволно е да се даваат пари во кеш, сега директно на сиромашните. Ова беше „дефинитивно либерална и пазарно ориентирана стратегија“ на која тој се надеваше. Филантропот од Силиконската долина веднаш се приклучи на Одборот на директори на ГивДајректли, невладина организација која промовира директни парични кеш трансфери за борба против сиромаштијата. Основан во 2008 година од страна на четири тогашни дипломци од Универзитетот Харвард и Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), овој мал стартап за развој кој промовира универзална распределба, наскоро го привлекува вниманието на Твитер и Гугл. Додека проектот на Сакс тонеше во заборав и небитност, ГивДајректли се подготвуваше да испрати 1.000 долари на повеќе од 20.000 случајно избрани корисници во 197 кениски села сместени во далечната провинција на таа земја. Парите, префрлени директно преку мобилен телефон, ќе бидат безусловно распределени.

Денес, само една деценија по своето основање, ГивДајректли порасна најбрзо во светот, од буџет од 14,5 милиони долари во 2015 година – на повеќе од 300 милиони долари во 2020 година, а веќе има дистрибуирано повеќе од 550 милиони долари низ целиот свет. Зад овој вртоглав успех лежат големите богатства на Силиконската долина, од Елон Маск, до соборениот крал на криптовалутите Сем Банкмен-Фрид, а потоа и до основачот на Твитер Џек Дорси. Нивната иницијатива за дигитализација на социјалата оди рака под рака со „монетизацијата“ на сиромаштијата. Наместо да мора да поминува низ бирократски институции и долги политички преговори, развојот сега треба да се замисли како купување на пар патики онлајн: без посредници. Преку мобилен телефон, секој може да испрати „кеш“ насекаде на планетата, а детето „да излезе од сиромаштијата“.

Успехот на ГивДајректли е дел од она што економистите за развој го нарекуваат „револуција за трансфер на кеш пари“ во изминатите дваесет години. Следејќи ги политиките за структурно прилагодување наметнати на крајот на 1980-тите од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), многу земји од Југот навистина се одлучија за начин на развој базиран на монетарни алокации во различни форми (но, на штета на политиките за јавни инвестиции). Оваа идеја, сега банализирана, сè уште беше маргинална пред неколку децении. Но, програмата Прогреса започната од Мексико во 1997 година, по десет години буџетска ригидност што речиси ја удвои сиромаштијата, постепено ја промени играта. Реформата, главно дизајнирана од мексиканскиот економист Сантијаго Леви, се обиде да воведе комплет на директни парични трансфери за она што остана од старите политики за контрола на цените, јавните услуги и субвенциите за основните животни потреби. Во 2007 година, Прогреса покрива една третина од домаќинствата во земјата и се етаблира како најголема програма за директна борба против сиромаштијата во Мексико. Иницијативата е пример за десетици земји во Латинска Америка и Африка, а кои паднаа под ‚компресорот‘ на либерализацијата.

„Тивката револуција“,  наречена така од нејзините промотори Армандо Бариентос и Дејвид Хулме[4], добива замав особено во Супсахарска Африка. Постојат повеќе од 100 програми во функција од 2000-тите во форма на семејни додатоци, даночни кредити или безусловни трансфери. Универзалната распределба дури ќе биде и предмет на ширење на експерименти финансирани од многу филантропски групи во Намибија, Кенија или Уганда. ММФ, Светската банка или Меѓународната организација на трудот (МОТ), ја поддржуваат стратегијата и во јули 2020 година самиот Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации, објавува „нов општествен договор за нова ера“, вклучувајќи ја и „можноста за универзална распределба“[5].

„Новитетот“ на моделот се појавува појасно во споредба со оној што е во сила во претходните децении. „Сиромашните нации”, рече претседателот на Танзанија Џулиус Њерере во 1977 година, „не можат да ја надминат својата сиромаштија без индустријализација“.[6] Ова верување било широко споделено меѓу постколонијалните елити. Повеќето експерти тогаш придаваат мало значење на намалувањето на сиромаштијата како таква. Пред неолибералниот пресврт во средината на 1970-тите, „постоеше општ консензус дека развојот во голема мера беше за трансформирање на производствената структура“,[7] нѝ анализира економистот за развој Ха-Џун Чанг. Прашањата за сиромаштијата продолжиле да се интегрираат со пошироките макроекономски и институционални прашања поврзани со меѓународната поделба на трудот. За да излезат од стагнацијата, младите држави ослободени од колонизацијата, генерално се свртеле кон теориите на планската индустријализација. Инспирирани од социјалистичките идеали, нивните лидери, како што се Њерере, Кваме Нкрума (Гана) или Џавахарлал Нехру (Индија), отворено ја замислиле нивната стратегија за развој како алтернатива на западниот економски либерализам и империјализам.

Овој пристап, формализиран особено од аргентинскиот економист Раул Пребиш во доцните 1940-ти, нагласува дека меѓународната трговија е таа – која репродуцира нееднаквости помеѓу Северот и Југот. Без заштитни царини, контрола на цените и индустријализација предводена од државата, Југот не би можел да ги стигне развиените индустриски земји. Оттогаш, прашањето за сиромаштијата беше дел од поширокиот контекст на нееднаквоста меѓу земјите и нееднаквата распределба на трудот на глобално ниво. Акцентот на структурите кои генерираат мизерија, а не на олеснувањето на сиромашните, ќе се материјализира со формулирање на агенда за целосна реконструкција на меѓународната трговија. Завршниот документ на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој од 1964 година, ја поставува целта за „постигнување модифицирана, порационална и правична меѓународна поделба на трудот и придружните неопходни прилагодувања во светското производство и трговија“[8]. Десет години подоцна, програмата го достигнува својот врв со резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за воспоставување, според зборовите на алжирскиот претседател Хуари Бумедиен, на „нов меѓународен економски поредок“. Предлозите, донекаде хетерогени, вклучуваат трансфер на технологија, како и зголемена локална контрола врз мултинационалните компании. Не станува збор за прекинување на интернационализацијата на трговијата, туку за нејзино принудување преку правна рамка до поправедно распоредување за Југот.

Соборувањето на идеолошката рамнотежа на моќта, корупцијата на елитите како резултат на деколонизацијата, промената на глобалната економска ситуација: сите овие фактори придонесоа за прекин на динамиката на крајот на 1970-тите. Темата за сиромаштијата постепено се одвојува од размислувањата за меѓународните односи на моќ. Концептуализирана индивидуално и како апстрактен праг на приход, таа парадоксално се наметнува како главен влог на деполитизирана форма на развој. Светската банка ја предводеше оваа промена под претседателство на Роберт Мекнамара (1968-1981), архитектот на војната во Виетнам, кој стана главен финансиер на земјите во развој, со цел да се избегне редизајнот на трговијата побарано од вториве. Потоа, главните меѓународни финансиски институции ќе ја поддржат економската либерализација, програмите за структурно прилагодување и промовирањето на насочени политики за трансфер на готовина. Како што би забележал индискиот економист Аџит Синг, економски советник на Џулиус Њерере, војната против екстремната сиромаштија започната од овие организации има тенденција да го „обесхрабри индустрискиот развој“. И, додава тој, без да биде „составен дел од сеопфатен развоен план за индустријализација и структурни промени во економијата на земјата“, малку е веројатно дека ќе успее[9].

Создавањето заеми за структурно прилагодување во 1979 година го забрза процесот: СБ отсега натаму ќе ги условува своите аванси со спроведување на конкретни реформи. Со должничката криза со која се соочија многу земји на крајот на 1980-тите, овие заеми станаа клучен инструмент на неолибералниот пресврт на глобално ниво.

Во оваа клима која сега е непријателски настроена кон државните развојни проекти, трансферите на кеш на крајот се чини, дека се привлечно надополнување на реформите кои ја либерализираат економијата и пазарот на трудот. Бидејќи наметнатите прилагодувања ја нагласуваат сиромаштијата, владите потоа се свртуваат кон фискалната алатка за олеснување на макроекономската транзиција. Како што истакнуваат економистите Ерик Рајнерт, Џајати Гош и Рајнер Кател, триумфот на борбата против сиромаштијата на крајот ќе ја стави дебатата на подобрување на „условите за живот на луѓето дефинирани како сиромашни“, наместо на трансформирање на „економиите во кои живеат“.[10]

За земјите од Југот сè помалку способни да ја регулираат работната сила, директните инвестиции или да ги социјализираат ресурсите, развојот на нов „државен трансфер“ кој делува исклучиво на распределбата на приходот, обезбедува алтернатива на постколонијалните проекти. Во оваа смисла, порастот на трансферите на готовина промовирани од тинк-тенковите и здруженијата во Силиконската долина, не значи напуштање на неолиберализмот – туку негово глобално проширување. Како што истакнува антропологот Џејмс Фергусон, многу земји ја комбинираат имплементацијата на „неолибералната програма за приватизација и комодификација“ со „значително проширување на програмите за директна дистрибуција на пари кои сè повеќе се одвојуваат од работничките прашања“[11].

Социјалната правда, објаснува историчарот Семјуел Мојн, е „глобализирана и минимизирана“, за лидерите да можат да се задоволат со воспоставување на подот – под кој „никој не би требало да тоне“, на штета на порадикалните амбиции на лидерите на постколонијалната независност[12]. На тој пат, нашите дефиниции за развој и нееднаквост беа длабоко трансформирани, додека развојот како колективна иницијатива – се раствори во океанот на безлични потрошувачки избори.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

 

[1] Chris Hughes, Fair Shot: Rethinking Inequality and How We Earn, St. Martin’s Press, New York, 2018.

[2] Jeffrey Sachs, The End of Poverty. How We Can Make it Happen in Our Lifetime, Allen Lane, London, 2005.

[3] Jeffrey Sachs, “Lessons from the Millennium Villages Project: A Personal Perspective”, The Lancet, vol. 6, n° 5, 2018. https://www.thelancet.com/

[4] Armando Barrientos et David Hulme, “Social Protection for the Poor and Poorest in Developing Countries: Reflections on a Quiet Revolution”, Brooks World Poverty Institute Working Paper, Manchester, n°30, III/2008.

[5] António Guterres, “Tackling the Inequality Pandemic: A New Social Contract for a New Era”, 18.07.2020, https://www.un.org

[6] Julius K. Nyerere, “The Plea of the Poor: New Economic Order Needed for the World Community”, New Directions, Washington, vol. 4, n°4, 1977.

[7] Ha-Joon Chang, “Hamlet without the Prince of Denmark: How Development Has Disappeared from Today’s ‘Development’ Discourse”, dans Shahrukh Khan et Jens Christiansen (dir.), Towards New Developmentalism. Market as Means Rather Than Master, Routledge, Londres, 2010.

[8] “Acte de la Conférence des Nations Unies sur le commerce et le développement I. Acte final et Rapport”, Conférence des Nations unies sur le commerce et le développement, Genève, 1964, https://unctad.org

[9] Ajit Singh, “The ‘Basic Needs’ Approach to Development vs the New International Economic Order: The Significance of Third World Industrialization”, World Development, Elsevier, vol. 7, n° 6, VI/1979.

[10] Erik Reinert, Jayati Ghosh, and Rainer Kattel, Handbook of Alternative Theories of Economic Development, Edward Elgar Publisching, Cheltenham, 2016.

[11] James Ferguson, Give a Man a Fish. Reflections on the New Politics of Distribution, Duke University Press, Durham, 2015.

[12] Samuel Moyn, Not Enough.  Human Rights in an Unequal World, Harvard University Press, Cambridge, 2018.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW